У.бр.196/2023


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.196/2023
Скопје, 19.02.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р  Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 19 февруари 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 13 од Правилникот за начин и постапка за добивање уверение за сметководител и овластен сметководител и упис во регистар, донесен од страна на Управниот одбор на Институтот за сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија У.О бр.0202/329 од 25.05.2023 година, У.О бр.0202/366 од 29.06.2023 година и У.О бр.0202/009 од 18.01.2024 година.

Образложение

I

Виктор Божиновски, адвокат од Куманово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 13 од Правилникот за начин и постапка за добивање уверение за сметководител и овластен сметководител и упис во регистар, донесен од страна на Управниот одбор на Институтот за сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија У.О бр.0202/329 од 25.05.2023 година, У.О бр.0202/366 од 29.06.2023 година и У.О бр.0202/009 од 18.01.2024 година.

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорената одредба е во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7 и  член 51 од Уставот на Република Северна Македонија, како и член 31 ставови 1 и 12 од Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 173/2022).

Имено, според наводите во иницијативата, со донесување на оспорената одредба од Правилникот се вршело директно загрозување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и правото на слобода на пазарот и претприемништвото.

Подносителот на иницијативата, притоа наведува дека со фактот дека оспорениот член од Правилникот предвидува дека подносител на барањето за издавање на лиценца за работа на трговец поединец сметководител и трговец поединец овластен сметководител може да биде единствено трговец поединец на чие име гласи фирмата (овластено лице), додека подносител на барање за издавање на лиценца за работа на трговско друштво може да биде само управителот на трговското друштво, а дополнително со должноста подносителот на барањето за лиценца за работа за трговец поединец сметководител и трговец поединец овластен сметководител да поднесе доказ дека е вработен на полно работно време, се прекршувале наведените одредби од Уставот.

Подносителот наведува дека оспорената одредба е во спротивност со Законот за трговски друштва  и Законот за работните односи бидејќи во нив не било предвидено управителот да биде вработено лице во друштвото, а уште помалку вработени на полно работно време.

Во иницијативата се наведува дека оспорената одредба со тоа што предвидува дека подносител на барањето за лиценца за работа на трговец поединец – сметководител или овластен сметководител може да биде само управител на трговското друштво и вработен со полно работно време, била во спротивност со член 51 од Уставот, бидејќи ваквите услови не биле предвидени ниту со Уставот ниту со законите.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба е во спротивност со член 31 ставови 1 и 12  од Законот за вршење на сметководствени работи.

Подносителот, исто така, наведува дека со оспорената одредба се нанесува огромна штета на физичките и правни лица – сметководители и овластени сметководители.

Имајќи предвид дека оспорената одредба била во спортивност со горенаведените уставни и законски одредби, подносителот бара од Уставниот суд да поведе постапка за нејзино оценување и истата да ја укине, а исто така бара Уставниот суд да определи мерка запирање на сите поединечни акти и дејствија преземени врз основа на оспорената одредба од член 13  од Правилникот, согласно со член 27 од Деловникот на Уставниот суд.

II

На седницата Судот утврди дека според член 13 став 1 од Правилникот за начин и постапка за добивање уверение за сметководител и овластен сметководител и упис во регистар, донесен од страна на Управниот одбор на Институтот за сметководители и овластени сметководители на Република Македонија У.О бр.0202/329 од 25.05.2023 година, У.О бр.0202/366 од 29.06.2023 година и У.О бр.0202/009 од 18.01.2024 година, подносител на барање за издавање на лиценца за работа на трговецот поединец – сметководител и трговецот поединец – овластен сметководител може да биде единствено трговец поединец на чие име гласи фирмата (овластено лице), додека подносител на барање за издавање на лиценца за работа на трговско друштво може да биде само управителот на трговското друштво. Став 2 од истиот член предвидува дека подносител на барањето за издавање на лиценца за работа на трговецот поединец – сметководител и трговецот поединец – овластен сметководител односно трговското друштво, должен е покрај доказите од член 12 став 2 од овој правилник да достави и доказ дека подносителот на барањето е вработен со полно работно време во трговецот поединец односно трговското друштво.

III

Согласно член 110 алинеja 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот Суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија ќе ја отфрли иницијативата, ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Судот, во постапка по предметот У.бр.170/2024 со Одлуката од 30 октомври 2024 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 229/2024), го укина Правилникот за начин и постапка за добивање уверение за сметководител и овластен сметководител и упис во регистар, донесен од страна на Управниот одбор на Институтот за сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија У.О бр.0202/329 од 25.05.2023 година, У.О бр.0202/366 од 29.06.2023 година и У.О бр.0202/009 од 18.01.2024 година.

Имајќи во вид дека со донесувањето на Одлуката  У.бр.170/2024, оспорениот акт престанува да важи и е надвор од правниот поредок на Република Северна Македонија, сметаме дека истиот не може да биде предмет на оцена поради постоење на процесни пречки за одлучување, со што се исполнети условите за примена на член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски