Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.95/2024
Скопје, 26.02.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 26 февруари 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 4 став 3 во делот „поради судска ненадлежност“ од Законот за медијација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.294/2021).
Образложение
I
Оливер Давидовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата означена во диспозитивот на ова решение.
Подносителот на иницијативата го оспорува член 4 став 3 во делот „поради судска ненадлежност“ од Законот за медијација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 294/2021) и смета дека истиот е спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.
Во наводите на иницијативата се наведува дека според член 15 ставови 1 и 2 од Законот за парничната постапка, судот во текот на целата постапка по службена должност внимава дали решавањето на спорот спаѓа во судска надлежност и дали решавањето на спорот спаѓа во надлежност на суд во Република Северна Македонија, а доколку судот во текот на постапката утврди дека за решавање на спорот не е надлежен суд туку некој домашен орган, ќе се огласи за ненадлежен, ќе ги укине спроведените дејствија во постапката и ќе ја отфрли тужбата.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека согласно со член 4 став 3 од Законот за медијација, доколку биде поднесена тужба до надлежниот суд, без приложен доказ од медијатор за сторен обид за решавање на спорот со медијација, би постоел основ за отфрлање на тужбата, но истата не може да се смета дека се отфрла токму „поради судска ненадлежност“ бидејќи како што се нагласува и во самата одредба од став 3 „тужба се поднесува до надлежниот суд“. Оттука, според подносителот, судот можел да биде стварно надлежен за решавање на конкретната правна работа, односно за конкретниот материјално-правен однос од кој произлегол конкретен спор и во таков случај не може да се смета дека тужбата треба да се отфрли „поради судска ненадлежност“, само поради тоа што немало обид за претходна договорена медијација.
Имено, според подносителот, онака како што е уредено во член 4 став 3 од Законот за медијација, во случај на поднесена тужба до надлежниот суд, без приложен доказ од медијатор за сторен обид за решавање на спорот со медијација, дека постоел основ за отфрлање на тужбата поради судска ненадлежност, не била изведена до крај преку креирање на правно издржана норма со која нема да се остави простор за правна несигурност и можност за губење на правата или неисполнување на обврските, затоа што во таков случај тужбата можеби можела да се цени како преуранета или неуредна, па од тие причини да биде отфрлена, меѓутоа не и дека постои судска ненадлежност, затоа што доколку не постоеле други законски предвидени причини за оцена на судска ненадлежност, судската надлежност во таков случај постоела и странките се обраќале до судот кој инаку би бил надлежен да го решава спорниот однос.
Во продолжението, воедно се наведува дека медијаторот не го решава спорниот однос и нема улога на арбитер/суд и поднесувањето на тужба до надлежниот суд во тие случаи не може да се отфрла поради судска ненадлежност, бидејќи судската надлежност не била доведена во прашање, но можеби самата тужба би била преуранета.
Поради сето горенаведено, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 4 став 3 во делот „поради судска ненадлежност“ од Законот за медијација („Службен весник на Република Северна Македонија“бр.294/2021), по што истиот да се укине како спротивен на Уставот.
II
На седницата Судот утврди дека со член 4 став 3 од Законот за медијација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.294/2021) е предвидено дека договорна медијација е медијација во која се впуштаат страните, а која произлегува од нивниот облигационен договор од областите наведени во членот 1 од овој закон, со внесување на одредба со која во договорот се утврдува дека доколку настане спор, истиот ќе го решат по пат на медијација, пред започнување на судска или на друга постапка. Во случај на поднесена тужба до надлежниот суд, без приложен доказ од медијатор за сторен обид за решавање на спорот со медијација, постои основ за отфрлање на тужбата „поради судска ненадлежност“.
III
Владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.
Во член 51 од Уставот е предвидено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Со Законот за медијација, се уредува медијацијата во спорните односи во кои страните можат слободно да располагаат со своите барања, освен ако со друг закон не е утврдена исклучива надлежност на суд или друг орган, без оглед на тоа дали таа се спроведува пред или по започнување на судска или друга постапка.
Според член 1 став 2 од Законот за медијација, медијацијата се применува при имотноправни спорови што произлегуваат од оставински постапки, семејни спорови, работни спорови, трговски спорови, потрошувачки спорови, осигурителни спорови, спорови што произлегуваат од постапките на нотарски платни налози, спорови од областа на образованието, спорови од областа на безбедност и здравје при работа, спорови од областа на здравствената заштита, спорови од областа на заштитата на животната средина, спорови во врска со дискриминацијата, спорови поврзани со граѓанска одговорност за навреда и клевета и во други спорни односи каде што медијацијата одговара на природата на спорните односи и може да помогне за нивно разрешување настанати меѓу домашни и/или странски физички и правни лица.
Во член 2 од истиот закон, е предвидено дека целта на овој закон е да го олесни пристапот до постапката на медијација како алтернативна постапка за решавање на споровите од членот 1 од овој закон, како и да влијае на подигање на свеста за медијацијата, со поттикнување на нејзината примена и преку гарантирање на балансирана врска меѓу медијацијата и судската постапка.
Според член 3 став 1 точка а) од Законот, „медијација“ е посредување и начин на решавање на споровите наведени во членот 1 од овој закон, настанати меѓу две или повеќе страни во спорот, при што им се овозможува истиот да го решат по пат на мирење, со посредство на трета неутрална страна медијатор/медијатори, со можност да постигнат заемно прифатлива писмена спогодба. Согласно со точката б) од истиот член „медијатор“ е физичко лице кое поседува лиценца за вршење на медијаторски работи согласно со овој закон, актите на Комората на медијатори на Република Северна Македонија и ја спроведува медијацијата согласно со начелата за медијација. Во точката в) од истиот член се предвидува дека „постапка на медијација“ е постапка на решавање на споровите од членот 1 од овој закон, преку која им се овозможува на страните во спорот истиот да го решат на доброволен, ефикасен, експедитивен и економичен начин, во одвоени или заеднички средби на медијаторот со страните учесници, различна од постапката која се води пред надлежните судови. Со точката г) од овој член се предвидува дека „страна во постапка на медијација“ е физичко или правно, домашно или странско лице кое учествува во медијацијата заради изнаоѓање решение на конкретен спор. Според точката д) „Трето лице“ е физичко или правно лице (преку законски застапник) за кое медијаторот и страните во постапката на медијација се согласиле да присуствува при спроведувањето на медијацијата заради олеснување на мирењето во насока на изнаоѓање заемно прифатливо решение на спорот. Согласно со точката ѕ) „Преговори во медијација“ се дијалози, активно слушање и слично, на две или повеќе страни, на одделни или заеднички средби/разговори, во спорен однос, заради изнаоѓање на решение на истиот, со посредство на медијаторот кој го избрале страните.
Во член 4 став 1 од Законот, е предвидено дека според начинот на поведување, медијацијата може да се одвива како доброволна, договорна и законски определена. Според став 2 од истиот член, доброволна медијација е медијацијата во која страните своеволно се впуштаат во обид за решавање на спорен однос, пред или по започнувањето на судска постапка. Во став 3 од истиот член, се предвидува дека договорна медијација е медијацијата во која се впуштаат страните, а која произлегува од нивниот облигационен договор од областите наведени во членот 1 од овој закон, со внесување на одредба со која во договорот се утврдува дека доколку настане спор, истиот ќе го решат по пат на медијација, пред започнување на судска или на друга постапка. Во случај на поднесена тужба до надлежниот суд, без приложен доказ од медијатор за сторен обид за решавање на спорот со медијација, постои основ за отфрлање на тужбата поради судска ненадлежност. Со став 4 од истиот член, е предвидено дека законски определена медијација е задолжителниот обид за медијација кој произлегува од закон пред или по започнување на судска постапка.
Според член 17 став 1 од Законот за медијација, постапката на медијација, се поведува со поднесување на барање до избран медијатор и/или по писмен или електронски пат. Согласно со став 2 од истиот член барање за поведување постапка на медијација, може да поднесе секоја страна во спорот, посебно или пак двете страни заедно.Во став 3 од истиот член е предвидено дека медијаторот до кој е упатено барањето, должен е во рок од три работни дена, сметано од денот на приемот на барањето, да постапи по барањето и да упати покана до спротивната страна.
Согласно со член 18 став 2 од Законот, кога со закон или со облигационен договор е предвидено започнување на постапка на медијација како услов за водење на судска или друга постапка, постапката за медијација започнува со изјавена согласност на двете страни за започнување постапка за медијација.
Во член 25 став 1 од Законот за медијација, се предвидува дека постапката на медијација завршува: со склучување писмена спогодба за решавање на спорниот однос меѓу страните, на денот на склучувањето на спогодбата, со склучување на писмена спогодба за делумно решавање на спорот меѓу страните на денот на склучувањето на спогодбата, со писмена изјава на медијаторот, а по извршени консултации со страните дека натамошното водење на постапката на медијација не е целисходно (оправдано) на денот на поднесувањето на писмената изјава, со доставување на писмена изјава на која било од страните за отстапување од учество во постапката на медијацијата, на денот на поднесувањето на изјавата до медијаторот, со престанување на својството на правното лице, по увид во Централниот регистар, со настапување на смрт на една од страните на спорниот однос, со престанување на својството на медијаторот кој посредувал во постапката, со донесување решение или друг акт со кој на медијаторот му е забрането да извршува медијаторски работи, за време на периодот за кој трае забраната и по истекот на 90 дена од денот на започнување на постапката на медијација, без оглед на нејзиниот исход.
Тргнувајќи од анализа на содржината на наведените законски одредби јасно произлегува дека Законот за медијација ги утврдува правилата за спроведување, правните последици и начинот на завршувањето на постапката за медијација. Договорната медијација е медијација која произлегува од облигационен договор меѓу страните. Во овој договор, страните се согласуваат дека доколку настане спор, истиот ќе го решат по пат на медијација, пред да започнат судска или друга постапка. Ова значи дека страните однапред се обврзуваат да се обидат да го решат спорот преку медијација, наместо веднаш да се обратат на суд. Една од клучните правни последици на договорната медијација е тоа што, доколку страните имаат договор за медијација, а една од страните поднесе тужба до судот без да приложи доказ дека е направен обид за медијација, судот може да ја отфрли тужбата поради судска ненадлежност. Ова е важен аспект на договорната медијација, бидејќи ја поттикнува употребата на медијацијата како прв чекор во решавањето на споровите. Договорната медијација може да се примени во различни видови спорови, како што се имотно-правни, семејни, работни, трговски, потрошувачки и други спорови. Ова е регулирано во член 1 од Законот за медијација, каде што се наведени областите во кои медијацијата може да се примени. Ова значи дека договорната медијација е применлива во широк спектар на правни односи, што ја прави флексибилна алатка за решавање на спорови. Постапката на договорна медијација започнува со поднесување на барање до медијаторот. Секоја страна во спорот може да поднесе барање за медијација, а медијаторот е должен во рок од три работни дена да постапи по барањето и да упати покана до спротивната страна. Оваа постапка е брза и ефикасна, што е една од предностите на медијацијата во споредба со судските постапки. Постапката на медијација може да заврши на неколку начини, вклучувајќи склучување на писмена спогодба меѓу страните, изјава на медијаторот дека натамошното водење на постапката не е целисходно, или со изјава на една од страните дека се откажува од учество во медијацијата.
Судот оцени дека се неосновани наводите на подносителот на иницијативата дека со оспорената одредба се создава правна несигурност, спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот бидејќи со истата се предвидува можност за отфрлање на тужбата поради судска ненадлежност врз основа на неприложен доказ од медијатор за сторен обид за решавање на спорот со медијација. Ова од причина што со оспорената одредба, правото на судска заштита пред надлежен суд, во ниту еден случај не се скратува туку странките се насочени кон почитување односно постапување согласно со одредбите од договорот со кои истите се обврзале да го решат својот спор по пат на медијација, како прва фаза во решавање на нивниот спор и целисходно е да се испочитува таквата одредба пред започнување на судска или на друга постапка. На тој начин се штеди времето на судот и многукратно се намалуваат трошоците како на странките, така и на судот, кој непотребно треба да администрира предмет за кој странките сами договориле поинаков начин на решавање.
Покрај наведеното, поимот „ненадлежност“ содржан во оспорениот дел од одредбата, Судот оцени дека не треба да се толкува од аспект на стварна или месна надлежност од причина што во конкретниот случај ненадлежноста претставува неможност на постапување од надлежен суд во таа фаза од решавањето на настанатиот спор од причина што странките најпрвин треба да постапат согласно одредбите од договорот што се однесуваат на решавање на спорот преку медијатор и во случај на неизнаоѓање на решение со медијација, да поднесат тужба до стварно и месно надлежниот суд.
Врз основа на наведеното, Судот оцени дека оспорениот дел од член 4 став 3 од Законот за медијација, не создава правна несигурност.
Во однос на наводите на подносителот дека оспорениот дел од наведената одредба создава правна несигурност бидејќи материјата што ја регулира е веќе регулирана во член 15 од Законот за парнична постапка, и тоа на различен начин, Судот оцени дека се наводи кои излегуваат надвор од утврдените надлежности на Уставниот суд, согласно со член 110 став 1 алинеја 1 од Уставот, според кој Судот одлучува исклучиво за согласноста на законите со Уставот, а не и за меѓусебната согласност на законите.
Врз основа на наведеното, Судот оцени дека оспорениот член 4 став 3 во делот „поради судска ненадлежност“ од Законот за медијација не може уставноправно да се проблематизира по однос на неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски