Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.125/2023
Скопје, 19.02.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 19 февруари 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 13 од Правилникот за начин и постапка за добивање уверение за сметководител и овластен сметководител и упис во регистар, донесен од стана на Управниот одбор на Институтот за сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија У.О бр.0202/329 од 25.05.2023 година, У.О бр.0202/366 од 29.06.2023 година и У.О бр.0202/009 од 18.01.2024 година.
Образложение
I
Петар Прчевски, адвокат од Битола, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од Правилникот, означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорената одредба од Правилникот за начин и постапка за добивање уверение за сметководител и овластен сметководител и упис во регистар е во спротивност со членовите 51 и 55 од Уставот на Република Северна Македонија, со членовите 231, 243 и 366 од Законот за трговски друштва, во спротивност со член 122 од Законот за работните односи, како и со член 32 од Законот за вршење на сметководствените работи.
Во иницијативата подносителот ги изложува причините за оспорување на одредбата од Правилникот, поради кои му предлага на Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба од Правилникот и истата да ја поништи. Воедно, му предлага на Судот, да донесе решение за запирање на извршувањето на оспорената одредба.
II
На седницата Судот утврди дека оспорениот член 13 од Правилникот за начин и постапка за добивање уверение за сметководител и овластен сметководител и упис во регистар, донесен од стана на Управниот одбор на Институтот за сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија (У.О бр.0202/329 од 25.05.2023 година, У.О бр.0202/366 од 29.06.2023 година и У.О бр.0202/009 од 18.01.2024 година) е со следната содржина:
„ Член 13
(1) Подносител на барање за издавање на лиценца за работа на трговецот поединец-сметководител и трговецот поединец-овластен сметководител може да биде единствено трговец поединец на чие име гласи фирмата (овластеното лице), додека подносител на барањето за издавање на лиценца за работа на трговското друштво може да биде само управителот на трговското друштво.
(2) Подносител на барањето за издавање на лиценца за работа на трговецот поединец-сметководител и трговецот поединец-овластен сметководител односно трговското друштво, должен е покрај доказите од член 12 став 2 од овој Правилник да достави и доказ дека подносителот на барањето е вработен со полно работно време во трговецот поединец односно трговското друштво.”
III
Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со иницијативата се оспорува член 13 од Правилникот за начин и постапка за добивање на уверение за сметководител и овластен сметководител и упис во регистар У.О бр.0202/329 од 25.05.2023 година, У.О бр.0202/366 од 29.06.2023 година и У.О бр.0202/009 од 18.01.2024 година.
Разгледувајќи ја предметната иницијатива и одредбaта од Правилникот која се оспорува, Судот утврди дека постапувајќи по претходно поднесена иницијатива, Уставниот суд со Одлуката У.бр.170/2024 од 30 октомври 2024 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 229/2024), го укина Правилникот за начин и постапка за добивање на уверение за сметководител и овластен сметководител и упис во регистар, донесен од Управниот одбор на Институтот за сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија, У.О бр.0202/329 од 25.05.2023 година, У.О бр.0202/366 од 29.06.2023 година и У.О бр.0202/009 од 18.01.2024 година.
Со оглед на фактот дека Правилникот во кој е содржана оспорената одредба не е повеќе дел од правниот поредок на Република Северна Македонија, Судот констатира процесни пречки за постапување по иницијативата, што е причина за отфрлање на истата согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд.
Врз основа на сето наведено, според Судот, не се исполнети условите од член 37 од Актот на Судот за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одредба.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски