На покана на Меѓународното приватно училиште „Маариф”, претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, на 10 април 2025 година се обрати пред учениците пренесувајќи го своето искуство, работните ангажмани, согледувања низ призмата на основните и средношколските денови, студиите и сегашната работна позиција.
Во продолжение целосниот говор од обраќањето одржано на 10 април 2025 година:
Драги ученици, почитувани професори,
Многу ми е драго што сум денеска тука, со вас. Престојот овде, иако за многу краток временски период, спонтано ме потсети и врати на моите почетоци во образованието. Пред само 2 недели, моето основно училиште одбележа 80 години од своето постоење. Како првенец на генерацијата и како еден од најуспешните, бев поканет да им се обратам на учениците. Денеска сум тука со вас и верувајте убави се чувствата кога се потсетувате и се враќате на почетоците.
И со вас, како и со нив, во кратки црти ќе го споделам мојот кариерен животен тек, она што ме водеше во животот, она што го прифатив за животна филозофија. Се надевам дека со тоа ќе ве охрабрам, и ќе бидам особено среќен ако успеам да ве инспирирам. И тоа во иста мера како што јас сум воодушевен од Фондацијата „Мариф“ и нејзиниот успех за краток временски период.
На самиот почеток, сакам да споделам со вас една моќна мисла од британската премиерка Маргарет Тачер. Таа, во јавноста позната како железната дама, во една прилика има изјавено: „Внимавајте на вашите мисли, зошто тие стануваат зборови. Внимавајте на вашите зборови, тие стануваат дела. Внимавајте на вашите навики, тие го прават вашиот карактер. Внимавајте на вашиот карактер, тој ви ја крои судбината. Тоа што мислиме тоа стануваме! “
И таа била апсолутно во право, бидејќи токму тоа ми се случи мене. Затоа бидете внимателни што посакувате, тоа може да стане реалност.
Втората мисла којашто сакам да ви ја пренесам е од познатиот борец за човекови права, Нелсон Мендела кој рекол: „Јас никогаш не губам, или добивам или учам.“ Низ животот ова стана моја животна филозофија.
Е сега, да ги потврдам овие факти. Уште во основното образование, но уште повеќе во средното училиште, период кога се распаѓаше поранешна Југославија, не ги да пропуштав вестите, за сè она што се случуваше. Ме интересираше како функционира меѓународниот поредок, границите и можностите на меѓународното право. Се случуваа грозни работи, дури и во Македонија беа распоредени војници на ОН за да не се прелее конфликтот од Босна и Херцеговина, од Хрватска, од Косово. Во тој момент моите мисли почнаа да стануваат зборови. Посакав да бидам дипломат, го засакав меѓународното право, сакав да ги поправам неговите слабости и аномалии.
Моите зборови станаа дела, се запишав на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и таму се определив за групата Меѓународно право. Го засакав неговиот најзначаен сегмент, слободите и правата на човекот и граѓанинот. И основното образование, и средното го завршив како првенец на генерација. Слично беше и на факултет, бев во групата на десетте најдобри студенти. Уште тогаш на моите школски другари им велев, ќе станам врвен дипломат. Но, тоа не ми беше доволно. Сакав подлабоко на академски начин да навлезам во проучувањето на меѓународното право. Запишав постдипломски студии по групата Меѓународно право и меѓународна политика. Овие студии ги завршив со просек 10. Магистрирав и докторирав во областа на меѓународното право. Се појави конкурс за МНР. Од 450 кандидати бев прворангиран. Но, дојдоа разочарувањата, но и работи што ќе ми го одредат животот и кариерата. Конкурост не се реализираше повеќе од две години, во тој период сакав да останам на факултет, како демонстратор, па асистент. Но едно саботно утро дојде повик од претседателскиот Кабинет. Како најдобар постдипломец ми беше понудено да се приклучам во Кабинетот на претседателот Борис Трајковски. Почнав да внимавам на моите навики, зошто нели тие го прават вашиот карактер, а карактерот ја крои вашата судбина. Ете, мојата судбина беше да останам цели 18 години во претседателскиот Кабинет и да прераснам во врвен дипломат. Станав главен дипломатски советник на тројца македонски претседатели. Навиките и карактерот ми ја скроија судбината, а се однесуваа на тешка форма на професионалност, одговорност и посветеност на работата. Бескомпромисност во своите ставови. Моите сведоштва од тој период, средбите со светски лидери, посета на повеќе од 80 држави, околу 500 патувања по светот со претседателите, сето тоа ќе можете да го видите во книгата што ја напишав „Сведоштва од претседателскиот кабинет“ што денес ја подарувам на вашата библиотека.
За целиот овој период, бев инспириран од Нелсон Мендела, за мојата животна филозофија. Никогаш не губев, или добивав или учев, а добив многу, а научив уште повеќе. Оваа животна филозофија е нераскинливо поврзана и условена со она што многу одамна грчкиот филозоф Хераклит го има заклучено „The Only Constant in Life Is Change”. Ако е тоа така, а верувам дека е, природно е да се постави прашањето: како да се победи „стравот од промените” што исто така, претставува единствена константа во животот?
Некаде во 2016 година, во исклучително тешка политичка перманентна криза во државата, дојде до заситување кај мене. Тешки беа околностите за афирмација на моето знаење и искуства. Посакав да дадам придонес во друга област, помирна работа. Посакав да станам уставен судија. И станав. Станав и сега сум претседател на Уставниот суд. И во изминатите 7 години како уставен судија постапував согласно со моите навики и мојот карактер, професионално, одговорно, бескомпромисно. Го добив и прекарот „терсене” судија, што во превод значи судија на кој не можете да му влијаете, судија кој не прави компромиси со владеењето на правото со никого. И тоа континуирано го докажував. Имам рекорден број издвоени мислења – 53 досега, веројатно никој никогаш нема да го сруши овој рекорд. Напишав 5 книги кои претставуваат исклучителен придонес за правната наука и уставното судство. Вам ви донирам примероци од сите пет книги за вашата билбиотека.
Ете, тоа е мојата животна траекторија во кратки црти, со што потврдувам дека Тачер била во право, а мотото на Мендела апелирам секој од вас да го прифати како животна филозофија.
Апелирам до вас, да ги искористите максимално годините поминати токму во оваа зграда за да го откриете својот целосен потенцијал, да ги развивате вашите вештини, да создавате трајни пријателства. Ова е местото каде што се негуваат соништата и се кова иднината. Ова училиште не ви нуди само знаења, уште повеќе тука го градите вашиот карактер, вашиот интегритет, основата и системот на вредности коишто подоцна само ќе ги надградувате. Лекциите што ќе ги научите тука, пријателствата што ќе ги стекнете и искуствата кои ќе ги доживеете – ќе ве дефинираат, ќе влијаат на вашите животи.
Д-р Дарко Костадиновски, претседател на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
