Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.129/2024
Скопје, 4 декември 2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Одман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 4 декември 2024 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на делот „федерацијата” од член 2, делот „општествено-политички заедници” од член 4 став 1, деловите „самоуправните судови” и „општествениот правобранител на самоуправувањето” од член 4 став 3 и делот „југословенските” од член 5 став 2 од Законот за организацијата и за единствената методологија на прибирањето, евидентирањето и обработката на податоци и информации за потребите на правосудните органи од интерес за целата земја („Службен лист на СФРЈ“ бр. 44/1989).
Образложение
I
Игорче Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на делот „федерацијата” од член 2, делот „општествено-политички заедници” од член 4 став 1, деловите „самоуправните судови” и „општествениот правобранител на самоуправувањето” од член 4 став 3 и делот „југословенските” од член 5 став 2 од Законот за организацијата и за единствената методологија на прибирањето, евидентирањето и обработката на податоци и информации за потребите на правосудните органи од интерес за целата земја („Службен лист на СФРЈ“ бр. 44/1989).
Според подносителот на иницијативата, оспорениот закон бил донесен во сосема други општествени услови во однос на Уставот на Република Македонија од 1991 година и неговите амандмански измени. Законот имал термини кои не биле усогласени со Уставот на Република Северна Македонија („федерацијата”– видно од член 2 од Законот, „општествено-политички заедници” – видно од член 4 став 1 од Законот, „самоуправните судови” и „општествениот правобранител на самоуправувањето” – видно од член 4 став 3 од Законот и „југословенските” – видно од член 5 став 2 од оспорениот закон ), поради што оспорените одредби од Законот не биле во согласност со член 1, став 1, член 8 став 1 алинеја 8, како и во спротивност со Амандманот XXV од Уставот и член 5 став 4 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр 52/91).
Исто така подносителот наведува дека овие оспорени делови од одредбите на Законот не се во согласност со член 2 точка 2 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр 52/95), член 2 точка 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр 5/02) и со член 2 став 2 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија” бр 58/06, 35/08, 150/10, 83/18, 198/18 и 96/19).
Поради наведеното, му предлага на Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од одредбите на Законот и истите да ги укине како спротивни на Уставот на Република Северна Македонија.
II
На седницата Судот утврди дека Законот за организацијата и за единствената методологија на прибирањето, евидентирањето и обработката на податоци и информации за потребите на правосудните органи од интерес за целата земја е донесен од страна на Собранието на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, на седница, одржана на 25 јули 1989 година и објавен е во „Службен лист на СФРЈ“ бр. 44/1989.
Законот содржи 11 члена и во него се уредува организацијата, при собирањето, евидентирањето, обработката, искажувањето, преносот, размената и заштитата на податоците и информациите што се користат за остварување на функциите и задачите на правосудните органи, а се од интерес за целата земја односно федерацијата.
Во оспорениот член 2 е регулирано дека правосудниот информационен систем е дел од информационен систем на федерацијата и е поврзан со другите информациони системи во рамките на општествениот систем за информирање.
Според член 4 став 1 субјекти на правосудниот информационен систем како даватели и корисници на податоци и информации се: правосудните органи, уставните судови, собранијата на општествено-политичките заедници, нивните извршни органи и органите на управата а во став 3 од истиот член е дефинирано дека под правосудни органи, во смисла на овој закон, се подразбираат редовните судови, самоуправните судови, јавните обвинителства, јавните правобранителства, општествениот правобранител на самоуправувањето и органите надлежни за водење на прекршочна постапка.
Со оспорениот член 5 став 2 е утврдено дека за функционирањето на правосудниот информационен систем се користат југословенските и меѓународните стандарди со кои се овозможува поврзување и соработка со информационите системи на другите земји и на меѓународните организации.
III
Со донесување на Уставот од 1991 година, согласно член 1 став 1, Република Северна Македонија е дефинирана како суверена, самостојна, демократска и социјална држава, од што произлегува дека таа престанала да биде субјект на Југословенската Федерација.
Видно од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 52/91) во член 5 став 1 е пропишано дека постојните прописи се преземаат како републички со надлежностите на органите утврдени со Уставот на Република Северна Македонија а според став 4 од истиот член сојузните прописи со кои се уредува организацијата и надлежноста на органите на Федерацијата не се применуваат на Република Северна Македонија.
Оспорениот Закон за организацијата и за единствената методологија на прибирањето, евидентирањето и обработката на податоци и информации за потребите на правосудните органи од интерес за целата земја е донесен во 1989 година, во период на постоење на Социјалистичка Федеративна Република Југославија како федеративна држава во која Социјалистичка Република Македонија била федеративна единица ( Република) согласно со уставите на СФРЈ и СРМ од 1974 година.
Во меѓувреме, во Република Северна Македонија се направени значајни промени во општествено-полититичкиот систем и од 1991 година, со донесување на новиот Устав на Република Македонија, изграден е демократски систем кој меѓу другото, се темели на поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, кој во својата основа ги има вградено заштитата на човековите права и слободи, како темелна вредност на уставниот поредок, врз која основа се изградени нормативни правила и институции за заштита на поединечните човекови права и слободи, како и издвојување на локалната самоуправа како посебна темелна вредност.
Амандманот XXV на Уставот, со кој се заменува член 98 од Уставот, предвидува дека судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Според член 22 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. број 58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018, 198/2018 и 96/2019), во судскиот систем судската власт ја вршат основните судови, апелационите судови, Управниот суд, Вишиот управен суд и Врховниот суд на Република Северна Македонија.
Со оспорениот Закон за организацијата и за единствената методологија на прибирањето, евидентирањето и обработката на податоци и информации за потребите на правосудните органи од интерес за целата земја, под правосудните органи се подразбираат редовните судови, самоуправните судови, јавните обвинителства, јавните правобранителства, општествениот правобранител на самоуправувањето и органите надлежни за водење на прекршочна постапка .
Видно од содржината на овој закон истиот ги одразува вредностите на социјалистичкото самоуправно општество односно регулира надлежности на сојузни органи за потребите на федерацијата, што е последица на времето на неговото донесување, поради што Законот содржи низа одредби кои суштински и терминолошки не се усогласени со Уставот на Република Северна Македонија („федерацијата“, „општествено-политичките заедници“, „самоуправните судови“, „општествениот правобранител на самоуправувањето”, „југословенските”), односно Законот упатува на видови судови и форми на организации и заедници, кои не одговараат на постојните, втемелени вредносни принципи и организационата поставеност на органите на државната власт утврдени со Уставот на Република Северна Македонија.
Иако формално правно наведениот закон не е укинат, Судот оцени дека неговата примена се исцрпела со донесувањето на актуелниот Устав на Република Северна Македонија и законската регулатива која се однесува на судската надлежност, Судскиот совет, јавното обвинителство, народниот правобранител и локалната самоуправа поради што овој закон фактички престанал да важи и не е дел од правниот поредок на Република Северна Македонија.
Според тоа, престанокот на важењето на оспорениот закон претставува процесна пречка за одлучување на Судот за уставноста на оспорените одредби од Законот и како такви не можат да бидат предмет на уставносудска оцена, согласно член 38 алинеја 3 од Актот на Судот.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски