У.бр.206/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.206/2024
Скопје, 05.02.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, член 70 алинеја 2 и член 78 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 5 февруари 2025 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето од Еролд Муслиу од Скопје за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на пол и политичка припадност, за кои смета дека му се повредени со Одлуката за разрешување директор на Агенцијата за разузнавање, број 08-251/1 од 28 јуни 2024 година и Одлуката за именување директор на Агенцијата за разузнавање, број 08-253/1 од 28 јуни 2024 година, двете донесени од претседателот на Република Северна Македонија, објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија” број 135/2024.

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Еролд Муслиу од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол и политичка припадност.

Во барањето подносителот наведува дека со Одлука за негово разрешување од директор на Агенцијата за разузнавање, број 08-251/1 од 28 јуни 2024 година и Одлука за именување на друго лице од женски пол за директор на Агенцијата за разузнавање, број 08-253/1 од 28 јуни 2024 година, двете донесени од претседателот на Република Северна Македонија, е дискриминиран по основ на пол и политичка припадност, со што се повредува член 9 од Уставот според кој граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во однос на спорните одлуки наведува дека тие не само што се дискриминаторски, туку се и незаконити бидејќи во воведот на Одлуката како основ за неговото разрешување пред истекот на мандатот е наведен член 6 став 3 алинеја 2 од Законот за Агенцијата за разузнавање, односно дека се разрешува поради нестручно и несовесно извршување на функцијата, меѓутоа Одлуката не содржела образложени причини во што точно се состои несовесното и нестручно работење, па според него неспорно е дека станува збор за произволно донесена одлука непоткрепена со докази, а факт било дека совесно и стручно ја извршувал функцијата. Од друга страна, претседателот на Република Северна Македонија по стапувањето на функцијата до моментот на донесувањето на спорените одлуки, остварил средби со гувернерот на Народната банка на Република Северна Македонија и со началникот на Генералштабот на Армијата, но не нашол за сходно да оствари средба и со него кој во тој период се уште ја вршел функцијата директор на Агенцијата, и дека единствено тој не бил повикан на информативна средба кај претседателот на Републиката во чија надлежност е и работата на Агенцијата за разузнавање. Според подносителот, ова е потврда дека причините за неговото разрешување се повеќе од очигледно дискриминаторски, дотолку повеќе што ако се направело увид во неговите биографски податоци ќе се заклучело дека тој ги исполнува сите услови за вршење на функцијата директор на Агенцијата, па во отсуство на оправдани законски причини за неговото разрешување, произлегува дека со донесувањето на спорните одлуки тој е дискриминиран, од една страна по основ на политичка припадност, а од друга страна по основ на пол, поради фактот што новоименуваниот директор е жена, со што подносителот е доведен во нерамноправна положба, без за тоа да постои објективно и разумно оправдување.

Индикација дека претседателот на Републиката при неговото разрешување се раководел од политички мотиви било тоа што уште со неговото именување за директор во 2019 година, па сè до неговото разрешување во 2024 година, тој и други вработени од Агенцијата биле изложени на медиумски притисок, изразен преку пласирање лажни вести, дезинформации, клевети и обвинувања преку прес-конференции на политичка партија и индивидуални изјави на претставници на политичка партија, текстови во портали и објави на лажни профили на социјалните мрежи, а политичката партија и нејзините претставници продолжиле да ги експлоатираат пласираните невистини, иако не биле потврдени од надлежните институции пред кои биле иницирани постапки. Индикативно било што дел од тие тези ги користел претседателот на ТВ дуели во предизборната кампања со цел да ја оправда Одлуката за неговото противзаконско разрешување. Посебно индикативни биле најавите дека по претседателските избори ќе има промени во Агенцијата и ќе се врши ревизија на работата, како и најавите од лица кои настапувале во име на политичка партија за кадровски смени и идни активности на новото раководство, иако според Законот за Агенцијата за разузнавање, немале надлежности во именувањето и разрешувањето, бидејќи се под ингеренции на претседателот на Републиката. Овие факти, според подносителот, се во прилог на неговото тврдење дека претседателот на Републиката ја донел Одлуката за неговото разрешување, спротивно на Законот за Агенцијата за разузнавање, односно дека постојат индиции дека ваквата одлука е донесена од политички причини.

Во однос на тврдењето дека со донесените одлуки претседателот на Републиката извршил дискриминација по основ на пол, тоа, според подносителот, можело да се утврди од изјавите на претседателот дадени во јавноста, од кои произлегува дека мотивот за неговото разрешување и причина за именување на новиот директор на Агенцијата е полот, односно како што изјавил претседателот во интервју на Канал 5 телевизија во емисијата „Само интервју”: „треба да внимаваме на застапеноста на жените на највисоките функции… и еве во еден орган кајшто има фама дека има многу моќ јас ставив две жени… Она во што јас верувам и што го направив е две жени, еве кажувам јавно. И ако еве ние секогаш велиме дека треба да пазиме на етничката застапеност, еве јас кажувам дека треба да внимаваме и на застапеност на жените… Јас реков дека ќе бидам субверзивна…”

Во барањето се укажува дека подносителот ги оспорил незаконито донесените одлуки со тужба пред Управниот суд, а за дискриминацијата извршена со истите, подносителот поднел претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, кои постапки се во тек, и доколку во меѓувреме биде донесена одлука во некоја од наведените постапки, навремено ќе го извести Уставниот суд за исходот на постапките.

На крајот, подносителот наведува дека од изложената правна и фактичка состојба произлегува дека во конкретниот случај постои дискриминација во остварувањето на правата загарантирани со Уставот, односно дека му е сторена дискриминација по основ на пол и политичка припадност, со што се повредува погоре цитираниот член 9 од Уставот, како и член 5 од Законот за спречување и заштита од дискриминација според кој „Се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа (во натамошниот текст: дискриминаторска основа)” и член 6 од истиот закон според кој „Дискриминација е секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа, со сторување или несторување, што имаат за цел или резултат спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со други. Ова ги опфаќа сите форми на дискриминација вклучително и оневозможување на соодветно приспособување и оневозможување на пристапност и достапност на инфраструктурата, добрата и услугите”.

Од изнесените причини, подносителот предлага Уставниот суд да донесе одлука со која ќе утврди дека му е повредено правото на забрана на дискриминација по основ на пол и политичка припадност и да ги поништи одлуките донесени од претседателот на Република Северна Македонија. Кон барањето приложи објави во печатена форма за остварени средби на претседателот со две лица вршители на јавни функции, објава – демант на Агенцијата за разузнавање во печатена форма од 4 март 2024 година и цеде.

II

Согласно со член 53 од Деловникот на Судот, барањето за заштита на слободи и права се достави на одговор до претседателот на Републиката, како доносител на поединечните акти.

Во доставениот одговор се наведува дека наведените одлуки во формална и материјална смисла се законити и со истите не е извршена дискриминација на барателот по основ на пол и политичка припадност. По наведување на одредбите од член 8 став 1 алинеја 1, член 9 и член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, во одговорот се забележува дека подносителот во барањето само го наведува основот на дискриминацијата и актите за именување и разрешување, но дека во барањето отсуствуваат елементи и докази врз основа на кои може да се утврди дискриминација по основ  на пол и политичка припадност. Се наведува и дека пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација се води постапка по претставка поднесена од барателот за која претседателот веќе се има произнесено, а во однос на наводите дека изјавите во јавноста може да се толкуваат како основа за дискриминација врз основа на пол, ваквите наводи се целосно неосновани, бидејќи изјавите не претставуваат ниту акт ниту дејствие на институцијата Претседател во смисла на член 51 од Деловникот на Уставниот суд и оттука не можат да бидат основа за постапување на Уставниот суд за заштита од дискриминација, како и дека изјавите на претседателот и неговите одлуки по никој основ не се во спротивност со уставните и законските права на граѓаните и основните човекови права туку еманација на слободата на мислата и јавното изразување на мислата. Воедно, се наведува дека подносителот во самото барање навел дека бара заштита од дискриминација по основ на политичка определба, иако согласно со член 12 од Законот за Агенцијата за разузнавање, основните начела на работењето на Агенцијата се политичка неутралност, објективност и непристрасност, и дека со ова подносителот индиректно покажува дека не е политички неутрален и неосновано имплицира дека претседателот постапувал со политички мотиви при неговото разрешување. Се напоменува дека институцијата Претседател е државна функција и претседателот ја извршува објективно, непристрасно и во рамки на законот, и како што е познато, претседателот не е член на политичка партија и дека секогаш постапува како правник во политиката, а не како политичар во правото.

Понатаму, се наведува дека од одредбите од член 51 и член 52 од Деловникот на Судот, јасно произлегува дека пред да се поднесе барање за заштита на слободи и права, подносителот треба да исполнува еден од основните процесни услови, т.е. да има процесна легитимација којашто подразбира дека меѓу подносителот и правото што е предмет на уставен спор за заштита на уставните права, треба да постои непосреден правен однос, а во конкретниот случај, со посочената одлука со која лицето Г.Ј. се именува за директор на Агенцијата за разузнавање, не е, ниту можело да биде повредено некое право или правен интерес на подносителот на барањето имајќи предвид дека именувањето на директорот на Агенцијата е спроведено согласно со член 6 став 1 од Законот за Агенцијата за разузнавање и лицето ги исполнува законските услови, додека барателот е разрешен врз основа на член 6 став 3 алинеја 2 од истиот закон, па врз основа на тоа, со Одлуката за именување на директор, не е ниту можело да се изврши дискриминација врз основа на пол и политичка припадност.

Во однос на наводите во барањето дека остварените средби со гувернерот на Народната банка и началникот на Генералштабот е сторена дискриминација, се наведува дека тие се целосно неосновани. Уставот ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на забраната на дискриминација. Апсолутноста на ова право е изразена во уставно утврдената еднаквост на граѓаните пред законите, и тоа од аспект на содржината на законот и од аспект на примената на законот, но само ако граѓаните остваруваат права и должности пропишани со закон. Врз основа на ова, одржаните средби со наведените лица, во никој случај и на никој начин не довеле и не можеле да доведат до спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на подносителот на барањето затоа што истите се реализирани во рамките на надлежностите на претседателот и во надлежностите на посочените именувани лица.

Во одговорот се укажува дека против наведените одлуки барателот има заведено управен спор пред Управниот суд, и дека по тужбата од барателот, претседателот на Републиката доставил одговор на тужба.

На крајот, се наведува дека согласно со член 51 од Деловникот на Судот, посочените одлуки мора да бидат конечни, односно правосилни. Формулацијата „доставување на конечен или правосилен акт” подразбира дека треба да се искористат сите редовни и вонредни правни средства, и дека овој заклучок произлегува од досегашната јуриспруденција на Уставниот суд, којашто сега е и нормативно уредена со член 53 став 3 во новиот Акт на Уставниот суд, чија примена започнува од 1 јануари 2025 година. Имајќи предвид дека заведениот управен спор е когнициска постапка во која се решава за содржината и предметот на управниот спор, барањето за заштита на уставните права треба да произлегува од веќе пресудена правна работа од која би се црпела основаноста на подносителот да поднесе барање за заштита, а имајќи предвид дека посочените одлуки во барањето не се правосилни акти, односно се води управен спор по истите, не постојат процесни претпоставки за постапување по барањето и се предлага Уставниот суд, согласно со член 51 од Деловникот на Уставниот суд (односно член 73 став 1 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд), да го отфрли барањето на Еролд Муслиу од Скопје за заштита од дискриминација по основ на пол и политичка припадност од член 110 алинеја 3 во врска со член 9 од Уставот.

Кон одговорот се приложени оспорените одлуки, одговор на тужба пред Управен суд, произнесување по наводи од претставка пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, а со дополнување на Одговорот, доносителот на поединечните акти известува дека пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е завршена постапката по претставката од подносителот, а во прилог е приложено Мислење бр.08-539/4 од 01.11.2024 година, во кое се наведува дека не се утврдува дискриминација врз основа на пол и политичка припадност во областа на работата и работните односи од страна на Гордана Сиљановска Давкова врз Еролд Муслиу.

III

Согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но, не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Повикувајќи се на член 110 алинеја 3 од Уставот и член 51 од Деловникот на Судот, подносителот пред Уставниот суд, истакна барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол и политичка припадност, во кое наведува дека дискриминацијата по наведените основи му е извршена со незаконито донесени поединечни конечни акти и тоа Одлуката за негово разрешување од функцијата директор на Агенцијата за разузнавање, број 08-251/1 од 28.06.2024 година и Одлуката за именување на лице од женски пол за директор на Агенцијата за разузнавање, број 08-253/1 од 28.06.2024 година, двете донесени од претседателот на Република Северна Македонија, коишто ги оспорил пред Управниот суд, а поднел и претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Испитувајќи го барањето за заштита на слободи и права од аспект на исполнетоста на условите од член 110 алинеја 3 од Уставот и член 51 од Деловникот, а тоа се: бараната заштита да се однесува на слободите и правата опфатени со член 110 алинеја 3 од Уставот; повредата да е сторена со поединечен акт или дејство; поединечните акти да бидат конечни или правосилни; да биде запазен рокот во кој може да се бара уставно-судска заштита, Судот утврди дека истите се исполнети и се впушти во понатамошно постапување по барањето.

Според член 52 од Деловникот на Судот, во барањето потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Во барањето подносителот ги наведе причините за бараната заштита и актите со кои му е сторена наводната повреда, а во однос на фактите и доказите врз кои го заснова барањето за заштита од дискриминација, подносителот се повикува на објави на веб страницата на претседателот на Републиката и објава на фејсбук профилот на престедателот за остварени средби со две лица функционери, објави во медиумите од прес-конференции во периодот од 2019 до 2024 година на политичка партија и индивидуални изјави на претставници на политичка партија, текстови во портали за работењето на Агенцијата со која раководел подносителот за целиот период од 2019 до 2024 година и објави на социјални мрежи за кои подносителот наведува дека се лажни профили, изјави од настапи на кандидатот за претседател Гордана Сиљановска Давкова во предизборна кампања на ТВ дуели, како и изјави од страна на претседателот на Републиката на ТВ гостувања во смисла на потребата од внимавање на поголема застапеност на жените на највисоките функции.

Разгледувајќи го барањето со приложената документација, причините поради кои се бара заштитата, фактите и доказите на кои подносителот го заснова барањето за заштита од дискриминација по основ на пол и политичка припадност, како и произнесувањето по барањето, Судот, во конкретниот случај го утврди следното:

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Погоре наведната уставна одредба го прокламира принципот на еднаквост според кој сите луѓе се рамноправни, односно изедначени во уживањето и остварувањето на сите права и слободи гарантирани со Уставот, независно од нивното лично својство, потекло, припадност или кој и да било друг статус. Начелото на еднаквост и рамноправност на кој се засновува уживањето на сите слободи и права, во практиката најчесто се изразува како начело на недискриминација, односно забрана на дискриминација. Дискриминација значи разлика, потекнува од латинскиот збор “Discriminat” – што значи „разликува помеѓу“, како и од глаголот „Discriminare“. До повреда на принципот на недискриминација или забрана на дискриминација може да дојде кога лицето поради некое негово лично својство, припадност или статус, не може да оствари некое право или слобода, споредбено со други лица во иста или слична правна положба.

Законодавецот со донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија” број 258/2020), нормативно го разработил принципот на еднаквост, како и спречувањето и заштитата од дискриминација во остварување на човековите права и слободи.

Според член 5 од погоре наведениот закон „Се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, ја зик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа”.

Според член 6 од Законот, „Дискриминација е секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа, со сторување или несторување, што имаат за цел или резултат спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со други. Ова ги опфаќа сите форми на дискриминација вклучително и оневозможување на соодветно приспособување и оневозможување на пристапност и достапност на инфраструктурата, добрата и услугите”.

Според член 8 став 1 од Законот, директна дискриминација постои кога со едно лице или со група се постапува, се постапувало или би се постапувало понеповолно во однос на друго лице или група во фактичка или можна споредлива или слична ситуација, врз дискриминаторска основа, а според став 2 од истиот член, индиректна дискриминација постои кога преку навидум неутрални прописи, одредби, критериуми, програми или практики, се става некое лице или група во понеповолна положба врз дискриминаторска основа во споредба со други лица или група лица, освен кога произлегува од легитимна цел, а средствата за постигнување на таа цел се пропорционални, односно се соодветни и неопходни.

Имајќи предвид дека зборот „дискриминација” значи разликување коешто се разгледува во контекст на принципот на еднаквост, и којшто треба, и мора да постои меѓу оние субјекти кои се наоѓаат во иста или слична правна положба, и дека суштината на дискриминацијата е во нееднаквото постапување спрема еднаквите, и во еднаквото постапување спрема нееднаквите, како и имајќи предвид дека дискриминацијата се употребува за означување на недозволеното разликување, односно кога спрема лицето или група лица кои се наоѓаат во иста или слична ситуација со друго лице/лица, се постапува полошо (понеповолно) за сметка на заштитениот основ, поради што лицето не може да оствари слобода или право, како што тоа го можат другите, произлегува дека концептот на дискриминацијата како недозволено разликување вклучува исполнување на неколку претпоставки, како што се наведување на дискриминаторскиот основ (еден или повеќе), правото загарантирано со Уставот коешто лицето не може да го оствари на еднаква основа споредбено со друго лице/лица (компараторот), односно докази дека бил изложен на нееднаков (понеповолен) третман или недоволен третман во споредба со друго лице во иста или слична ситуација (релевантна споредлива ситуација), како и начинот на сторување на повредата (поединечни акти или дејствија на органите на јавната власт).

Разгледувајќи го барањето од аспект на исполнетоста на погоре наведените претпоставки, Судот утврди дека подносителот како начин на сторување на повредата посочува поединечни конечни акти, односно дека тој е дискриминиран со Одлуката за неговото разрешување од функцијата директор на Агенцијата за разузнавање и Одлуката со која друго лице од женски пол е именувано на таа функција, донесени од претседателот на Републиката, како и ги наведува дискриминаторските основи, односно дека со донесувањето на спорните одлуки тој е дискриминиран, од една страна по основ на политичка припадност, а од друга страна по основ на пол, поради фактот што новоименуваниот директор е жена, со што подносителот е доведен во нерамноправна положба, без за тоа да постои објективно и разумно оправдување.

Во барањето подносителот не наведува релевантна споредлива ситуација за наводната дискриминација по основ на неговата политичка припадност. Во однос на наводната дискриминација по основ на пол, тој во барањето ја посочува ситуацијата на новоименуваното лице за директор од женски пол. Меѓутоа, според Судот, оваа споредлива ситуација, не може да се прифати како релевантна бидејќи не станува збор за иста или слична фактичка и правна ситуација како онаа на подносителот и не е подложна на споредба со положбата на подносителот, што е видно од содржината на двете одлуки, со едната се врши разрешување на подносителот од функцијата директор на Агенцијата поради нестручно и несовесно вршење на функцијата согласно одредбите од Законот за Агенцијата за разузнавање, а со другата, именување на лице за директор на Агенцијата согласно со одредбите од истиот закон.

Недискриминацијата, односно забраната на дискриминација е заштитен принцип утврден во Уставот и меѓународните акти за правата на човекот којшто треба да се почитува кога се одлучува за остварување на човеково право или слобода, па како неизоставен елемент на законскиот поим на дискриминацијата, е и правото коешто лицето не може да го оствари поради разликите во третманот по некои од заштитените основи. Според член 14 (забрана на дискриминација) од Европската конвенција за заштита на човековите права уживањето на правата и слободите, признати со оваа Конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус. Од содржината на овој член од Конвенцијата, погоре цитираниот член 9 од Уставот, вклучително и член 6 од Законот за спречување и заштита од дискриминација со кој се дефинира дискриминацијата како недозволено разликување, произлегува дека начелото на забрана на дискриминација е од аксесорна (несамостојна) природа и се однесува пред сè на ситуации кои инволвираат права коишто не можат да се остварат. Оттука, лицето кое тврди дека е дискриминирано, не е доволно само да го наведе дискриминаторскиот основ и начинот на сторување на дискриминацијата (со поединечен акт или дејствие), туку треба да наведе и кое право од уставно-утврдените (граѓански и политички слободи и права, економски, социјални и културни права) или право признато со Конвенцијата, не може да го оствари, на еднаква основа како и други лица, во иста или слична правна положба.

Во контекст на ова прашање, подносителот во барањето наведува дека со негово дискриминирање по основ на пол и политичка припадност му е повредено правото на забрана на дискриминација, заради што и истакнува барање за заштита на правото на забрана на дискриминација по наведените основи. Во врска со вака поставеното барање, треба да се има предвид дека кај случаите на дискриминација во смисла на недозволено разликување, станува збор за повреда на принципот на забрана на недискриминација или недискриминација во остварување на право гарантирано со Уставот, а кое не може да се оствари поради припадноста на лицето на некоја од заштитените основи. Меѓутоа, припадноста на лицето на некоја од заштитените основи, само по себе не значи и не доведува до дискриминација како недозволено разликување. Разликувањето ќе се смета за недозволено кога некое лично својство, карактеристика, припадност или статус (дискриминаторски основ), е пречка некое лице на иста основа како и друго лице во иста/идентична ситуација или во многу слична ситуација, да оствари слобода или право. Изнесен факт дека лицето е различно третирано (дискриминирано) бидејќи е маж/жена, односно дека е различно третирано поради негова политичка припадност, не го прави целосен концептот на дискриминацијата како недозволено разликување. Припадноста на подносителот по наведените основи, сама по себе не е доказ за дискриминација ако не се доведе во врска со слобода или право, загарантирано со Уставот, кое не може да го оствари како последица од различниот третман по наведените основи.

Во смисла на погоре наведеното, подносителот не наведува кое право не може да го оствари на еднаква основа споредбено со друго лице/лица во иста или слична положба. Во суштина, подносителот бара да биде заштитен од дискриминација затоа што смета дека е незаконито разрешен од јавната функција којашто дотогаш ја вршел. Право на неразрешување од јавна функција, како право, не постои, ниту се гарантира. Уставното право на секој граѓанин да учествува во вршењето на јавни функции од член 23 од Уставот, коешто подносителот неспорно и го остварил со неговото именување уште во 2019 година, не вклучува и гаранција за неразрешување од функцијата, но со Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на донесени одлуки за разрешување. Имено, согласно со член 50 став 2 од Уставот, се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања, па согласно со оваа уставна гаранција подносителот има право на судска заштита, и го остварил со поднесување тужба пред Управниот суд.

При разгледување на барањето Судот ги имаше предвид и наводите дека претседателот на Републиката при донесувањето на Одлуката за неговото разрешување се раководел од политички мотиви, меѓутоа во отсуство на презентирано право коешто подносителот не може да го оствари во релевантно споредлива ситуација, политичката припадност на подносителот (којашто не ја наведува) и наводите за индиции за политичката мотивираност на претседателот, според Судот, сами по себе не се доволни за да се извлече заклучок за нееднаков третман во споредба со некој друг. Дополнително, во доставениот одговор претседателот укажува дека не е член на политичка партија и дека секогаш постапува како правник во политиката, а не како политичар во правото. Воедно, наводите од подносителот дека со донесената Одлука за неговото разрешување е дискриминиран по основ на политичка припадност, не се во прилог на заштитата којашто ја бара по овој основ, ако се има предвид законското начело за политичката неутралност од член 12 став 1 алинеја 5 од Законот за Агенцијата за разузнавање, на што се забележува и во Одговорот на доносителот на оспорените одлуки.

Што се однесува до наводите од подносителот за негово полово дискриминирање, јавно изразените ставови од престедателот за поголема застапеност на жените при вршењето на јавните функции, а коишто подносителот ги посочува како индикации за сторена дискриминација по основ на пол, според Судот, не може да се доведат во корелација со неговото разрешување затоа што е маж. Ова дотолку повеќе што во истиот „Службен весник на Република Северна Македонија” број 135/2024, каде е објавена Одлуката за разрешување на подносителот, објавена е и Одлука за разрешување заменик директор на Агенцијата за разузнавање, поточно разрешен е заменик на Агенцијата од женски пол. Уставот со член 16 став 1, ја гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, па оттука, наводите во барањето дека претседателот на Републиката преку ова уставно право искажувал полова дискриминација, според Судот, се сосема неосновани. Воедно, искажаниот став за потребата од поголема застапеност на жените на јавните функции, не е искажан став и перцепција само на претседателот на Републиката Гордана Сиљановска Давкова. Тоа се приоритени цели и на меѓународната заедница втемелени во повеќе меѓународни документи, едногласни во ставовите за еднаквото учество на жените во политичкиот, граѓанскиот, економскиот, социјалниот и културниот живот на национално, регионално и меѓународно ниво, и искоренувањето на сите форми на дискриминација врз основа на пол. Дополнително, кога станува збор за Агенцијата за разузнавање, фактичката состојба не оди во прилог за какво и да било полово дискриминирање на мажите во однос на жените од оваа институција ако се тргне од фактот дека во Агенцијата за разузнавање, само една жена пред именувањето на подносителот, била именувана за вршител на оваа јавна функција.

Тргнувајќи од погоре изнесеното, Судот во конкретниот случај не утврди дискриминација врз Еролд Муслиу од Скопје по основ на пол и политичка припадност со донесените одлуки од страна на претседателот на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски