Во февруари Уставниот суд оформи 22 нови предмети 

Во текот на месец февруари 2025 година поднесени се 17 иницијативи за оценување на уставноста на закони/делови од закони и 5 иницијативи за оценување на уставност и законитост на акти. 

1. У.бр.13/2025

Оспорен акт: Член 3 и член 18 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување

Подносител на иницијативата: Тито Беличанец, Јадранка Мршиќ, Сузана Московска

Со членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување од 18 септември 2024 година, се вршат измени во членот 37 кои гласат „Во ставот 2 по зборот “претходи ”се става запирка и се додаваат зборовите: „објавени од Државниот завод за статистика”. Во случај кога порастот на трошоците на живот се со негативен предзнак, не се врши усогласување на пензијата.”

Со членот 18 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување објавен на 18 септември 2024 година, се вршат измени во членот 37 кои гласат: Одредбите од членот 37 од овој закон не се применуваат во период од 1 септември 2024 година до 31 август 2025 година. На 1 септември 2024 година сите видови на пензии остварени согласно со овој закон заклучно со 31 август 2024 година се зголемуваат за 2500 денари. На 1 март 2025 година сите видови на пензии остварени согласно со овој закон заклучно со 28 февруари 2025 година се зголемуваат за 2500 денари. 

Подносителите тврдат дека измените се во спротивност со суштината на пензискиот систем и на членовите 8 став 1 алинеи 3 и 6, членот 9 и членот 30 во врска со членот 34, член 51 и член 54 од Уставот на Република Северна Македонија. Се наведува дека пензијата не е социјална категорија, туку секој пензионер има остварено различна висина на пензија во зависност од тоа колку години и во која висина во Фондот за ПИОМ уплатувал придонеси и според подносителите  се прави дискриминација, на една категорија пензионери кои се со пониски пензии да им се исплатува поголем процент при покачување на пензиите, а на други помал процент или попрецизно, со покачувањето од 2500 денари, на секој пензионер му се зголемува пензијата со различен процент. 

2. У.бр.14/2025

Оспорен акт: Член 104 од Законот за работни односи 

Подносител на иницијативата: Санде Пејоски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека согласно оспорениот член, работниот однос на граѓаните стапува во сила кога ќе се исполнат условите за пензионирање, но и покрај тоа, во судската пракса работат адвокати кои веќе исполнуваат услови за пензија и застапуваат клиенти,  а судовите им признаваат адвокатски трошоци, иако според него тие немаат право на легитимација. Се наведува дека на тој начин се создава правна несигурност и нееднаквост помеѓу граѓаните. 

3. У.бр.15/2025

Оспорен акт: Член 30 став 1 и член 30 став 2 од Законот за вршење на сметководствени работи

Подносител на иницијативата:Јовица Јовевски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорените одредби предвидуваат обврска за задолжително присуство на семинарите организирани од приватните консалтинг куќи и тоа не претставува континуирано професионално усовршување, туку изнуда. 

Посебно се нагласува дека овластените сметководители кои завршиле Економски факултет своето образование го стекнале на високообразовна установа, акредитирана од страна на државата, каде има проверка на стекнатото знаење на начин што за секој предмет се полага. Истото се однесува и на стекнатите звања на последимпломски студии. 

Обврската сметководителите и овластените сметководители задолжително да посетуваат обука за континуирано усовршување и пред се на семинари организирани од приватни консалтинг куќи како обуки од информативен карактер каде не се проверува знаењето на учесниците, наместо пред акредитирани образовни установи, е спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, се наведува во иницијативата.

4. У.бр.16/2025

Оспорен акт: Закон за финансиските друштва, Законот за измени и дополнувања на законот за финансиските друштва и Правилник за начинот на вршење надзор над работењето на финансислките друштва

Подносител на иницијативата: Адвокат Александра Илиева-Милчова

Од наводите во иницијативата: 

Подносителката наведува дека согласно законот, НБРМ е единствено надлежна преку својата каматна политика да упатува монетарни сигнали до банките и да влијае врз висината на нивните активни и пасивни каматни стапки. Според подносителката тие сигнали не може да ги упатува до финансиските друштва ниту да врши надзор на истите, бидејќи според неа, нивната поставеност е неуставна. Подносителката тврди дека со оспорените одредби се прави упад во уставниот поредок, спротивно на членот 60 став 2 од Уставот. 

5. У.бр.17/2025

Оспорен акт: Делот „именувани од министерот” од член 177-г став 2 од Законот за заштита на децата и  ставот 10 од член 177-г од Законот за заштита на децата

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека одредбите се спорни бидејќи се недоволно јасни и прецизни, што е во спротивност со владеењето на правото. 

6. У.бр.18/2025

Оспорен акт: Член 175 став 6 од Законот за високото образование

Подносител на иницијативата: Александар Илиевски 

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека оспорената одредба предизвикува нееднаквост меѓу граѓаните, бидејќи се ограничува правото на избор во исто звање, на иста установа само уште еднаш на лицата избрани во звања асистенти, се нарушуваат правата на еднаквост и достапност на работно место. Се наведува дека се ограничува звањето асистент во споредба со други звања, бидејќи за другите звања нема такво ограничување, а некои се назначени дека нема ограничување за број на реизбор. 

7. У.бр.19/2025

Оспорен акт: Закон за вршење на сметководствени работи

Подносител на иницијативата: Адвокат Александра Илиева-Милчова

Од наводите во иницијативата: 

Подносителката наведува дека со оспорените одредби се наведува нова категорија на сметководител, овластен сметководител кој освен завршено средно или високо образование, за што таа тврди дека не прави разлика при определување на звањето сметководител. Подносителката наведува дека во оспорнениот закон на Институтот никаде не му е дадено својство на приватно образовна институција, ниту пак на јавно образовна институција и според неа е нејасно како Законодавецот му дал овластувања да спроведува испит со предмети, кои со закон не се предвидени. 

8. У.бр.20/2025

Оспорен акт: Член 29 став 1 точка 3 од Законот за трговија

Подносител на иницијативата: Јован Стефановски 

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека спорна е одредбата која гласи „нарушување на домашниот пазар заради злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки”, а се однесува на основи заради кои Владата може да прибегне кон пропишување на некоја или повеќе од наведените мерки со кои ќе го огранични вршењето трговија. Во иницијативата се тврди дека последните неколку години Владата исклучително често ја користи таа можност и донесува поединечни акти и на тој начин прави повреда на слободата на пазарот и претприемништвото,односно дека е во спротивност со членот 55 став 3 од Уставот, каде прецизно се наведени ситуациите, кога може да се пристапи кон ограничување.

9. У.бр.21/2025

Оспорен акт: Законот за изменување на законот за плати на судиите од 29.02.2024 година

Подносител на иницијативата: Ерол Абдулаи 

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот на иницијативата тврди дека и покрај одлуката на Уставниот суд донесена од јануари 2024 година, да не поведе постапка, во меѓувреме се променети неколку околности, а за тоа посочува граѓански постапки за надомест на разлика на плата за месец јануари 2024 година, во кои е одлучено на тужителката да се исплати разлика за помала исплатена плата во нето износ од 15 115 денари, како и да изврши доплата на придонесите на тој износ. Притоа се наведува дека одлуката на Основниот суд Тетово, ја потврдува и Апелационен суд Гостивар, а во други судови и други судии имаат поднесено тужби со барања за помалку исплатена плата за јануари 2024 година. Според подносителот, со оспорените измени, утврдениот коефициент се намалува во 2024 година иако е стекнато право кое судиите го поседувале 17 години. Подносителот бара од Уставниот суд да направи соодветна процена, дали намалувањето на коефициентот кое се оспорува со предметната иницијатива следува како резултат на реални и објективни околности во државата или претставува само популистичка мерка.

10. У.бр.22/2025

Оспорен акт: Член 29 став 1 и 2 од Законот за трговија

Подносител на иницијативата: Валентин Пепељугоски и Бојан Стоилков

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека оспорените одредби се спротивни на член 55 од Уставот, бидејќи според него, не е исполнета ниту една од четирите причини поради кои може да се ограничи слободата на пазарот и претприемништвото, а тоа се: одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина и здравјето на луѓето. Се тврди дека Законодавецот со носење на оваа одредба директно ја прекршува слободата на пазарот и претприемништвото како темелна уставна вредност, бидејќи според него, воведува нови причини во член 29 од Законот за трговија, кои се надвор од предвиденото во Уставот. 

11. У.бр.23/2025

Оспорен акт: Делот „Академијата за судии и јавни обвинители” од член 1 став 3 од Законот за Судскиот буџет

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев, Љубица Стојковска-Перковска, Биљана Димовска, Евица Џајковска, Рољанда Доко, Атеме Муамеди, Анета Стевановиќ, Незаат Реџепи, Мирјанка Тренчевска, Иљбере Нухиу и Едвин Захитовиќ

Од наводите во иницијативата: 

Подносителите тврдат дека оспорената одредба не е во согласност со Амандманот XXV од Уставот. Меѓудругото се наведува дека основниот профил на Судскиот совет кој се добива од Централниот регистар на Република Северна Македонија, евидира со шифра на претежна дејност 84.23, според Националната класификација на дејности и истата шифра е резервирана за „Судски и правосудни дејности”, а правната форма евидира под шифрата „01.9-Уставен суд”. Следствено на ова, се наведува дека Судскиот совет на Република Македонија е самостоен и независен орган на судството, па претходно наведената поставеност на Академијата за судии и јавни обвинители како дел од „Судската власт” е противуставно. 

12. У.бр.24/2025

Оспорени акти:

-Делот „обезбеди ликвидносна поддршка во исклучителни околности за банка” од членот 22 став 1 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија;

-Член 22 став 4 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија;

-Точки 37 и 38 од членот 2 од Законот за банките

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека спорни се „исклучителните околности” под кои Народната банка може да обезбеди ликвидносна поддршка за банка во Република Северна Македонија, со цел одржување на стабилноста на финансискиот систем, што се одобрува во денари, а по исклучок во странска валута. Се наведува дека оспорената одредба од членот 22 став 4 од Законот за Народната банка е недоволно прецизна. 

13. У.бр.25/2025

Оспорен акт: Ставот 2 член 57-г од Законот за девизно работење

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека е беспредметно таква норма да постои, бидејќи според него, таа во примената упатува на самата себеси, а според содржината може да доведе до конфузија во примената. 

14. У.бр.26/2025

Оспорен акт: Делот „не” од членот 63 став 3 од Законот за прекршоците и член 59 од Законот за прекршоците

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека со оспорениот збор „не” постои можност органот самостојно да ја менува правната квалификација на прекршокот даден, како во барањето за поведување на прекршочна постапка, што може да доведе до неизвесност при воспоставување на нова состојба различна од онаа што ја дал како предлог подносителот на барањето за поведување на прекршочна постапка. 

15. У.бр.27/2025

Оспорен акт:Членот 104-а од Законот за работните односи

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев, Љубица Стојковска-Перковска, Биљана Димовска, Рољанда Доко, Атеме Муамеди, Анета Стевановиќ, Мирјанка Тренчевска, Иљбере Нухиу (стручна служба при Управен суд Скопје)

Од наводите во иницијативата: 

Се наведува дека согласно овој член договорот за вработување, работодавачот го прекинува кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку со закон не е е поинаку уредено, со исклучок на лице кое остварува права од работен однос врз основа на одлука за избор или именување од надлежен орган кое има право да побара да продолжи со вршење на функцијата и по исполнување на условите за старосна пензија, а најмногу до 67 години, со писмена изјава до органот кој го избрал/именувал. Подносителите тврдат дека оспорената одредба е во спротивност со членот 9 од Уставот кој уредува дека сите граѓани се еднакви пред Уставот и законите. 

16. У.бр.28/2025

Оспорен акт: Делот „целост” од член 77 став 4 од Законот за акцизите

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Содржина на оспорениот акт: Производите кои во целост или делумно содржат материи кои не се од тутун, но ги исполнуваат критериумите од член 78 став 1 или член 80 став 1 од овој закон се сметаат за цигари или тутун за пуштење. 

Од наводите во иницијативата: 

Според подносителите, спорен е делот „целост” бидејќи овозможува при прераспоредување на едно добро кое не е евидентирано или определено како акцизно добро да се определи како такво и да му се додели таква тарифна ознака и со тоа да стане акцизно добро и на така „новоопределеното акцизно добро” да се пресметува акциза која вообичаено не би се пресметувала, а е всушност оправдано доколку има позитивни имликации за граѓаните. 

17. У.бр.29/2025

Оспорен акт: Делот „од први јули 2019 година” од член 113 од Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи.

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Содржина на одредбата: Одредбите од членот 5 од овој закон кои се однесуваат на поимите дефинирани во точките 19 и 20 од членот 3 од овој закон за несогорлив тутун и електронска цигара ќе бидат употребени за определување на надоместок согласно со Законот за акцизите од 1 јули 2019 година. 

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека со Законот за акцизи кој се спомнува во содржината на одредбата, не се содржани одредби за „несогорлив тутун” и „електронска цигара”, додека во Законот за акцизи кој почнал да се применува од 29 мај 2019 година тие термини се содржани, па според него членот 113 од Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи се пропишува дека определувањето на надоместокот за „несогорлив тутун” и „електронска цигара” ќе се врши согласно Законот за акцизите од 1 јули 2019 година и може да доведе во заблуда. 

Иницијативи со кои се оспорува и уставност и законитост на акти: 

1. УЗ.10/2025

Оспорен акт: Одлука за промена на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти во Општина Тетово донесена од Советот на Општина Тетово под бр.07-766/4 од 24.04.2007 година. 

Подносител на иницијативата: Општинска организација на сојузот на борци од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи Тетово, преку овластено лице Љиљана Симовска, претседател на организацијата. 

Од наводите во иницијативите: 

Подносителот наведува дека Советот на Општина Тетово излегол надвор од своите надлежности со промена на имињата на улици и други инфраструктурни објекти, бидејќи според него тоа е прашање кое се уредува со специјалниот закон за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти, донесен од Собранието на Република Македонија во 2004 година. Се тврди дека Одлуката е донесена спротивно на член 5 став 2 од Законот, односно без претходна согласност од Владата. 

2. УЗ.бр.11/2025

Оспорен акт: Одлука за посебни услови во трговијата на одделни стоки и обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед, донесена од страна на Владата на 18 февруари 2025 година. 

Подносител на иницијативата: Јован Стефановски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека се практикува постојано носење на вакви правни акти поради стабилизација на пазарот во услови на високи цени наметнати како од производителите на храна и хемиски/козметички производи, така и од трговците на големо и мало и притоа во ниту една од одлуките не е содржана причината за донесување на конкретната одлука. Се тврди дека во отсуство на издржана анализа и без презентирани аргументи од страна на Владата, огромен број производители и трговци на големо и мало се соочуваат со предизвици во примената. Според подносителот, неразбирливо е на кој начин е утврдено дека станува збор за злоупотреби на пазарот и што ги прави прехранбените и дел хемиски/ козметички производи да имаат високи цени. Се наведува дека со оваа Одлука се прави упад во слободата на пазарното организирање, бидејќи според него е донесена и базирана на лична перцепција. 

3.УЗ.бр.12/2025

Оспорен акт: Член 97 и член 98 од глава XI УСЛОВИ ЗА РАБОТА И ДЕЛУВАЊЕ НА СИНДИКАЛНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА СОЛИДАРНОСТ од Колективниот договор на УЈП бр.01-4228/1(0102-4/1) од 12.07.2025 година.

Подносител на иницијативата: Управа за јавни приходи, преку Елена Петрова, директор

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата тврди дека членот 97 е во спротивност со членот 37 од Уставот со кој е загарантирано остварување на економски и социјални права на граѓаните преку основаање на синдикати, но не и финансирање од страна на работодавачот кон синдикатот. Се наведува дека истата одредба е во спротивност и со Законот за УЈП според кој средствата од приходите се користат за осовременување и унапредување на опремата за работата на УЈП, како и за стимулирање на работата на вработените. Во иницијативата се наведува дека во неколку наврати синдикатот поднесувал барање за исплата на финансиска помош од сопствените приходи, со цел да бидат поддржани активностите на истата синдикална организација, и притоа тие средства биле одобрени и исплатени. Подносителот тврди дека оспорената одредба е во спротивност и со член 195 од Законот за работни односи, кој се однесува на дејствувањето на синдикатот, односно не се дозволува работодавачот да има надзор над основањето и дејствувањето на синдикатите. Наведено е и дека оспорената одредба е во спротивност со членот 57 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, бидејќи според подносителот секое службено лице е должно да ги чува државните средства што му се доверени и со нив да располага на најекономичен начин, а се забранува средствата да се користат за приватни цели или да се даваат на друг на користење. 

4. УЗ.бр.13/2025

Оспорен акт: Член 1, 2, 3, 4 и 5 од Одлуката за посебните услови за трговија на одделни стоки и обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед бр. 50- 1909/4 од 18.02.2025 година донесена од страна на Владата. 

Подносител на иницијативата: Валентин Пепељугоски и Бојан Стоилков

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека со производите кои се наведени во Одлуката, не се исполнети со закон предвидените услови, бидејќи на Владата и стојат на располагање други мерки. Се тврди дека Одлуката е спротивна на член 55 од Уставот бидејќи не е исполнета ниту една од четирите причини поради кои може да се ограничи слободата на пазарот и претприемништвото, а тоа се одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина и здравјето на луѓето. Подносителот тврди дека Владата не се повикала на причините поради кои ја донела оспорената Одлука, поради што ја оценува како произволна и во спротивност со начелото на слободна пазарна економија. Наведено е дека во такви неутврдени околности се ограничува маржата во производството, трговијата на мало и големо за производите наведени во членот 1 од одлуката,следствено на кои на некои до 5%, 10% и на некои до 15% вклучувајќи ги сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец, како во трговијата на големо, така и во трговијата на мало. 

5. УЗ.бр.14/2025 

Оспорен акт: Делот „или посебен акт на работодавачот” од член 15 од Општиот колективен договор за јавниот сектор. 

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Подносителот тврди дека оспорената одредба не допушта додатокот на плата за работна успешност на работникот да се утврди врз основа на критериуми на работодавачот, кои ќе се однесуваат за квалитет и обем на извршената работа, креативност, инвентивност, продуктивност, економичност и заштеди во процесот на работење и користење на средствата за работа и на работното време и други мерила, освен со закон и колективен договор. Според наводите, определбата да се дозволи тоа да се врши со „посебен акт на работодавачот” и остава можност за арбитрерно да се пропишуваат критериумите, без притоа да постои основ во законот, со што се нарушува правната сигурност на граѓаните.