У.бр.237/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.237/2024
Скопје, 26.02.2025 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 26 февруари 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА барањето на Влатко Стојанов од Битола, за заштита на слободите и правата коишто се однесуваат на слободата на одлучување односно правото на информирана согласност.

Образложение

I

Влатко Стојанов од Битола, до Уставниот суд, поднесе барање за заштита на слободите и правата коишто се однесуваат на слободата на одлучување односно правото на информирана согласност.

Според наводите во барањето, Основниот суд Битола, со Решението ПРК-О-7/24 од 18.03.2024, на барателот му изрекол глоба само затоа што барателот се повикал на правото на информирана согласност и не дозволил вакцинација на неговото дете. Барателот, смета дека е неправедно осуден за сторен наводен прекршок според член 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести, заснован на правно и фактички неосновани наводи.

Барателот наведува дека Министерството за здравство ги повредило неговите човечки и родителски права, како и правата на детето како потенцијален пациент, а делото кое му се става на товар не било и не може да биде прекршок.

Имено, подносителот и неговата сопруга, двајцата како одговорни родители, одложиле одреден медицински третман на нивното дете – вакцинирање со одредена вакцина од причина што не биле прописно информирани и уверени во вакцината која нивното дете требало да ја прими, од кои причини одбиле да го изложат на здравствен ризик за кој тие како родители не биле спремни да го преземат.

Понатаму, барателот во барањето наведува и цитира повеќе одредби од правната регулатива од Уставот како и од Законот за заштита на правата на пациентите, Законот за заштита на населението од заразни болести, Законот за судовите, Законот за семејство, Законот за ратификација на Конвенцијата за заштита на човековите права и достоинството на човечкото суштество во однос на примената на биологијата и медицината, Универзална декларација за човековите права, Европската конвенција за заштита на човековите права, Декларација за промоција на правата на пациентите во Европа, Повелбата за основните права на Европската Унија и наведува примери од Европскиот суд за човекови права.

Барателот смета дека согласно сите правни регулативи, пациентот има право да биде информиран за можните несакани ефекти во текот на лекувањето и за сите непријатности и ризици кои може да ги доживее. Автономно и исклучиво е правото на пациентот да го прифати или одбие она што лекарот ќе му предложи и образложи што во превод значи информирана согласност – слободен избор односно самоопределување.

Според барателот, информираната согласност подразбира согласност од пациентот со негова волја, согласност без влијание од друго лице и согласност врз основа на разбирање на својата автономна и рационална одлука.

Барателот смета дека нивното родителско право е слободно да донесат одлука, во име на своето дете, дали ќе дозволат детето да биде вакцинирано или не.

Според барателот, член 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести, по кој е казнет со глоба, е спротивен на сите домашни и меѓународни прописи кои ги набројува и цитира подносителот. Делото за кое бил осуден не било прекршок бидејќи истото не било правилно инкриминирано со Законот за прекршоците, од причина што смета дека неговата постапка е директно допуштена со меѓународното право, со што му била загрозена правната сигурност и владеењето на правото.

Тој наведува дека делото за кое бил казнет со глоба, не постои од причина што не постојат претпоставки дека делото постои односно не ги содржи сите елементи коишто го чинат прекршокот.

Смета дека било повредено нивното основно човечко и родителско право слободно да одлучуваат и заземат став на кој ќе му веруваат. Тие како родители, откако се информирале на веб-страницата на Бирото за лекови и во консултација со пријатели – медицински и фармацевтски стручњаци, донеле одлука да не го вакцинираат детето се додека сами не оценат дека е апсолутно нужно и потребно тоа да го сторат. Смета дека преиспитувањето на одлуката сепак  треба да биде нивна одлука, но не под присилба со финансиски санкции.

На крајот во барањето се наведува дека прашањето за вакцинирање е правно прашање бидејќи претставува мешање во човековите слободи и права, ограничување на родителските права спротивно на конвенциите и другите прописи кои ги штитат човековите права на носење на слободна одлука и на право на избор.

Со оглед на тоа дека судот не ги заштитил нивните права, односно не го сакционирал ограничувањето на човековите права, барателот од Уставниот суд побара заштита на правото на информирана согласност.

II

На седницата Судот утврди дека со Пресудата ПРК-О-7/24 од 18.03.2024 година, Основниот суд Битола постапувајќи во прекршочен предмет против обвинетиот Влатко Стојанов од Битола, а по барање за поведување на прекршочна постапка на Министерството за здравство, надлежен санитарен и здравствен инспекторат, сектор за инспекциски надзор ПО Битола бр. ИП1-09-494 од 15.01.2024 година, за прекршок од член 33 став 2, казнив по член 67 став 1 точка 6 од Законот за заштита на населението од заразни болести, обвинетиот Влатко Стојанов од Битола е огласен за виновен, при што му е изречена прекршочна санкција глоба во износ од 150 евра во денарска противвредност, што претставува износ од 9.225,00 денари, кој обвинетиот бил задолжен да го плати во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата, под страв од присилна наплата.

Имено, во диспозитивот на пресудата е наведено дека обвинетиот Влатко Стојанов не извршил вакцинирање на своето дете за болестите утврдени со член 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести, односно детето ги немало примено вакцините за својата возраст според календарот за имунизација и тоа вакцинација притив МРП мали сипаници, заушки и црвенка и прва ревакцина со PENTAHIM вакцина против дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа и инфекции предизвикани од хемофилус инфлуенца тип Б.

Против ваквата пресуда, обвинетиот Влатко Стојанов, изјавил жалба, со која ја побивал пресудата заради законскиот основ за погрешна примена на материјалното право и предложил жалбата да се уважи, првостепената пресуда да се преиначи или да се укине и предметот да се врати на повторно судење.

Одлучувајќи по изјавената жалба, Апелациониот суд Битола, ја испитал побиваната пресуда, ги оценил жалбените наводи и списите на предметот и донел Пресуда ПРКЖ-260/24 од 14.05.2024 година, со која жалбата  на обвинетиот Влатко Стојанов ја одбил како неоснована и ја потврдил пресудата на Основниот суд Битола ПРК-О-7/24 од 18.03.2024 година.

III

Согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд на Република Северна Македонија е надлежен да одлучува за три групи на слободи и права на човекот и граѓанинот и тоа се оние кои се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, потоа на оние поврзани со политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно со член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Во барањето за заштита на слободите и правата, подносителот на барањето наведува дека со судската одлука му е повредено уставното право слобода на одлучување односно правото на информирана согласност.

Анализирајќи го барањето во целина наспроти уставните одредби и одредбите од Актот на Судот коишто се однесуваат на надлежноста на Уставниот суд во сферата на апстрактната надлежност и заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот, произлегува дека означените права и слободи од барањето, не спаѓаат во корпусот на слободи и права кои ги штити Уставниот суд на Република Северна Македонија, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот за отфрлање на барањето.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски