Претседателот на Уставниот суд говорник на Меѓународна Конференција „Дијалог за единство и мир: Сеќавање на минатото-обликување на иднината”

Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски на 8 април 2025 година учествуваше на Меѓународна Конференција „Дијалог за единство и мир: Сеќавање на минатото-обликување на иднината”. Костадиновски беше поканет како главен говорник на сесијата посветена на „Градење на иднина во мир- Улогата на Алијансата на цивилизациите” поради неговата поранешна функција „специјален пратеник на Македонија во Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации”.

Во продолжение целосниот говор на претседателот д-р Дарко Костадиновски:

Почитувани,

Не само денес, туку во континуитет, ние се наоѓаме на некој вид раскрсница или на некој важен момент во историјата на човештвото. Јас сум од генерацијата која падот на Берлинскиот ѕид и почетокот на глобализацијата, големата трансформација, ја затекна во првите академски денови. Следеа континуирани глобални потреси со значителни цивилизациски ефекти, како на пример 11 септември, светската економска криза, големата мигрантска криза, радикализмот и верскиот фанатизам, глобалната криза предизвикана од коронавирусот итн. Денес повторно живееме во време кога глобализацијата се соочува со предизвик, време кога поделеноста, војните, конфликтите и поларизацијата се чини дека ги дефинираат нашите животи. Цивилизациите се соочуваат со перманентни кризи и предизвици. Промените се пребрзи. Стравот од промените е сè поголем. Прашањето што се наметнува е како да ја вратиме надежта?

Во мојата монографија „Сведоштва од претседателскиот кабинет“ ги опишувам со една реченица секој од тројцата македонски претседатели на кои им служев. За покојниот претседател Трајковски таа реченица е „Подобро 1000 дена преговори отколку еден ден војна”. Тоа навистина го мислеше претседателот Трајковски и тоа не беше флоскула или празен збор. Тоа беше тој, неговиот карактер и неговата човечка хумана природа. Така и делуваше и одигра историска улога во тие конфликтни времиња во Македонија. 

Дозволете ми да ви изнесам неколку извадоци од мојата книга, дел од она што сум напишал.  

Говорејќи за иднината на македонската држава, во август 2003 година по повод 100-годишнината од Илинденското востание, Трајковски порача дека таа е држава на сите што живеат во неа, „разликите треба да нѐ спојуваат, а не да нѐ раздвојуваат. Да се свртиме кон она од што се живее и да не се затвораме во надживеани и од целиот напреден свет отфрлени концепти. Сите недоразбирања да ги надминуваме со меѓусебно разбирање, преку дијалог, во институциите на системот и со почитувањето на демократијата и нејзините правила. Ова е слободна земја и слободата на секој граѓанин може да биде ограничена само при загрозување на слободата на другиот“. Од Крушево го најави и големиот меѓународен форум, кој кон крајот на август 2003 година се одржа во Охрид на тема „Дијалог меѓу цивилизациите“. „Во Европа не може да се влезе без идентитет и без достоинство“, рече Трајковски и додаде „вистината, почната тука пред сто години, ќе заврши тогаш кога целиот свет ќе го прифати нашето право на идентитет, нашето име, Република Македонија. Без тоа, големата Европа ќе почива на принципи што нема да бидат европски.“ Според Трајковски, Охридскиот договор, со кој Македонија се извлече од работ на бездната, по своја суштина е европски договор, кој со својата основна идеја за автентична и реална интеграција ја следи суптилната нишка на Крушевскиот манифест. „Наша обврска“, истакна тој, „е да го афирмираме во светот како автентичен македонски модел на живеење и да им ја покажеме на другите историската вистина за македонскиот космополитизам. Универзализмот и хуманизмот се македонска судбина“, рече Трајковски. 

На 28 август  2003 година почна „Дијалогот меѓу цивилизациите“ во Охрид. Овој форум стана вистинско реално наследство на претседателот Трајковски. Правилна и оправдана беше проценката на претседателот Трајковски, да биде искористена иницијативата на иранскиот претседател Катами, прифатена од ОН, 2001 да биде година посветена на „Дијалогот меѓу цивилизациите“. Сметаше дека на таа тема Македонија е исклучително релевантна, има што да каже и што да му понуди не само на регионот, туку и на Европа и на светот. Самитот требаше да се организира во 2002 година, но поради објективни причини беше поместен за 2003 година. Активно бев вклучен во сите сегменти за овој самит кој беше вистински успех. Не само што беше голема промоција за Македонија, суштински му беше потребен на нашиот регион, кој се обидуваше да го остави зад себе лошото минато. Беше поддржан од УНЕСКО и од Советот на Европа и оттогаш се одржаа уште девет вакви самити, Тирана 2004, Варна 2005, Опатија 2006, Сибиу – Романија 2007, Атина 2008, Кишињев 2009, Белград 2010, Будва 2011, Мостар 2012, сѐ до 2013, кога заедно со Процесот за соработка во ЈИЕ требаше паралелно да одбележиме 10-годишнина од „Дијалогот на цивилизациите“, кога, за жал, поради балканските предрасуди и инает, претседателот Иванов ги откажа оправдано и двата настани. Оттогаш престана „Дијалогот“. За жал. Јас учествував скоро на сите. На дводневната конференција „Дијалог меѓу цивилизациите“, присуствуваа осум претседатели од регионот и вкупно деведесетина угледни личности од политичкиот, верскиот, културниот и од бизнис-естаблишментот во светот. Целта на конференцијата беше да придонесе за мирот и стабилноста на регионот, да влијае на проширување на културната соработка и да ги промовира принципите на толеранција и еднаквост. Идејата беше лидерите од регионот да седнат на иста маса, што на Балканот тогаш се сметаше само по себе за успех, и да разговараат за „неутрални“, неполитички теми, ако воопшто има тема на Балканот која може да се извлече од политичката диоптрија. Во Охрид пристигнаа претседателите на Албанија, Србија и Црна Гора, Бугарија, Хрватска, Унгарија и Словенија, претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, генералниот директор на УНЕСКО Коичиро Мацура, шефот на УНМИК Хари Холкери, генералниот секретар на Арапската лига Амар Муса, итн. Со апел да замолчи оружјето на сите меридијани на планетата, претседателот Трајковски ја отвори конференцијата. „Афирмирањето на принципите на дијалогот денес е поургентно од кога било порано. За жал, дијалогот не е единствениот можен начин на кој културите и цивилизациите комуницирале заедно, а Југоисточна Европа без сомнение сѐ уште е една од невралгичните точки во светот“, изјави Трајковски. ’Дијалогот меѓу цивилизациите‘ би можел да стане дел од новата светска дипломатија“, истакна претставникот на генералниот секретар на ОН, Џандоменико Пико. Токму тој „Дијалогот“ беше предвесник на Алијансата на цивилизациите каде благодарение на претседателот Иванов, јас бев специјален пратеник на Македонија. Затворајќи го Форумот, претседателот Борис Трајковски рече дека тој е еден од најважните настани во конструктивната меѓународна активност на нашата земја. „За Република Македонија одржувањето на Форумот во Охрид е политички настан од прв ранг и со овој дијалог не само што се приближуваме едни кон други, туку и сите заедно одиме кон веќе интегрираниот дел на Европа. Охрид отсекогаш бил и останува место од каде што се испраќаат пораки свртени кон иднината со универзална и трајна вредност“, рече Трајковски. 

Во тој историски контекст, кој секако беше сложен за Македонија и за регионот, дијалогот беше тој што ги седна лидерите на закараните страни на една маса за да се воспостави истиот. Мое мислење е дека оттогаш почна да се менува регионот. Од тогаш поминаа 22 години. И покрај неспорниот напредок во нашиот регион, во секоја од државите внатрешно, сепак како тогаш така и денес, дијалогот ни е повторно нужен. Ако тогаш Трајковски велеше дека е ургентен, денес е нужен. И тогаш и денес Македонија има што да му понуди на светот, својот автентичен модел на соживот, уникатен модел на мултиетничка демократија.

Денешата цивилизациска комплесност, исто така, бара дијалог. Токму преку дијалогот било тој да е културен, политички или правен, може да напредуваме како држави, како глобална заедница. А токму правото, може да го води и штити овој процес, осигурувајќи една реалност во која мирот, правдата и еднаквоста не се само идеали, туку наше секојдневие. Општо познато е дека мирот не значи само отсуство на војна, туку присуство на правда и соработка.

Не можам, а да не се осврнам накратко на оваа тема низ призмата на мојата актуелна функција, претседател на Уставниот суд. Преку дијалогот се создава правото, со сите негови принципи, кои ги препознаваат и штитат различностите и нè обединуваат во рамки на универзалните вредности. Постоењето на разлики не треба да нè плаши бидејќи разликите се причина за обединување и соработка. Ако немаше разлики немаше да има потреба ниту за обединување, ниту за почит. 

Основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, не случајно се „прворангирана” темелна вредност на нашиот уставноправен поредок. Тие се темелот на кој се заснова Уставот, тие ја претставуваат смислата и суштината на целовитоста на пишаниот Устав. Позитивноста е само едната страна на уставните права, односно, нивната реална или фактичка страна, а покрај тоа, тие поседуваат идеална димензија. Причината за ова е тоа што уставните права, особено оние кои се однесуваат на човековите слободи и права, се права запишани во Уставот со намера да се позитивизираат во „најголема можна мерка”. Идеалниот карактер на човековите права не исчезнува откако ќе се трансформираат во позитивни права, тој е присутен и по нивната позитивизација. Токму потрагата по идеалната димензија, со барања за оптимизација во „најголема можна мерка“ или алтернативите, барање за „гаранција за минимална позиција” или барање за „забрана за голема диспропорција”, налагаат правилно да се разберат и идеалната и реалната димензија на правото. Идеалниот карактер на човековите слободи и права е материја која е подложна на промени и еволуција, материја која со текот на времето добива нова содржина и барања во нивната природа. Токму околу ова е неопходен дијалог, токму ова е предмет за алијансата на цивилизациите.

Ако на внатрешно ниво тоа е врвен императив за уставните судови, тогаш чиј императив е ова на меѓународен план? На глобалните и на регионалните организации коишто, за жал, потфрлија во својата примарна задача!

Имаме сериозен предизвик, хендикеп со владеењето на правото и на внатрешен и особено на меѓународен план! А без владеење на правото, сè што дијалогот може да постигне и обезбеди, не може да биде гарантирано и сигурно. Можеби е созреано времето и потребата за нова енергија, нов Сан Франциско, преиспитување на суштината и смислата на регионалните организации ЕУ, Африканската унија, АСЕАН, Организацијата на американските држави, Арапската лига – денес е нужен нов цивилизациски договор.

И колку и да трагаме и каде и да трагаме по решението, по излезот, прв и единствен заеднички чекор за сите нас, е дијалогот. Алтернатива на дијалогот е монологот и надвикувањето. Монологот е матерал за ѕидовите што ги градиме за да се разделиме. Дијалогот заради дијалог, како средство без цел, е губење време. Суштинскиот дијалог, пак, е основниот материјал за мостовите што ги градиме за да се обединиме. Да се обединиме со почитување на разликите. Да се обединиме околу фундаменталните вредности. Јас често го цитирам кинескиот претседател Си Џинпинг „only the wearer knows weather his shoes fits”! И се согласувам со него. Се согласувам со претседателите Џорџо Наполитано и Вацлав Клаус кои на еден состанок во Варшава му реплицираа на претседателот Обама „не можете да направите copy paste на вашиот вредносен систем, на вашиот демократски систем во општества како Ирак, Авганистан, Северна Африка и Блискиот Исток, таквите обиди се осудени на неуспех”, но се согласувам и со одговорот на претседателот Обама „точно е, свесен сум дека не можеме, но барем спасуваме животи, и им помагаме на тие општества да ги афирмираат елементарните човекови права и минимумот човечко достоинство”. Она што е важно за мене со овие три примери за кои за секој поединечно кажав дека е во право, е дека има дијалог! Без дијалог нема единство, без единство нема мир, а без мир нема благосостојба и прогрес!

Во овој стадиум на нашата цивилизација, толку е голема комплесноста и мултиплицирањето на проблемите што веројатно единствено исправно е да се вратиме на почетоците. На дијалогот во основната клетка на цивилизацијата, во семејството, потоа во локалната заедница, во општеството, регионално, глобално, цивилизациски. 

Искрено се надевам дека судирот на цивилизациите, кој го поттикна „Дијалогот на цивилизациите“ кој не однесе кон Алијансата на цивилизациите, ќе не доведе до договор меѓу цивилизациите. Има една стара мудрост „патот на паметот е еден, ако го има ќе се најдеме на патот, ако не ќе се разминеме”. Се надевам дека не ни следува разминување на цивилизациите!