Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.97/2023
Скопје, 19.02.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 19 февруари 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Параграф 7 од Правилото за односите во вршењето на службата во Армијата на Република Северна Македонија, заведено под бр. 02-294/1 од 16.07.2012 година, донесено од началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.
Образложение
I
Исамудин Османлиу, законски застапник на здружението за развој „Млади за јавен интерес“ од Дебар, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Параграф 7 од Правилото за односите во вршењето на службата во Армијата на Република Северна Македонија, заведено под бр. 02-294/1 од 16.07.2012 година, донесено од началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.
Според подносителот на иницијативата, со одредбите во Параграф 7 од Правилото за односи во вршење на службата во Армијата на Република Северна Македонија, заведено под број 02-294/1 од 16 јули 2012 година, донесено од началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија се уредуваат одредени права, обврски и ограничувања на целокупниот воен персонал на службата во Армијата и на тој начин им се повредени основните слободи и права на човекот и граѓанинот од член 8 став 1 и став 2, односно правото на почитување на приватниот и семејниот живот од Европската конвенција за заштита на човековите права. Актот во кој е содржана оспорената одредба е подзаконски акт донесен врз основа на член 26 став 1 точка 11 од Законот за одбрана, во кое со оспорениот Параграф 7 од Правилото произлегуваат одредени права, обврски и ограничувања за целокупниот воен персонал на служба во Армијата, односно се наложува на целокупниот воен машки персонал секогаш да биде избричен и потстрижен. Се потстрижуваат средно – зулуфите до половина на увото, а косата да не паѓа на ушите и јаката на облеката, односно да не се витка преку работ на капата, шапката или беретката. Исто така не смее да се носи мустаќи, односно треба да бидат долги 0,5 см од горната усна и не смеат да преминуваат преку неа. Косата не смее да биде подолга од 5 см и постои апсолутна забрана на носење на брада без какви било можности за одредена допуштеност и естетски изглед.
Според наводите во иницијативата на тој начин со рестриктивна норма не се остава право на личен избор на поединецот во поглед на неговиот физички изглед што претставува израз на неговата личност, што е спротивно на темелните вредности на уставниот поредок предвидени во член 8 став 1 алинеи 1 и 11, со кои се гарантираат основните слободи и права на човекот и граѓанинот признаени со меѓународното право и утврдени со Уставот, односно нивно почитување. Воедно, подносителот на иницијативата смета дека оспореното правило е спротивно на член 11 и член 25 од Уставот на Република Северна Македонија.
Во иницијативата се наведува дека прашањето за носење брада е правно допуштено со Уставот, а со оспорената одредба се дозволува мешање во правото на приватен живот и од тие причини истата е спротивна на член 8 ставови 1 и 2 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, според која јавната власт не смее да се меша во остварувањето на правото на приватен и семеен живот, домот и преписката, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на поредокот и спречување на кривични дела, заштита на здравјето и моралот или заштита на правата и слободите на другите во едно демократско општество. Во врска со овие наводи во иницијативата се дава како пример предметот Birzietis protiv Litve на Европскиот суд за човекови права, во кој е кажано дека државата во одредени околности има право да го ограничи ова право, но тоа мора да биде во согласност со закон и јавниот интерес и со постигнувањето на одредена легитимна цел.
Според наводите во иницијативата, оспореното правило не е јасно поради кој интерес е донесено, ниту пак е тоа образложено. Мотивот за донесување на ваква рестриктивна норма не е резултат на некоја валидна анализа, туку е произволна одредба која задира во приватниот живот на поединецот. Доколку донесувачот на оваа одредба смета дека тоа е заради хигиенски, естетски или други потреби според кои се раководел при донесување на оваа одредба, тоа е спротивно на праксата на Европскиот суд за заштита на човековите права и слободи и се споменуваат повеќе држави членки на НАТО каде тоа не е случај. Поради наведените причини во иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Параграф 7 од Правилото и оспорената одредба да ја поништи.
II
На седницата Судот утврди дека со Параграфот 7 од Правилото за односите во вршењето на службата во Армијата на Репиблика Северна Македонија, се предвидува дека „Воениот персонал на служба во армијата мора секогаш да биде уредно облечен, избричен и потстрижан. Се потстрижуваат средно-зулуфите до половина на увото, а косата да не паѓа на ушите и јаката на облеката, односно да не се витка преку работ на капата, шапката или беретката. Не смее да носи брада, а ако носи мустаки, треба да бидат долги 0,5 см од горната усна и не смеат да преминуваат преку неа. Косата не смее да биде подолга од 0,5 см“.
III
Според член 8 став 1 алинеи 1 и 11 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, меѓу другото, се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и почитување на општо прифатените норми на меѓународното право.
Согласно со член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватност на неговиот личен и семеен живот на достоинството и угледот.
Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена неврабортеност. Според став 2 од овој член, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Според став 5 од истиот член на Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Согласно со член 54 од Уставот слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, за време на воена или вонредна состојба и истите не можат да бидат дискриминаторски по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Ограничувањето, меѓу другото, не може да се однесува на јавно изразување на мисла и вероисповест.
Според член 95 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон, а организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон. Органите на државната управа, согласно член 96 од Уставот, работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија предвидува дека Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот поредок на Република Македонија и не можат да се менуваат со закон.
Со член 122 од Уставот се предвидува дека вооружените сили на Републиката го штитат интегритетот и независноста на Републиката. Одбраната се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови.
Конвенцијата за заштита на правата на човекот и основните слободи на Советот на Европа е ратификувана со Закон, објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.11/1997 година.
Член 8 став 1 од Европската конвенција предвидува дека секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката и ставот 2 предвидува дека јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на поредокот и спречувањето на кривични дела, заштитата на здравјето и моралот, или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество.
Според членот 14 од Конвенцијата, уживањето на правата и слободите, признати со оваа конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.
Одбраната на Република Северна Македонија се организира како систем за одбрана на независноста и територијалниот интегритет на Републиката согласно член 1 став 1 од Законот за одбрана ( „Службен весник на РМ“ бр.42/2001, 73/2002, 78/2002, 52003, 58/2006, 110/2008, 51/2011, 151/2011, 251/2015, 42/2020).
Во остварувањето на одбраната на Републиката, граѓаните ги имаат следниве права и должности: 1) да извршуваат воена служба; 2) да извршуваат работна служба и 3) да извршуваат материјална служба. Извршувањето на воената служба на граѓаните согласно член 4 од Законот се состои од: доброволно служење на воениот рок и служба во резервните сили на Армијата. Доброволното служење на воениот рок е во траење од три месеци. Должноста за извршување на работната служба се остварува само во воена состојба. Извршувањето на материјалната служба е за потребите на Армијата во кризна, вонредна и воена состојба, како и при изведување вежбовни активности во мир, граѓаните, трговските друштва, јавните претпријатија, установите и службите се должни, на Министерството за одбрана по негово барање да му даваат на користење возила, машини, земјиште, објекти, како и други материјални средства, запрежен и товарен добиток.
Согласно со Законот, Армијата е вооружена сила на сите граѓани на Републиката. Армијата се организира, подготвува и оспособува за водење вооружена борба и борбени и други дејствија за остварување на својата уставна функција за одбрана на Републиката (член 23). Во Армијата владее посебен ред и дисциплина, правила кои гарантираат кохезија, безбедност и професионална служба. Односите се воспоставени според принципот на хиерархија и субординација.
Оперативните и стручните работи за организирање, подготвување и командување со Армијата ги врши Генералштабот на Армијата, како највисоко стручно тело во состав на Министерството за одбрана за прашањата кои се однесуваат на Армијата. Согласно со член 26 став 1 точка 18 од Законот за одбрана, началникот на Генералштабот го донел Правилото за односите во вршењето на службата во Армијата на Република Македонија, заведено под бр. 02-294/1 од 16.07.2012 година, публикација ПРА-АРМ-40-009 А, чиј параграф 7 е оспорен со предметната иницијатива.
Службата во Армијата се уредува со Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010, 132/2010 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012, 29/2014, 33/2015, 193/2015, 193/2015, 71/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019, 275/2019, 14/2020, 171/2022, 65/2023, 14/2024 и 30/2024), и со истиот се уредуваат статусот, правата, обврските, должностите и одговорностите на персоналот на служба во Армијата на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Армијата), како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата.
Службата во Армијата ја врши воен и цивилен персонал. Воен персонал, во согласност со членот 3 овој закон, е: а) активен воен персонал: воен старешина-офицер и подофицер и професионален војник; б) воен персонал на стручно оспособување, односно обука, војник на доброволно служење на воениот рок, лице на стручно оспособување и усовршување за офицер, односно подофицер и питомец на Воената академија и в) припадници на резервните сили поставени на должност согласно со актот за формација на Армијата и тоа: припадници на активната резерва и припадници на општата резерва. Цивилен персонал, во смисла на овој закон, е цивилно лице поставено на должност согласно со актот за формација на Армијата. Армијата е професионална служба.
Ставот 5 предвидува дека при вработувањето треба да се води сметка за соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, со почитувањето на критериумите на стручност и компететност.
Меѓусебните права и обврски на воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата и Министерството за одбрана се уредуваат со договор за вработување, во согласност со овој закон.
Прашањето кое се регулира со оспорениот параграф 7 од Правилото, во различни земји во Европа е регулирано на различни начини. Во Австрија, дозволени се мустаќи, брада и зулуфи без никакво ограничување. Во Белгија дозволени се мустаќи, брада, но уредни. Во Чешка Република дозволени се мустаќи, брада и зулуфи, но во природна боја, дадени се ограничувања за мустаќите, зулуфите и должината на косата. Во Данска, дозволено е било каков изглед, но се алудира на уредно потстрижена брада. Зулуфи не се дозволени. За војниците кои војувале во Авганистан, дозволена била брада. За војниците во Кралската гарда не е дозволена брада и иако не е забранета подолга коса, војниците се потстрижени, Во Естонија е дозволена подолга коса, но уредно потстрижена под ушите и назад на вратот, не се споменати никакви ограничувања за носење на брада, а во Финска, според Правилото 91 на финската воена одбрана, дозволено е носење мустаќи, брада или долга коса.
Компаративно согледување во однос на слободата на практикувањето на одредени права, обврски и ограничувања на целокупниот воен персонал на службата во Армијата во вооружените сили од земјите од Балканската безбедносна мрежа, добиени се следните информации:
Во Република Србија со указ на претседателот во 2012 година е донесен Правилник за служба во Армијата со кој не е дозволено носење на брада за војниците, но може да има исклучок во однос на воените старешини и резервисти. Во членот 35 од овој акт на војниците им е дозволено да носат мустаќи до еден сантиметар од ширината на долната усна и негувана кратка брада за воените старешини и резервисти која не и им пречела за користење на заштитна маска, без никакво објаснување зошто тоа не е дозволено за останатите војници.
Во Црна Гора изгледот на војниците е регулиран со член 23 од Правилата на службата во армијата во детали се пропишува должината и стилот на косата, какви мустаќи се дозволени, брада не е дозволена, мора да биде војникот избричен, не само поради практичност.
Во Босна и Херцеговина носењето на брада е дозволено и најзастапено е кај војниците од бошњачка националност. Министерството за одбрана зазеде став дека потребно е да се избричи војникот за да се употреби заштитна маска или друга опрема. После голема полемика, Уставниот суд донесе одлука во 2021 година со која носењето на брада е дозволено поради „повреда на правото на приватен живот и слободата на вероисповест кои се загарантирани со Уставот на Босна и Херцеговина и Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи.
Во Словенија носењето брада е широко присутна помеѓу војниците и старешините. Во Правилото за служба во армијата, односно војската на Словенија е предвидено дека брадата може да биде симбол на гордост и на идентитетот, но мора да биде усогласена со стандардите на воената служба. Во член 41 од Правилото нагласена е важноста за одржување на хигиена и потребата од уредност на војникот, додека во член 43 се прецизира дека правото да се носи брада и мустаќи е ограничено со тоа дека потребно е да бидат кратко истрижени, редовно да се негуваат и да бидат уредни.
Исто така и во Хрватска со Правило за служба во вооружените сили се уредува надворешниот изглед на војникот, должината на косата, обликот на фризурата, мустаќите и брадата. Во член 24 се прецизира дека брадата не смее да биде подолга од 0,5 см и не смее да пречи при извршувањето на професионалните должности.
Во Република Северна Македонија ова прашање е уредено со Правилото за односите во вршењето на службата во Армијата на Република Македонија, заведено под бр. 02-294/1 од 16.07.2012 година, донесено од началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија.
Од наведените уставни и законски одредби како и од направената компаративна анализа, утврдивме дека по однос на предметната иницијатива од формален аспект, основ за донесување на оспореното правило е член 26 став 1 точка 18 од Законот за одбрана. Од материјален аспект, при утврдување на својата надлежност задача на Судот е да ги идентификува суштинските обележја на правните акт коишто понекогаш и без потребната форма, некогаш и без потребната содржина потпаѓаат под контрола на уставноста и законитоста ако воспоставуваат општи правила на однесување на неопределен број субјекти.
Во конкретниот случај, оспореното Правило и по форма (иако Правилото не е објавено во „Службен весник на Република Северна Македонија“) и по содржина, преставува пропис подобен за уставно-судска оценка, бидејќи врз основа на законска одредба на општ начин пропишува и уредува обврски и односи на поширок круг субјекти (припадниците на Армијата, слушатели, припадници на странски армии и сл.), содржи општи правила односно општа обврска, има општозадолжителен карактер на правни последици коишто од него произлегуваат и истите имаат јавно значење.
По однос на спорното прашање дали со подзаконски акт може да се забрани носење на мустаќи, а притоа да постои апсолутна забрана за носење на брада без какви било одредници и можни исклучоци (проблеми со лузни, иритација на кожа, алергии и слично), Судот оцени дека во конкретниот случај началникот на Генералштабот на АРМ не ги пречекорил своите законски овластувања и не се ставил во улога на законодавец спротивно на член 8 став 1 алинеи 1 и 11, член 19 став 1 и 2 и член 54 од Уставот.
Судот ја имаше предвид посебноста на Армијата како субјект во кој при вршење на службата владеат посебни правила ред и дисциплина каде односите задолжително се воспоставени според принципот на хиерархија и субординација како и во секоја безбедносна структура во земјата како што се извршување на задачите на терен, логорувања, вежби и обуки каде припадниците на армијата носат шлем, заштитна маска, НХБ заштитни средства, гас маски и пореди потребата за правилна примена на наведените средства заради безбедност на поединецот и фактот дека должината на косата и брадата го попречува и го отежнува нивното правилно носење и примена.
Оттука, Судот оцени дека оспорената одредба Параграф 7 од Правилото за односите во вршењето на службата во Армијата на Република Северна Македонија, не е во спротивност со темелните вредности на уставниот поредок, утврдени во член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 од Уставот, односно на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, начелото на владеење на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски