Одржана обука за советниците на Уставниот суд за правна заштита од дискриминација

Правните советници од Уставниот суд учествуваа на обука на која се обработуваа теми од областа на уставно-судската заштита на човековите права, еднаквост и родова дискриминација, интерпретирани преку праксата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).

Воведно обраќање имаше претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, кој даде свој осврт на значењето на уставно-судската заштита на човековите права низ призмата на членот 110 од Уставот.  Свое обраќање имаа и судијките на Уставниот суд, проф. д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасова и м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева. 

Обуката се реализираше на 11 април во Уставниот суд, со поддршка на ЕУ Делегацијата во Скопје, во организација на Aсоцијацијата за здравствена едукација и истражување, ХЕРА. 

Во фокусот на првата сесија беше ставен развојот на уставно-судската практика, клучните одлуки за забрана на дискриминација и принципот на еднаквост, судската заштита од директна и индиректна дискриминација пред Уставниот суд, предизвици во примената на уставната заштита од дискриминација. Предавач на овие теми беше врховната судијка Мирјана Лазарова-Трајковска, која е и поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. 

На второто предавање беше опфатена правната рамка на говорот на омраза, идентификување на елементите на говорот на омраза преку праксата на ЕСЧП. Дел од дискусијата беше посветен на анализа на националната правна рамка за говор на омраза, од аспект на кривично-правните одредби. Како предавач на овие теми беше ангажирана проф. д-р Елена Михајлова Стратилати, професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први”- Скопје.