У. бр.156/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У. бр.156/2024
Скопје, 26.02.2025 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева  и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024) на седницата одржана на 26 февруари 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 140 став (1) во делот „ако барањето е поднесено во рок од шест месеци од денот на исполнувањето на условите, а ако барањето е поднесено по истекот на тој рок од поднесувањето на барањето и за шест месеци наназад“ од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018 и 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.180/2019.  275/2019, 31/2020, 267/2020, 67/2022, 79/2023 и 193/2024).

Образложение

I

Славко Лазовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 140 во „делот ако барањето е поднесено во рок од шест месеци од денот на исполнувањето на условите, а ако барањето е поднесено по истекот на тој рок од поднесувањето на барањето и за шест месеци наназад“ од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018 и 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.180/2019.  275/2019, 31/2020, 267/2020, 67/2022, 79/2023 и 193/2024).

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба е спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 став 2  од Уставот и не е во согласност со начелото на рамноправност на граѓаните во правните односи, начелото на забрана на предизвикување на штета, начелото на еднаквите вредности на давања, начелото на добро однесување во извршувањето на обврските и остварувањето на правото и воздржување од постапки со кои се отежнува извршувањето на обврските на другиот, начелото на интегративен карактер на правилата, воздржување од постапување со кое се намалува имотната сигурност на граѓаните и нивната положба во општеството, каки и начелото на потреба од воспоставување на соработка, меѓусебна поврзаност и зависност, заемна одговорност и солидарност.

Во иницијативата се наведени причините поради кои одредбите од оспорениот член 140 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување се спротивни на Уставот и тоа што со неподнесувањето на барање за остварување на правото на пензија од различни причини има непосредни последици врз граѓаните, иако тие го стекнале правото на пензија со исполнување на условите односно со донесување на поединечен управен акт се укинува правото на пензија кое е веќе стекнато. Исто така, како причина за оспорување во наводите на иницијативата се укажува на тоа дека непостоење на управен акт, не значи дека правото не е остварено, туку со управниот акт истото само се потврдува. Потоа, според подносителот, наметнувањето на одреден рок ги поништува правата кои се тешко отстранливи посебно, правата од пензиско и инвалидско осигурување, рокот од шест месеци наназад значи дека  осигуреникот нема да ја добива пензијата по престанувањето на осигурувањето, иако правата од пензиското и инвалидското осигурување се неотуѓиви лични материјални права и не можат да се пренесуваат на други лица. Односно, овие права се остваруваат врз основа на податоците за осигуреникот за плата и стаж во матичната евиденција на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување којшто е должен да ги чува 40 години и по остварувањето на правото.

Понатаму во иницијативата се наведува дека оспорената одредба е спротивна на Законот за општата управна постапка од причина што Фондот за пензиско и инвалидско осигурување треба да го повика осигуреникот на кого му престанува осигурувањето за да го оствари правото на пензија што подразбира реализација на начелото на сервисна ориентираност. Според подносителот на иницијативата, оспорените одредби се спротивни на начелото на утврдување на материјална вистина, што подразбира утврдување на фактите за донесување на законито и правилно решение; спротивно на начелото на законитост, според кое начело не смее да изостане ниту еден факт, како што е фактот дека опфатот на осигурениците е уреден со закон односно странките може да се објективно спречени за поднесување на барање, исто така може околностите на докажување на факти ги зголемуваат трошоците за остварување на правата и од тие причини се бара укинување на истите.

II

На седницата Судот утврди дека во член 140 став (1) од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 98/2012; 166/2012; 15/2013; 53/2013; 170/2013; 43/2014; 44/2014; 97/2014; 113/2014; 160/2014; 188/2014; 20/2015; 61/2015; 97/2015; 129/2015; 147/2015; 154/2015; 173/2015; 217/2015; 27/2016; 120/2016; 132/2016; 27/2018; 35/2018; 220/2018; 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 180/2019; 275/2019; 31/2020; 94/2020; 267/2020; 67/2022; 79/2023 и 193/2024), е предвидено дека правата од пензиското и инвалидското осигурување утврдени со овој закон, се стекнуваат и пристигнуваат со денот на исполнувањето на условите, ако барањето е поднесено во рок од шест месеци од денот на исполнувањето на условите, а ако барањето е поднесено по истекот на тој рок од поднесувањето на барањето и за шест месеци наназад.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со член 9 од Уставот на Република Северна Македонија, граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во член 34 од Уставот е предвидено дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Согласно со член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018 и 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.180/2019.  275/2019, 31/2020, 267/2020, 67/2022, 79/2023 и 193/2024) се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување, опфатот на осигуреници, правата кои се остваруваат од ова осигурување, матичната евиденција на осигурениците и корисниците на права од пензиското и инвалидското осигурување, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани од причина што со член 140 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување се уредува користењето и губењето на правата од пензиското и инвалидското осигурување. Според став 1 од овој член од Законот, правата од пензиското и инвалидското осигурување утврдени со овој закон, се стекнуваат и пристигнуваат со денот на исполнувањето на условите, ако барањето е поднесено во рок од шест месеци од денот на исполнувањето на условите, а ако барањето е поднесено по истекот на тој рок од поднесувањето на барањето и за шест месеци наназад. Согласно со став 2 од истиот член, правото на старосна пензија се остварува по престанокот на осигурувањето. Со став 3 и став 4 од овој член од Законот, се уредува остварувањето на правото на инвалидска пензија, кое право се остварува врз основа на решение за утврдена инвалидност, најдоцна во рок од три месеци од правосилноста на решението. Доколку правото на инвалидска пензија не биде остварено во рокот определен во ставот 3 на овој член, осигуреникот се упатува на повторен комисиски преглед, по службена должност.

Судот, исто така, утврди дека во иницијативата, не се врши соодветна дистинкција помеѓу стекнувањето и остварувањето на правата. Законот за пензиското и инвалидското осигурување, во член 140 прави јасна разлика дека правата од пензиското и инвалидското осигурување се стекнуваат и пристигнуваат со денот на исполнувањето на условите утврдени со закон, додека остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување се врши по барање на осигуреникот, односно на корисникот на пензија, а по барање на членот на семејството за остварувањето на право на семејна пензија и други права на членовите на семејството на осигуреникот, односно на корисникот на пензија.

Член 126 од Законот, пропишува дека постапката за остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување се поведува по барање на осигуреникот, односно на корисникот на пензија. Оваа одредба е во согласност со Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/15 и 65/18), според кој постапката за остварување на правата се поведува на барање на странката, не по автоматизам по исполнувањето на условите.

Странката, согласно со член 52 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ 38/2005; 110/2008; 118/2008; 51/2011), барањето за остварување на право, односно правен интерес може да го достави на образец, кој јавниот орган е должен да го изготви, а на кој таксативно се наведени доказите и податоците кои странката е должна да ги приложи кон барањето и доказите и податоците кои јавниот орган надлежен за решавање на работата ги прибавува по службена должност.

Законот за општата управна постапка, исто така, ги уредува правните последици зависно од тоа дали во постапката постои барање, така според член 124 став 1 алинеја 5 од овој закон, за ништовен се огласува управен акт што го донел органот без претходно барање на странката, а со кој управен акт странката дополнително, изречно или молкум се согласила, потоа според член 136 се запира извршувањето на управен акт по службена должност и спроведените дејствија ќе се поништат, ако се утврди дека барателот на извршувањето се откажал од своето барање итн.

Согласно со член 140 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, според кој пристигнувањето на правата е со денот на исполнувањето на условите, ако барањето е поднесено во рок од шест месеци од денот на исполнувањето на условите, а ако барањето е поднесено по истекот на тој рок од поднесувањето на барањето и за шест месеци наназад, подразбира дека со исполнувањето на условите за стекнувањето на правото пристигнува обврската на Фондот за вршење на исплата ако барањето за остварувањето на правото е направено во рок од шест месеци од исполнувањето на условите, доколку барањето е поднесено по рокот од шест месеци од исполнувањето на условите за остварувањето на правото, тогаш обврската на Фондот за исплата пристигнува од поднесувањето на барањето и за шест месеци наназад.

Согласно со член 6 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување правата од пензиското и инвалидското осигурување се неотуѓиви, лични материјални права и не можат да се пренесуваат на други лица. Правата од пензиското и инвалидското осигурување не можат да застарат, освен пристигнатите, а неисплатени износи на пензии и на други парични примања, во случаите утврдени со закон. Правата од пензиското и инвалидското осигурување осигуреникот може да ги остварува во кое било време по исполнување на условите предвидени со овој закон, бидејќи истите не застаруваат.

Со законското решение „правата од пензиското и инвалидското осигурување утврдени со овој закон, се стекнуваат и пристигнуваат со денот на исполнувањето на условите, ако барањето е поднесено во рок од шест месеци од денот на исполнувањето на условите, а ако барањето е поднесено по истекот на тој рок од поднесувањето на барањето и за шест месеци наназад“ се обезбедува правна сигурност и финансиска одржливост на пензискиот систем, со оглед на тоа што правата од пензиското и инвалидското осигурување се засновуваат на генерациска солидарност, што значи од придонесот кој се наплатува од тековните осигуреници се исплаќаат правата за тековните корисници.

Оваа одредба е во корелација со начелото на пропорционалност според кое при водењето на управната постапка јавниот орган треба да ѝ овозможи на странката да ги оствари и заштити своите права и правни интереси, доколку истите не се на штета на правата и правните интереси на другите странки или трети лица и не се на штета на јавниот интерес утврден со закон. Остварувањето на правата на странките не може да биде временски неопределено, бидејќи предизвикува нарушување на системот и попречување на други лица во остварувањето на истото право. Со ова се обезбедува начелото на еднаквост, непристрасност и објективност, според кое органите во управната постапка се должни да обезбедат еднаква, непристрасна и објективна примена на законите и другите прописи во решавањето на управните работи.

Според наведеното, Судот оцени дека член 140 став 1 во делот „ако барањето е поднесено во рок од шест месеци од денот на исполнувањето на условите, а ако барањето е поднесено по истекот на тој рок од поднесувањето на барањето и за шест месеци наназад“ од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, не е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот на Република Северна Македонија.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски