У.бр.200/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.200/2024
Скопје, 12.02.2025 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеи 1 и 2 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 12 февруари 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 4 од Законот за празниците („Службен весник на Република Македонија“ бр.21/1998 и 18/2007).

Образложение

I

Арбен Саити од Куманово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 4 од Законот за празниците („Службен весник на Република Македонија“ бр.21/1998 и 18/2007).

Во иницијативата, подносителот ги цитира одредбите од членовите 9, 18 и 19 од Уставот на Република Северна Македонија, како и оспорениот член 4 од Законот за празниците.

Подносителот смета дека оспорениот член 4 од Законот е во спротивност со членовите 9, 18 и 19 од Уставот и дека е спротивен на принципот на еднаквост бидејќи со неговата примена се врши сегрегација на верска и национална основа на граѓаните.

Во иницијативата се наведува дека врз основа на оспорениот член, една групација на граѓани кои чувствуваат припадност кон одредена верска или национална припадност, покрај тоа што ги празнуваат деновите од член 4, коишто се исто така, неработни денови иако чувството за верска или национална припадност е слободна, менлива и недокажлива, а дотолку повеќе што овој податок е личен податок.

Понатаму, подносителот наведува дека во праксата овој член предизвикува проблеми во работниот процес, од причина што верските празници што се од приватна и интимна природа се истоветни со државните празници иако нашата држава е секуларна и верата е одвоена од државата. Подносителот смета дека овој член може да се злоупотреби од причина што верската и националната припадност како менлива категорија, овозможува еден граѓанин да може да ги искористи сите денови како неработни со што другите граѓани ги доведува до нерамноправна положба спротивно на Уставот.

Со иницијативата подносителот бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член и истиот да го укине како неуставен.

II

На седницата Судот утврди дека со оспорениот член 4 од Законот за празниците („Службен весник на Република Македонија“ бр.21/1998 и 18/2007) се предвидува дека во Република Северна Македонија се празнуваат и неработни денови за верниците од православната вероисповед се: Бадник, ден пред Божик; 19 Јануари, Богојавление (Водици); Велики Петок, петок пред Велигден; 28 Август, Успение на Пресвета Богородица (Голема Богородица) и Духовден, петок пред Духовден. Во Република Северна Македонија се празнуваат и неработни денови се: Курбан Бајрам, првиот ден на Курбан Бајрам за верниците од муслиманската вероисповед; 22 Ноември, Ден на Албанската азбука за припадниците на албанската заедница; 21 Декември, Ден на настава на турски јазик за припадниците на турската заедница; Јом Кипур, првиот ден на Јом Кипур за припадниците на Еврејската заедница; првиот ден на Божик, вториот ден на Велигден и Празникот на сите светци, според Грегоријанскиот календар за верниците од католичката вероисповед; 27 Јануари, Свети Сава за припадниците на српската заедница; 8 Април, Меѓународен ден на Ромите за припадниците на ромската заедница; 23 Мај, Национален ден на Властите за припадниците на влашката заедница и 28 Септември, Меѓународен ден на Бошњаците за припадниците на бошњачката заедница.

III

Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 38 алинеи 1 и 2 од Актот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со предметната иницијатива се оспорува член 4 од Законот за празниците („Службен весник на Република Македонија“ бр. 21/1998 и 18/2007) како спротивен на членовите 9, 18 и 19 од Уставот.

Од содржината на оспорениот член 4 од Законот за празниците произлегува дека во овој член детално е утврдено дека во Република Северна Македонија се празнуваат и за неработни денови се утврдени празниците на верниците од православната вероисповед, на верниците од муслиманската вероисповед и на верниците од католичката вероисповед, како и празниците од посебно значење на припадниците на албанската заедница, турската заедница, еврејската заедница, српската заедница, ромската заедница, влашката заедница и бошњачката заедница.

Членот 4 од основниот текст на Законот за празниците („Службен весник на Република Македонија“ бр.21/1998) претходно бил предмет на оцена од страна на Уставниот суд во предметот У.бр.122/ 1998 од 07.10.1998 година, од аспект на согласноста со член 9 и член 19 став 3 од Уставот при што, Судот не повел постапка и утврдил дека оспорената законска одредба е во согласност со член 9 од Уставот, а во однос на несогласноста на оспорената законска одредба со член 19 од Уставот, Судот ја отфрлил иницијативата.

Од уставно-судската анализа во предметот У.бр.122/1998, Уставниот суд утврдил дека „Имајќи предвид дека припадниците на различни верски заедници имаат различни вредности во кои веруваат или, пак, веруваат во исти вредности но со различен приоритет, како и дека таквата содржинска различност предизвикува различно манифестирање на верувањето односно различни денови на славење на верските вредности, произлегува дека предвидувањето (во член 4 од Законот) различни денови да се неработни и да се празнуваат од страна на различни верски заедници е токму по суштина обезбедување еднаквост на граѓаните по верска основа (секој ги слави своите вредности).

Поради тоа, оспорената законска одредба не е во несогласност со член 9 од Уставот.

Што се однесува, пак, до наводот во иницијативата дека членот 4 од Законот создава нееднаквост помеѓу христијанската, исламската и еврејската вероисповед, од една страна, и другите верски заедници во Република Македонија, од друга страна, и дека тоа го прави така што определува да не се работат и да се празнуваат само празниците значајни за првите три верски заедници, Судот оцени дека иницијативата не го доведува во прашање славењето на верските празници на трите верски заедници, туку бара и другите верски заедници да имаат право да ги слават своите празници, а тоа значи Судот да ја дополни оспорената законска одредба, што не е во надлежност на Уставниот суд.“

Член 4 од Законот за празниците („Службен весник на Република Македонија“ бр.21/1998) e изменет со Законот за изменување на Законот за празниците („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2007). Вака изменетата содржина на член 4 е предмет на уставно-судска оценка во предметната иницијатива.

Законот за изменување на Законот за празниците („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2007) бил предмет на уставно-судска оценка и со Решението У.бр.52/2008 од 12.11.2008 година, Уставниот суд, меѓу другото, не повел постапка за оценување на уставноста на овој закон.

Во оваа иницијатива подносителите го оспориле Законот за изменување на Законот за празниците во целина како спротивен на член 9 и член 51 од Уставот и член 19 став 3 односно Амандманот VII точка 1 на Уставот.

Имено, според ставот на Судот во овој предмет, предвидувањето во Законот, различни денови да се неработни и да се празнуваат од страна на различни верски заедници е токму во суштина обезбедување еднаквост на граѓаните по верска основа преку славење на своите, но и покажување почит кон славењето на туѓите вредности, што е во согласност со членот 9 од Уставот. Оттаму, произлегува дека припадниците на различни верски заедници имаат различни вредности во кои веруваат или, пак, веруваат во исти вредности но со различен приоритет, како и тоа дека таквата содржинска различност предизвикува различно манифестирање на верувањето, односно имаат различни денови на славање на верските вредности кои се утврдени во оспорените законски одредби.

Во однос на наводите во предметната иницијатива дека еден граѓанин може да ги искористи сите денови како неработни со што ги доведува до нерамноправна положба останатите граѓани, иако верската и националната припадност е менлива категорија, Судот во Одлуката У.бр.220/1999 од 12.07.2000 година, утврдил дека секоја промена на верската припадност секој граѓанин треба да ја докаже преку одредени објективни факти, а не само со изјавување за припадност.

Оттука, поаѓајќи од уставно-судската практика и анализата на наводите во конкретната иницијатива со која се бара оцена на уставноста на член 4 од Законот за празниците, Судот оцени дека веќе постапувал по однос на прашањето дека предвидувањето (во член 4 од Законот) различни денови да се неработни и да се празнуваат од страна на различни верски заедници, при што зазел став дека ова уредување во оспорената законска одредба е токму во суштина обезбедување еднаквост на граѓаните по верска основа, со што е во согласност со членовите 9 и 19 од Уставот.

Имајќи предвид дека Судот во постапката по предметите У.бр.122/1998 и У.бр.52/2008 оценил дека нема основи за поведување постапка за оценување на уставноста на член 4 од Законот за празниците, а со сега доставената иницијатива со која оспорениот член 4 во суштина се оспорува од слични аспекти како и во претходно наведените предмети, Судот оцени дека во конкретниот случај нема основи за поинакво одлучување со што се исполнети условите од член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

Во однос на наводите во иницијативата за несогласноста на оспорениот член 4 од Законот за празниците со член 18 од Уставот со кој се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци, Судот оцени дека наводите што се однесуваат на тоа дека чувството за верска или национална припадност е слободно, менливо и недокажливо, дотолку повеќе што овој податок е личен податок, не се наводи коишто можат да го покренат механизмот на уставно-судска оцена, туку се наводи кои укажуваат на практичната примена на оваа одредба.

Оттаму, мислењето на подносителот на иницијативата дека во пракса примената на оспорениот член 4 од Законот за празниците може да доведе до злоупотреба во работниот процес, како и останатите наводи за повреда на член 18 од Уставот, претставува прашање на примена на Законот за празниците за кое Уставниот суд не е надлежен да одлучува, поради што исполнети се и условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата поради ненадлежност.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р  Дарко Костадиновски