У.бр.173/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.173/2024
Скопје, 05.03.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска и д-р Ана Павловска-Данева, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 5 март 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 117  во делот „сојузен“  и член 119 во делот „сојузен“ од Законот за пензиското и инвалидското осигурување на воените осигуреници („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија “ бр.7/1985, 74/1987 и 20/1989).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 117  во делот „сојузен“  и член 119 во делот „сојузен“ од Законот за пензиското и инвалидското осигурување на воените осигуреници („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија “ бр.7/1985, 74/1987 и 20/1989).

Во иницијативата подносителот наведува дека оспорените делови од одредбата се спротивни на член 51 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија.

Имено, според подносителот, оспорениот дел „сојузен“ од член 117 и член 119 од оспорениот закон се однесуваат на начинот на остварување на права од здравственото осигурување на уживателите на пензија и членовите на нивните семејства во бившата држава Социјалистичка Федеративна Република Југославија и истите се дел од главите XI и XII кои не престанале да важат со влегување во сила на членот 210 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993). Тоа според подносителот значи дека во текстот на оспорените членови егзистира поимот „сојузен“ и од тие причини истите се спротивни на член 51 став 1 од Уставот, според кој законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Устав и закон.

Поради сето наведено подносителот на иницијативата бара Уставниот суд да се впушти во уставно-судска анализа и да поведе постапка за оспорените делови од одредбите и истите да ги укине.

II

На седницата Судот утврди дека член 117 од глава XI со наслов „Здравствено осигурување“ од Законот за пензиското и инвалидското осигурување на воените осигуреници („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија “ бр.7/1985, 74/1987 и 20/1989) гласи „Уживателите на пензија и членовите на нивните семејства се осигуруваат на здравствена заштита и на другите права од здравственото осигурување според посебен сојузен закон“.

Воедно, Судот утврди дека член 119 од глава XII со наслов „Додаток на деца“ од  Законот за пензиското и инвалидското осигурување на воените осигуреници („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија “ бр.7/1985, 74/1987 и 20/1989) гласи „Правото на додаток на деца уживателот на старосна и инвалидска пензија и децата уживатели — 1 семејна пензија го остваруваат според сојузен закон“.

III

Согласно со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 38 алинеја 3 од  Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување.

Во член 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018 и 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.180/2019, 275/2019, 31/2020, 267/2020, 67/2022, 79/2023 и 193/2024) се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување, опфатот на осигуреници, правата кои се остваруваат од ова осигурување, матичната евиденција на осигурениците и корисниците на права од пензиското и инвалидското осигурување, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување.

Со член 210 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993 од 30 декември 1993 година, прогласен со указ 08-4708 од 27 декември 1993 година) е предвидено дека со денот на почетокот на примената на овој закон престанува да важи Законот за основните права од пензиското и инвалидското осигурување („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ бр.23/1982, 77/1982, 57/1985, 8/1987, 78/1989, 44/1990 и 89/1990 и „Службен весник на Република Македонија бр.10/1992), Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр.18/1983 4/1987, 4/1989, 19/1990 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.36/1991 и 12/1993), одредбите на членовите 127, 128, 129, 130, 132, 133, 134, 135, 137, 138, 139, 147 и 161 од Законот за внатрешните работи – пречистен текст („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр.37/1980, 24/1988 и „Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/1991 и 19/1992) и одредбите на членовите 70, 71, 72, 73, 73-а, 73-в, 74, 75, 76 и 81 од Законот за извршување на санкциите за кривични дела и стопански престапи („Службен весник на Социјалистичка Република  Македонија“ бр.19/1979, 50/1981, 42/1985, 35/1986, 47/1989 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.19/1992). Исто така, престануваат да важат одредбите на членовите 7, 8, 9, 10 и 11 од Законот за основните права на носителите на „Партизанска споменица – 41“ („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија “ бр.67/1972, 40/1973, 36/1976, 39/1977, 32/1981, 25/1985, 44/1989, 87/1989 и 20/1990), одредбите на членовите 8, 9, 10, 11 и 12 од Законот за основните права на борците од шпанската Националноослободителна и револуционерна војна („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија “ бр.67/1972, 40/1973, 33/1976, 39/1979, 32/1981, 68/1981, 25/1985, 44/1989 и 20/1990), одредбите на членовите 9, 10, 11 и 12 од Законот за основните права на лицата одликувани со „Орден народен херој“ („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ бр.67/1972, 21/1974, 33/1976, 39/1977, 32/1981, 68/1981, 25/1985, 75/1985, 44/1989, 87/1989 и 20/1990), Законот за пензиското и инвалидското осигурување на воените осигуреници, освен главите XI и  XII („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија “ бр.7/1985, 74/1987 и 20/1989) и одредбите на членовите 17, 18, 19, 20, 21, 22, 23, 24, 25, 26, 27, 28 и 32 од Законот за самостојните уметници („Службен весник на Социјалистичка Република  Македонија “ бр.46/1982).

Имено, воените осигуреници кои се активно вработени во безбедносните сили, правото на здравственото осигурување го остваруваат по основ на заснован работен однос согласно со одредбите на Законот за работни односи. Што се однесува пак, до воените осигуреници кај кои настапила инвалидност поради болест, повреда и друго, правото на здравственото осигурување и правото на додаток за деца го остваруваат согласно со член 18 од Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/1996 од 15 март 1996 година), според кој воените инвалиди од војните, мирновременските воени инвалиди, членовите на нивните семејства, како и членовите на семејствата на паднатите борци ги имаат следните права:  лична инвалиднина, семејна и зголемена семејна инвалиднина, инвалидски додаток, додаток за нега и помош од страна на друго лице, ортопедски додаток, бањско и климатско лекување, право на патничко моторно возило, додаток на деца и професионална рехабилитација, здравствена заштита, помош во случај на смрт и бесплатен и повластен превоз.

Поврзувањето на член 210 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993 од 30 декември 1993 година) кој припаѓа на преодните и завршните одредби  и се однесува  на правата на воените осигуреници стекнати пред почетокот на примената на овој закон,  со член 117  и 119 во делот „сојузен“ од Законот за пензиското и инвалидското осигурување на воените осигуреници („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија “ бр.7/1985, 74/1987 и 20/1989) е неосновано. Ова произлегува од фактот што оспорените членови се однесуваат на осигурениците кои  остваруваат право на пензија според важечкиот закон и не можат да бидат поврзани со преодни и завршни одредби кои уредуваат специфични случаи од претходниот правен режим.

Што се однесува до наводот во иницијативата дека терминот „сојузен” не е во согласност со Уставот, според Судот употребата на овој термин не ја доведува во прашање уставноста на оспорената одредба, од причини што неспорно е дека Социјалистичка Федеративна Република Југославија повеќе не постои како држава. Од друга страна, член 1 став 2 од Уставот, определува дека суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив, па со самото тоа произлегува дека оспорената одредба во никој случај не може да се применува за територија на држава што не постои, туку за територијата на Република Северна Македонија и за нејзините граѓани. Егзистирањето на овој термин не е од суштинско значење по однос на оспорениот акт.

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека со донесувањето на наведениот закон за определување на правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци, остварена е целта на сојузниот закон, односно истиот се исцрпел и престанал да важи.

Со оглед на фактот дека во конкретната иницијатива се оспорува закон кој е надвор од правниот поредок, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, односно исполнети се условите од член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд, за нејзино отфрлање.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски