У.бр.178/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.178/2024
Скопје, 12.02.2025 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 алинеja 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 12 февруари 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛA иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 222 во делот „процесната“ од Законот за семејството („Службен весник на Република Македонија” број 80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/2010, 156/2010, 39/2012, 44/2012, 38/2014, 115/2014, 104/2015 и 150/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 53/2021, 199/2023 и 199/2023).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 222 во делот „процесната“ од Законот за семејството („Службен весник на Република Македонија” број 80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/2010, 156/2010, 39/2012, 44/2012, 38/2014, 115/2014, 104/2015 и 150/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 53/2021, 199/2023 и 199/2023).

Според наводите во иницијативата и во поднесокот за дополнување на иницијативата, подносителот бара поведување постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од  член 222 од Законот за семејството, од причина што не е во согласност со начелото на владеење на правото.
Подносителот наведува дека во член 222 од Законот делот од одредбата „процесната“ може да доведе до забуна во неговата примена, што е во спротивност со владеењето на правото.

Исто така подносителот наведува дека во член 222 оспорениот дел „процесната“ од Законот, упатува на примена на пропис од  „Законот за процесната постапка“, а со тоа и примена на одредби од пропис кој од 19.07.1998 година не е повеќе дел од правниот промет. Со влегување во сила на Законот за парничната постапка, објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.33/1998 односно од 19.07.1998 година, престанал да важи Законот за процесната постапка („Службен лист на СФРЈ“ бр.4/77….35/91), на кој закон упатува оспорената одредба.

Во овој контекст, подносителот наведува дека кога една одредба се повикува на примена на друга одредба односно се повикува на примена на одредби од закон, потребно е законот кој ги содржи одредбите на чија примена се упатува, да е дел од правниот поредок.

Според подносителот, повикувањето на примена на одредби или закон кој не е повеќе во правниот поредок доведува до заблуда при операционализација на одредбата или законот кој упатува на примена на одредбата односно одредбите од законот кои повеќе не се во правниот промет, не е во согласност со начелото на владеење на правото предвидено во Уставот на Република Северна Македонија.

Поради горенаведеното, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од  член 222 од Законот за семејството и да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот дел од одредбата се до окончување на постапката.

II

На седницата Судот утврди дека во член 222 од Законот за семејството („Службен весник на Република Македонија” број 80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/2010, 156/2010, 39/2012, 44/2012, 38/2014, 115/2014, 104/2015 и 150/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 53/2021, 199/2023 и 199/2023), е уредено дека „Во постапките во кои судот одлучува во брачните, семејните и други спорови од овој закон како и за насилството во бракот и семејството се применуваат одредбите на Законот за процесната постапка и Законот за извршување, ако со овој закон не е поинаку определено”.

III

Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се оспорува член 222 во делот „процесната” од Законот за семејството, кој според подносителот ја има следната содржина: „Во постапките во кои судот одлучува во брачните, семејните и други спорови од овој закон како и за насилството во бракот и семејството се применуваат одредбите на Законот за процесната постапка и Законот за извршување, ако со овој закон не е поинаку определено”.

Во конкретниот случај, се утврди дека во 2014 година, е донесен Закон за изменување и дополнување на Законот за семејството („Службен весник на Република Македонија” број 38/2014), каде во член 9 се наведува „Низ целиот текст на Законот зборот „процесната“ се заменува со зборот „парничната”, зборот „вонпроцесна” се заменува со зборот „вонпарнична”, а зборовите „извршната постапка” се заменуваат со зборот „извршување“, со што се прави усогласување на постојните закони.

Иницијативата од подносителот се однесува на оценка на усогласеност на еден закон со друг, а не за согласност на законот со Уставот. Согласно со член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, меѓусебната усогласеност на законите и исправките од овој вид не се во надлежност на Уставниот суд. Меѓутоа, во конкретниот случај законодавецот ја забележал и надминал оваа неусогласеност и ја исправил упатувачката норма во Законот за изменување и дополнувања на Законот за семејството во 2014 година објавен во „Службен весник на РМ“ бр.38/2014.

Се чини дека и до 2014 година кога се направени споменатите измени и дополнувања на Законот за семејството, оваа одредба не предизвикувала голема конфузија во правниот промет. Тие што го применувале Законот за семејството не би можеле да применат пропис што не е во правен промет, затоа што е јасно дека постои нов пропис, што го заменува Законот за процесна постапка. Во преодните и завршните одредби на Законот за парнична постапка донесен во 1998 година, во член 476 стои дека со влегување во сила на овој закон престанува да важи Законот за процесна постапка на кој во Законот за семејството се повикувал законодавецот. Притоа, пропустот законодавецот го надминал со споменатиот Закон за изменување и дополнување на Законот за семејството во 2014 година.

Имајќи го предвид наведеното, Судот утврди дека наводите во иницијативата се неосновани, од причина што оспорениот член 222 од Законот не упатува на закон кој не е во сила, туку на Законот за парничната постапка кој е во сила и се применува во правниот промет. Исто така, оспорената одредба од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, спротивно на тоа што се укажува во иницијативата. Имено, подносителот немал предвид дека со член 9 од Законот за изменување и дополнување на Законот за семејството зборот „процесната“ се заменува со зборот „парничната“ низ целиот текст на Законот.

Тргнувајќи од фактот дека причините наведени во иницијативата не може да се доведат во корелација со предметот на уредување на оспорениот Закон за семејството („Службен весник на Република Македонија” број 80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/2010, 156/2010, 39/2012, 44/2012, 38/2014, 115/2014, 104/2015 и 150/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 53/2021, 199/2023 и 199/2023), а и од самата содржина на иницијативата, којашто дополнително е прецизирана, не произлегуваат основите на оспорување, Судот оцени дека во конкретниот случај не постојат процесни претпоставки Судот да се впушти во мериторна оцена на оспорениот дел од член 222 од Законот, односно постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, согласно член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд, поради што истата се отфрла.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски