Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.114/2024
Скопје, 05.03.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска и д-р Ана Павловска-Данева, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 5 март 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 76 став 4 од Законот за дивечот и ловството („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 263/2023 и 170/24).
Образложение
I
Од страна на Државниот инспекторат за шумарство и ловство – Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија беше поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 76 став 4 од Законот за дивечот и ловството.
Подносителот на иницијативата наведува дека имајќи предвид дека Уставот е највисокиот правен акт во нашата држава, сите закони и подзаконски акти треба да се во согласност со Уставот.
Според подносителот, член 76 став 4 од Законот за дивечот и ловството не е во согласност со одредбите од член 24, член 108, член 110 и член 112 од Уставот на Република Северна Македонија.
Понатаму, подносителот наведува дека со член 76 став 4 од Законот за дивечот и ловството во кој е наведено дека за увид на штетата што ја причинил дивечот за кој е пропишана трајна или привремена забрана на ловење, а се надоместува од Буџетот на Република Северна Македонија, така што министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство формира тричлени комисии составени од вработени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Државниот инспекторат за шумарство и ловство и Агенцијата за храна и ветеринарство со завршено високо образование VII/1 степен или 240 кредити според ЕКТС од областа на шумарството, сточарството или ветеринарната медицина, се повредуваат поголем број уставни и законски одредби.
Меѓу нив се набројуваат одредбите од член 16 од Законот за шумарска и ловна инспекција, одредбите од член 5, член 6, член 7, член 8, член 9, член 10, член 11, член 12, член 13, член 14 и член 15 од Законот за инспекциски надзор; одредбите од член 79 ставови 2 и 3 од Законот за дивечот и ловството, одредбите од член 75 ставови 1 и 2 од Закон за спречување на корупција и судирот на интереси и одредбите од член 8 став 1 алинеи 3, 8 и 10 и член 11 став 2 и 3 од Уставот.
Според подносителот, со одредбата од член 76 став 4 од Законот за дивечот и ловството се загрозува правниот поредок на тој начин што инспекторите кои ќе бидат членови во комисиите за увид на штета што ја причинил дивечот за кој е пропишана трајна или привремена забрана на ловење, воедно ќе вршат и инспекциски надзори кај корисниците на дивеч во ловиштата и управувачите на државните ловишта. Во продолжение на иницијативата се наведува дека воедно согласно со член 79 ставови 2 и 3 од Законот за дивечот и ловството, Државниот инспекторат за шумарство и ловство до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство поднесува годишен извештај за извршен инспекциски надзор над спроведување на обврските утврдени во договорите за користење, односно управување на дивечот во ловиштата, па оттука сметаат дека на инспекторите од Државниот инспекторат за шумарство и ловство им е ограничено правото на спроведување на начелата на самостојност, заштита на јавниот интерес и заштита на приватните интереси, јавноста и на пропорционалноста.
Согласно горенаведеното, а имајќи ја предвид изложената правна аргументација, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од член 76 став 4 од Законот за дивечот и ловството и да донесе решение согласно кое ќе ги укине одредбите од член 76 став 4 од Законот за дивечот и ловството како спротивни на одредбите од член 11 од Уставот.
Исто така, се предлага Уставниот суд да донесе решение за времена забрана за формирање комисии, согласно со оспорената одредба.
II
На седницата Судот утврди дека според член 76 став 4, за увид на штетата што ја причинил дивечот за кој е пропишана трајна или привремена забрана на ловење, а се надоместува од Буџетот на Република Северна Македонија, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство формира тричлени комисии составени од вработени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Државниот инспекторат за шумарство и ловство и Агенцијата за храна и ветеринарство со завршено високо образование VII/1 степен или 240 кредити според ЕКТС од областа на шумарството, сточарството или ветеринарната медицина.
III
Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Со член 11 ставови 2 и 3 од Уставот, се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување и се забранува присилна работа.
Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно со член 28 точка 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 121/2024), со денот на влегувањето во сила на овој закон Државниот инспекторат за земјоделство и Државниот инспекторат за шумарство и ловство продолжуваат да работат како органи во состав на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Член 2 од Законот за шумарска и ловна инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр. 88/2008, 6/2010, 36/2011, 74/2012, 164/2013, 43/2014, 33/2015, 149/2015, 53/2016 и 83/2018), пропишува дека работите од надлежност на шумарската и ловната инспекција се вршат преку Државниот инспекторат за шумарство и ловство (во натамошниот текст: Инспекторат), како орган во состав на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со својство на правно лице, коешто има сопствена буџетска сметка како буџетски корисник од прва линија, самостојно спроведува постапки за вработување и одлучува за правата и обврските од работен однос, согласно со Законот.
Според член 16 од истиот закон, инспекторот не смее да врши работи, односно не смее да ги врши работите за друг работодавач од подрачјето на кое ги врши работите на инспекцискиот надзор, освен ако се работи за научна или едукативна дејност.
Со член 21 од истиот закон, при вршење на инспекцискиот надзор кај правното или физичкото лице инспекторот има право да: оствари увид во извршувањето на законите и другите прописи, при што субјектите од членот 11 на овој закон се должни да му обезбедат непречен пристап во вршењето на работите при инспекцискиот надзор и да обезбедат точни податоци и материјали доколку тој ги побара од нив; врши надзор и контрола на спроведување на одредбите од Законот за шумите, Законот за ловството, Законот за заштита на растенијата, Законот за репродуктивен материјал од шумски видови дрвја, Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност и други прописи од областа на шумарството и ловството; ги прегледа деловните книги, договори, документи и други исправи, како и работата и документацијата кога се водат и чуваат во електронски медиум, како и да побара нивна изработка во писмена форма која мора веродостојно да ја потврдува електронската форма; ги сослуша странките и сведоците во управната постапка; прегледа документи со кои може да се утврди идентитетот на лицата; добие и употребува лични и други податоци од службените евиденции и други бази на податоци кои се потребни за вршење на инспекцискиот надзор бесплатно; ги земе мострите на материјалите и опремата, за натамошно испитување бесплатно; користи услуги на научни, стручни установи и стручни лица; зема изјави од одговорните лица во правното лице, физичките лица, сведоците, заради утврдување на нивниот идентитет и да прибира податоци и извршува и други работи кои се потребни за извршување на инспекцискиот надзор.
Во оспорениот член 76 став 4 од Законот за дивечот и ловството („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 263/2023 и 170/24), е пропишано дека за увид на штетата што ја причинил дивечот за кој е пропишана трајна или привремена забрана на ловење, а се надоместува од Буџетот на Република Северна Македонија, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство формира тричлени комисии составени од вработени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Државниот инспекторат за шумарство и ловство и Агенцијата за храна и ветеринарство со завршено високо образование VII/1 степен или 240 кредити според ЕКТС од областа на шумарството, сточарството или ветеринарната медицина.
Судот оцени дека се неосновани наводите во иницијативата, според кои ваквото пропишување на оспорената одредба претставува повреда на член 8 став 1 алинеја 3 и член 11 ставови 2 и 3 од Уставот, бидејќи истата е јасна, прецизна и недвосмислена и истата не предизвикува никакво мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување, ниту присилна работа.
Од направената уставно-судска анализа на уставните и законските одредби, како и од увид на доставената документација по предметот и прибавените мислења, произлегува дека од страна на Државниот инспекторат за шумарство и ловство се врши номинацијата на инспекторите во комисиите со што не може да стане збор за присилна работа.
Законодавецот, има уставно овластување да креира норми со кои ќе обезбеди квалитетна заштита на спроведување на пренесените јавни овластувања. Со оспорената одредба, која предвидува состав на комисиите за утврдување штети причинети од дивеч од вработени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Државниот инспекторат за шумарство и ловство и Агенцијата за храна и ветеринарство, целта на законодавецот била да креира норма со која ќе обезбеди утврдување штети причинети од дивеч преку стручен и оспособен кадар.
Законодавецот во согласност со своето уставно овластување, има обврска со закон да ги уредува однесувањата во одредена област од општествениот живот за кои ќе оцени дека тоа е потребно и оправдано, особено кога станува збор за јавен интерес, поради што Судот оцени дека оспорената одредба од Законот, формално и материјално е усогласена со темелната вредност на уставниот поредок – владеењето на правото. Ова од причина што оспорената одредба е во согласност со Уставот и со истата не се задира во физичкиот и моралниот интегритет на вработените инспектори во Државниот инспекторат за шумарство и ловство.
Имајќи предвид дека Државниот инспекторат за шумарство и ловство претставува орган во состав на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, така што членувањето на вработените од Државниот инспекторат за шумарство и ловство во наведените комисии, не претставува работа кај друг работодавач, Судот оцени дека се неосновани наводите дека со оспорената одредба се загрозува владеењето на правото.
Исто така, важно е да се потенцира дека со донесувањето на оспоренатата одредба со која се предвидува формирање комисии за утврдување штети причинети од дивеч, од вработени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Државниот инспекторат за шумарство и ловство и Агенцијата за храна и ветеринарство кои располагаат со потребен стручен кадар, намерата на законодавецот е да се постигне правилно утврдување на фактите и издатокот од Буџетот на Република Северна Македонија да биде реален во однос на направената штета.
Имајќи ја предвид претходно изнесената анализа, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 37 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за донесување решение за запирање на извршување на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби.
По однос на наводите за меѓусебна неусогласенот на оспорената законска одредба со други одредби од Законот за дивечот и ловството, Законот за шумарска и ловна инспекција, Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и Одлуката на Државната комисија за спречување на корупција број 09-3958/4 од 12.05.2023 година, Судот оцени дека станува збор за прашање кое не е во надлежност на Уставниот суд, согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски