У.бр.215/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.215/2024
Скопје, 12.02.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 12 февруари 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 63 од Законот за преземање на акционерските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.69/2013, 188/2021, 166/2014, 154/2015, 23/2016, 248/2018 и„Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.31/2020).

Образложение

I

Адвокатското друштво Апостолски од Скопје, преку адвокатот Јордан Апостолски до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 63 од Законот за преземање на акционерските друштва („Службен весник на  Република Македонија“ бр.69/2013, 188/2021, 166/2014, 154/2015, 23/2016, 248/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.31/2020).

Цел на оваа иницијатива, според подносителот е поведување постапка за оценување на уставноста на член 63 од Законот за преземање на акционерските друштва („Службен весник на  Република Македонија“ бр.69/2013, 188/2021, 166/2014, 154/2015, 23/2016, 248/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.31/2020) со кои одредби е регулирана принудната продажба на малцинските акционери, од причини што истите се во спротивност со темелните вредности на уставниот поредок односно член 8 став 1 алинеи 6 и 7, член 30 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија како и со член 1 од Протоколот 1 (заштита на сопственоста) на Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи.

Во образложението на иницијативата ги цитира уставните одредби и оспорениот член од Законот и наведува дека наспроти сопственичкиот карактер на акциите, со оспорените одредби од член 63 се уредува принудната продажба на акциите под услови и на начин пропишани во Законот што е во спротивност со правната заштита на сопственоста, слободата на пазарот и претприемништвото.

Понатаму, наведува дека Уставот го гарантира правото на сопственост, а сопственоста може да биде одземена само или ограничена само во случај кога се работи за јавен интерес, утврден со закон, но со оспорените одредби на член 63 од Законот, одземањето на сопственоста на акциите со принудна продажба, не било од јавен интерес и на тој начин се вршела злоупотреба на правата на малцинските акционери.

Од овие причини подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 63 од Законот за преземање на акционерските друштва и истиот да го поништи или укине.

II

На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 63 став 1 од Законот за преземање на акционерските друштва е определено дека доколку преземачот во постапката за преземање се стекнал со најмалку 95% од хартиите од вредност на целното друштво, тој има право да ги купи и хартиите од вредност на останатите акционери коишто не ја прифатиле понудата за преземање.

Според став 2, купувањето на хартии од вредност од ставот (1) на овој член се врши под условите определени во понудата за преземање, односно во последната променета понуда за преземање.

Во став 3 е определено дека преземачот кој сака да го искористи правото од ставот (1) на овој член е должен до овластениот депозитар да поднесе барање за принудна продажба на хартиите од вредност на акционерите кои не ја прифатиле понудата за преземање во кое ги наведува условите за купување на хартиите од вредност и да изврши уплата на паричниот износ потребен за откуп на хартиите од вредност на посебна сметка на овластениот депозитар.

Со оспорениот став 4 е пропишано дека овластениот депозитар ги известува сите акционери за поднесеното барање за принудна продажба и ги повикува сите акционери да достават податоци за сметка во банка на која ќе им се изврши уплатата за продадените хартии од вредност врз основа на принудната продажба.

Согласно став 5, преземачот може да го поднесе барањето од ставот (3) на овој член во рок не подолг од 90 дена од денот кога согласно со членот 49 став (3) од овој закон го објавил решението на Комисијата за успешност на понудата за преземање во „Службен весник на Република Северна Македонија“ а во став 6 од истиот член е пропишано дека преземачот го објавува барањето од ставот (3) на овој член.

Понатаму, Судот утврди дека во оспорениот став 7 е регулирано дека без оглед на начинот на плаќање определен во понудата за преземање, во барањето од ставот (3) на овој член како една од алтернативите за плаќање на хартиите од вредност, преземачот мора да понуди плаќање на цената на хартиите од вредност во готово.

Според оспорениот став 8, во врска со пренесувањето на хартиите од вредност и исполнувањето на паричните обврски по основ на принудната продажба, соодветно се применуваат одредбите од членовите 50, 51 и 52 од овој закон, при што роковите за исполнување на обврските течат по истекот на рокот од ставот (5) на овој член, додека според став 9, трошоците за реализација на принудната продажба паѓаат на товар на преземачот.

Согласно став 10, принудната продажба од ставот (2) на овој член се спроведува како нетрговски пренос во овластениот депозитар и на ваквата продажба не важат одредбите од членот 72 став (2) од Законот за хартии од вредност.

III

Со член 8 став 1 алинеи 6 и 7 од Уставот, се уредени правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото како темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.

Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Видно од член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувување на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Според членот 58 став 1 од Уставот, сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето.

Законот за хартии од вредност („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/05, 25/07, 7/08, 45/09, 57/10, 135/11, 13/13, 188/13, 43/14, 15/15, 154/15, 192/15, 23/16, 83/18, „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 31/20, 288/21, 53/24) предвидел дека за сѐ она што не е уредено со Законот за хартии од вредност, ќе се применуваат одредбите од Законот за трговските друштва, Законот за стечај и Законот за општата управна постапка.

Според член 2 од Законот за хартии од вредност, „акција“ е сопственичка хартија од вредност, која претставува неделив и идеален дел од основната главнина на акционерското друштво или командитно друштво со акции. Акциите можат да бидат обични и приоритетни.

Во член 31 став 1 од  Законот за хартии од вредност е регулирано дека правата на сопственост од хартиите од вредност настануваат со запишувањето на хартијата од вредност на сметка на сопственикот во депозитарот и се пренесуваат со запишување на хартијата од вредност на сметката на новиот сопственик во депозитарот. Според став 2 на истиот член, правата од хартијата од вредност се стекнуваат, ограничуваат или пренесуваат единствено со соодветното запишување на сметките на хартии од вредност во депозитарот, освен ако со закон поинаку не е утврдено.

Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.28/04, 84/05, 25/07, 87/08, 42/10,48/10, 24/11,166/12, 70/13, 119/13, 120/13, 187/13, 38/14, 41/14, 138/14, 88/15, 192/15, 6/16, 30/16, 61/16, 64/18, 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 290/20, 215/21 и 99/22) во член 3 го дефинирал поимот  „акција“ како хартија од вредност (којашто може да ја издаваат акционерското друштво и командитното друштво со акции) во која што е претставен дел од основната главнина и во која се отелотворуваат правата на акционерот кој, како сопственик на акцијата, не е доверител на друштвото ниту сопственик на еден дел од имотот на друштвото.

Според истиот член пак, „Влог во друштвото“ претставуваат пари, ствари, права коишто содружникот односно акционерот му ги отстапува и пренесува на трговското друштво во постапката на основање или во постапката на зголемување на основната главнина на друштвото, односно труд и услуги кога тоа со овој закон е допуштено.

Според член 270 од Законот за трговските друштва, акционерско друштво е трговско друшто во кое акционерите учествуваат со влогови во основната главнина, којашто е поделена на акции. Акционерите не одговараат за обврските на акционерското друштво. Од одредбите од овој закон со којшто се уредува акционерското друштво, може да се отстапува на начин и според условите пропишани со овој закон и со други закони.

Во одделот V од овој закон, со наслов „Правни односи меѓу друштвото и акционерите“ од член 321 до член 335 помеѓу другото е определено начелото на еднаква положба на акционерите односно акционерите под еднакви услови имаат еднаква положба во друштвото; акционерот е должен да го плати износот на акцијата; друштвото ќе ги продаде акциите што му ги одзело на „исклучениот“ акционер (кој не ги платил акциите) и исклучениот акционер има обврска да плати и договорна казна ако е утврдена во јавниот повик, а не се исклучува и одговорноста на исклучениот акционер за причинетата штета на друштвото поради пропуштањето на уплатата; акционерите имаат право на учество во добивката, освен ако според одлука на собранието за употреба на добивката донесена врз основа на закон или статут, добивката е изоставена од распределбата меѓу акционерите, а учеството на акционерите во добивката се определува според родот и класа на акциите; друштвото може да стекнува сопствени акции со откуп, самото или преку лице кое дејствува во свое име а за сметка на друштвото, а кога друштвото стекнува сопствени акции пропорционално од сите акционери  донесува одлука за тоа и упатува јавен повик со понуда до сите свои акционери; и според членот 335 став 7 од овој закон стекнување на сопствени акции на друштвото се врши и по сила на законска обврска или врз основа на одлука на суд.

Понатаму, согласно член 532 од истиот Закон, ако најмалку 90% од уделите, односно акциите во кои што е претставена главнината на друштвото кое што се присоединува или што се дели ги држи друштвото кое што презема, не е потребна согласност на содружниците, собирот на содружниците и собранието на друштвото кое што презема.

Согласно член 535 од Законот за трговските друштва, на содружник, односно акционер кој се изјаснил дека не сака за неговиот удел, односно акции да преземе удел, односно акции во друштвото што презема, друштвото е должно да му го откупи уделот, односно акциите според цена утврдена во одлуката за присоединување, спојување, односно поделба.

Законот за преземање на акционерските друштва („Службен весник на Република Македонија” бр.69/13, 188/13, 166/14, 154/15, 23/16, 248/18 и „ Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 31/20) во член 1 го уредува начинот, условите и постапката за преземање на акционерските друштва, правата и обврските на учесниците во постапката за преземање и надзорот над спроведување на постапката за преземање на акционерските друштва. За сѐ она што не е уредено со овој закон ќе се применуваат одредбите од Законот за трговските друштва и Законот за општата управна постапка.

Според одредбите од овој закон, „Понуда за преземање“ е дефинирана како јавно објавена понуда, задолжителна или доброволна, упатена до сите иматели на хартии од вредност во целното друштво (акционерско друштво чии хартии од вредност се предмет на понудата за преземање) со цел да се стекне контрола во целното друштво; „Прифаќач на понудата“ е имател на хартии од вредност на целното друштво кој ја прифатил понудата за преземање а „Преземач“ е секое лице кое дава понуда за преземање под услови и на начин определен со овој закон.

Со одредбите од глава III „Постапка во врска со понуда за преземање” од Законот за преземање на акционерските друштва, од член 21 до член 39 детално е уредена постапката, начинот, роковите и условите за преземање односно откупот на хартии од вредност од акционерските друштва.

Имено, сите акционери на целното друштво се рамноправни во постапката за преземање. Преземачот за намерата за преземање на целното друштво ги известува Комисијата за хартии од вредност, органот на управување на целното друштво, берзата, депозитарот на хартии од вредност и Комисијата за заштита на конкуренција и истото го објавува во  најмалку еден дневен весник и во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Преземачот склучува договор со депозитарот на хартии од вредност и депонира паричен износ, потребен за плаќање на сите хартии од вредност на кои се однесува понудата за преземање на посебна сметка во депозитарот.

Понатаму, членовите на органот на управување на преземачот и членовите на органот на управување на целното друштво ја известуваат Комисијата за хартии од вредност, депозитарот на хартии од вредност и Комисијата за заштита на конкуренцијата за исходот од понудата за преземање.

Депозитарот на хартии од вредност ја исполнува паричната обврска кон лицата што ја прифатиле понудата и истовремено ги префрла хартиите од вредност на сметка на преземачот доколку понудата за преземање била успешна.

Понудата за преземање од страна на имателите на хартии од вредност издадени од целното друштво се прифаќа со писмена изјава. Изјавата за прифаќање на понудата се испраќа на овластеното правно лице (брокерска куќа или банка), при што имателите на хартии од вредност ги резервираат хартиите од вредност на посебна сметка на овластениот депозитар и не можат повеќе да располагаат со нив а Комисијата за хартии од врдност, донесува решение за успешност на откупот.

Според одредбите од глава IX „Посебен третман на малцинските акционери” во член 63 (кој е оспорен во иницијативата) со поднаслов „Принудна продажба” во став 1 е утврдено право, а со останатите одредби од ставовите 2 до 10 од овој член од Законот е детално регулирано остварувањето на тоа право, според кое доколку преземачот во постапката за преземање откупи најмалку 95% од хартиите од вредност на целното друштво, тој има право да ги купи и хартиите од вредност на останатите акционери што не ја прифатиле понудата за преземање. Ова дополнително купување мора да биде извршено според истите услови, определени во понудата за преземање, односно на нејзината последна променета понуда за преземање.

За остварување на ова право, преземачот доставува барање до овластен депозитар за реализација на принудна продажба на хартиите од вредност односно акциите на акционерите кои не ја прифатиле понудата во рок не подолг од 90 дена од денот на објавувањето на решението на Комисијата за успешност на понудата за откуп објавено во „Службен весник на Република Северна Македонија“. Во барањето за принудна продажба, како начин на плаќање за откупот должно е да понуди плаќање во готови пари и паричниот износ потребен за откуп на хартиите од вредност да бидат уплатени на посебна сметка на овластениот депозитар.

Со иницијативата во овој предмет и видно од нејзиното образложение оспорен е само член 63 односно подносителот иницира уставно проблематизирање само на правата и обврските од овој случај а не и член 64 со поднаслов „Принудно купување” и покрај фактот што со двете одредби Законот уредил реципрочни права на субјектите во откупот кој е предмет на уредување со Законот.

Со член 64 од Законот, е уредено правото доколку понудувачот во постапката за преземање се стекнал со најмалку 95% од акциите односно од хартиите од вредностна целното друштво, тој има обврска да ги купи и акциите на останатите акционери што не ја прифатиле понудата за преземање, доколку овие акционери поднесат барање за принудно купување до овластениот депозитар. Ова дополнително купување мора да биде извршено според истите услови кои се однесувале на понудата за преземање, односно во последната променета понуда за преземање.

Имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби и од анализата на оспорениот член 63 од Законот, Судот утврди дека за оспорените одредби не може основано да се постави прашањето за согласноста со Уставот, од причини што сопственик на право на управување и располагање со имотот со кој работи акционерското друштво е само друштвото. Акционерите се сопственици единствено на акциите односно хартиите од вредност (во хартиена или електронска форма). Тие единствено можат да ги продадат акциите (договорно, по сила на законска обврска или одлука на суд) коишто ги поседуваат и на тој начин да стекнат ликвиден имот, кој можат дирекно да го управуваат или користат. Акционерите немаат никакви други материјални права врз имотот врз кој и да е дел од имотот на акционерските друштва. Акциите се финансиска хартија од вредност која на имателот му дава сопственички права во одредена компанија, но тие права се во рамки кои се движат меѓу нивната волја, управните структури на корпорацијата односно друштвото и законските прописи.

Впрочем, никој не го присилува лицето да биде акционер односно имател на хартии од вредност и да подлежи на односите кои се уредени со закон за оваа материја, но доколку е носител на акции односно хартии од вредност тој ќе треба да го прилагоди своето управување и располагање со акциите на начин и под услови кои се законски детерминирани и кои се однесуваат за сите во исти услови.

Од друга страна пак, акциите како и другите хартии од вредност се институти комплексно уредени со повеќе закони и други прописи од финансиската сфера, и не може изолирано надвор од тие односи да се разгледува прашањето на акциите како право на сопственост кое било уставно гарантирано и неприкосновено, имајќи предвид дека акцијата дава само права со закон определени, и сопственоста нема апстрактен карактер како што иницијаторот ја смета.

При градење на правното мислење по однос на наводите во иницијативата, го земавме во предвид и образложението на Предлог-законот за преземање на акционерските друштва каде јасно се истакнува потребата од донесување на Законот како начин на усогласување со Директивата 2004/25/ЕЗ која се однесува на понуди за преземање, јакнење на заштитата на сопствениците на хартии од вредност, пред се малцинските акционери во друштвата кои се предмет на преземање и воспоставување на јасни и транспарентни правила при преземањето на акционерските друштва.

Имено, според член 15 од оваа директива, земјите членки ќе обезбедат понудувачот кој ја доставил понудата за преземање на акциите може да бара сите иматели на останатите хартии од вредност кои првично не ја прифатиле понудата за откуп да ги продaдат по фер цена, во следниве ситуации: а) кога понудувачот веќе има хартии од вредност со најмалку 90% од капиталот кој носи право на глас и б) кога по прифаќањето на јавната понуда понудувачот допрва ќе стекне не помалку од 90% од капиталот на компанијата со хартии од вредност со право на глас.

Во однос на дополнителниот откуп на акции од малцинските акционери се гарантира фер цена, која треба да биде еднаква на онаа која е понудена во понудата за преземање или онаа цена која им е платена во готово на акционерите.

Исто така за компарација, го земавме предвид и Законот за преземање на акционерски друштва во Република Хрватска („Народна новина” бр.148/13)  кој со член 45 го уредил „правото на пренос на акциите од малцинските акционери“ и со член 46 го уредил „правото на продажба на акциите на малцинските акционери“.

Според член 45 од овој Закон, понудувачот има право на превземање на акциите од малцинските акционери со обврска да ги откупи со правичен надомест, доколку понудувачот држи најмалку 95% акции со право на глас во акционерското друштво, и овие односи со одредбите од членот се детално регулирани, а според член 46 од Законот, малцинскиот сопственик има право на продажба на своите акции со право на глас на понудувачот кој држи најмалку 95% акции со право на глас во акционерското друштво, и овие односи се детално уредени со одредбите од овој член од Законот.

Оттука, Судот утврди дека оваа законска регулатива не е непозната во компаративното и правото на ЕУ туку напротив,  присутно е правното регулирање и во други земји на принудната продажба и принудното купување на акциите од малцинските акционери, на начин и под услови кои се со закон уредени, а тоа прашање е содржано и во Директивата на ЕУ.

Постоењето на овој правен режим е во релација со веќе изнесената анализа за акциите и правата на нивните носители, па оттука не може да се прифати наводот во иницијативата дека со оспорените одредби со кои се воспоставува принудната продажба на акции, биле повредени одредбите од Уставот. Напротив станува збор за регулирање на овие прашања што подеднакво се однесуваат на сите учесници односно субјекти во такви услови во слободното пазарно стопанство и претприемништво во Република Северна Македонија.

Од изнесеното Судот оцени дека за оспорените одредби од Законот за преземање на акционерските друштва не може основано да се постави прашањето за согласноста со член 8 став 1 алинеи 6 и 7, член 30 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија како и со член 1 од Протоколот 1 (заштита на сопственоста) на Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи.

IV

Врз основа на наведеното, Судот  одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р  Дарко Костадиновски