Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.100/2024
Скопје, 26.02.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 26 февруари 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за образецот на барањето за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање на личната карта, образецот на личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта и за начинот на водење на евиденција за издадените лични карти („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.195/21).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот во кој се бара оценување на оспорениот правилник во поглед на неговата согласност со:
– Одлуката на референдумот одржан на 8 септември 1991 година („Службен весник на Република Македонија” бр.43/91);
– Одлуката на референдумот одржан на 30 септември 2018 година („Службен весник на Република Македонија” бр.186/18) и
– член 20 точките 7 и 8 од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817(1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните, објавена со Законот за нејзина ратификација („Службен весник на Република Македонија” бр. 7/19.
Образложение
I
Здружението „Светски македонски конгрес“ од Скопје, застапувано од претседателот Тодор Петров од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за образецот на барањето за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање на личната карта, образецот на личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта и за начинот на водење на евиденција за издадените лични карти ( „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.195/21).
Според подносителот, оспорениот правилник не е во согласност со член 1 став 2, член 2, член 8 став 1 алинеи 3 и 4, Амандманот VI, член 9 став 2, член 11 став 1, член 15 став 2, Амандман XXI, член 25, член 27, член 51, член 52 став 4, член 73 став 1, 2 и 3, член 75 став 1 и 2, член 118, член 119 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 13 од Законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта („Службен весник на Република Македонија” број 19/2007).
Подносителот на иницијативата наведува дека оспорениот правилник е во спротивност со Одлуката на референдумот одржан на 8 септември 1991 година( „Службен весник на Република Македонија” бр.43/91), Одлуката на референдумот одржан на 30 септември 2018 година („Службен весник на Република Македонија” бр.186/18), како и во спротивност со член 20 точките 7 и 8 од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817(1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните, објавена со Законот за нејзина ратификација („Службен весник на Република Македонија” бр. 7/19) и истите ги цитира во целост, во образложението на иницијативата.
Исто така, подносителот смета дека со оспорениот правилник се кршат правата и слободите на граѓаните односно уставниот поредок на државата, домашното и меѓународното право од страна на власта, односно смета дека се наметнува присилна обврска на граѓаните, државјани на Републиката, спротивно на нивната волја, со закани за суспензија на правото на слободно движење во земјата и во странство.
Член 13 од Законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта („Службен весник на Република Македонија” број 19/2007) уредувал дека министерот за внатрешни работи во рок од три месеци од влегувањето во сила на овој закон ќе донесе подзаконски пропис за образецот на барањето за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање на личната карта, образецот на личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта и за начинот на водење на евиденција за издадените лични карти. Врз основа на погоре наведениот член од Законот, министерот го донел подзаконскиот акт – Правилникот („Службен весник на Република Македонија” број 116/2007).
Со донесувањето на тој подзаконски пропис, член 13 од наведениот закон бил исцрпен како во поглед на овластувањето на министерот за донесување на подзаконскиот пропис, така и во поглед на содржината за којашто министерот бил овластен да ја пропише во обрасците во врска со издавањето на личната карта. Член 13 од Законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта („Службен весник на Република Македонија” број 19/2007), се однесувал исклучиво за донесување на подзаконски пропис за операционализација на законските одредби содржани во актуелниот закон, а за донесување на нов правилник со кој министерот ќе можел на поинаков начин да ја пропише содржината на образецот на личната карта, најпрво требало да се интервенира во Законот за личната карта, следствено и ново овластување за министерот за да може со подзаконски акт да се впушти во операционализација на поинаку уредените законски решенија.
Бидејќи законодавецот не донел Закон за изменување и дополнување на Законот за личната карта со кој ќе го пропишел образецот на личната карта на поинаков начин од она што веќе е уредено во Законот, при што за тоа би уредил ново овластување за операционализација на такви поинакви законски решенија, министерот не можел да се повика на овластувањето од член 13 од погоре наведениот закон, коешто се однесувало за операционализација на постојните актуелни законски решенија. Со отсуството на поинакви законски решенија и овластување за нивна операционализација, министерот за внатрешни работи со новиот оспорен правилник, се впуштил во изворно уредување на материја којашто е предмет на законско уредување.
Владата подготвила Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за личната карта, кој содржел двојазичност на барањата за издавање и обрасците на личните карти и новото име на државата, меѓутоа предлогот сè уште бил во собраниска процедура. Но, и покрај тоа што законодавецот не го изменил Законот за личната карта, Владата незаконски го сменила софтверот за обработка на барањата и печатењето на личните карти во отсуство на донесен закон за таа цел, и незаконски го отстранила стариот софтвер, иако Министерството за внатрешни работи било должно да го има во оперативна состојба софтверот за обработка на барањата и печатење на личните карти во согласност со Законот за личната карта којшто е во сила.
Во однос на повикувањето на одредбите од Законот за употреба на јазиците, подносителот наведува дека овој закон бил во постапка пред Уставниот суд за оценување на неговата уставност и законитост, заедно со Указот за неговото прогласување, а во однос на наведувањето на новото уставно име во образецот на личната карта, подносителот наведува дека според Уставниот закон за спроведување на амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот, не постоела обврска за промена на името на државата во личните карти, веднаш, туку најдоцна во рок од 5 години од почетокот на преговорите со Европската Унија, кои биле неизвесни поради бугарското вето.
Како аргумент со кој бара поведување на постапка за оцена на уставноста на оспорениот правилник, подносителот наведува и дека со овој правилник се наметнува повратно дејство кое е понеповолно за граѓаните, во смисла на член 52 став 4 од Уставот со кој е регулирано дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, кога тоа е поповолно за граѓаните, бидејќи во спротивност со одлуките на референдумите од 8 септември 1991 година и 30 септември 2018 година, Владата и Собранието го промениле името на државата, наметнувајќи им рок за промена на личните исправи, кои самите ги плаќаат, иако нивните лични исправи според важноста видно од нив, издадени од надлежен орган, сѐ уште биле во важност.
Од наведените причини со иницијативата се бара оспорениот правилник да биде поништен, како неуставен и незаконит, а до донесувањето на конечната одлука, се предлага донесување на решение со времена мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорениот акт поради суспензија и флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните, уставниот поредок на државата и штетни последици по Буџетот на државата и даночните обврзници.
II
На седницата Судот утврди дека министерот за внатрешни работи врз основа на член 13 од Законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта („Службен весник на Република Македонија“ бр. 19/07), a во врска со членовите 12 став (3), 13 и 23 став (5) од Законот за употреба на јазиците („Службен весник на Република Македонија“ бр.7/19), донел Правилник за образецот на барањето за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање на личната карта, образецот на личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта и за начинот на водење на евиденција за издадените лични карти.
Во глава I со наслов „Општа одредба” , во член 1 се регулира дека со овој правилник се пропишува образецот на барањето за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање на личната карта, образецот на личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта, како и за начинот на водење на евиденција за издадените лични карти.
Според глава II со наслов „Образец на барање за издавање на личната карта” во член 2 став 1 е пропишано дека за издавање на лична карта лично се поднесува барање од лицето – подносител до подрачната единица на Министерството за внатрешни работи каде што лицето има живеалиште (образец бр. 1 и образец бр. 2) а според став 2, обрасците од ставот 1 на овој член, се дадени во прилог и се составен дел на овој правилник.
Видно од член 3, барањето за издавање на лична карта содржи: назив на органот до кој се поднесува барањето; причина за барање; податоци за подносителот на барањето: име и презиме, за омажени-оженети презиме пред склучување на бракот, ден, месец и година на раѓање, место на раѓање, пол, национална припадност, живеалиште и адреса, државјанство, име и презиме на родители; согласност на родителите-старател и нивни податоци (име и презиме, матичен број, сродство и потпис на родителот-старателот); податоци за претходен документ на подносителот: број на претходна лична карта и орган кој ја издал; потпис на подносителот; датум и место на поднесување; податоци за контакт; потпис на службеното лице кое го примило барањето; прилози кон барањето; согласност од подносителот на барањето за користење на неговите лични податоци, место за потпис на подносителот на барањето и упатство за пополнување на барањето за издавање лична карта.
Во глава III со наслов „Образец на потврда за поднесено барање за издавање на личната карта” во член 4 е определено дека врз основа на поднесеното барање од членот 3 на овој правилник за секоја издадена лична карта, овластеното службено лице врши проверка на вистинитоста на податоците во службената евиденција на Министерството за внатрешни работи и доколку утврди идентичност на податоците на лицето му издава потврда за поднесено барање за лична карта и за начинот на испишување на податоците во личната карта (во натамошниот текст:потврда) – (образец бр. 3 и образец бр. 4). Потврдата e составена од два дела меѓу себе перфорирани. Првиот дел од потврдата содржи: подрачна единица на Министерството за внатрешни работи која ја издава потврдата, барање за лична карта Тип А, причина за поднесување на барањето, јазик на кој се поднесува барањето, постапка, број на барањето, матичен број, лични податоци за подносителот на барањето за издавање на лична карта (во натамошниот текст: подносител) и административни податоци. Од личните податоци за подносителот потврдата содржи: презиме и име на подносителот, место на раѓање, датум на раѓање, пол, државјанство, фотографија и потпис на подносителот, живеалиште, адреса, податоци за родителите/старатели (сродство, матичен број и име и презиме). Од административни податоци потврдата содржи: датум и место на поднесување на барањето, службеник за пријавување, потпис на барателот со кој ја докажува согласноста со податоците во потврдата, потпис на службеникот кој ја примил потврдата, согласност за издавање на лична карта на малолетно лице односно потпис на родители/старатели, потребни документи за барањето, како и број на лична карта, датум на издавање, важност, датум и место на подигање на личната карта, потпис на службеното лице кое ја врачило личната карта, потпис на службеното лице кое го одобрило барањето и потпис на примателот. Со вториот дел од потврдата се потврдува приемот на барањето за издавање на лична карта и содржи: број на барање, име и презиме на подносителот, пол, датум на раѓање, матичен број, тип на документ, место и датум на поднесување и потпис на службеното лице. Подносителот ја потпишува потврдата од ставот 1 на овој член и на тој начин се согласува со внесените податоци. По потпишувањето на потврдата, долниот перфориран дел од потврдата му се дава на подносителот, кој треба да ја приложи при подигнување на личната карта. Обрасците од став 1 на овој член се дадени во прилог и се составен дел на овој правилник.
Во глава IV со наслов „Образец на личната карта” во член 5 е опишано дека образецот на личната карта е изработен од повеќеслоен поликарбонат, во правоаголна форма со димензии 54,00 х 85,6 мм и се состои од две страни во светло сина боја (образец бр. 5, 6, 7, 8, 9, 10 и 11). Предната страна од образецот на личната карта ги содржи следниве податоци: во горниот дел стои натпис „РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА“, а под него назив „ЛИЧНА КАРТА“; во горниот дел стои натпис на англиски јазик „REPUBLIC OF NORTH MACEDONIA“, а под него назив на англиски јазик „IDENTITY CARD“; на левата страна: национална ознака – МКД, простор за фотографија; во долниот десен агол на фотографијата се наоѓа уред со мноштво бои (MCD); во централниот средишен дел на образецот се наведени податоци за имателот на личната карта: презиме, име, државјанство, пол, датум на раѓање, матичен број, датум на издавање на личната карта и датум на важење на личната карта и потпис на имателот на личната карта. Во горниот десен агол е испечатен грбот на Република Северна Македонија, а во долниот лев агол, под личната фотографија е содржан бројот на личната карта. Задната страна од образецот за личната карта на левата страна ги содржи следниве податоци: место на раѓање на имателот на личната карта, живеалиште, адреса на имателот, надлежен орган кој ја издал личната карта и бројот на личната карта. Во долниот дел по должината на целата задна страна има машински читлив дел. Податоците на предната и задната страна од образецот бр. 5 се отпечатени на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на англиски јазик и истите се ласерски гравирани. Обрасците бр. 6, 7, 8, 9, 10 и 11 ги содржат истите податоци како и образецот бр. 5, при што образецот бр. 6 е испечатен на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот различен од македонскиот јазик што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните и неговото писмо, а обрасците бр. 7, 8, 9, 10 и 11 се испечатени на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот различен од македонскиот јазик што го зборуваат помалку од 20 % од граѓаните на Република Северна Македонија и нивното писмо, а е различен од македонскиот јазик и на англиски јазик. Обрасците од ставот (1) на овој член, се дадени во прилог и се составен дел на овој правилник.
Понатаму, во глава V со наслов „Постапка за издавање и замена на личната карта” во член 6 е регулирано дека лична карта се издава врз основа на лично поднесено барање од лицето до Министерството за внатрешни работи каде што има живеалиште и адреса. Во постапката за издавање на лична карта, за утврдување на идентитетот и државјанството на подносителот на барањето, Министерството за внатрешни работи по службена должност прибавува доказ за неговиот идентитет, извод од матична книга на родените и доказ за државјанство на Република Северна Македонија. При поднесување на барање за издавање на прва лична карта на лице до 18 години живот, потребно е лично присуство на родителите, законскиот застапник или старателот, како и нивна согласност дадена пред службeното лице.
Видно од член 7, при поднесување на барањето за издавање на лична карта од лицето се земаат биометриските податоци- фотографија и отпечатоци од два прста. Фотографија со димензии 21х27 мм, се прибавува со фотографирање на лицето при поднесување на барањето за издавање на лична карта, при што истата е идентична и одговара на изгледот на подносителот на барањето. Фотографијата се пренесува и чува во електронска база на податоци. Подносителот на барањето, согласно ICAO стандардот, се фотографира од лице (ан фас), со неутрален и јасен израз и без било каква покривка на лицето, на обична позадина во светла боја, без присуство на други лица или предмети. Доколку лицето носи очила, истите не можат да ги покриваат очите и да покажуваат одблесок на светлина. При фотографирањето, лицето не треба да носи покривка на главата (капа, шамија и сл.), освен во одредени случаи, поради религиозни, медицински или културни причини. При поднесување на барањето за издавање на лична карта од лицето се замаат отпечатоци од двата показалци од двете раце. Доколку на подносителот на барањето му недостасува некој од овие два прста се зема отпечаток од наредниот прст од раката и истото се евидентира во службените евиденции. Доколку подносителот на барањето нема една рака се зема отпечаток од показалецот од другата рака. Доколку лицето нема две раце службеното лице ја констатира состојбата со евидентирање во службената евиденција. При поднесување на барањето за издавање на лична карта лицето своерачно се потпишува како на самото барање така и на електронско перниче за потпишување. Потписот земен од електронското перниче се пренесува и чува во електронска база на податоци. Доколку подносителот на барањето е неписмен, тогаш службеното лице тоа го констатира во службената евиденција.
Според член 8, при поднесување на барање за замена на личната карта (промена на лично име, оштетена или дотраена лична карта, истекување на рокот на важноста, промена на живеалиштето или адресата на станот), податоците во барањето се утврдуваат врз основа на претходната лична карта и податоците од службената евиденција. Со барањето подносителот приложува доказ за промена на адресата на станот, а доказите за извршената промена на личното име и на живеалиштето ги прибавува Министерството за внатрешни работи по службена должност. По поднесување на барањето од став 1 на овој член на лицето му се издава нова лична карта. Заменетата лична карта се поништува со дупчење на образецот. По исклучок од став 3 на овој член личната карта која е претходно поништена може да се врати на имателот на негово барање. Кога лицето поднесува барање за издавање на нова лична карта од причина што порано издадената лична карта ја загубило или на друг начин останало без неа, податоците од барањето се утврдуваат врз основа на податоците од службената евиденција. Лицето кое ја загубило личната карта, ја објавува како загубена во „Службен весник на Република Северна Македонија”, пред да поднесе барање за издавање на нова лична карта. За подносителот на барањето во ставовите 1 и 5 на овој член, Министерството за внатрешни работи прибавува по службена должност и други исправи со кои се докажува вистинитоста на податоците наведени во барањето (извод од матична книга на родените, извод од матична книга на венчаните, уверение за државјанство и слично).
Во член 9 е регулирано дека во оправдани случаи (болест, физичка спреченост и слично), барањето за издавање на лична карта може да биде поднесено и личната карта може да биде издадена и надвор од просториите на подрачната единица на Министерството за внатрешни работи, со употреба на мобилна станица за земање на биометриски податоци. Во случаите од став 1 на овој член, лицето на кое му се издава лична карта ги сноси трошоците за издавање на личната карта со употреба на мобилна станица. Лицата корисници на социјална помош согласно Законот за социјална заштита се ослободени од плаќање на трошоците за издавање на личната карта со употреба на мобилна станица.
Видно од глава VI со наслов „Начин на водење на евиденција за издадените лични карти” со член 10 е регулиран начинот на водење на евиденцијата за издадени лични карти додека во член 11 е опишана содржината на регистарот за примени барањa за издавање на лична карта.
Во глава VII од оспорениот правилник со членовите 12 и 13 се регулирани Преодните и завршни одредби.
Овој правилник е заведен под бр. 13.1.1-78898/1 од 20 август 2021 година и потпишан од министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Во прилог следат 11 обрасци.
После оспорениот правилник за образецот на барањето за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање на личната карта, образецот на личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта и за начинот на водење на евиденција за издадените лични карти, врз основа на истиот правен основ, донесени се и две измени и дополнувања и тоа: Правилник за изменување и дополнување со бр.13.1-129459/1 од 27 декември 2022 година, донесен од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски („Службен весник на Република Северна Македонија број 285/2022 од 28. 12. 2022 година) и Правилник за изменување и дополнување со бр.13.1.1-84069/1 од 9 август 2024 година, донесен од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски („Службен весник на Република Северна Македонија број 168/2024 од 14. 08. 2024 година). Според наводите во иницијативата оспорен е само основниот текст на правилникот без неговите измени и дополнувања.
III
Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Во член 96 од Уставот е определено дека органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Согласно член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.
Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот и Уставниот закон за нивното спроведување, произлегоа од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817(1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните што претставува меѓународен договор склучен меѓу Република Македонија и Хеленската Република со која беше решен македонско-грчкиот спор за името и за стратешко партнерство. Спогодбата беше потпишана на 17 јуни 2018 година, истата беше ратификувана од страна на Собранието на Република Македонија на 5 јули 2018 година и објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.7/2019. Спогодбата стапи на сила на 12 февруари 2019 година.
Во член 1 став 9 од Спогодбата е предвидено дека по влегување во сила на оваа спогодба, Втората страна веднаш и во согласност со разумните административни практики ќе ги преземе сите неопходни мерки со цел надлежните органи на земјата од тогаш понатаму внатрешно да го употребуваат името и термините од член 1 став 3 од оваа спогодба во сите нови службени документи, кореспонденција и релевантни материјали.
Согласно со член 3 од Уставниот закон за спроведување на Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.6/19) „постоечките официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна употреба и документите за внатрешна употреба кои можат да се користат надвор од државата, ќе се усогласат со Амандманот XXXIII најдоцна во рок од пет години од неговото влегување во сила.”
Според Амандманот XXXIII на Уставот, во Уставот зборовите „Република Македонија” се заменуваат со зборовите: „Република Северна Македонија”, а зборот „Македонија” се заменува со зборовите „Северна Македонија”, освен во членот 36 од Уставот на Република Македонија.
Понатаму, со член 4 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Макеоднија” број 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010, 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 96/2019, 110/2019, 154/2019 и 121/2024) е уредено дека органите на државната управа во рамките на својата надлежност се должни да им обезбедат на граѓаните ефикасно и законито остварување на нивните уставни слободи и права. Во став 2 од истиот член е определено дека органите на државната управа во рамките на својата надлежност обезбедуваат ефикасно и законито остварување на законски утврдените права и интереси за сите учесници во управната постапка.
Во член 49 став 1 од истиот закон, помеѓу другото е уредено дека министерот донесува прописи и други акти за кои е овластен и презема други мерки во надлежност на Министерството, во согласност со закон.
Според член 55 став 1 од Законот, министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.
Со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување, член 56 став 1 од Законот. Воедно, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи, член 61 став 1 од Законот.
Личната карта е јавна исправа која ја издава Министерството за внатрешни работи и служи за внатрешна употреба. Исто така личната карта може да се употребува и за преминување на државната граница, во случаи и под услови утврдени со меѓународен договор ратификуван согласно со Уставот на Република Северна Македонија.
Постапката на издавање и замена на личната карта, начинот на водење на евиденцијата и содржината на обрасците на личната карта е предмет на уредување на Законот за личната карта („Службен весник на Република Македонија” бр. 8/95 ,38/02, 16/04, 12/05, 19/07, 10/10, 51/11, 13/12, 166/12, 154/15, 55/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 67/22 и 209/23).
Во образложението на иницијативата подносителот го оспорува правниот основ на донесување на овој правилник само во поглед на член 13 од Законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта („Службен весник на Република Македонија” бр. 19/07) од причини што член 13 од наведениот закон бил исцрпен како во поглед на овластувањето на министерот за донесување на подзаконскиот пропис, така и во поглед на содржината за којашто министерот бил овластен да ја пропише во обрасците во врска со издавањето на личната карта, додека за одредбите од Законот за употреба на јазиците само констатира дека истите се оспорени пред Уставниот суд и не наведува дополнителни аргументи врз основа на кои би направиле уставно-судска анализа.
Поаѓајќи од наведените уставни одредби, одредбите од Конечната спогодба и одредбите од цитираните закони, утврдивме дека наводите во иницијативата не се основани од следните причини:
Правилникот за образецот на барањето за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање на личната карта, образецот на личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта и за начинот на водење на евиденција за издадените лични карти, кој е оспорен во целост, министерот за внатрешни работи го донел во 2021 година и тој е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.195/21.
Новина во овој оспорен правилник спротивно на правилникот што претходно постоеше во правниот промет е само во поглед на промена на содржината, но не и формата на обрасците во делот на уставното име од „Република Македонија” во „Република Северна Македонија” и воведување на дополнителни обрасци за лична карта кои содржат податоци на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазик различен од македонскиот јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо и на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазик различен од македонскиот јазик што го зборуваат помалку од 20% од граѓаните и нивното писмо, а е различен од македонскиот јазик и на англиски јазик.
Правниот основ за донесување на оспорениот правилник е член 13 од Законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта („Службен весник на Република Македонија” бр. 19/07) од каде што министерот за внатрешни работи добива овластување за донесување на подзаконски пропис за образецот за барањето за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање на личната карта, образецот на личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта, како и за начинот на водење на евиденцијата за издадените лични карти а со референца и на одредби од член 12 став 3, член 13 и член 23 став 5 од Законот за употреба на јазиците („Службен весник на Република Македонија” бр.7/19).
Неспорен е фактот дека оспорениот правилник е подзаконски пропис со кој се врши операционализација на одредби од Закон за лични карти. Овластувањето на министерот за внатрешни работи за донесување на подзаконски пропис за обрасците за издавање и замена на лична карта, како и за начинот на водење на евиденција е децидно пропишано во преодните и завршни одредби, односно во член 13 од Законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта („Службен весник на Република Македонија” бр. 19/07). Со овие измени и дополнувања во Законот за личната карта беа воведени лични карти со биометриски карактеристики на граѓаните, како и воведување на форма и содржина на лични карти според ICAO стандардот.
Врз основа на овој законски основ на 20 септември 2007 година донесен е Правилникот за образецот на барањето за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање на личната карта, образецот на личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта и за начинот на водење на евиденција за издадените лични карти („Службен весник на Република Македонија” бр. 116/2007), како и во континуитет врз основа на овој член се донесени и сите измени и дополнувања на овој правилник објавени во „Службен весник на Република Македонија” бр. 129/2007, 161/2007, 5/2009, 73/2010, 10/2014, 126/2017.
Судот оцени дека оспорениот Правилник нема повратно дејство поради што се неосновани наводите во иницијативата дека со овој правилник се наметнува повратно дејство кое е понеповолно за граѓаните, во смисла на член 52 став 4 од Уставот од следниве причини:
Со воспоставената нова правна состојба со која државата го променила уставното име од Република Македонија во Република Северна Македонија не се губи веќе еднаш стекнатото право на лична карта туку се определува нова правна состојба во поглед на содржината на личната карта со новото уставно име. Во оспорениот правилник не се наведени рокови во кои граѓанинот е должен да ја замени личната карта со новото уставно име на државата, ниту пак се воведени прекршочни одредби. Граѓанинот нема да трпи штетни последици доколку не ја промени личната карта пред истекот на регуларниот рок на важење.
Имајќи предвид дека со оспорениот правилник се исполнуваат меѓународните обврски на државата и се имплементира Амандман XXXIII на Уставот, Судот го анализираше истиот во однос на наведениот Амандман XXXIII и одредбите од Уставниот закон за спроведување на Амандманите од XXXIII до XXXVI, со кој оспорениот правилник е во целосна согласност и е во функција на исполнување на обврската утврдена во Спогодбата, преточена во Амандманот XXXIII на Уставот.
Во поголем дел иницијативата содржи аргументи со кои се бара оценување на уставноста на Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 848 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните („Службен весник на Република Македонија“ бр.7/2019) за што Уставниот суд на Република Северна Македонија веќе одлучувал и со Решението У.бр.8/2019, 16/2019, 26/2019, 40/2019 и 47/2019 од 21.09.2023 година меѓу другото, не повел постапка за оценување на уставноста на овој акт.
Од тие причини одредбите од оспорениот правилник не се во спротивност со член 1 став 2, член 2, член 8 став 1 алинеи 3 и 4, Амандманот VI, член 9 став 2, член 11 став 1, член 15 став 2, Амандман XXI, член 25, член 27, член 51, член 52 став 4, член 73 став 1, 2 и 3, член 75 став 1 и 2, член 118 и член 119 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, наведени од подносителот на иницијативата, со кои се гарантира суверенитетот на државата, темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, основните слободи и права на граѓанинот, заштитата на истите како и одредбата со која во Република Северна Македонија законите треба да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи во согласност со Уставот и законите, односно секој е должен да ги почитува истите.
Врз основа на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на одредбите од Правилникот за образецот на барањето за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање на личната карта, образецот на личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта и за начинот на водење на евиденција за издадените лични карти („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.195/21) со одредбите од Уставот на Република Северна Македонија, ниту пак прашањето за согласноста со Законот за личната карта.
Имајќи ги предвид надлежностите на Уставниот суд на Република Северна Македонија, согласно со член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, тој одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Оттука, наводите во иницијативите за оценување на оспорениот правилник во поглед на неговата согласност со Одлуката на референдумот одржан на 8 септември 1991 година („Службен весник на Република Македонија” бр.43/91) ; Одлуката на референдумот одржан на 30 септември 2018 година („Службен весник на Република Македонија” бр.186/18) и член 20 точките 7 и 8 од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817(1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните, објавена со Законот за нејзина ратификација („Службен весник на Република Македонија” бр. 7/19), излегуваат надвор од надлежноста на Уставниот суд утврдена во наведените уставни одредби, поради што Судот утврди дека тие делови од иницијативите треба да се отфрлат, согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд, поради ненадлежност.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски