У.бр.213/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.213/2024
Скопје, 05.03.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска и д-р Ана Павловска-Данева, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 алинеja 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 5 март 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛA иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 8 став 3 во делот „за државните службеници“ од Законот за санитарната и здравствената инспекција („Службен весник на Република Македонија“ број 71/2006, 139/2008,88/2010, 18/2011, 53/2011, 164/2013, 43/2014, 144/2014, 51/2015, 150/2015, 37/2016, 83/2018 и 16/2025).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 8 став 3 во делот „за државните службеници“ од Законот за санитарната и здравствената инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр.71/2006, 139/2008,88/2010, 18/2011, 53/2011, 164/2013, 43/2014, 144/2014, 51/2015, 150/2015, 37/2016 и 83/2018).

Според наводите во иницијативата, оспорениот дел од одредбата не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно начелото на владеење на правото.
Во иницијативата се наведува дека со оспорениот дел „за државните службеници“ од член 8 став 3 од Законот за санитарната и здравствената инспекција, се упатува на примена на одредби од пропис, кој како пропис сметано од 13.02.2015 година не е во правниот поредок.

Подносителот наведува дека согласно член 112 став 1 од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.27/2014), со денот на започнувањето на примената на овој закон, престанува да важи Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 112/00, 34/01, 103/01, 43/02, 98/02, 17/03, 40/03, 85/03, 17/04, 69/04, 81/05, 61/06, 36/07, 161/08, 6/09, 114/09, 35/10, 167/10, 36/11, 6/12, 24/12, 15/13, 82/13 и 106/13) и Законот за јавните службеници („Службен весник на Република Македонија“ број 52/10, 36/11, 6/12, 24/12, 15/13, 82/13 и 106/13).

Согласно член 113, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”, а ќе започне да се применува една година од денот на влегувањето во сила.

Законот за административни службеници влегува во сила на 05.02.2014 година, а отпочнува да се применува од 13.02.2015 година.

Според подносителот, кога една одредба упатува на примена на друга одредба или на одредби од прописи како целина кон чија примена се упатува, неминовно мора да се дел од правниот поредок. Имајќи предвид дека Законот за државните службеници престанал да важи на 13.02.2015 година, со оспорениот дел „за државните службеници“ од член 8 став 3 од Законот за санитарната и здравствената инспекција,  се упатува на примена на одредба од пропис кој не е дел од правниот поредок.

Со иницијативата се предлага, Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел „за државните службеници “ од член 8 став 3 од Законот за санитарната и здравствената инспекција и истиот да го укине како спротивен на Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека оспорениот член 8 став 3  од Законот за санитарната и здравствената инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр.71/2006, 139/2008,88/2010, 18/2011, 53/2011, 164/2013, 43/2014, 144/2014, 51/2015, 150/2015, 37/2016 и 83/2018) е изменет со Законот за изменување и дополнување на Законот за санитарната и здравствената инспекција кој е објавен на 24.01.2025 година, во „Службен весник на Република Северна Македонија” број 16/2025 и има нова содржина којашто уредува дека „Инспектор може да биде лице кое покрај општите услови утврдени со Законот за инспекциски надзор, го исполнува и посебниот услов да има стекнато најмалку 300 кредити според EKTC или завршен VII/1 степен од областа на медицината или стоматологијата и положен стручен испит”.

III

Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се оспорува член 8 став 3 во делот „за државните службеници” од Законот за санитарната и здравствената инспекција, кој според подносителот ја има следната содржина „Инспекторите ги назначува министерот за здраство во согласност со одредбите од Законот за државните службеници”.

Во конкретниот случај се утврди дека на 17 јануари 2025 година, е донесен Закон за изменување и дополнување на Законот за санитарната и здравствената инспекција кој е објавен на 24.01.2025 година, во „Службен весник на Република Северна Македонија” број 16/2025. Во член 3 од Законот се наведува дека во член 8 ставот 3 се менува и гласи „Инспектор може да биде лице кое покрај општите услови утврдени со Законот за инспекциски надзор, го исполнува и посебниот услов да има стекнато најмалку 300 кредити според EKTC или завршен VII/1 степен од областа на медицината или стоматологијата и положен стручен испит“, што значи дека оспорениот член 8 став 3 од Законот е изменет и има нова содржина различна од она што се оспорува со предметната иницијатива.

Тргнувајќи од фактот дека причините наведени во иницијативата законодавецот ги надминал со донесувањето на споменатиот Закон за изменување и дополнување на Законот за санитарната и здравствената инспекција во месец јануари 2025 година, објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.16/25 , Судот оцени дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, согласно со  член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд, поради што истата се отфрла.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски