У.бр.140/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.140/2024
Скопје, 05.02.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева  и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 3 и 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 5 февруари 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА барањето на Слободан Трендафилов од Велес, Иван Пешевски од Скопје, Стојанче Кашиковски од Скопје, Љубиша Каранфиловски од Битола, Трпе Деаноски од Скопје, Игор Ѓерасов од Скопје, Љупчо Радовски од Тетово, Игор Китаноски од Прилеп, Зоран Мироновски од Скопје, Боро Велигденов од Скопје, Васе Депинова од Велес, Гоце Селовски од Скопје, Миќо Стојановски од Скопје, Слаѓана Миливојевиќ од Скопје, Борис Куноски од Скопје, Томислав Гиевски од Скопје,  Вера Атанасовска од Скопје, Златко Цветковски од Неготино со кое се бара заштита на слободата на здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните, по основ на социјална припадност и општествена положба, сторени со Пресудата РЕВ 1-77/22 од 09.11.2023 година на Врховниот суд  на Република Северна Македонија.

Образложение

I

Слободан Трендафилов од Велес, Иван Пешевски од Скопје, Стојанче Кашиковски од Скопје, Љубиша Каранфиловски од Битола, Трпе Деаноски од Скопје, Игор Ѓерасов од Скопје, Љупчо Радовски од Тетово, Игор Китаноски од Прилеп, Зоран Мироновски од Скопје, Боро Велигденов од Скопје, Васе Депиновски од Велес, Гоце Селовски од Скопје, Миќо Стојановски од Скопје, Слаѓана Миливојевиќ од Скопје, Борис Куноски од Скопје, Томислав Гиевски од Скопје, Вера Атанасовска од Скопје, Златко Цветковски од Неготино, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на слободата на здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните, по основ на социјална припадност и општествена положба, сторени со Пресудата РЕВ 1-77/22 од 09.11.2023 година на Врховниот суд на Република Северна Македонија.

Подносителите се членови на синдикални организации, кои се членки на Сојузот на синдикатите на Македонија и сметаат дека со наведениот акт им била повредена слободата на здружување заради  остварување и заштита на економско-социјалните права и уверувања од член 20 од Уставот, како и дека им е повредено правото на недискриминација од член 9 од Уставот, двете заштитени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија. Повредата била сторена со Пресудата РЕВ 1-77/22 од 09.11.2023 година на Врховниот суд  на Република Северна Македонија.

Според подносителите, станува збор за спор кој трае околу 20 години во кој судовите донеле неколку правосилни пресуди во корист на тужениот  Сојуз на синдикатите на Македонија. Меѓутоа, со правосилната Пресуда РЕВ 1-77/22 од 09.11.2023 година на Врховниот суд на Република Северна Македонија се усвојува ревизијата на тужителот Република Северна Македонија и со истата се преиначуваат Пресудата на Апелациониот суд Скопје  ТСЖ-1435/21 од 03.02.2022 година и Пресудата на Основниот граѓански суд  Скопје ТС-127/20 од 22.02.2021 година на начин што во целост се усвојува сопственичкото тужбено барање на тужителот Република Северна Македонија и се задолжува тужениот Сојуз на синдикатите на Македонија да трпи упис на промена на сопственост на зградата во корист на тужителот Република Северна Македонија.

Имено, според Врховниот суд во периодот на изградба на зградата, правниот претходник на тужениот Сојуз на синдикатите на Македонија бил општествено политичка организација која со оглед на ваквиот правен статус не вршела стопанска дејност поради што немала, но и не можела да има сопствени приходи за стекнување имот, заради што и овој суд извел заклучок дека конкретниот имот бил изграден со средства на тужителот Република Северна Македонија, како правен следбеник на НР Македонија.

Пресудата, Врховниот суд ја засновал на член 1 став 1 од Законот за основни сопственоправни односи („Службен лист на СФРЈ“ бр.6/80 и 36/90), член 16 став 1 од Законот за општествени организации и здруженија на граѓани („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр. 32/83 и 12/90) и член 82 од Законот за здруженија на граѓани и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр. 31/98) .

Имено, согласно член 1 став 1 од Законот за основни сопственоправни односи („Службен лист на СФРЈ“ бр.6/80 и 36/90) со кој тогаш биле регулирани стварноправните односи граѓаните, здруженијата на граѓани и други граѓанско правни лица можат да бидат носители на правото на сопственост во согласност со Уставот и законот.

Тужениот, како општествена политичка организација, согласно со член 16 став 1 од Законот за општествени организации и здруженија на граѓани („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр. 32/83 и 12/90), бил општествено правно лице, поради што согласно член 1 од Законот не можел да се стекне со право на сопственост на спорниот имот. Тужениот како општествено правно лице, а не како граѓанско лице имал право на користење на општествените средства под одредени услови предвидени со Законот, а немале право на располагање .

Согласно член 82 од Законот за здруженија на граѓани и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр. 31/98), имотот и средствата доделени на општествените организации и здруженија на граѓани, добиени на користење од страна на поранешните општествено-политички заедници и самоуправни интересни заедници, се државна сопственост.

Во барањето се наведува дека со донесување на пресудата судот сторил повреда на слободите и правата на тужителите  загарантирани со членовите 9  и 20 од Уставот на Република Северна Македонија. Спротивно на правниот поредок на тужените им е оневозможено слободно управување, користење и располагање со чланарината, односно синдикалниот имот. Лишувањето од права во однос на предметниот имот изграден од синдикална членарина претставувало повреда на уставно загарантираната слобода на здружување заради остварување и заштита на економско-социјалните права и уверувања.

Имено, Врховниот суд при утврдувањето на фактичката состојба акцентот го ставил на моментот дека општествено-политичките организации, за какви што ги наоѓа и синдикатите, не можеле да остваруваат приходи и следствено да стекнуваат сопствен имот. Според подносителите на барањето за заштита на слободи и права,  согласно со член 20 од Уставот на Република Северна Македонија се гарантира слободата на здружување на граѓаните за повеќе цели (политички, економски, социјални, културни и друго).

Понатаму, подносителите на барањето наведуваат дека  Уставниот суд веќе еднаш се произнесол со Одлуката У.бр. 23/1992 од 23.09.1992 година, каде како подносители на иницијативата биле  Сојуз на синдикатите на Македонија и две политички партии. Судот се има произнесено за законитоста во присвојувањето на синдикалниот имот од страна на државата наоѓајќи го истото за спротивно на слободата од член 20 од Уставот, а разликата меѓу наведената постапка и оваа постапка е дека сега повредата е извршена со поединечен акт, а не со општ акт.

Во 1996 година, зградата била евидентирана во јавна книга  за недвижност во сопственост на Сојузот на синдикатите на Македонија како правен следбеник на нејзиниот градител-инвеститор, а ваквиот упис бил оспорен од страна на Јавното правобранителство како правен застапник на интересите на Република Македонија. Управната постапка била завршена со правосилна пресуда на Врховниот суд на Република Македонија У.бр.1040/02 од 24.11.2004 со која уписот на наведената синдикална организација како сопственик на зградата била потврдена за законита. Меѓу другото, оваа правосилна судска пресуда се темелела и на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр. 23/92 од 23.09.1992 година.

Во конкретниот случај, тужителот Република Македонија преку јавното правобранителство во 2005 година покренува постапка пред редовен суд за утврдување на правото на сопственост само спрема Сојузот на синдикатите на Македонија.

Според подносителите на барањето, со донесување на Пресудата РЕВ 1-77/22 од 09.11.2023 година на Врховниот суд на Република Северна Македонија била направена и дополнителна повреда на Уставот – правото на недискриминација, загарантирано со член 9 од Уставот на Република Северна Македонија. Имено, спрема граѓаните здружени заради остварување и заштита на нивните политички права и уверувања не постои правен третман на оневозможување на слободното управување, користење и располагање со имотот во поранешниот уставно-правен систем, како што било сторено само на тужените – граѓаните кои се здружиле заради остварување и заштита на економско-социјалните права и уверувања, оттука со поединечниот правен акт е извршена и дискриминацијата по основ на политичкото уверување и општествен статус.

Понатаму, подносителите сметаат дека со пресудата на Врховниот суд на Република Северна Македонија се повредуваат правата на членовите на Сојузот на синдикатите на Македонија од страна на државата утврдени со Конвенцијата за слобода на здружување и заштита на правата за организирање  C 87 (член 3, став 1 и 2 и член 11) и Конвенцијата за примена на принципите за правото на организирање и колективно договарање, 1949 година C 98 (член 2) кои се ратификувани и се дел од националното законодавство.

На крајот во барањето се предлага Уставниот суд да го усвои барањето за заштита на слободите и правата и да утврди повреда на уставните права и слободи и да ја поништи Пресудата на Пресуда РЕВ 1-77/22 од 09.11.2023 година на Врховниот суд  на Република Северна Македонија поради повреда на членовите 9 и 20 од Уставот и да ја запре примената на погоре наведениот акт до донесување на конечната одлука  поради опасност од настанување на неостранливи последици и тоа пренос на сопственоста на Работничкиот дом во корист на Република Северна Македонија.

II

Судот на седницата врз основа на приложените докази утврди дека:

Со пресудата РЕВ 1-77/22 од 09.11.2023 година на Врховниот суд на Република Северна Македонија се усвојува ревизијата на тужителот Република Северна Македонија и со истата се преиначуваат пресудата на Апелациониот суд Скопје ТСЖ-1435/21 од 03.02.2022 година и пресудата на Основниот граѓански суд  Скопје ТС-127/20 од 22.02.2021 година на начин што во целост се усвојува сопственичкото тужбено барање на тужителот Република Северна Македонија и се задолжува тужениот Сојуз на синдикатите на Македонија да трпи упис на промена на сопственост на зградата во корист на тужителот Република Северна Македонија.

Во претходната постапка, Уставниот суд се обрати до Врховниот суд на Република Северна Македонија ( на 04.04.2024 година – барање на одговор и документација, 17.09.2024 година – барање информација и документација), како и до Основниот граѓански суд Скопје (23.04.2024 година – барање  на документација, 28.05.2024 година – ургенција) со барање за достава на целокупната документација по предметот, а со цел утврдување на фактичката состојба по предметот. Меѓутоа, Основниот граѓански суд, со одговор по ургенција го извести Уставниот суд дека од страна на тужениот поднесено е барање за повторување постапка во смисла на член 392 став 1 точка 9 од Законот за парничната постапка, поради што предметот е доставен до Врховниот суд, а барањето на Уставниот суд ќе биде проследено до Врховниот суд. Воедно, Врховниот суд, со одговор на барањето на информација го извести Уставниот суд дека согласно член 375 став 3, член 392 став 1 точка 9, а во врска со член 399 став 1 од Законот за парничната постапка, Врховниот суд на Република Северна Македонија, нашол дека во конкретниот случај, по повод поднесениот предлог за повторување на постапката треба да одлучува првостепениот суд, поради што предметот ТС-127/20 на Основниот граѓански суд Скопје со сите списи е вратен на првостепениот суд на понатамошно постапување. Уставниот суд на 16.10.2024 година повторно се обрати до Основниот граѓански суд Скопје со барање  информација дали е одлучувано по барањето на тужените. На 13.11.2024 година од страна на Основниот граѓански суд Скопје, Уставниот суд е известен дека со Решение 52 ТС-127/20 од 09.08.2024 година  предлогот на тужениот за повторување на постапката се усвојува, а пресудата 52ТС-127/20 од 22.02.2021 година, пресудата на Апелациониот суд Скопје ТСЖ-1435/21 од 03.02.2022 како и пресудата на Врховниот суд на Република Северна Македонија се укинуваат и предметот се враќа на првостепениот суд  на повторно постапување и одлучување.

III

Според член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во член 50 став 1 од Уставот е утврдено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност.

Согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, (кој бил во важност во времето на поднесување на барањето) секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во барањето, според член 52 од наведениот Деловник на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

До Уставниот суд, подносителите  доставија  барање за заштита на слободата на здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните, по основ на социјална припадност и општествена положба, актот со кој сметаа дека им е нанесена повредата, целокупната документација која претходела до донесување на Пресудата РЕВ 1-77/22 од 09.11.2023 година на Врховниот суд  на Република Северна Македонија, како и доставницата за примениот акт со кој подносителите сметаат дека им се повредени слободите и правата.

Судот утврди дека од аспект на исполнетоста на условите од член 51 и член 52 од Деловникот за барање на заштита на слободите и правата во конкретниот случај, исполнети се условите за постапување.

Имајќи ги предвид горенаведените уставни и деловнички одредби што имаат примена во овој случај, во претходната постапка се пристапи кон разгледување на барањето со приложената документација од страна на подносителите на барањето со цел да се утврди дали се исполнети сите процесни претпоставки за мериторно одлучување по барањето од страна на Судот. Поаѓајќи од содржината на наведените одредби произлегува дека еден од предвидените услови да се бара заштита на слободите и правата во постапка пред Уставниот суд е актите со кои се смета дека е сторена повредата да имаат карактер на конечни или правосилни поединечни акти.

Од утврдената фактичка состојба и правната анализа, произлегоа аргументи и докази дека од страна на тужениот на ден 26.02.2024 година поднесен е предлог за повторување на постапката завршена правосилно со Пресудата на Врховниот суд на Република Северна Македонија РЕВ1-77/22 од 09.11.2023 година што е предмет на барањето, а Основниот граѓански суд Скопје оценил дека предлогот за повторување на постапката е основан и со Решението 52 ТС-127/20 од 09.08.2024 година, предлогот на тужениот за повторување на постапката го усвојува и Пресудата 52ТС-127/20 од 22.02.2021 година, Пресудата на Апелациониот суд Скопје ТСЖ-1435/21 од 03.02.2022 и Пресудата на Врховниот суд на Република Северна Македонија РЕВ1-77/22 од 09.11.2023 година ги укинал и предметот го вратил на првостепениот суд  на повторно постапување и одлучување.

Имајќи во вид дека актот на кој се повикуваат подносителите односно Пресудата на Врховниот суд на Република Северна Македонија РЕВ1-77/22 од 09.11.2023 година е укината, Судот констатира дека постојат процесни пречки за постапување по поднесеното барање за заштита на слободите на здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните, по основ на социјална припадност и општествена положба со што се исполнети правните претпоставки од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање.

IV

Врз основа на наведеното, Судот,  одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски