Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.107/2021
Скопје, 04.12.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 4 декември 2024 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 6 ставови 3 и 4 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија” број 61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/2011, 53/2011, 84/2012, 188/2013, 154/2015, 192/2015, 23/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 151/2021).
Образложение
I
Лила Лазевска од Скопје, преку полномошник адвокат Благоја Пандовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 6 ставови 3 и 4 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија” број 61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/2011, 53/2011, 84/2012, 188/2013, 154/2015, 192/2015, 23/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 151/2021).
Според подносителот на иницијативата член 3 ставови 3 и 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Северна Македонија” број 151/2021), со кои се пропишува даночна стапка три пати повисока од основната доколку сопственикот на земјоделско земјиште не го користи истото за земјоделски цели односно сопственикот на недвижниот имот, било да е правно или физичко лице, не го користи имотот или не го дава под закуп повеќе од шест месеци во текот на една година, се спротивни на член 8 став 1 алинеи 3 и 6 и член 51 од Уставот.
Во своите наводи подносителот наведува дека со овие измени и дополнувања на Законот за даноци на имот се креира небулозна правна ситуација кога се работи за правно лице, сопственик на недвижен имот, кое правно лице е во стечај и неговиот имот се води како стечајна маса во стечајната постапка, а во членот 3 од оспорениот закон се предвидува дека тројно поголема даночна стапка се применува во ситуација кога имотот не се користи, а што во случаи кога фирмата се наоѓа во стечај или ликвидација и не е во можност да издава недвижност под закуп.
Подносителот наведува дека воопшто не е јасно зошто се воспоставува даночна обврска за правното лице во ситуации кога имотот на правното лице претставува стечајна маса, предмет на стечајна постапка и истиот не може да се користи.
Покрај ова, подносителот на иницијативата смета дека нејасноста на оспорените одредби произлегува токму од фактот што не се зема предвид ситуацијата кога сопственикот на имотот не е во можност истиот да го користи односно да го дава под закуп од причина што постои законска пречка при користењето бидејќи неговиот недвижен имот е дел од стечајната маса во стечајна постапка, и како последица на ова сопственикот на имотот односно даночниот обврзник се соочува со тројно поголема стапка и на ваков начин законодавецот има интенција и цел да му се причини огромна штета на правното лице над чиј имот се спроведува стечајна постапка и да служи како инструмент за добивање државна полза и државна бенефиција преку категоријата приватна сопственост.
Понатаму, во иницијативата се наведува и дека со оспорената одредба којашто е неуставна, законодавецот кај граѓаните предизвикува правна несигурност, а во однос на тоа дека правната сигурност е дел од владеењето на правото и правната заштита на сопственоста, и како резултат на наведеното е во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот, како и во спротивност со член 51 од Уставот соглосано кој, во Република Северна Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот, и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно со наведеното, подносителот бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на член 3 ставови 3 и 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот, како спротивни на член 8 став 1 алинеи 3 и 6 и член 51 од Уставот, со предлог истите да се поништат.
II
На седницата Судот утврди дека ставовите 3 и 4 од член 6 од оспорениот Закон за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија” број 61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/2011, 53/2011, 84/2012, 188/2013, 154/2015, 192/2015, 23/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 151/2021), ја имаат следната содржина:
Според член 6 став 3, стапките на данокот на имот за земјоделско земјиште кое не се користи за земјоделско производство се зголемуваат три пати во однос на стапките пропишани во ставот 1 на овој член.
Согласно став 4 од истиот член, стапките на данокот на имот за другиот недвижен имот опишан во член 2 став 1 точка 1 од овој закон кој е во сопственост на државата или на општините, општините во Градот Скопје и на Градот Скопје како и во сопственост на физички и правни лица, а кој не се користи од сопственикот или не се издава под закуп подолго од шест месеци во текот на една година, се зголемуваат за три пати во однос на стапките пропишани во ставот 1 на овој член.
Со иницијативата се оспорува член 3 ставови 3 и 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.151/2021), со кој се менува член 6 став 3 и 4 од интегралниот текст на Законот за даноците на имот, како предмет на оспорување е наведен член 6 ставови 3 и 4 од Законот за даноците на имот.
III
Според член 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Во член 9 од Уставот, е предвидено дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучувањето по иницијативата.
Уставниот суд на Република Северна Македонија со Одлуката У.бр.80/2023 од 27.03.2024 година веќе одлучувал по однос на член 6 став 4 од Законот за даноците на имот и со Одлуката го укинал член 6 став 4 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија” број 61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/2011, 53/2011, 84/2012, 188/2013, 154/2015, 192/2015, 23/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 151/2021).
Во наведената одлука Судот утврди дека во отсуство на јасно уредени критериуми на законското решение „кој не се користи“, „подолго од 6 месеци“, и нејасниот начин на докажување на користењето односно некористењето (со што и пред кој орган се докажува), оспорената одредба може на арбитрарен начин да се применува од различни општини на различен начин со примена на различни критериуми, со што граѓаните можат да бидат доведени не само во правна несигурност, туку и ќе бидат различно третирани во нивните права и обврски во зависност од тоа која општина кој критериум ќе го примени, што претставува повреда на принципот на еднаквост.
Покрај ова, според Судот, нејасноста на оспорената одредба произлегува и од фактот дека во рамки на Законот не се дефинирани начинот и постапката за утврдување на некористењето на недвижниот имот, односно не постојат јасни критериуми како, со што, и пред кој орган се докажува користењето односно некористењето на недвижниот имот, што може да доведе до арбитрарност во примената односно да создава правна несигурност во практикувањето на правото за субјектите кои се засегнати со конкретното правно прашање. Ова од причина што во рамки на Законот, не е дефинирано прашањето што претставува некористење на недвижен имот, ниту е предвидено дека со подзаконски акти ќе се операционализираат или дефинираат прецизно критериумите и постапувањето на органите задолжени за утврдување на некористење на недвижниот имот, што претставува клучен момент за утврдување на трипати повисок данок за сопствениците на истите.
Темелната вредност, владеење на правото во еден правен поредок треба да се остварува преку доминација на правната норма која треба да биде јасна, прецизна и разбирлива, која нема да остава можност за различно толкување и нејзина различна примена што може да доведе до повреда на принципот на правна сигурност на граѓаните. Во тој контекст, правната сигурност и владеењето на правото се во функција да го обезбедат и принципот на еднаквост на граѓаните, утврден во член 9 од Уставот. Оттука, во околности на нејасни и непрецизни законски одредби од кои не може да се утврди кој, со што и како го утврдува законското решение во деловите „кој не се користи“ и „подолго од 6 месеци“, Судот оцени дека покрај правната сигурност се доведува под сомнение и принципот на еднаквост.
Исто така, Уставниот суд со Одлуката У.бр.75/2022 од 18.09.2024 година, го укинал и член 6 став 3 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија” број 61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/2011, 53/2011, 84/2012, 188/2013, 154/2015, 192/2015, 23/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 151/2021).
Во образложението на Одлуката Судот утврди дека оспорената одредба од член 6 став 3 од Законот, дека стапките на данокот за имот за земјоделско земјиште кое не се користи за земјоделско производство можат да се зголемат за три до пет пати, со што се оспорува на кој начин ќе се цени за кого можат стапките да се зголемат за три, четири или пет пати од истите утврдени во ставот 1 од член 6 од Законот, се наведува дека согласно со член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.151/21) со кој се менува член 6 од Законот, оваа одредба е изменета односно согласно истата, стапките за данокот на имот за земјоделско земјиште кое не се користи за земјоделско производство се зголемуваат три пати во однос на стапките пропишани во ставот 1 од истиот член (а не од три до пет пати). Од тие причини,Судот оценил дека од аспект на наводите изнесени во иницијативата, може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 6 став 3, со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 став 2 од Уставот.
Тргнувајќи од фактот дека Уставниот суд на Република Северна Македонија со наведените одлуки ги укинал член 6 ставови 3 и 4 од Законот за даноците на имот и истите се надвор од правниот поредок, Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување во смисла на член 38 алинеја 3 од Актот на Судот, за отфрлање на иницијативите.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски