У.бр.263/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.263/2024
Скопје, 26.02.2025 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 26 февруари 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА барањето на Живко Петрушевски, за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, повредени со Пресудата ГЖ бр. 3/2024 од 15.05.2024 година, донесена од Апелациониот суд во Гостивар.

Образложение

I

Живко Петрушевски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата на граѓанинот со која се оспорува законитоста на Пресудата ГЖ бр. 3/2024 од 15.05.2024 година, донесена од Апелациониот суд во Гостивар.

Според тоа што е наведено во барањето подносителот всушност бара преиспитување на оспорената пресуда, повикувајќи се на правото на правично судење.

Имено, во барањето се наведува дека со наведената пресуда на подносителот му се повредени правото на правичен процес и правото на еднаков третман на сопственоста.

Во продолжение на барањето, подносителот го наведува хронолошкиот тек на настаните,  дека на 20.07.1995 година станал сопственик на КП 739/2, којашто од 1965 година се до 1995 година претставувала општонароден имот.

Соседите на барателот пред да станат сопственици на соседната КП 738 во негово отсуство насилно ги отстраниле меѓите, така што настанала нова состојба, која резултирала на начин што на крај на 14.10.2016 година помеѓу КП 739/2 и КП 738 се започнало со градба на нов ограден ѕид. Притоа една од катастарските точки на КП 739/2 била поместена за околу 3 метри. Барателот наведува дека сосетката користејќи ја својата позиција и моќ после две и пол години поднела и две тужби пред Основниот суд во Дебар по основ на одржувачка.

Барателот пријавил во Градежната инспекција во Дебар, Полициската станица Дебар, како и во Основното јавно обвинителство во Дебар.

Од страна на Градежната инспекција во Општина Дебар било донесено Решението бр.10-17 со кое се задолжува непознат инвеститор, во рок од 10 дена да ја отстрани градбата на објектот, ограден камен ѕид, но истиот не е срушен.

Од страна на ОЈО Дебар, пријавата на барателот била отфрлена и истиот со КО. бр.62/2016 бил упатен да се обрати во ОЈО Гостивар. Барателот поднел кривична пријава на 30.08.20219 год и ја надополнил истата на 07.05 20221 год. На 21.01 2020 год, бил повикан на распит во Полициска станица во Македонска телевизија, но во однос на оваа пријава нема никакви дополнителни информации за текот на постапката.

Против барателот била поднесена тужба, и постапката била завршена на едно рочиште, од причина што тужителката не се појавила и од страна на судот било донесено Решение со кое тужбата се смета за повлечена. Сосетката поднела втора тужба за утврдување право на сопственост по основ на одржувачка.

Подносителот на барањето, во продолжение на истото појаснува како се водела постапката пред суд, особено во однос на оценката на Вештиот наод од страна на надлежниот суд.

Првата пресуда, од страна на Основниот суд Дебар била донесена на 03.12.2021 година во корист на барателот. По поднесената жалба од страна на тужителката, Апелациониот суд го вратил предметот на повторно судење. Потоа, Основниот суд Дебар по втор пат донел пресуда во корист на барателот.
Ha 28.06.2023 год. тужителката Јосифовска Ружица починала. Адвокатот на барателот го известил Основниот Суд Дебар за смртта на тужителката, како и за тоа кои се нејзините потомци.

За подносителот на барањето нејасно е како се случило до неговиот адвокат да биде доставена опомена за плаќање такса на име на тужителката, меѓутоа самиот наведува во барањето, а исто така во прилог има доставено примерок од новата жалба поднесена од страна на тужителката и по истата има Пресуда, донесена од страна на Апелациониот суд со која жалбата била уважена.

Барателот ја оспорува пресудата на Апелациониот суд од причини што истата била донесена на незаконски начин. Истиот не се согласува со оценувањето на доказите од страна на надлежниот суд.

Понатаму цитира одредби од Законот за сопственост и други стварни права, наведувајќи дека истите биле погрешно применети од страна на судот.

Исто така, барателот го наведува своето незадоволство и во однос на примената на процесните законски одредби, навлегувајќи во подетална содржина на оспорената Пресуда.

Оспорената Пресуда донесена од Апелациониот суд, подносителот на барањето ја подигнал од Основниот суд Дебар на 08.10.2024 година.

Имајќи го предвид наведеното, а со тоа и дека според барателот Апелациониот суд донел негативна одлука, наспроти сите релевантни докази доставени од негова страна, а дал верба на, според барателот, лажен елаборат, лажни искази на сведоци, истиот бара Уставниот суд да ја оцени уставноста и законитоста на донесената одлука на Апелациониот суд Гостивар и да преземе мерки за заштита на неговите права.

II

На седницата Судот утврди дека Основниот суд Дебар постапувајќи по тужбата на Ружица Јосифовска од Скопје, против Живко Петрушевски од Дебар, на ден 03.12.2021 година донел Пресуда П1.бр.18/2019 со која ја одбил истата како неоснована.

Апелациониот суд Гостивар постапувајќи по жалбата на Ружица Јосифовска од Скопје, против пресудата на Основниот суд  Дебар од 03.12.2021 година, на ден 28.12.2022 година донел Решение ГЖ.бр.692/2022 со кое ја уважил жалбата и ја укинал првостепената пресуда.

Основниот суд Дебар постапувајќи по тужбата на Ружица Јосифовска од Скопје, против Живко Петрушевски од Дебар, по втор пат на ден 19.05.2023 година донел Пресуда П1.бр.6/2023 со која ја одбил истата како неоснована.

Апелациониот суд Гостивар постапувајќи по жалбата на Ружица Јосифовска од Скопје, против пресудата на Основниот суд  Дебар од 19.05.2023 година, на ден 15.05.2024 година донел Пресуда ГЖ.бр.3/2024  со која ја уважил жалбата и првостепената пресуда ја преиначил на начин што го усвоил тужбеното барање. Оваа пресуда станала правосилна и извршна.

III

Согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара  заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Имено, оспорената пресуда била донесена на 15.05.2024 година, а од податокот за достава произлегува дека била примена на 08.10.2024 година, барањето до Уставниот суд доставено на 03.12.2024 година. Според тоа исполнет е рокот од 2 месеци за истакнување на барање за заштита на слобода и право согласно Уставот во однос на предметната пресуда.

Од означените уставни одредби произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за примената на законите и другите прописи од страна на судовите и другите органи, а во таа смисла Уставниот суд не претставува инстанционо повисок суд во системот на редовното судство за да ја оценува законитоста на постапката и одлуките донесени од овие органи по конкретни предмети на граѓаните.

Исто така, од цитираните уставни одредби, произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за заштита на сите права на човекот и граѓанинот, туку само на оние кои се децидно утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот.

Тргнувајќи од барањето, произлегува дека од Уставниот суд се бара оценка на примена на законите, односно оценка на законитоста на судска одлука донесена од редовен суд, за што Уставниот суд не е надлежен.  Воедно, Уставниот суд не може да се впушти ниту во оценка за заштита на слободите и правата со оглед на фактот што барањето нема елементи на такво барање и не се однесува на корпусот на слободи и права, утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, коишто Уставниот суд има надлежност да ги штити.

Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на барањето.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски