Уставен суд на
Република Северна Македонија
У. бр.155/2024
Скопје, 12.02.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024) на седницата одржана на 12 февруари 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 141 став 4 во делот „или ако постои реципроцитет“ и член 143 во делот „или ако постои реципроцитет“ од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 98/2012; 166/2012; 15/2013; 53/2013; 170/2013; 43/2014; 44/2014; 97/2014; 113/2014; 160/2014; 188/2014; 20/2015; 61/2015; 97/2015; 129/2015; 147/2015; 154/2015; 173/2015; 217/2015; 27/2016; 120/2016; 132/2016; 27/2018; 35/2018; 220/2018; 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 180/2019; 275/2019; 31/2020; 94/2020; 267/2020; 67/2022; 79/2023 и 193/2024).
Образложение
I
Славко Лазовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 141 став 4 во делот „или ако постои реципроцитет“ и член 143 во делот „или ако постои реципроцитет“ од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 98/2012; 166/2012; 15/2013; 53/2013; 170/2013; 43/2014; 44/2014; 97/2014; 113/2014; 160/2014; 188/2014; 20/2015; 61/2015; 97/2015; 129/2015; 147/2015; 154/2015; 173/2015; 217/2015; 27/2016; 120/2016; 132/2016; 27/2018; 35/2018; 220/2018; 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 180/2019; 275/2019; 31/2020; 94/2020; 267/2020; 67/2022; 79/2023).
Подносителот на иницијативата наведува дека оспорените делови на наведените законски одредби не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 8, член 9 став 2 и член 29 од Уставот на Република Северна Македонија.
Според подносителот на иницијативата, со оспорените одредби се условува реализирањето на одредено право од областа на пензиското осигурување спротивно на уставните одредби и член 6 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, бидејќи во Уставот на државата не се предвидува условување на преземање дејствија со постоење на реципроцитет кога станува збор за правата на домашните државјани.
Подносителот на иницијативата наведува дека условувањето со постоење реципроцитет на реализирањето на одредено право, е повеќе реторзија отколку што делува позитивно во насока на реализирање на истото бидејќи постоењето на ваков услов оневозможува реализирање на правото од страна на лицата што се иселени во т.н. трет свет со кои државата не воспоставила реципроцитет. Доказ за ова е член 146 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, бидејќи не е предвидено решение за неисплатените износи на пензии за месеците на престој во странство како резултат на непостоење реципроцитет.
Според подносителот на иницијативата, со примена на законските одредби се казнува граѓанинот како корисник на пензија, за нешто што не е виновен, и законските одредби не нудат решение во однос на тоа што треба да се преземе до воспоставување на реципроцитет и не предвидуваат рок и начин за воспоставување на истиот бидејќи за остварување на реципроцитет потребно е една страна прва да преземе дејствија, а законските одредби не пропишуваат која од страните прва ќе ги преземе истите односно иницира или бара примена на реципроцитет.
Во продолжение на иницијативата, подносителот на иницијативата се осврнува на улогата и негативниот ефект на реципроцитетот како правен институт во меѓудржавните односи и наведува дека оспорените одредби влијаат негативно и на слободното движење на пензионерите.
Врз основа на наведеното, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови и истите да ги укине или поништи.
II
На седницата Судот утврди дека во член 141 став 4 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 98/2012; 166/2012; 15/2013; 53/2013; 170/2013; 43/2014; 44/2014; 97/2014; 113/2014; 160/2014; 188/2014; 20/2015; 61/2015; 97/2015; 129/2015; 147/2015; 154/2015; 173/2015; 217/2015; 27/2016; 120/2016; 132/2016; 27/2018; 35/2018; 220/2018; 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 180/2019; 275/2019; 31/2020; 94/2020; 267/2020; 67/2022; 79/2023 и 193/2024), е предвидено дека Фондот му обезбедува на корисникот исплата на износите што му припаѓаат според овој закон во случаите кога корисникот има живеалиште надвор од територијата на Република Македонија под услови предвидени со овој закон, со ратификуван меѓународен договор или ако постои реципроцитет. Судот, исто така, утврди дека во член 143 од истиот закон е предвидено дека на корисник на пензија и паричен надоместок за телесно оштетување – странски државјанин кој ќе се исели на постојано живеење во земјата чиј е државјанин, пензијата му се исплатува во странство ако со односната држава е склучен ратификуван меѓународен договор за плаќање на пензиите во странство, или ако постои реципроцитет.
III
Според член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, меѓу другите, се хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.
Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Во член 51 став 1 од Уставот е предвидено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Според член 110 од Уставот, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Во член 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 98/2012; 166/2012; 15/2013; 53/2013; 170/2013; 43/2014; 44/2014; 97/2014; 113/2014; 160/2014; 188/2014; 20/2015; 61/2015; 97/2015; 129/2015; 147/2015; 154/2015; 173/2015; 217/2015; 27/2016; 120/2016; 132/2016; 27/2018; 35/2018; 220/2018; 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 180/2019; 275/2019; 31/2020; 94/2020; 267/2020; 67/2022; 79/2023 и 193/2024), се наведува дека со овој закон се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување, опфатот на осигуреници, правата кои се остваруваат од ова осигурување, матичната евиденција на осигурениците и корисниците на права од пензиското и инвалидското осигурување, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување.
Според член 141 став 4 од истиот закон, фондот му обезбедува на корисникот исплата на износите што му припаѓаат според овој закон во случаите кога корисникот има живеалиште надвор од територијата на Република Македонија под услови предвидени со овој закон, со ратификуван меѓународен договор или ако постои реципроцитет.
Во член 143 од истиот закон е предвидено дека на корисник на пензија и паричен надоместок за телесно оштетување – странски државјанин кој ќе се исели на постојано живеење во земјата чиј е државјанин, пензијата му се исплатува во странство ако со односната држава е склучен ратификуван меѓународен договор за плаќање на пензиите во странство, или ако постои реципроцитет.
Судот оцени дека неоснован е наводот на подносителот на иницијативата дека со оспорените одредби се скратува одредено право од областа на пензиското осигурување спротивно на уставните одредби бидејќи во Уставот на државата не се предвидува условување на преземање дејствија со постоење реципроцитет кога станува збор за правата на домашните државјани. Ова од причина што реципроцитетот предвиден во оспорените одредби, не претставува услов за стекнување на право или механизам преку кој се ограничува одредено право од областа на пензиското осигурување, напротив предвидувањето на ваков механизам од страна на законодавецот е во насока на создавање услови и начин, покрај ратификуван меѓународен договор, за исплата на пензијата, паричен надоместок за телесно оштетување и другите износи што согласно законот му припаѓаат на корисникот во земјата каде што носителите на овие права постојано живеат. Во оваа насока, од голема важност за одлучување е потребата за разликување на условите за стекнување на одредено право од начинот на реализирање на истото. Во конкретниот случај, предвидувањето на механизмот реципроцитет не го условува стекнувањето на правото на пензија и другите права што произлегуваат од предметниот закон туку се третира како дополнителен механизам, покрај ратификуван меѓународен договор, за реализирање на стекнатите права меѓу кои и правото на пензија. Имено, преку механизмот реципроцитет се овозможува исплата на пензијата и другите средства за носителите на правата, што живеат во други држави надвор од Република Северна Македонија. Оттука произлегува дека со предвидување реципроцитет во оспорените одредби не се повредува темелната вредност на уставниот поредок загарантирана со член 8 став 1 алинеја 8 и член 29 од Уставот.
Во однос на наводите дека оспорените одредби се спротивни на член 9 став 2 од Уставот со кој се гарантира еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, Судот оцени дека се неосновани. Ова од причина што, право e на законодавецот како носител на законодавната власт да го уреди начинот на исплата на пензијата до граѓанинот, а начинот на кој е уредена таа материја со оспорените одредби не создава нееднаквост помеѓу граѓаните кои се во иста правна положба. Имено, во Република Северна Македонија, пензијата и другите износи што според Законот им припаѓаат на корисниците им се исплаќаат на сите што се стекнале со тие права додека на носителите на правото што живеат надвор од Република Северна Македонија им се доставува ако постои ратификуван меѓународен договор или реципроцитет и ако нема таква уреденост односно меѓународен договор или реципроцитет, тие лица се во поинаква правна положба отколку оние во странство каде има таква уреденост односно постои ратификуван меѓународен договор или реципроцитет. Следствено на наведеното, Судот оцени дека не станува збор за нееднаквост на граѓаните, спротивно на член 9 од Уставот. Бидејќи, за да постои нееднаквост односно дискриминација, согласно со Законот за спречување и заштита од дискриминација, треба кумулативно да бидат исполнети три главни елементи, односно со лицето да се постапувало понеповолно од други лица по некој предвиден законски основ, тоа постапување да може да се спореди со постапувањето спрема други лица во иста или слична ситуација и понеповолното постапување да е засновано на лично својство, што не е пример во конкретниот случај.
Судот оцени дека се неосновани наводите на подносителот на иницијативата дека условувањето со постоење реципроцитет за реализирање на одредено право, е повеќе реторзија отколку што делува позитивно во насока на реализирање на тоа право бидејќи постоењето на ваков услов оневозможува реализирање на правото од страна на носителите на тие права што се иселени во т.н. трет свет со кои државата не воспоставила реципроцитет односно се казнуваат граѓаните како корисници на пензијата, за нешто што не се виновни, и не се предвидуваат рокови и начини за воспоставување на реципроцитет што е спротивно на уставните одредби. Ова од причина што потребата од постоење реципроцитет, како принцип на меѓународното право, покрај постоење на ратификуван меѓународен договор, за реализирање на одредени права од страна на носителите на тие права што се иселени во т.н. трет свет, ја цени законодавецот како носител на законодавната власт и истиот може да го предвиди во законските решенија како механизам за реализирање на тие права додека роковите и начинот на воспоставување на реципроцитет со други држави не е предмет на регулирање на Законот чии одредби се оспорени.
Судот, исто така, оцени дека неосновани се наводите на подносителот на иницијативата дека со примена на оспорените законски решенија се казнуваат граѓаните како носители на правата што произлегуваат од предметниот закон бидејќи истите не предвидуваат решенија во однос на тоа што треба да се преземе до воспоставување на реципроцитет или која од засегнатите страни треба прва да преземе дејствија за воспоставување реципроцитет. Ова од причина што предвидувањето на реципроцитет не ги казнува граѓаните туку претставува дополнителен механизам преку кој се овозможува исплата на пензиите и другите износи во другите држави во случај на непостоење на меѓународен договор. Додека во однос на наводите дека оспорените одредби не предвидуваат решенија во однос на тоа што треба да се преземе до воспоставување реципроцитет или која од засегнатите страни треба прва да преземе дејствија за воспоставување реципроцитет, Судот оцени дека станува збор за прашања што се предмет на регулирање на други правни акти, а не на Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
Наводите на подносителот на иницијативата дека реципроцитетот има негативен ефект во меѓудржавните односи и дека со истиот се ограничува правото на слободно движење на пензионерите, Судот утврди дека се неосновани од причина што реципроцитетот како начело на меѓународното право се користи како институт односно механизам за реализирање права и исполнување обврски од страна на субјектите на правото во ситуации кога истите не се регулирани со меѓународен договор како дел од задолжителното општо меѓународно право (jus cogens), и истиот не влијае негативно врз слободното движење на пензионерите бидејќи правото на слободно движење на граѓаните е посебно човеково право и се регулира со други правни акти.
Во однос на наводите на подносителот на иницијативата дека оспорените одредби се спротивни на член 6 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Судот оцени дека согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот, не е надлежен да оценува за меѓусебна согласност на одредби од ист закон односно согласност на одредби од два закони.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски