У.бр.113/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.113/2024
Скопје, 12.02.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 1 и член 73 алинеja 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 12 февруари 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛA иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за поништување на постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за проектирање, изградба, финансирање, стопанисување и пренос на мала хидроцентрала на водоснабдителен систем за водоснабдување на Општина Неготино, донесена од Советот на Општина Неготино на седницата одржана на 22.11.2023 година, број 08-841/3 од 22.11.2023 година, објавена на 23.11.2023 година во „Службен гласник на Општина Неготино” број 18/2023.

Образложение

I

Државниот инспекторат за локална самоуправа-Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за поништување на постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за проектирање, изградба, финансирање, стопанисување и пренос на мала хидроцентрала на водоснабдителен систем за водоснабдување на Општина Неготино, донесена од Советот на Општина Неготино со број 08-841/3 од 22.11.2023 година.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука е во спротивност со член 21-а ставови 1 и 4 од Законот за концесии и јавно приватно партнерство („Службен весник на Република Македонија“ бр. 6/2012, 144/2014, 33/2015, 104/2015, 215/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ 153/2019, 261/2019, 89/2022, 65/2023, 147/2024) и со Уставот на Република Северна Македонија.

Подносителот во иницијативата укажува дека Државниот инспекторат за локална самоуправа е надлежен орган за надзор над законитоста на прописите на општината како и постапката на нивно донесување, согласно член 3 од Законот за државниот инспекторат за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.158/2010, 187/2013, 43/2014, 64/2018).

Во иницијативата се наведува дека директорот на Државниот инспекторат за локална самоуправа врз основа на член 23 став 3 од Законот за државниот инспекторат за локална самоуправа, донел Решение бр.02-47/1 од 06.02.2024 година, со кое се запира примената на Одлуката за поништување на постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за проектирање, изградба, финансирање, стопанисување и пренос на мала хидроцентрала на водоснабдителен систем за водоснабдување на Општина Неготино.

Во продолжението на иницијативата, подносителот ги наведува причините поради кои била запрена примената на оспорената Одлука, дека Советот на Општина Неготино ја засновал оспорената одлука на погрешни норми од Законот за концесии и јавно приватно партнерство. Наведува и дека оспорената одлука била донесена на вонредна седница на Советот на ден 22.11.2023 година, со која се поништува постапката на доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за проектирање, изградба, финансирање, стопанисување и пренос на мала хидроцентрала на водоснабдителен систем за водоснабдување на Општина Неготино, која била спроведена согласно Одлуката за започнување на постапката на доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за проектирање, изградба, финансирање, стопанисување и пренос на мала хидроцентрала на водоснабдителен систем за водоснабдување на Општина Неготино, бр.02-360/2 од 05.08.2021 година, која не е во согласност со закон, односно со член 21-а став 1 и 4 од Законот за концесии и јавно приватно партнерство.

По овие наводи, подносителот повторно се повикува на одредби од Законот за државниот инспекторат за локална самоуправа и Законот за локална самоуправа, дека Државниот инспекторат е надлежен орган за надзор над законитоста на прописите на општината како и за постапката на нивно донесување согласно член 3 од Законот за државниот инспекторат за локалната самоуправа, а во конкретниот случај оспорената одлука не е во согласност со член 21-а ставови 1 и 4 од Законот за концесии и јавно приватно партнерство.

По изнесените наводи во иницијативата, подносителот бара Уставниот суд да се впушти во одлучување за согласноста на оспорената одлука со Уставот и Законот за концесии и јавно приватно партнерство, со предлог Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката и истата да ја поништи, а Решението на Државниот инспекторат за локална самоуправа да остане во сила до донесување на конечна одлука.

II

На седницата Судот утврди дека Одлуката за поништување на постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за проектирање, изградба, финансирање, стопанисување и пренос на мала хидроцентрала на водоснабдителен систем за водоснабдување на Општина Неготино, е донесена од Советот на Општина Неготино на седницата одржана на 22.11.2023 година, со број 08-841/3 и објавена на 23.11.2023 година во „Службен гласник на Општина Неготино” број 18/2023. Оспорената одлука содржи вовед, диспозитив со четири точки и образложение.

Во воведот на оспорениот акт се содржани одредби од закони и одредби од Статутот на Општина Неготино, на кои се повикал Советот на Општина Неготино при донесувањето на оспорената одлука.

Во првата точка од диспозитивот на оспорената одлука се наведува „Со оваа одлука се поништува постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за проектирање изградба, финансирање, стопанисување и пренос на мала хидроцентрала на водоснабдителен систем за водоснабдување на Општина Неготино спроведена согласно Одлуката за започнување на постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за проектирање изградба, финансирање, стопанисување и пренос на мала хидроцентрала на водоснабдителен систем за водоснабдување на Општина Неготино бр.02-360/2 од 05.08.2021 година”.

Во втората точка на оспорената одлука се наведува „Постапката за доделување на договор воспоставување на јавно приватно партнерство за проектирање изградба, финансирање, стопанисување и пренос на мала хидроцентрала на водоснабдителен систем за водоснабдување на Општина Неготино СЕ ПОНИШТУВА согласно член 38 став 1 алинеја 1 и 3 и став 2 од Закон за концесии и јавно приватно партнерство и член 114 став 1 алинеја 2 и 7 од Законот за јавните набавки, а воедно и фактот дека на Одлуката за избор на најповолна понуда со број 02-510/4-1 од 26.11.2021 година, донесена од Управниот одбор на Ј.П Комуналец Неготино, не е дадена согласност од страна на основачот, согласно член 21-а став 1 и 4 од Закон за концесии и јавно приватно партнерство”.

Во третата точка на оспорената одлука се наведува „Со денот на влегувањето во сила на оваа одлука престанува да важи Одлуката за започнување на постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за проектирање изградба, финансирање, стопанисување и пренос на мала хидроцентрала на водоснабдителен систем за водоснабдување на Општина Неготино бр.02-360/2 од 05.08.2021 година“.

Во четвртата точка се наведува дека Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Неготино“.

Во образложението се содржани причините од кои се раководел Советот на Општина Неготино при донесувањето на оспорената одлука.

III

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Подносителот на иницијативата ја оспорува уставноста и законитоста на погоре наведената одлука со наводи дека Советот на Општина Неготино ја засновал оспорената одлука на погрешни норми од Законот за концесии и јавно приватно партнерсто. Оспорената одлука била донесена на вонредна седница на Советот на ден 22.11.2023 година, и со неа  се поништува постапката на доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за проектирање, изградба, финансирање, стопанисување и пренос на мала хидроцентрала на водоснабдителен систем за водоснабдување на општина Неготино, спроведена согласно Одлуката за започнување на постапката на доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за проектирање, изградба, финансирање, стопанисување и пренос на мала хидроцентрала на водоснабдителен систем за водоснабдување на Општина Неготино, бр.02-360/2 од 05.08.2021 година, која не е во согласност со член 21-а став 1 и 4 од Законот за концесии и јавно приватно партнерство.

Уставниот суд, согласно со своите надлежности утврдени во  член 110 алинеја 2 од Уставот, е надлежен да одлучува за уставноста и законитоста на прописите чие суштинско обележје е нивната општост изразена преку содржани општи норми на однесување коишто се однесуваат на неопределен број субјекти во правото, односно да уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото.

Во конкретниот случај, Судот утврди дека актот во однос на кој со иницијативата се бара Уставниот суд да одлучува за неговата уставност и законитост, не ги содржи правните елементи на пропис за којшто е воспоставена надлежност на Уставниот суд да одлучува за неговата согласност со Уставот и со законите, туку дека претставува поединечен акт со кој се одлучува да се поништи конкретна постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за проектирање изградба, финансирање, стопанисување и пренос на мала хидроцентрала на водоснабдителен систем за водоснабдување на Општина Неготино спроведена согласно Одлуката за започнување на постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за проектирање изградба, финансирање, стопанисување и пренос на мала хидроцентрала на водоснабдителен систем за водоснабдување на Општина Неготино бр.02-360/2 од 05.08.2021 година.

Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот оцени дека барањето поставено во иницијативата излегува надвор од рамките на утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, што е причина за отфрлање на иницијативата, согласно  член 38 алинејa 1 од Актот на Уставниот суд.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски