У.бр.117/2019

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр. 117/2019
Скопје, 16 мај 2023 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, членовите 56 и 70 алинеја 2 од  Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 16 мај 2023 година, донесе

О Д Л У К А

СЕ УВАЖУВА барањето на лицето Фатмир Мемедов од Скопје, застапуван од Кети Јандријеска Јованова, адвокат од Скопје, за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓанинот по основ на национална припадност.

СЕ УТВРДУВА повреда на правото на забрана на дискриминација на лицето Фатмир Мемедов од Скопје, по основ на национална припадност од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија со Пресудата П4.бр.64/17 од 21.11.2018 година на Основниот суд Скопје II Скопје и Пресудата ГЖ.бр.1471/19 од 13.06.2019 година на Апелациониот суд Скопје.

Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Според наводите во барањето, со наведените пресуди на подносителот му било повредено правото од член 9 од Уставот кое се однесува на забрана на дискриминација врз основа на националото потекло кое ја подразбира и етничката припадност. Се наведува дека Пресудата ГЖ. бр.1471/19 на Апелациониот суд Скопје од 13 јуни 2019 година била примена од полномошникот на подносителот на 8 јули 2019 година и дека барањето се поднесува во законски определениот рок од 2 месеци од нејзиниот прием.

Подносителот на барањето поднел тужба против Република Северна Македонија – Основно јавно обвинителство Скопје со барање да се утврди дека тужениот на првотужителот Фатмир Мемедов од Скопје, му го повредил достоинството со дискриминаторско однесување поради неговата ромска етничка припадност на начин што не спровел ефикасна истрага, ниту презеле дејствија по поднесената кривична пријава од страна на првотужителот во периодот од 28 март 2014 година до 15 декември 2016 година, кога била поднесена тужбата. Во тужбата било истакнато и имотно-правно побарување од 130.000 денари на име надоместок на нематеријална штета за сторена повреда на неговите лични права и претрпена душевна болка и камата.

Во барањето се укажува дека подносителот Фатмир Мемедов е жител на градот Скопје, а по етничка припадност е Ром. На 5 мај 2013 година околу 21:30 часот, тој бил физички нападнат од страна на службени лица на Министерството за внатрешни работи кои спроведувале полициска акција во населбата Топаана. Нападот бил извршен во дуќанот „Меџик“ кој се наоѓа покрај неговата куќа на ул. „376″, во кој насилно влегле припадниците на Министерството за внатрешни работи, и според наводите во барањето, без никакво објаснување го опкружиле тужителот и други три лица, сè со цел да не им дозволат да излезат од дуќанот, почнале вербално да ги навредуваат како и да го удираат подносителот Фатмир Мемедов и другите лица во дуќанот по главата и телото со боксови, клоци и пендреци, извикувајќи кон него навредливи и погрдни зборови. Подносителот не пружал отпор, не ги напаѓал службените лица ниту вербално, ниту физички и се обидувал да им објасни дека е воено лице и дека работи како водник (подофицер). Од тепањето подносителот се здобил со повреди во вид на хематоми на градниот кош, рамото и на главата.

На 28 март 2014 година подносителот на барањето во својство на оштетена странка поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против Д.Н., С.С., Т.З., Р.А., И.Д. и З.Т., сите од Скопје, вработени во Министерството за внатрешни работи и други НН сторители, за кривично дело „Малтретирање во вршење на службата” од член 143 став 1, „Мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување” од член 142 став 1, „Насилство” од член 386 ставови 1 и 2 и „Расна и друга дискриминација” од член 417 став 1 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.

Подносителот на барањето во врска со поднесената кривична пријава до 2015 година воопшто не бил повикан да даде исказ како оштетено лице и со Решението КО. бр.175/14 од 29 ноември 2014 година на Основното јавно обвинителство Скопје поднесената кривична пријава била отфрлена. Подносителот поднел жалба до Вишото јавно обвинителство Скопје, кое со Решение I КОЖ бр.48/15 од 18 февруари 2015 година ја уважило жалбата и го задолжило Основниот јавен обвинител од Скопје да ја продолжи постапката.

Бидејќи поминал подолг временски период од донесување на ова решение, а подносителот на барањето немал никакви информации за тоа дали е постапено по истото и што е преземено, тој неколкупати се обраќал до Основното јавно обвинителство Скопје со барање да биде известен и сослушан, побарал прием кај јавниот обвинител кој го работел предметот и пратил неколку ургенции за поитно постапување по предметот на кои не добил одговор.

Понатаму, тој наведува дека во овој случај недостасува ефикасна истрага и дека поради тоа смета дека е ставен во понеповолна положба во однос на останатите подносители на кривични пријави, кои во текот на месец март 2014 година поднеле кривични пријави, а по кои јавниот обвинител постапувал без оглед на исходот.

Подносителот во барањето цитира делови од пресуди на Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на барањето за спроведување на ефикасна истрага во случај на наводи за повреда на член 3 од страна на полицијата, се цитираат член 14 и член 1 од Протоколот бр. 12 од Европската конвенција за човекови права, како и релевантните одредби од Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Со оспорената пресуда на Основниот суд Скопје II Скопје П4-64/17 од 21 ноември 2018 година, било одбиено како неосновано тужбеното барање на тужителите Фатмир Мемедов од Скопје и вмешувачот Европски центар за правата на Ромите и истата била потврдена со Пресуда на Апелациониот суд ГЖ-141/19 од 13 јуни 2019 година. Во барањето се истакнува дека судовите воопшто не го ценеле постапувањето на тужениот, особено недоставувањето на податоци за поднесени и решени кривични пријави што биле побарани од страна на подносителот, односно тужителот. Основното јавно обвинителство Скопје доставило одговор до судот, а не до тужителите дека не можат да ги дадат наведените податоци, од причина што сите преземени дејствија во предистражната постапка од страна на јавниот обинител се сметаат за тајна. Според наводите во барањето се работи за статистичка бројка на предмети која согласно законските одредби не се смета за тајна, односно обвинителството одбило да даде информации и докази кои само тоа ги поседувало и од кои би можело да се утврди дека постои дискриминација врз подносителот на барањето според тоа како во конкретниот случај постапува тужениот, Основното јавно обвинителство Скопје и дали во предметот на тужителите постапува различно во однос на останатите кривични пријави поднесени во истиот период и кои се причините за различното постапување. Се укажува, исто така, дека судот не ги применил одредбите за товарот на докажувањето од Законот за спречување и заштита од дискриминација и дека постапката ја водел според Законот за парнична постапка, иако со сите поднесени и изведени докази од страна на тужителот бил претставен случај со кој се воспоставувала претпоставка за дискриминација.

Поради наведеното со барањето за заштита на слободите и правата подносителот бара да се утврди повреда на уставното право на забрана на дискриминација врз основа на националното потекло кое ја подразбира и етничката припадност и предлага да се поништат наведените пресуди.

II

Врз основа на доставената документација и информациите содржани во барањето за заштита на слободите и правата, дописот од Основното јавно обвинителство Скопје, оспорените пресуди, како и добиените известувања од Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје и пресудата од 24.06.2021 на Европскиот суд за човекови права во случајот Мемедов против Северна Македонија (апликација бр.31016/17) , Судот на седницата ја утврди следната фактичка состојба:

Подносителот на барањето за заштита на слободите и правата лицето Фатмир Мемедов, во време на поднесување на  барањето бил државјанин на Република Северна Македонија, жител на градот Скопје со живеалиште во населбата Топаана и Ром по етничка припадност.

На 5 мај 2013 година при спроведување на полициска акција во населбата Топаана, околу 21:30ч, бил физички нападнат од страна на службени лица на Министерството за внатрешни работи во дуќанот „Меџик“ кој се наоѓал во непосредна близина на неговата куќа. Припадниците на Министерството за внатрешни работи, започнале вербално да го навредуваат подносителот по основ на неговото ромско етничко потекло,  да го удираат по главата и телото при што подносителот се здобил со повреди во вид на хематоми на градниот кош, рамото и на главата.

На 28 март 2014 година подносителот на барањето во својство на оштетена странка поднел кривична пријава до Основно јавно обвинителство Скопје против лицата Д.Н., С.С., Т.З., Р.А., И.Д. и З.Т., вработени во Министерството за внатрешни работи и други НН сторители, за кривично дело „Малтретирање во вршење на службата” од член 143 став 1, „Мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување” врз основа на член 142 став 1, „Насилство” врз основа на член 386 ставови 1 и 2 и „Расна и друга дискриминација” врз основа на член 417 став 1 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.

Основното јавно обвинителство Скопје на 29 ноември 2014 година донело Решение КО4 бр.15/14 со кое била отфрлена кривичната пријава. Подносителот поднел жалба до Вишото јавно обвинителство Скопје, кое со  Решение I КОЖ бр.48/15 од 18 февруари 2015 година ја уважило жалбата и го задолжило Основниот јавен обвинител од Скопје да ја продолжи постапката.

Поради неактивноста на Основното јавно обвинителство Скопје, подносителот во неколку наврати се обратил до обвинителството за да побара информации и тоа: на 25 март 2016 година се обратил до Вишото јавно обвинителство Скопје со барање за преземање кривично гонење во неговиот предмет, но не добил никаков одговор; на 31 март 2016 година подносителот преку полномошник до Основното јавно обвинителство Скопје доставил документи и побарал информации кои дејствија се преземени во врска со неговата кривична пријава, но не добил одговор; на 21 ноември 2016 подносителот преку полномошник се обратил повторно до Вишото јавно обвинителство Скопје и побрал итно постапување по неговиот предмет; на 28 февруари 2017 година подносителот на барањето побарал од Основното јавно обвинителство Скопје да достави податоци за тоа колку кривични пријави биле поднесени во март 2014 година, за колку од нив било донесено решение од страна на Основното јавно обвинителство Скопје, колку биле во постапка по жалба и колку биле правосилно решени и колку од тие пријави биле поднесени против припадници на Министерството за внатрешни работи. Според подносителот, тој лично никогаш не добил одговор на ова барање, бидејќи обвинителството доставило допис само до првостепениот суд со одговор дека не можат да дадат податоци бидејќи преземените дејствија во предистражна постапка биле тајна.

Според вештиот наод и мислење изготвен од страна на д-р Милорад Јеремиќ, подносителот претрпел физички болки во вид на модрици на градниот кош, рамото и главата, како и душевна болка во форма на акутна стресна реакција поради претрпен страв и траума, зголемена анксиозност, вознемиреност, нарушен сон, хиперсензитивност што упатува на пострауматско стресно нарушување што се одразило на квалитетот на неговиот социјален и приватен и семеен живот. Поради чувството на срам, страв и вознемирувањето по поднесувањето на кривичната пријава, телефонските јавувања и закани, подносителот решил да ја напушти Република Македонија и заминал за Германија каде што побарал азил.

Сè додека бил во земјата, до 2015 година, подносителот не бил повикан да даде исказ како оштетено лице од страна на обвинителството.

На 2 јануари 2017 година, подносителот преку полномошникот, адвокат Кети Јандријеска Јованова од Скопје, до Основниот суд Скопје II Скопје поднел тужба за дискриминација со која побарал да се утврди дека од страна на Република Македонија – Основното јавно обвинителство Скопје му е повредено достоинството со дискриминаторско однесување поради неговата ромска етничка припадност со тоа што не спровеле ефикасна истрага ниту преземале какви било дејствија по поднесената кривична пријава во периодот од 28 март 2014 до 15 декември 2016 година, кога е поднесена тужбата и да му исплати износ од 130.000,оо денари на име надоместок на нематеријална штета за повреда на неговите лични права и претрпена душевна болка и законска казнена камата.

На 18 април 2017 година подносителот на барањето поднел апликација до Европскиот суд за човекови права во Стразбур по која бил оформен предметот Мемедов против Северна Македонија, апликација бр.31016/17

Основниот суд Скопје II Скопје со оспорената пресуда П4-64/17 од 21 ноември 2018 година го одбил како неосновано тужбеното барање на тужителите Фатмир Мемедов од Скопје и вмешувачот Европскиот центар за права на Ромите, и истата била потврдена со Пресуда на Апелациониот суд ГЖ-141/19 од 13.06.2019.

Полномошникот на подносителот ја примил Пресудата ГЖ-1471/19 на 8 јули 2019 година, и на 31 јули 2019 година во рокот утврден со Деловникот на Уставниот суд, поднел барање за заштита на слободите и правата пред Уставниот суд.

Во барањето за заштита на слободите и правата поднесено до Уставниот суд подносителот нема наведено дека за оваа работа претходно во 2017 година поднел апликација до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, ниту пак дека во 2016 година имал поднесено тужба за дискриминација против Министерството за внатрешни работи.

За поднесената апликација пред Европскиот суд за човекови права Уставниот суд беше известен од страна на Министерството за правда – Биро за застапување на Република Северна Македонија пред Европскиот суд за човекови права, со допис (бр. 0801-10/2 и од 20.01. 2020 година), со кој го извести Уставниот суд на Република Северна Македонија дека од страна на Европскиот суд за човекови права на одговор е доставена апликација поднесена од Фатмир Мемедов која се однесува на околности и наводи кои се поврзани со предметното барање пред Уставниот суд.

Европскиот суд за човекови права на 24 јуни 2021 година донел пресуда во предметот Мемедов против Северна Македонија, апликација бр.31016/17 со која жалбените наводи по основ на членот 14 во врска со членот 3 од Конвенцијата ги прогласил за допуштени и утврдил дека има повреда на членот 14 во врска со членот 3 од Конвенцијата заради неуспехот на надлежните органи на државата да ги истражат наводите на апликантот за расно мотивирана полициска бруталност. Судот, исто така, одлучил дека државата треба да му плати на апликантот, во рок од три месеци, 3.000 евра по основ на нематеријална штета.

Исто така, Основниот граѓански суд Скопје достави известување до Уставниот суд на Република Северна Македонија заведено под број Су.-03-635/23 од 22 мај 2023 година во кое е наведено дека по извршената проверка во Информацискиот систем за автоматско управување со судски предмети (АКМИС) и во списите по предметот П4-64/17 нема евидентирано барање за повторување на постапката.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеи, 1, 3 и 11 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот владеењето на правото и почитување на општоприфатените норми на меѓународното право, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со член 9 од Уставот е утврдено дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во член 11 од Уставот е определено дека физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени и дека се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување.

Според член 50 став 1 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност.

Согласно член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тоа само во време на воена или вонредна состојба, според одредбите на Уставот, при што ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот,  потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Правото на еднаквост е гарантирано со член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, според кој уживањето на правата и слободите утврдени во Конвенцијата треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз која било основа, како што се пол, раса, боја на кожа, јазик, религија, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, имот, раѓање или друг статус.

Член 1 од Протоколот бр. 12 кон Конвенцијата содржи општа забрана за дискриминација и предвидува дека уживањето на секое право утврдено со закон ќе биде обезбедено без дискриминација врз која било основа, како што се пол, раса, боја, јазик, религија, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, имот, раѓање или друг статус. Никој не смее да биде дискриминиран од страна на јавен орган по која било основа, како што е наведено во став 1.

Во член 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.258/2020), е предвидено дека овој закон се однесува на сите физички и правни лица. Согласно ставот 2, овој закон се применува од страна на сите државни органи, органи на единиците на локалната самоуправа, правни лица со јавни овластувања и сите други правни и физички лица, меѓу другите наброени области, и во областа на правосудството. Членот предвидува дека сите субјекти кои со закон се должни да прибираат, евидентираат и обработуваат податоци, имаат обврска овие податоци да ги прикажуваат според дискриминаторските основи од членот 5 од овој закон, релевантни во областа, а со цел промоција и унапредување на еднаквоста и превенција од дискриминација.

Со член 5 од Законот, се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло, национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.

Член 6 од истиот закон, ја дефинира дискриминацијата како разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа, со сторување или несторување, што имаат за цел или резултат спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со други. Ова ги опфаќа сите форми на дискриминација вклучително и оневозможување на соодветно приспособување и оневозможување на пристапност и достапност на инфраструктурата, добрата и услугите.

Според член 8 од Законот, директна дискриминација постои кога со едно лице или со група се постапува, се постапувало или би се постапувало понеповолно во однос на друго лице или група во фактичка или можна споредлива или слична ситуација, врз дискриминаторска основа.

Преминот на товарот на докажувањето во случаите на дискриминација е предвиден во член 37 од Законот, според кој тужителот кој тврди дека во согласност со одредбите на овој закон е сторена дискриминација е должен да ги изнесе фактите што го прават тврдењето веројатно и тогаш товарот на докажување преминува на тужениот да докаже дека не постои дискриминација.

Од aнализата на oспорените судски пресуди и целокупното постапување на судовите, посебно на првостепениот суд Основниот суд Скопје II Скопје во постапката по тужбата за заштита од дискриминација произлегува дека барањето за заштита на слободите и правата е основано.

Имено, од анализата на првостепената пресуда на Основниот суд Скопје II Скопје, произлегува дека суштината на образложението на ставот на Судот за неоснованоста на тужбеното барање е содржана во првиот став на страна 13 од Пресудата според кој „Судот имајќи го во предвид горецитираните законски одредби, а имајќи во предвид да тужениот Република Македонија, основно јавно обвинителство Скопје е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела, а во конкретниот случај по пријавата на првотужителот тужениот има постапено и во тек е постапка за утврдување на вина на страна на сторителите на делото, оценка на судот е дека поради непостапувањето на тужениот во конкретниот случај Основното јавно обвинителство Скопје во времето кога предметот е вратен на продолжување на постапката од страна на Вишото јавно обвинителство Скопје првотужениот не е дискриминиран со оглед на фактот да тужениот Основно јавно обвинителство Скопје ги врши своите функции според Уставот на Република Северна Македонија, и законите како и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот“.

Ова толкување на првостепениот суд за Уставниот суд е проблематично од причина што, според Судот, ја стеснува содржината на уставното начело на еднаквост и недискриминација. Имено, принципот на еднаквост и недискриминација значи еднаквост на граѓаните во уживањето на слободите и правата гарантирани со Уставот, забрана на дискриминација врз основа на пол, раса, боја на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, но и гаранција за еднаква и ефикасна заштата во случај на дискриминација, независно од тоа дали таа се јавува во јавната или во приватната сфера. Оттука, органите на власта, вклучително и органите на прогонот, полицијата и обвинителството не се имуни на дискриминација бидејќи и тие, со нивното постапување, можат да сторат дискриминација. Токму затоа улогата на судството е значајна бидејќи тоа треба да обезбеди ефикасна заштита на граѓаните што тврдат дека биле дискриминирани од страна на вршители на јавни функции и овластувања, на начин што ќе ги испита ваквите тврдења во судските постапки покренати според Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Од тие причини, во конкретниот случај, за Судот од уставно-правен аспект е неприфатливо да се одбие тужбеното барање за дискриминаторско постапување на основното јавно обвинителство Скопје како неосновано (кој став Апелациониот суд го потврдил) со повикување на улогата на јавното обвинителство како самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и други казниви дела односно со констатација дека тужителот не бил дискриминиран бидејќи јавното обвинителство ги врши своите функции според Уставот, законите  и меѓународните договори.

Суштината на заштитата од дискриминација е да се заштити граѓанинот од дискриминаторско однесување на органите на власта односно државните органи, а не само на приватните лица. Дискриминацијата во практиката во голем број случаи ја вршат токму државните органи и органите на  власта кои со злоупотреба  на јавната функција или нејзино очигледно неправилно вршење можат да ги повредат уставните права на граѓаните, вклучително и правото на еднаквост. Впрочем и Законот за спречување и заштита од дискриминација во член 3 јасно предвидува дека Законот се применува од страна на сите државни органи, органи на единиците на локалната самоуправа, правни лица со јавни овластувања и сите други правни и физички лица, во наведените области, меѓу кои и во правосудството, коишто субјекти имаат со овој закон утврдена обврска да преземаат мерки или дејства за промоција и унапредување на еднаквоста и превенција од дискриминација. Овој факт го констатира и првостепениот суд кој го одбил приговорот на Основното јавно обвинителство Скопје за немање пасивна легитимација, но од друга страна не испитал дали навистина обвинителството во периодот на кој се однесува тужбеното барање (од 28 март 2014 до 15 декември 2016 година) постапувал по кривичната пријава на тужителот и кои точно дејствија биле преземени од страна на Основното јавно обвинителство Скопје во периодот од моментот на поднесување на кривичната пријава до поднесувањето на тужбата.

Друга околност на која укажува Уставниот суд е тоа што иако станува збор за постапка за дискриминација, двата суда не се повикале на точниот член од Уставот кој е во суштината на овој предмет, а тоа е член 9 од Уставот кој ја гарантира еднаквоста на граѓаните и забраната на дискриминација. Наместо на овој член судовите во пресудите се повикале на член 27 од Уставот кој го гарантира правото на слобода на движење, слободниот избор на местото на живеење и правото да ја напушти територијата на земјата иако ниту тужбата ниту другите материјали и докази што биле поднесени во постапката не содржеле какви и да било наводи за можна повреда на ова уставно право. Од тужбата на тужителот односно барателот, јасно произлегува дека тој барал заштита на правото на еднаквост и недискриминација, лоцирајќи го истото на дејствието на непреземање, односно неспроведување на истрага од страна на Основното јавно обвинителство во точно утврден период од 28 март 2014 година до 15 декември 2016 година, што според него било мотивирано од неговата етничка припадност.

Значи, суштината на тужбеното барање на подносителот се состоела во тоа да се утврди дали Основното јавно обвинителство Скопје спровело ефикасна истрага и доколку не, да испита дали евентуалната неактивност на обвинителството во постапувањето по кривичната пријава било мотивирано од неговото ромско етничко потекло. Судот од една страна ги извел сите докази предложени од подносителот, односно тужителот, на тие докази им поклонил верба, но сепак одлучил во полза на обвинителството, иако во пресудата никаде не образложил како обвинителството постапило по пријавата, односно точно кои дејствија и во кое време биле преземени од страна на Основното јавно обвинителство Скопје по повод кривичната пријава на подносителот.

Релевантните принципи на Европската конвенција за човекови права во врска со одговорноста на државата за расно мотивиран третман на жртвите забранет со членот 3 од Конвенцијата и нејзината обврска да ги испита можните расистички мотиви на таквиот третман беа сумирани во пресудите на Судот во случајот Nachova and Others v. Bulgaria ([GC], бр. 43577/98 и 43579/98) „расното насилство е посебен вид навреда за човековото достоинство и поради опасните последици бара од властите посебна внимателност и остра реакција. Од таа причина, властите мора да ги користат сите расположливи средства за борба против расизмот и  расистичкото насилство, водејќи сметка за потребата постојано да се потенцира општествената осуда на расизмот и етничката омраза и да се одржи довербата во способноста на властите да заштитат од закана на расистичко, односно етничко насилство…Онаму каде што има сомневање дека насилничкиот акт е поттикнат од расистички ставови, од особена важност е официјалната истрага да се води енергично и непристрасно, притоа земајќи ја предвид потребата континуирано да се нагласува осудата на расизмот и етничката омраза во општеството и да се одржува довербата на малцинствата во способноста на властите да ги заштитат од заканите на расното насилство“.

Во случајот на Фатмир Мемедов Европскиот суд за човекови права констатирал дека „и покрај тоа што се чинат веродостојни (види,обратно, X and Y v. North Macedonia, цитиран погоре, § 76), таквите наводи не биле темелно разгледани од органите на прогонот, чија што истрага била ограничена на наводна употреба на сила врз апликантот и покрај тоа што расистичките мотиви зад настаните во врска со кои се жалел, се казниви според одредбите на домашното кривично законодавство (види параграф 16 погоре). Во врска со ова, јавниот обвинител не испитал ниту еден сведок предложен од апликантот; …Понатаму, не беше дадено никакво објаснување во врска со наводите за расни навреди, кои, како што е наведено погоре, апликантот постојано ги изнесувал пред јавниот обвинител. Тој само накратко констатирал дека немало докази дека „обвинетите или кој било друг присутен полициски службеник…на друг начин предизвикал [кај апликантот] ментално страдање во однос на неговото ромско потекло“ (види параграф 21 погоре)…. Судот смета дека органите за прогон, единствените органи кои имаат надлежност да испитуваат можни расистички мотиви, не ја исполниле својата должност согласно членот 14 од Конвенцијата во врска со членот 3, да ги превземат сите можни чекори за да се утврди дали дискриминаторски став можеби имал улога во настаните или не…Според тоа, има повреда на членот 14 од Конвенцијата во врска со членот 3 во неговиот процедурален аспект.“

Имајќи ги предвид пропустите на Основниот суд Скопје II Скопје и на Апелациониот суд Скопје на коишто Уставниот суд укажува да ги испитаат веродостојните наводи на подносителот на барањето истакнати во постапката за заштита од дискриминација, Судот оцени дека барањето за заштита на слободите и правата на подносителот Фатмир Мемедов е основано и дека треба да се утврди повреда на правото на еднаквост и недискриминација во остварувањето на правото на заштита од мачење, нечовечко или понижувачко однесување или казнување.

Имајќи предвид дека Европскиот суд за човекови права по апликацијата на подносителот на барањето Фатмир Мемедов, во 2021 година донел Пресуда во негова полза со која утврдил повреда на член 14 во врска со член 3 од Конвенцијата поради пропустот на надлежните органи да ги истражат наводите за расно мотивирана полициска бруталност и  му досудила сума во износ од 3000 евра по основ на нематеријална штета, Судот цени дека донесувањето на утврдувачка одлука од страна на Уставниот суд ќе претставува доволна сатисфакција за подносителот.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

V

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска