На 16 април 2025 година во 9:30 часот, Уставниот суд ќе ја одржи 8. седница со Дневен ред за кој се предвидени 10 иницијативи за оценување уставност и законитост на акти.
1. У.бр.223/2024
Оспорен акт: Член 345 став 3, член 350 став 3 во делот „кога странките и оштетениот присуствуваат на испитување ги имаат правата од член 219 став 7 на овој закон”, член 355 став 2 од делот „од член 353 став 2 на овој закон”, член 357 став 1 во делот „од членот 26 на овој закон”, член 361 став 3 во делот „а на бранителот, односно полномошникот ќе му се нареди да ги плати трошоците што настанале од прекинот или одложувањето”, член 362 ставови 1, 2 и 3 во делот „Овој записник ќе го потпише испитаниот сведок, односно вештак”, став 4 и член 364 став 1 во делот „кој е уредно повикан, а со парична казна предвидена во член 89 од овој закон а” и член 364 во целост од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија” бр.150/2010, 100/2012, 142/2016 и 198/2018)
Подносител на иницијативата: д-р Леонид Трпеноски, адвокатско друштво “Трпеноски”
Од наводите во иницијативата:
Подносителот меѓу другото наведува дека одредбите упатуваат на погрешни членови кои се неприменливи и се во спротивност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок. Се тврди дека во една од одредбите (член 361) се поставува нееднаков третман меѓу странките во постапката, конкретно помеѓу обвинетиот или неговиот адвокат и обвинителот како втора страна во случај на нарушување на редот во судница. Имено, се тврди дека кога адвокатот ќе го наруши редот во постапката или ќе се прекине рочиштето, судот го задолжува да плати штета или трошоци за откажаното рочиште, што не е предвидено во случај да обвинителот како една од странките на постапката го наруши редот во судницата.
2. У.бр.226/2024
Оспорен акт: Член 502 став 1 во делот „членот 486 став 2”, член 506 став 6 во делот „членот 58-а став 3 на”, член 508 став 2 во делот „за задржување на лица, за гаранција и одземање на патна исправа; за притвор; член 509 став 2 во делот „врз основа на членот 45 од овој закон”, член 517 став 1 во делот „забрана за вршење на определена дејност или на сите дејности на правното лице до завршување на постапката и”, член 353 став 1 во делот „утврдени со членот 194 од овој закон”, член 539 во делот „ако со одредбите од овој закон поинаку не е определено”, член 551 став 1 од” и член 556 во делот „член 123” од Законот за кривичната постапка.
Подносител на иницијативата: д-р Леонид Трпеноски, адвокатско друштво “Трпеноски”
Од наводите во иницијативата:
Подносителот смета дека со оспорените делови од одредбите, се повредува темелната вредност владеење на правото, уредено со членот 8 алинеја 3 од Уставот.
3. У.бр.256/2024
Оспорен акт: Делот „Монополската” од членот 65 алинеја 8 од Законот за организација и работа на органите на државната управа
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека „Монополската управа” престанува да биде орган во состав на Министерството за економија и труд, па со тоа престанува да постои во правниот пoредок во 2008 година, но и покрај тоа, според него, не е предвидена во ниту еден друг пропис, освен во оспорениот. Ова, смета подносителот е во спротивност со владеењето на правото уредено со членот 8 од Уставот.
4. У.бр.267/2024
Оспорен акт: Член 40 и 41 од Законот за вршење на сметководствени работи
Подносител на иницијативата: Новица Наков
Oд наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека Законодавецот со оспорените одредби не предвидел надлежност на Институтот да одзема уверенија, а предвидува дисциплинска мерка времено бришење од соодветниот регистар и одземање на уверението на сметководител, односно овластен сметководител. Се наведува дека оспорените одредби го повредуваат владењето на правото уредено со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 9 според кој сите граѓани се еднакви.
5. У.бр.20/2025 и У.бр.22/2025
Оспорени акт: Член 29 став 1 во целина, став 1 алинеја 3 и став 2 од Законот за трговија
Подносител на иницијативата: Јован Стефановски, Валентин Пепелугоски и Бојан Стоилков
Од наводите во иницијативата:
Се наведува дека е спорна одредбата која гласи „нарушување на домашниот пазар заради злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки”, а се однесува на основи заради кои Владата може да одлучи кон пропишување на некоја или повеќе од наведените мерки со кои ќе го огранични вршењето на трговија. Во иницијативата се тврди дека последните неколку години Владата исклучително често ја користи таа можност и донесува поединечни акти и на тој начин прави повреда на слободата на пазарот и претприемништвото, односно дека е во спротивност со членот 55 став 3 од Уставот, каде прецизно се наведени ситуациите, кога може да се пристапи кон ограничување.
6. У.бр.175/2024
Оспорен акт: Точка 1 и 2 од член 2 од Правилникот за користење и одржување на нафтовод и продуктовод и Правилникот за користење и одржување на нафтовод и продуктовод.
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот смета дека не може да се утврди дали наведениот Правилник е донесен „по претходна согласност на министерот надлежен за работите од областа на транспортот, министерот надлежен за работите од областа на животната средина и министерот надлежен за работите од областа на внатрешните работи,” што според него, не е во согласност со цитираната одредба од членот 143 став 2 од Законот за енергетика, како и со законитоста на оспорениот Правилник.
7. УЗ.бр.11/2025 и УЗ.бр.13/2025
Оспорен акт: Одлука за посебни услови во трговијата на одделни стоки и обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед, донесена од страна на Владата на 18 февруари 2025 година.
Подносител на иницијативата: Јован Стефановски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека се практикува постојано носење на вакви правни акти поради стабилизација на пазарот во услови на високи цени наметнати како од производителите на храна и хемиски/козметички производи, така и од трговците на големо и мало и притоа во ниту една од одлуките не е содржана причината за донесување на конкретната одлука. Се тврди дека во отсуство на издржана анализа и без презентирани аргументи од страна на Владата, огромен број производители и трговци на големо и мало се соочуваат со предизвици во примената. Според подносителот, неразбирливо е на кој начин е утврдено дека станува збор за злоупотреби на пазарот и што ги прави прехранбените и дел хемиски/ козметички производи да имаат високи цени. Се наведува дека со оваа Одлука се прави упад во слободата на пазарното организирање, бидејќи според него е донесена и базирана на лична перцепција.
8. У.бр.238/2024
Оспорен акт: Одлука за усвојување на ценовник за собирање и транспорт на отпад на територија на Општина Тетово од 12.01.2024 година и Одлука за измена и дополнување на Одлуката за усвојување на ценовник за собирање и транспорт на отпад на територија на Општина Тетово.
Подносител на иницијативата: Бранислав Стефановски
Oд наводите во иницијативата:
Се наведува дека оспорената Одлука не е во согласност со владеењето на правото, уредено со членот 8 од Уставот, дека е во спротивност со членот 51, 52, 55 од Уставот, членот 1, 4, член 4-а од Законот за јавните претпријатија, член 5 став 1 точка 7 од Законот за комуналните услуги, членовите 21, 22 и 24 од Законот за локалната самоуправа. Се наведува дека оспорените одредби се нејасни и двосмислени и ја нарушуваат финансиско-логичката целина на законските одредби кои се однесуваат на единиците на локалната самоуправа и се остава можонст за недоследна примена. Подносителот тврди, од една страна законите пропишуваат еднаквост на граѓаните за една иста услуга и обврска од јавен интерес како што е собирањето и транспортирањето на комунален отпад, а од друга страна врз основа на оспорените членови се наплаќа надоместок од страна на друг правен субјект, односно надоместок којшто се побарува по m2 на недвижноста на која одредено лице полага право на сопственост.
9. У.бр.51/2023
Оспорен акт:
Оспорена одредба: Член 1 став 2, член 4 став 2, член 27 став 2, член 29 став 1, член 34 став 3 и член 36 од Статутот на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија и донесен на 21.12.2025 година.
Подносител: Славко Лазовски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека овластената организација за одредување на висината на придонесот за Солидарниот фонд и членарината, воведена во правниот поредок со членот 115 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, не е ниту може да биде орган на Сојуз на здруженијата на пензионери на Македонија. Меѓу наведеното пишува и дека во членот 36 од Статутот нема одредба дека Годишниот финансиски извештај треба да се објавува на својата веб страница или на друг соодветен начин да го направат достапен до јавноста. Подносителот смета дека нашиот правен систем не предвидува дека со статут може да се исклучи, намали или поништи некое право или обврска заштитено со закон.
10. У.бр.255/2024
Оспорен акт: Член 5 став 1 точка 4, потточка а алинеја 3 од Условите за осигурување од автоодговорност на Друштвото за осигурување „ГРАВЕ” Неживот АД Скопје
Подносител на иницијативата: Миодраг Видиниќ преку полномошник Билјана Крстевска
Се наведува дека оспорената одредба не е во согласност со членот 16 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот кој предвидува дека како неовластени лица се сметаат лица кои управувале моторно возило без соодветна возачка исправа, лицата кои на нелегален начин управувале со моторното возило и лицата кои управувале со моторното возило под дејство на алкохол над дозволеното ниво. Се наведува дека законската одредба не предвидува за неовластено лице да се смета лицето кое го напуштило местото на настанот. Подносителот смета дека оспорениот член 5 е спротивен со членот 16 од Законот, бидејќи Друштвото за осигурување во својот акт го додало условот за право на регрес во случај на напуштање на местото на настанот.