У.бр.178/2023 и У.бр.180/2023

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.178/2023 и 180/2023
Скопје, 11.12.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 11 декември 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛA иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за времен прекин на дел од постапките со кои се спроведува Деталниот урбанистички план за градска четврт C3 03, донесена од Советот на Општина Ѓорче Петров Скопје, со број 08-1360/5 од 13.07.2023 година, објавена во „Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“, број 8/2023.

Образложение

I

Министерството за локална самоуправа-Државен инспекторат за локална самоуправа и Друштвото за градежништво, трговија и услуги СТ ДИЗАЈН 20202 ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, застапувано од управител Сања Савовска од Скопје,  до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за времен прекин на дел од постапките со кои се спроведува Деталниот урбанистички план за градска четврт C3 03, донесена од Советот на Општина Ѓорче Петров Скопје, со број 08-1360/5 од 13.07.2023 година, објавена во „Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“, број 8/2023.

Според наводите во првата иницијатива, поднесена од државниот инспекторат за локална самоуправа, оспорената Одлука на  Советот на Општина Ѓорче Петров не е во согласност со член 23 ставови 1,5,6,7,8 и 9 од Законот за урбанистичко планирање „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2020 и 111/2023. Во иницијативата е цитиран член 23 ставови 1,5,6,7,8 и 9 од Законот.

Според подносителот на иницијативата, одредбите од Законот за урбанистичко планирање не содржат поим времен прекин на дел од постапките со кои се спроведува Деталниот урбанистички план за градска четврт C3 03 на Општина Ѓорче Петров.

Според наводите во првата иницијатива, од фактите утврдени при извршениот вонреден инспекциски надзор на ден 15.09.2023 година, е констатирано дека оспорената одлука не е во согласност со член 23 од Законот за урбанистичко планирање бидејќи во истиот член не им е дадена надлежност на членовите на советот на општините во Градот Скопје за времен прекин на дел од постапките со кои се спроведува Деталниот урбанистички план, а со тоа се повредени и принципот на владеење на правото и одредбите од Законот за урбанистичко планирање.

Понатаму, во првата иницијатива се наведува дека оспорената одлука е незаконита и не може да произведе правно дејство и како таква не може да остане во правниот промет. Поради тоа се предлага Уставниот суд, врз основа на член 110 од Уставот и член 71 од Деловникот на Уставниот суд, да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорената одлука и како незаконита да ја поништи запрената  Одлука на Советот на Општина Ѓорче Петров, а Решението на Државниот иnспекторат за локална самоуправа бр.02-193/1 од 02.10.2023 година, да остане во важност до конечната одлука на Уставниот суд.

Со втората иницијатива, подносителот на иницијативата како инвеститор на објект кој се наоѓа во границите на опфатот на Деталниот урбанистички план за градска четврт C3 03, донесен од Советот на Општина Ѓорче Петров Скопје, ја оспорува истата Одлука за времен прекин на дел од постапките со кои се спроведува Деталниот урбанистички план за градска четврт C3 03, донесена од Советот на Општина Ѓорче Петров Скопје, со број 08-1360/5 од 13.07.2023 година, поради повреда на член 9, член 30, член 51 од Уставот на Република Северна Македонија и на член 23 ставови 1,5,6,7,8 и 9 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2020 и 111/2023).

Во врска со повредата на уставните одредби, подносителот на иницијативата наведува дека оспорената одлука важи селективно за градежните парцели со основна класа на намена „А1- домување во станбени куќи и А2- домување во станбени згради но не и за градежните парцели со класа на намена В-јавни интитуции и Е-инфраструктура“, со што ги става во нееднаква положба физичките и правните лица сопственици на катастарските парцели, односно носители на правото на градење, инвеститорите на катастарските парцели коишто влегуваат во составот на градежните парцели со основна класа на намена „А1- домување во станбени куќи и А2- домување во станбени згради“ во однос на лицата инвеститори на катастарските парцели со класа на намена „В-јавни интитуции и Е-инфраструктура“.

Во однос на правото на сопственост, со оспорената одлука се ограничуваат правата коишто произлегуваат од правото на сопственост, а коишто веќе биле стекнати со Деталниот урбанистички план којшто со оспорениот акт е ставен во времен прекин. На ваков начин им се ограничени правата на сопствениците на градежно земјиште и на лицата на кои им е пренесено правото на градење на земјиштето во параметри предвидени со важечкиот Детален урбанистички план којшто е ставен во времен прекин.

На ваков начин, Општина Ѓорче Петров донела одлука за времен прекин која е непозната и непостоечка законска категорија и со тоа бил повреден член 23 ставови 1, 5, 6 ,7 ,8 и 9 од Законот за урбанистичко планирање.

Понатаму, во втората иницијатива се наведува дека единствен начин да се суспендира примената на одреден урбанистички план е да се донесе одлука за суспензија на истиот на која и претходи стручен елаборат за суспензија на применувањето на урбанистичкиот план, негови делови или плански одредби, изработен од комисија за урбанизам од член 38 од Законот за урбанистичко планирање, како и мислење од министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за бришење на работите од областа на уредување на просторот, а оспорената одлука за времен прекин е непозната и непостоечка законска категорија со што со донесување на истата Општина Ѓорче Петров извршила повреда на одредбите од Законот за урбанистичко планирање и на Уставот.

На крајот на иницијативата, се предлага Уставниот суд да ја поништи Одлуката за времен прекин на дел од постапките со кои се спроведува Деталниот урбанистички план за градска четврт C3 03, донесена од Советот на Општина Ѓорче Петров Скопје, со број 08-1360/5 од 13.07.2023 година, „Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“, број 8/2023.

II

На седницата Судот утврди дека Советот на Општина Ѓорче Петров Скопје, на 31-та седница одржана на 13 јули 2023 година, ја донел Одлуката за времен прекин на дел од постапките со кои се спроведува Деталниот урбанистички план за градска четврт C3 03, бр.08-1360/5, објавена во „Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.8/2023 и истата содржи 5 члена. Одлуката е донесена врз основа на член 36 и член 62 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ број 5/2002) и член 16 став 1 точка 37 од Статутот на Општина Ѓорче Петров, пречистен текст („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.18/13).

Оспорената одлука содржи 5 члена.

Во член 1 од Одлуката е определено дека се врши времен прекин на дел од постапките со кои се спроведува Деталниот урбанистички план за градска четврт C3 03, Oпштина Ѓорче Петров, Скопје (Oдлука бр.07-4609/7 од 12.11.2014 година).

Согласно со член 2 точки 1 и 2, издавање на одобренија за градење за сите нови градби од градежните парцели со основна класа на намена „А1- Домување во станбени куќи“ и „А2-Домување во станбени згради“ планирани со деталниот урбанистички план од член 1 на оваа одлука, се прекинува во времетраење од 12 месеци по донесувањето на оваа одлука. Се прекинува издавање и на одобренија на идејни проекти за сите нови градби од градежните парцели со основна класа на намена „А1-Домување во станбени куќи“ и „А2-Домување во станбени згради“ планирани со Деталниот урбанистички план од член 1 на оваа одлука во времетраење од 12 месеци по донесувањето на оваа одлука.

Во член 3 е определено дека во сите останати сегменти на спроведувањето на планот надвор од наведеното во член 2 од оваа одлука, истиот ќе продолжи да се спроведува непречено.

Според член 4 точки 1, 2 и 3 е определено дека по истекот на временскиот период за кој се донесува оваа одлука, Деталниот урбанистички план од член 1 на оваа одлука ќе продолжи да се спроведува непречено во сите сегменти. Доколку во меѓувреме се донесе изменување и дополнување на дел од Деталниот урбанистички план, се донесе нов детален урбанистички план за просторот, новиот урбанистички план ќе се спроведува непречено во сите сегменти и пред истекот на временскиот период за кој се донесува оваа одлука. По истекот на временскиот период  за кој се донесува оваа одлука доколку сè уште не се отстранети причините за нејзиното првично донесување, може да се донесе нова одлука за продолжување на мерките пропишани со член 2 од Одлуката, а по претходна анализа од стручните служби на Општината.

Во член 5 е определено дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“.

III

Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот Суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија ќе ја отфрли иницијативата, ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од доставената документација произлегува дека Советот на Општина Ѓорче Петров, врз основа на членовите 36 и 62 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ број 5/02), член 16 став 1 точка 37 од Статутот на Општина Ѓорче Петров, пречистен текст(„Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ број 18/13) и статутарните одлуки за измена и дополнувања на Статутот на  Општина Ѓорче Петров („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ број 3/19, 5/21 и 7/23), на ден 13.07.2023 година, донел Одлука за времен прекин на дел од постапките со број 08-1360/5, со кои се спроведува Деталниот урбанистички план за градска четврт C3 03 донесен на 12.11.2014 година, со број 08-1360/5, поради заштита на јавниот интерес што е воочен во текот на спроведување на планот што би се зголемувало со неговото спроведување на дел од постапките.

На 13 јули 2023 година од страна на градоначалникот на Општина Ѓорче Петров е донесено Решение за објавување на оспорената одлука, заведено под број 09-1418/3.

Уставниот суд на Република Северна Македонија, со Решението У.бр.166/2023 од 30.10.2024 година,  ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за времен прекин на дел од постапките со кои се спроведува Деталниот урбанистички план за градска четврт С3 03, Општина Ѓорче Петров, Скопје („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.8/2023).

Во образложението на Решението У.бр.166/2023 е наведено „Согласно со член 4 од Одлуката, по истекот на временскиот период од времениот прекин, продолжува непречено да се спроведува Деталниот урбанистички план во сите сегменти. Став 3 од истиот член од Одлуката, предвидува дека може да се донесе нова Одлука за продолжување на времен прекин, доколку по истекот на времетраењето не се отстранети причините за нејзиното првично донесување.

Оттаму, имајќи предвид дека оспорената Одлука на Советот на Општина Ѓорче Петров број 08-1360/5 е донесена на 13.07.2023 година и е објавена во „Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ број 8/2023 на 13.07.2023 година, а стапува на сила осмиот ден од објавувањето, произлегува дека истата важи од 21.07.2023 година. Времениот прекин на дел од постапките со кои се спроведува Деталниот урбанистички план за Градска четврт С3 03, согласно со член 2 од Одлуката, е со времетраење од 12 месеци од донесување на истата.

Со оглед на тоа дека времетраењето на времениот прекин престанал да важи заклучно со 21.07.2024 година, а Советот не донел нова одлука за продолжување на времениот прекин како што предвидел во член 4 од истата, постои процесна пречка за одлучување на Судот поради што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.“

Од ова произлегува дека за истата работа Судот веќе одлучувал, а во иницијативите не се содржани основи кои можат да доведат до поинакво одлучување, поради што Судот утврди дека постојат процесни пречки за постапување по иницијативата. Исто така,   имајќи ја предвид содржината на член 4 од оспорената одлука дека истата има темпорален карактер која по определениот краен рок за нејзина примена, заклучно со 21.07.2024 година,  ја исцрпела својата содржина и дејство и веќе не е во правниот поредок,  Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, во смисла на член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски