У.бр.162/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.162/2024
Скопје, 26.02.2025 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 26 февруари 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 3 ставови 1 и 2 во делот „од средствата на солидарниот фонд“ од Правилникот за образецот на барањeтo и потребната документација за утврдување на стаж на осигурување со зголемено траење, образецот на барањето и потребната документација за исплата на посмртна помош од средствата на солидарниот фонд, образецот на барањето и потребната документација за остварување на право на старосна пензија, семејна пензија, инвалидска пензија и паричен надоместок за телесно оштетување, барањето и потребната документација за утврдување на инвалидност, образецот на предлогот за утврдување на инвалидност од надлежниот матичен лекар и предлогот за утврдување на инвалидност од лекарската комисија на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 99/2023 и 19/2024).

Образложение

I

Славко Лазовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 3 ставови 1 и 2 во делот „од средствата на солидарниот фонд“ од Правилникот означен во диспозитивот на ова решение.

Подносителот во иницијативата наведува дека оспорените делови „од средствата на солидарниот фонд“ од член 3 ставови 1 и 2 на Правилникот, се во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2, член 34, член 35, член 51 и член 52 став 4 од Уставот, како и со член 1, член 3, член 6 ставови 1 и 3 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Како причини за поставување на прашањето за согласноста на наведените делови од одредбите на наведениот правилник со Уставот и со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, подносителот ги наведува следните:

Согласно со уредувањето во член 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, задолжителноста наметнува уште поголема одговорност во уредувањето на правата и одговорносите на осигурениците и корисниците на социјалното осигурување. Според подносителот, одговорноста е уште поголема што важечката регулатива на јавните политики во областа на социјалната сигурност се утврдени како дејност од јавен интерес.

Понатаму, имајќи го предвид уредувањето во член 3 од Законот според кој „Со првиот пензиски столб, а врз начелото на социјална праведност и генерациска солидарност, се остваруваат правата во случај на старост, инвалидност, смрт и телесно оштетување, а со вториот пензиски столб се остваруваат правата согласно со законот кој го уредува задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување“, подносителот смета дека социјалната заштита е поставена врз начелото на социјалната праведност. Овој систем се остварува преку законски решенија, мерки и активности на основни ризици на кои се изложени граѓаните во текот на животот, како што е смртта. Постигнувањето на социјалната сигурност се постигнува со доследна примена на меѓународните принципи и стандарди.

Во иницијативата се наведува и дека според член 6 став 1 од Законот, правата од пензиското и инвалидското осигурување се неотуѓиви, лични материјални права и не можат да се пренесат на други лица. Подносителот наведува дека, владеењето на правото е подеднакво за сите преку доследна примена на законите и тоа на објективен начин, а заштитата на човековите слободи и права се гарантираат со Уставот и законите. Постојната надградба и развојот на политиките во доменот на социјалната политика, е иманентна цел за подобра социјална сигурност на граѓаните.

Исто така, подносителот смета дека деловите од оспорените одредби на член 3 ставови 1 и 2 од Правилникот, се во спротивност со начелото на рамноправност на граѓаните во правните односи, начелото на забрана на злоупотреба на правото, што би значело забрана на делување спротивно на целта на Законот, начелото на забрана на предизвикување на штета, што опфаќа и воздржување од постапки за спречување на штета, интегративниот карактер на правилата, начелото на еднаквите вредности на давањата, воздржување од постапување со што се намалува имотната сигурност на граѓаните и нивната положба во општеството, начелото на законито постапување со средствата за работа. Со спротивно постапување да се намалува имотната сигурност на граѓаните и нивната положба во општеството, како и начелото на потребата од воспоставување на соработка, меѓусебната поврзаност и зависност, заемната одговорност и солидарност.

Согласно наведеното, подносителот бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 3 ставови 1 и 2 во делот „од средствата на солидарниот фонд“ и истиот да го укине.

II

На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 3 став 1 од Правилникот е предвидено дека барањето за исплата на посмртна помош од средствата на солидарниот фонд (Образец П-2-), е дадено во Прилог бр.2 и Прилог бр.2-а, кој е составен дел на овој правилник. Во ставот 2 од членот 3 е уредено дека кон барањето за исплата на посмртна помош од средствата на солидарниот од став (1) на овој член, се доставува следната документација: лична карта на увид; фактура од извршени погребални трошоци и извод од матична книга на умрените. Според ставот 3 на овој член, доказот од ставот (2) алинеја 3 на овој член, Фондот го прибавува по службена должност.

III

Според член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Член 9 став 2 од Уставот уредува дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во член 34 од Уставот е пропишано дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор

Републиката, според член 35 став 1 од Уставот, се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност. Согласно став 2 од истиот член, Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани. Со ставот 3 од истиот член е утврдено дека Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.

Во Република Северна Македонија, согласно член 51 став 1 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Според ставот 2 од истиот член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно со член 54 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите согласно член 110 алинеја 2 од Уставот.

Со Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 98/2012, 166/2012, 15/2013, 53/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/ 2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 27/2018, 35/2018, 220/2018, 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.180/ 2019, 275/2019, 31/2020, 94/2020, 267/2020, 67/2022, 79/2023 и 193/2024) се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување, опфатот на осигуреници, правата кои се остваруваат од ова осигурување, матичната евиденција на осигурениците и корисниците на права од пензиското и инвалидското осигурување, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување.

Законот за пензиското и инвалидското осигурување, во глава X посебно ги уредува прашањата што се однесуваат на солидарниот фонд за посмртна помош и членарина.

Согласно со уредувањето во главата X од Законот, посветена на „Солидарен фонд – посмртна помош и членарина“ (членови 115 – 117 од Законот), Фондот запира дел од пензијата заради обезбедување на средства за исплата на посмртна помош и за членување во здружение на пензионери врз основа на согласност на корисникот на пензијата. Притоа, средствата за посмртна помош Фондот ги уплатува на посебна потсметка во рамките на Трезорската сметка, висината на задршката за посмртна помош, висината на исплатата за посмртна помош во зависност од акумулираните средства и смртноста на корисниците на пензија, како и начинот на располагање со слободните, а неискористени средства од посмртна помош се уредуваат со акт на регистрираната организација на сојузите на здруженијата на пензионерите на Македонија. Во однос на членарината која, исто така, се запира од пензијата врз основа на согласност на корисникот на пензијата, висината на задршката за членарина и начинот на распределба на членарината ги уредува регистрираната организација на сојузите на здруженија на пензионерите на Македонија со свој акт, при што, Законот го задолжува Фондот, тие средства да ги дозначи на сметката што ќе ја определи регистрираната организација на сојузите на здруженијата на пензионерите на Македонија.
Фондот за пензиското и инвалидското осигурување согласно член 154 точка 10 од Законот, меѓу другото, врши исплата на посмртна помош на корисниците на пензија и задршка од пензијата за членарина.

Според законското овластување утврдено во член 112 став 4, член 117 став 3 и член 126 став 3 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, министерот за труд и социјална политика во согласност со министерот за информатичко општество и администрација го донел Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за образецот на барањeтo и потребната документација за утврдување на стаж на осигурување со зголемено траење, образецот на барањето и потребната документација за исплата на посмртна помош од средствата на солидарниот фонд, образецот на барањето и потребната документација за остварување на право на старосна пензија, семејна пензија, инвалидска пензија и паричен надоместок за телесно оштетување, барањето и потребната документација за утврдување на инвалидност, образецот на предлогот за утврдување на инвалидност од надлежниот матичен лекар и предлогот за утврдување на инвалидност од лекарската комисија на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија и образецот на предлог на работодавачот за утврдување на инвалидност на осигуреникот („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 99/2023 и 19/2024) во кој се содржи, со оваа иницијатива, оспорениот дел „од средствата на солидарниот фонд“ од одредбите на член 3 ставови 1 и 2 од Правилникот.

Во однос на посмртната помош и уредувањето на солидарниот фонд што е предмет на оспорување во конкретниот случај, Уставниот суд во предметите У.бр.15/2013 од 25.09.2013 година, У.бр.157/2017 од 17.10.2018 година, У.бр.5/2022 од 11.05.2022 година и У.бр.266/2007 од 17.09.2008 година ја оценувал уставноста на законските решенија со кои се уредува оваа материја. Имено, законските одредби биле предмет на уставно-судска оценка од различни уставни аспекти, коишто ги опфаќаат и аспектите од предметната иницијатива и притоа Судот не оценил дека со истите се повредуваат темелните вредности на нашиот уставен поредок, уредени во член 8 алинеи 3, 6 и 8, како и член 9, член 20, член 30, член 34, член 35 и член 51 од Уставот. Во наведената уставно-судска практика, Судот зазел став дека законодавецот со законските решенија за посмртна помош и формирањето на солидарниот фонд на уставно допуштен начин ги операционализирал темелните вредности: хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, принципот на еднаквост, слободата на граѓаните на здружување заради остварување на економски и социјални права, правото на социјална сигурност, социјалната праведност итн., со што впрочем и може да се утврди дека станува збор за различни аспекти на уставно оспорување на законските решенија.

Понатаму, делот „од средствата на солидарниот фонд“ од одредбите на член 3 ставови 1 и 2 од Правилникот, кој е предмет на оспорување на неговата уставност и законитост со оваа иницијатива, во суштина претставува операционализација на законските решенија утврдени во Законот за пензиското и инвалидското осигурување од главата X посветена на „Солидарен фонд–посмртна помош и членарина“ (членови 115-117), за кои Уставниот суд оценил дека не се во спротивност со Уставот. Оттука, Судот оцени дека постои законски основ за донесување на Правилникот во кој е содржан оспорениот дел „од средствата на солидарниот фонд“ од одредбите на член 3 ставови 1 и 2, како и дека со истиот не се пречекоруваат надлежностите на органите коишто го донеле Правилникот, истиот не излегува надвор од границите утврдени со законските решенија, односно во оспорениот правилник нема изворно регулирање на прашања коишто се законска материја, туку со истиот се врши операционализација на одредби пропишани со закон.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека оспорениот дел „од средствата на солидарниот фонд“ од одредбите на член 3 ставови 1 и 2 од Правилникот не можат уставноправно да се проблематизираат од аспект на наводите во иницијативата, бидејќи се работи за прашање на целисходност во регултивата на законодавецот и негова операциона-лизација со оспорените одредби од Правилникот.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р  Дарко Костадиновски