У.бр.112/2023

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.112/2023
Скопје, 20.11.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 2 и член 73 алинеи 1 и 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 20 ноември 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 169 и член 170 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/2021, 299/2021, 303/2021, 32/2022, 54/2023, 102/2023, 6/2024 и 18/2024), склучен помеѓу Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат.

2. СЕ ОТФРЛA иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 171 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/2021, 299/2021, 303/2021, 32/2022, 54/2023, 102/2023, 6/2024 и 18/2024), склучен помеѓу Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат.

Образложение
I

Мартин Ефремов од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 169, член 170 и член 171 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи број 02-558/1, донесен на 24.06.2021 година и објавен на 05.07.2021 година во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/2021.

Според подносителот на иницијативата, оспорените членoви од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, не се во согласност со член 32 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во иницијативата се наведува дека оспорените членови од Колективниот договор не се во согласност и со Законот за работни односи кој препознава редовна и прекувремена работа, но не и „вишок“ часови како институт кој го познава Министерството за внатрешни работи, квалификувајќи ја прекувремената работа над 32 часа во текот на месецот како вишок на часови кои се користат до 30 јуни следната календарска година.

Понатаму во иницијативата се наведува дека со оспорените членови од Колективниот договор, Министерството за внатрешни работи забранува исплата на одработена прекувремена работа на работниците кои се ангажирани повеќе од 32 часа месечно над полниот фонд на часови во текот на месецот, со што воедно се дава и можност на работодавачот неограничено да ги ангажира работниците со повеќе од 100 или 150 часа работа над полниот работен фонд, а им се исплаќа единствено 32 часа прекувремена работа. Исто така, оспорените одредби во пракса ги ставаат во заблуда и граѓанските судови во паричните побарувања за прекувремена работа за одредена календарска година за кое е поставено тужбеното барање за прекувремена работа.

Со иницијативата се цитирани оспорените членови 169, 170 и 171 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи.

Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на член 169, член 170 и член 171 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија” број 149/2021) по што, истите да ги укине.

II

На седницата Судот утврди дека Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/2021, 299/2021, 303/2021, 32/2022, 54/2023, 102/2023, 6/2024 и 18/2024), склучен помеѓу Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат во поглавјето 1.1.2.3 „Вонреден работен додаток на плата“, се содржани оспорените одредби:

Според член 169, вонреден работен додаток на плата се исплаќа за работа подолга од полното работно време – прекувремена работа.

Согласно со член 170 ставови 1 и 2, вонредниот работен додаток на плата се исплаќа на основната компонента на платата на работникот. Вонредниот работен додаток на плата се исплаќа по час во висина од 40%.

Во член 171 став 1 се наведува дека вонредниот работен додаток на плата на работникот се исплаќа за одработени 32 часа прекувремена работа во месецот. Во став 2 е наведено дека наместо зголемување на платата согласно ставот 1 на овој член, со согласност на работникот може да се определи истиот да користи слободни денови. Став 3 предвидува дека доколку работникот одработи повеќе од 32 часа прекувремена работа во месецот, за останатите часови (над 32 часа) користи исклучиво слободни денови. Користењето на слободните денови се пресметува на начин што реализираните работни часови се зголемуваат за 40%, па потоа се делат со бројот на работни часови во една смена (осум часа) односно шест часа прекувремена работа се заменуваат со еден слободен ден, според следната формула: 6 x 1,40 : 8=1. Согласно став 4 од членот, слободните денови од ставот 3 на овој член, кои работникот не ги искористил во тековната календарска година, може да ги искористи најдоцна до 30 јуни следната календарска година.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија е владеењето на правото.

Согласно со член 32 ставови 2, 3 и 5 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, секој вработен има право на соодветна заработувачка и остварувањата на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективен договор.

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно со член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Од изнесените уставни одредби, покрај другото, произлегува дека правата и положбата на вработените се уредуваат со закон и со колективни договори. Со колективното договарање се доуредува положбата на вработените во рамки на законските права и обврски на начин што тие права не можат да бидат понеповолни од пропишаните со закон.

Со Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/ 2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016, 120/2018, 110/2019, „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.267/2020, 151/2021, 288/2021 и 111/2023), на општ начин се уредени остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работен однос.

Имено, согласно со член 1 ставови 1 и 2 од Законот за работните односи, со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување.

Во член 3 став 1 од Законот за работните односи, се наведува дека овој закон ги уредува и работните односи на работниците вработени во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа, установите, јавните претпријатија, заводите, фондовите, организациите и други правни и физички лица кои вработуваат работници, доколку со друг закон поинаку не е определено.

Од анализата на Законот за работните односи, како Lex generalis произлегува дека со него се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој закон кој ги пропишува основните, односно минималните права, и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување, при што со договорот за вработување, односно со колективниот договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако такви одредби содржат, се сметаат за ништовни. Со договорот за вработување, односно со колективниот договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни отколку што ги определува овој закон. Правата од работниот однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземаат или ограничат со акти и дејствија на работодавач.

Имено, согласно член 12 став 2 од Законот, со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон. Согласно ставот 3, со договорот за вработување, односно со колективниот договор може да се одредат правата кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон.

Според член 105 ставови 1,2 и 3 од овој закон, работникот има право на заработувачка – плата, согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување. Плаќањето на работата по договорот за вработување мора да биде секогаш во парична форма. При исплатата, работодавачот мора да го почитува најнискиот износ определен со колективен договор, во согласност со закон, кој непосредно го обврзува работодавачот. Платата е составена од основна плата, дел од платата за работната успешност и додатоците, ако со друг закон поинаку не е определено.

Според член 106 ставови 1 и 3 од истиот закон, основната плата се определува земајќи ги предвид барањата на работното место, за кое работникот го склучил договорот за вработување. Додатоците се определуваат за посебните услови при работа, кои произлегуваат од распоредот на работното време и тоа за работа во смени, работа во поделено работно време, ноќна работа, работа на дежурство согласно закон, продолжена работа, работа во ден на неделен одмор, работа во празници определени со закон, работа во недела и додаток за работен стаж.

Согласно член 117 ставови 1 и 2 од овој закон, работникот е должен на барање на работодавачот да врши работа преку полното работно време (прекувремена работа). Прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и 190 часа најмногу годишно, освен за работите кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работа во смени. Прекувремената работа во период од три месеци не може во просек да надминува повеќе од осум часа неделно.

Според ставот 3 од овој член од Законот, за работниците од Министерството за внатрешни работи и работниците од Агенцијата за национална безбедност, кои вршат посебни должности и овластувања согласно со посебни закони, прекувремената работа може да трае подолго од 190 часа годишно, поради извршување на итни и неодложни работи, по претходно дадена писмена согласност на работникот.

Законот за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.42/2014, 116/2014, 33/2015, 5/2016, 127/2016, 142/2016, 190/2016, 21/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.108/2019, 275/2019 и 110/2021) како Lex specialis, на кој и упатува Законот за работните односи, во член 148 став 2 утврдува дека вонредниот работен додаток на плата се исплаќа за работа подолга од полното работно време – прекувремена работа. Во ставот 3 од овој член од Законот е утврдено дека работниот додаток на плата и вонредниот работен додаток на плата, како и нивната висина и постапката за нивно утврдување се уредуваат со Колективниот договор на Министерството.

Оттука, неспорно е дека со закон е определено предметното прашање за вонредниот работен додаток на плата, неговата висина и постапка за утврдување да биде уредено со Колективен договор на Министерството, соодветно на неговите специфични надлежности.

Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/2021, 299/2021, 303/2021, 32/2022, 54/2023, 102/2023, 6/2024 и 18/2024) склучен помеѓу Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат, како колективен договор на ниво на работодавач, во членот 1 утврдил дека со овој колективен договор се уредуваат правата и обврските на работниците во Министерството за внатрешни работи и работодавачот, како и условите и начинот на остварување на правата и обврските од работен однос и други прашања од работните односи или во врска со работните односи.

Со член 171 став 1 од Колективниот договор е уреден вонредниот работен додаток на плата. Тој на работникот му се исплаќа за одработени до 32 часа прекувремена работа во месецот.

Со оглед на тоа што за одработени прекувремени часови во месецот, до 32 часа, со ставовите 1 и 2 од членот 171 од Колективниот договор се дава право на исплата на вонреден работен додаток на работникот или право по согласност на работникот, тој да користи слободни денови, произлегува дека се норми кои во суштина уредуваат права на работникот кои произлегуваат од работниот однос во Министерството и не може изборот за користење на слободни денови уредено во ставот 2 од овој член од Колективниот договор да се смета за повреда на работничките права, ниту е тоа спротивно на Уставот и законите на кои се посочува во иницијативата.

Во Колективниот договор со ставовите 3 и 4 од членот 171 е уредено дека доколку работникот одработи повеќе од 32 часа прекувремена работа во месецот, за останатите часови (над 32 часа) користи исклучиво слободни денови. Користењето на слободните денови се пресметува на начин што реализираните работни часови се зголемуваат за 40%, па потоа се делат со бројот на работни часови во една смена (осум часа) односно шест часа прекувремена работа се заменуваат со еден слободен ден, според формулата 6 х 1,40 : 8 = 1.

Според ставот 4, слободните денови од ставот 3 на овој член кои работникот не ги искористил во тековната календарска година, може да ги користи најдоцна до 30 јуни следната календарска година.

Со Законот за работните односи во погоре цитираниот член 117 е предвидено дека прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и 190 часа најмногу во годината. Ова ограничување не се однесува за работите кои имаат специфичен процес и не можат да прекинат или нема услови и можности за организирање работа во смени, но и во ваков случај прекувремената работа во период од три месеци на може во просек да надминува повеќе од осум часа неделно. Меѓутоа, со ставот 3 на овој член од Законот децидно е утврдено дека за работниците во Министерството за внатрешни работи и работниците во Агенцијата за национална безбедност кои вршат посебни должности и овластувања согласно со посебни закони, прекувремената работа може да трае подолго од 190 часа годишно, по претходно дадена согласност на работникот.

Повторно поаѓајќи од анализата на наведената уставна и законска регулатива од областа на работните односи во контекст на наводите во иницијативите во врска со оспорениот член 169 од Колективниот договор на МВР, неспорно произлегува дека прекувремената работа претставува институт кој се однесува на прашања поврзани со остварување на правата на вработените и нивната положба и истиот претставува посебен услов за работа.

Работата подолга од полното работно време или прекувремената работа, работникот е должен да ја врши на барање на работодавачот и тоа во случаите децидно наведени во член 117 став 1 точки 1 до 5 од Законот за работните односи. Во став 3 од истиот член, времетраењето на прекувремената работа за работници од Министерството за внатрешни работи и работници од Агенцијата за национална безбедност кои вршат посебни должности и овластувања, согласно со посебни закони, може да трае и подолго од 190 часа годишно, поради извршување на итни и неодложни работи, по претходно дадена писмена согласност од работникот. Ваквиот исклучок е од времен карактер за оваа категорија на работници и важи само за период на извршување на итни и неодложни работи по претходно дадена писмена согласност на работникот.

Со оспорениот член 170 ставови 1 и 2 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, e предвидено дека вонредниот додаток на плата се исплаќа на основната компонента на платата на работникот и вонредниот работен додаток на плата се исплаќа по час во висина од 40%.

Со Колективен договор за изменување и дополнување на Колективниот договор на МВР „Службен весник на РСМ“ бр.54 од 13.03.2023 година, членот 14 гласи:

Во член 170 по ставот 2 се додава нов став 3 кој гласи:
(3) Вонредниот работен додаток на плата за реализираните часови работа во смени кои се над законски утврдениот вкупен износ на работни часови (со вклучени денови на празник и неработни денови), го исклучува работниот додаток на плата од членот 166 став 1 алинеја 4 од овој Колективен договор.

Во член 166 став 1 од Колективниот договор се предвидува дека работен додаток на плата се исплаќа на работникот по час и тоа за работа ноќно време и работа во недела 40%, за работа во денови на празник и неработни денови утврдени со закон 50%, за работа во смени 5% и за домашно дежурство 5%.

При анализата на оспорениот член 170 од Колективниот договор на кој е додаден нов став 3, Судот утврди дека со оваа одредба се појаснува и се прецизира работниот додаток на плата што му се исплаќа на работникот по час и висината за работа ноќно време и работа во недела, за работа во денови на празник и неработни денови утврдени со закон и за работа во смени, што се исплаќа на основната компонента на платата на работникот. Поради тоа Судот цени дека на работниците им се даваат дополнителни бенефиции и начини за остварување на правата загарантирани со одредбите од Законот за работните односи.

Според Колективниот договор, работник во смисла на овој колективен договор е лице кое заснова работен однос на работно место со статус на овластено службено лице или со статус согласно со Законот за работни односи врз основа на склучен договор за вработување на неопределено или определено време, со полно, со пократко од полното и со скратено работно време во Министерството; работи на работно место со статус на овластено службено лице или со статус согласно Законот за работни односи со полно, односно со скратено работно време во Министерството.

Со оглед на наведеното, оспорените членови од Колективниот договор не се во спротивност со член 32 од Уставот, според кој правата на вработените се остваруваат со закон и колективен договор односно во конкретниот случај не постои загрозување на правата од работен однос, затоа што истиот не се однесува на правото на работникот на плата. Уставно загарантираното право на заработувачка односно плата на работникот во ниту еден момент не е загрозено со оспорените одредби и истото е децидно операционализирано и регулирано во член 105 и член 106 од Законот за работните односи.

Исто така, наводите во иницијативите дека оспорените член 169, член 170 и член 171 од Колективниот договор на МВР, кои се однесуваат на незаконитоста на оспорените одредби, Судот цени дека се неосновани, од причина што истите се во согласност со Законот за работни односи, како во однос на времетраењето на полното работно време, така и во делот на остварување на дозволените часови работа подолго од полното работно време (прекувремена работа) на законски утврдената рамка, како што е предвидено со член 117 став 3 од Законот за работни односи, имајќи ги предвид природата на работите и задачите во надлежност на Министерството и статусот на работниците кои имаат посебни овластувања предвидени со закон.

Законот за работните односи во погоре цитираниот член 117 уредил дека прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и 190 часа најмногу во годината. Ова ограничување не се однесува за работите кои имаат специфичен процес и не можат да прекинат или нема услови и можности за организирање работа во смени, но и во ваков случај прекувремената работа во период од три месеци не може во просек да надминува повеќе од осум часа неделно. Меѓутоа, со ставот 3 на овој член од Законот децидно е утврдено дека вработените во Министерството за внатрешни работи и работниците во Агенцијата за национална безбедност кои вршат посебни должности и овластувања согласно со посебни закони, прекувремената работа може да трае подолго од 190 часа годишно по претходно дадена согласност на работникот.

Оттука, со ставот 3 на членот 117 од Законот за работни односи и со член 148 став 3 од Законот за внатрешни работи е дадено законско овластување вонредниот додаток на плата, неговата висина и постапка за утврдување да се уредува со Колективен договор на Министерството, како што тоа е уредено и со оспорените одредби од Колективниот договор.

Ваквиот пристап на страните кои го склучиле Колективниот договор, Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат, да се определат за договорно балансирано нормативно решение, каде до 32 часа месечно вонредна работа работникот има право на избор да му се исплати вонреден работен додаток или да му се дадат на користење слободни денови, а од друга страна договорните страни уредиле за прекувремената работа за деновите над 32 часа во месецот, исклучиво да се определуваат слободни денови за користење на работникот, без право на избор како претходното (до 32 часа), е всушност согласност на работниците застапувани преку синдикатот за остварување на комбиниран облик на права кои произлегуваат од прекувремената работа во Министерството за внатрешни работи, соодветно на специфичностите во работниот процес на работа и надлежностите на ова министерство, за што има законски основ за нивно меѓусебно договорно усогласување по предметните прашања.

Поаѓајќи од погоре наведената анализа, Судот утврди дека оспорените членови 169 и 170 од Колективниот договор не можат уставноправно да се проблематизираат од аспект на наведените наводи во иницијативата.

Уставниот суд на Република Северна Македонија, со Решението бр.10/2022 на 11 мај 2022 година оценувајќи ја законитоста на оспорените одредби од член 171 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, не повел постапка за оценување на законитоста на член 171 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 149/2021, 299/2021, 303/2021, 32/2022, 54/2023, 102/2023, 6/2024 и 18/2024), склучен помеѓу Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат. Имено, оспорените одредби од ставовите 3 и 4 од членот 171 од Колективниот договор, го уредуваат прашањето за вршење прекувремена работа над 32 часа во месецот, односно над 190 часа годишно, за што имаат законски основ за тоа и го уредуваат прашањето за остварување на работничките права од ваквото прекувремено работење, на начин што за часовите во месецот кои се над 32 часа вонредна работа, а кои часови во текот на годината можат да бидат и над 190 часа годишно, за тој дел исклучиво работникот може да користи слободни денови пресметани како што е утврдено во овие норми и тоа до 30 јуни наредната календарска година.

Имајќи предвид дека Судот во овој дел веќе одлучувал за истата работа, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата за оценување на законитоста на член 171 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски