Дневен ред за 6. седница закажана за 12 март (среда) во 9:30 часот

На 12 март 2025 година (среда) со почеток во 9:30 часот, Уставниот суд ќе ја одржи 6.седница со дневен ред за кој се предвидени седум иницијативи за оценување на уставност и законитост.

I. ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ

1. Реферат У.бр.208/2024

Оспорен: Член 99 став 5 во делот „правосилни“ од Законот за судовите

Подносител на иницијативата: Адвокат Александра Илиева Милчова

Од наводите во иницијативата:

Подносителката на иницијативата смета дека оспорениот член е во спротивност со членот 102 и 16 од Уставот, бидејќи сите одлуки кои ги донесуваат судовите се јавни, што значи јавноста има право да се запознае со нив. Наведено е дека  терминот е во спротивност со Уставот, за што постои обврска да бидат објавени само правосилните одлуки, а не и неправосилните. Подносителката наведува дека со правилно разбирање и толкување на начелата на јавност и на транспарентност се овозможува јавна контрола, надзор над работата и одлуките на судиите и судовите и притоа го посочува Начелниот став донесен од страна на Врховниот суд за објавувањето на донесени одлуки на веб-страниците на судовите од 21.12.2022 година.

2. Реферат У.бр.224/2024

Оспорени: Член 366 реченица втора, член 376 став 3 во делот „јавниот  обвинител или”, член 393 став 2 во делот „обвинетиот во текот на    главната расправа во заседанието стори кривично дело или ако“,  член 426 став 4 во делот „став (3)”, член 435 став 3 во делот „овите“ од зборот членовите и „и 175 ставови (1) и (5)”, член 439 став 3 во     делот „на членот 435”, член 448 став 2 реченица втора и член 449  став 1 точка 1 во делот „односно толкувачот“ и став 2 реченица втора во делот „и 3“ од Законот за кривичната постапка („Службен весник на  Република Македонија“ бр. 150/2010, 100/2012, 142/2016 и 198/2018)

Подносител: д-р Леонид Трпеноски, адвокатско друштво “Трпеноски”

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека оспорените одредби се во спротивност со темелните вредности на Уставот како и со одредби од Европската конвенција за човекови права кои се однесуваат на забраната за мачење, правото на слобода и безбедност, правото на правична и судска постапка, право на реална жалба, забраната на дискриминација, заштита на сопственоста.

3. Реферат У.бр.240/2024

Оспорени: Членовите 4, 5 и 6 од Законот за престанување на важењето на Законот за основање на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.194/2024)

Подносител: Елизабета Русеска, Кирил Давков, Мирјана Панајотова, Трајанка Бошева, Никола Минчев

Од наводите во иницијативата:

Подносителите наведуваат дека е нејасно и недоволно прецизирано како правилно да се изврши преземањето на вработените кои имаат засновано работен однос во Државната комисија за одлучување во втор степен, во Државната комисија за одлучување во управна постапка. Се наведува дека настанува вакуум период во кој е нејасно кој е надлежен за донесување на одлуки за преземање на вработени, нивно одјавување и пријавување, исплата на платите.

4. Реферат У.бр.256/2024

Оспорен: Член 65 алинеја 8 во делот „Монополската“ од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010, 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019, 110/2019, 154/2019 и 121/2024)

Подносител: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека Монополската управа престанува да биде орган во состав на Министерството за економија и труд, па со тоа престанува да постои во правниот промет во 2008 година, но и покрај тоа, според него, не е предвидена во ниту еден друг пропис, освен во оспорениот. Ова, смета подносителот е во спротивност со владеењето на правото уредено со членот 8 од Уставот.

5. Реферат У.бр.251/2024

Оспорен акт: Дел II „Општ дел“ точка 5 потточка 1 во делот „„Вкупно резидентно населние“ го сочинуваат следните лица-единици на Попис“ и потточка 2 во делот „„Вкупно  нерезидентно население“ го сочинуваат следните лица-единици на Попис“ од Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 30/2021)

Подносител: Скендер Реџепи

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека содржината на методологијата има категории на населението за кои ќе се обезбедат податоци со пописот, односно категорија „вкупно резидентно население” и „вкупо нерезидентно население”, што не се предвидени во членот 6 став 1 алинеја 1, или пак со член 17 став 2 алинеја 1  од Законот за попис на населението не е предвидено директорот на Заводот за статистика да предвидува посебни категории. Подносителот смета дека со оспорените одредби се повредува владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок и се создава правна несигурност. Дополнително, подносителот наведува дека е повредена еднаквоста на граѓаните како уставно загарантирана со членот 9, бидејќи само поради фактот дека некој граѓанин не се наоѓа во државата додека се вршел Пописот, му се скратуваат одредени права, меѓу кои и правото на вработување.

6. Реферат У.бр.98/2023

Оспорен акт: Правилник за додаток на плата, негова висина и начинот на утврдување во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција А бр.26/16-1 од 13.02.2017 година на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Одлука за месец април 2023 година А бр.46/2023 од 05.05.2023 година на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција

Подносители: Алмедин Куртановиќ и други застапувани од адвокатско друштво Давидовиќ – Јанковиќ

Од наводите во иницијативата: 

Во иницијативата се наведува дека со оспорениот акт се дискриминира јавнообвинителската служба бидејќи во правниот поредок постои правилник како подзаконски акт за платите и додатоците на јавните обвинители, но не и за службата. Поднесителите укажуваат дека со правилникот се овозможува двојство при исплата на платите.

7. Реферат У.бр.171/2024

Оспорен акт: Член 5 став 1 алинеја 4 од Правилникот за начинот на плаќањето на здравствените услуги во примарната стоматолошка здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/2004, 24/2005, 137/2006, 115/2007, 62/2011, 42/2012, 7/2016, 14/2018 и  „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.234/2019 и         188/2020)

Подносител: Здружение на приватни стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина, преку претседател д-р.Жарко Ѓорѓиев

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека членот 5 од Правилникот предизвикува проблеми во примената, односно при финансирањето на приватните здравствени установи од областа на стоматологијата, бидејќи воопшто не е одредено за каква висина на плата се однесува(на стоматолошкиот тим) и според наводите се тврди дека Фондот може паушално да ја утврди таа ставка. Дополнително според подносителот спорни се и материјалните трошоци кои се прават при пружање на стоматолошките здравствени услуги, понатаму, не е уредено во ниту еден акт која е точната спецификација на општите трошоци на работењето кои Фондот ги зема при пресметувањето на вредноста на капитацискиот поен. Во иницијативата се наведени и други елементи кои според подносителот се проблематични во примената, а се во насока на наведениот заклучок дека критериумите за одредување на вредноста на капитацијата се нереални и незаконски.