Преглед на оформени предмети во Уставниот суд во втората половина на 2024 година 

Во периодот од  1 мај, заклучно со 31 декември 2024 година во Уставниот суд се оформени 108 предмети по претходно поднесени иницијативи и барања од граѓаните. Во овој Преглед, Судот ги објавува оспорените одредби, наводите и подносителите на иницијативите и барањата. 

1. У.бр.169/2024

Оспорен акт: Член 2 и 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи од 20.07.2023 година

Подносител на иницијативата: Доне Лазаревски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот преку личен пример како сопственик на микропретпријатие кое било доверител, наведува дека е дискриминиран и доведен во ситуација да ја загуби сопственоста поради законските измени. Според него, со имплементацијата на измените,на должниците им се овозможува да не ги подмируваат долгот, договорите стануваат ништовни, а тоа предизвикува загрозување на правната сигурност на граѓаните и повреда на владеењето на правото.

2. У.бр.170/2024

Оспорен акт: Член 3 став 3 и став 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот

Подносител на иницијативата: Адвокат Благоја Пандовски

Од наводите во иницијативата: 

Во иницијативата се наведува дека со примена на оспорените одредби се ограничува правото на работа и учеството на пазарот на цела категорија на граѓани кои пред заминувањето во пензија биле во редовен работен однос, а по пензионирањето иако претходно стекнале лиценца за водење на сметководство како сметководители и овластени сметководители во трговските друштва веќе не може да се занимаваат со водење на сметководство дури и со договор за дело како дополнителна дејност. Подносителот тврди дека со оспорените одредби директно се негира и можноста за склучување на договори за дело утврдени во членот 619 од ЗОО. 

3. У.бр.171/2024

Оспорен акт: Член 5 став 1 алинеја 4 од Правилникот за начинот на плаќањето на здравствените услуги во примарната стоматолошка здравствена заштита.

Подносител на иницијативата: Здружение на приватни стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина, преку претседател др- Жарко Ѓорѓиев. 

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека членот 5 од Правилникот предизвикува проблеми во примената, односно при финансирањето на приватните здравствени установи од областа на стоматологијата, бидејќи воопшто не е одредено за каква висина на плата се однесува(на стоматолошкиот тим) и според наводите се тврди дека Фондот може паушално да ја утврди таа ставка. Дополнително според подносителот спорни се и материјалните трошоци кои се прават при пружање на стоматолошките здравствени услуги, понатаму, не е уредено во ниту еден акт која е точната спецификација на општите трошоци на работењето кои Фондот ги зема при пресметувањето на вредноста на капитацискиот поен. Во иницијативата се наведени и други елементи кои според подносителот се проблематични во примената, а се во насока на наведениот заклучок дека критериумите за одредување на вредноста на капитацијата се нереални и незаконски. 

4. У.бр.172/2024

Оспорен акт: Правилник на ЈЗУ Клиника Болница д-р Трифуновски Пановски бр.02-1186/2 од 13.10.2023 година Битола донесен од Управниот одбор на ЈЗУ КБ Битола

Подносител на иницијативата: Игор Раденков

Од наводите во иницијативата: 

Се наведува дека со оспорениот Правилник, со членовите 5, 8 и 18, е повреден член 32 од Уставот, членот 55 од Законот за организација и работа на органите на Управата и член 160 и 161 од Законот за здравствена заштита. Според Подносителот, оспорениот Правилник е донесен незаконски од орган кој нема ингеренција на носење, ниту законски основ за носење на подзаконски акти, при што со неговата примена е направен субјективен избор на кандидатите од страна на работниот орган на болницата. 

5. У.бр.173/2024

Оспорен акт: Делот „сојузен” од член 117 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување на воените осигуреници и „сојузен” од член 119 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување на воените осигуреници

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека оспорените делови од одредбите се спротивни на Уставот,  односно на членовите 1, 51 став 1. 

6. У.бр.174/2024

Оспорен акт: Делот „министерот” од делот „ги донесува министерот по претходна согласност” од член 143 став 2 од Законот за енергетика. 

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорениот дел е недоволно прецизен и јасен, што е во спротивност со начелото на владеењето на правото. Со иницијативата се тврди дека од содржината на одредбата од тој пропис не е јасно определено кој е „министерот” кој ги донесува техничките прописи по претходна согласност на министерот надлежен за работите од областа на транспортот, министерот надлежен за работите од областа на животната средина и министерот надлежен за работите од областа на внатрешни работи. 

7. У.бр.175/2024

Оспорен акт: Точка 1 и 2 од член 2 од Правилникот за користење и одржување на нафтовод и продуктовод и Правилникот за користење и одржување на нафтовод и продуктовод во целина.

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев 

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека не може да се утврди дали наведениот Правилник е донесен „по претходна согласност  на министерот надлежен за работите од областа на транспортот, министерот надлежен за работите од областа на животната средина и министерот надлежен за работите од областа на внатрешните работи,” што не е во согласност со цитираната одредба од членот 143 став 2 од Законот за енергетика, како и со законитоста на оспорениот Правилник. 

8. У.бр.176/2024

Оспорен акт: Член 141-а од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги воведен со член 10 од измените и дополнувањата на Законот за ААВМУ од 28.02.2024 година и членот 16 од Законот за измени и дополнувања на Законот за ААВМУ.

Подносител на иницијативата: Адвокат Љупчо Докузов

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека со оспорените измени неосновано се навлегува во правата и обврските на радиодифузерите и нивната независност, како и на кабелските оператори кои вршат реемитување на националните програмски сервиси, а со тоа и на публиката- потрошувачите, при што со закон се налагаат и предвидуваат задолжителни облигациони односи-склучување на договори помеѓу трговски друштва основани со приватен капитал. Се наведува дека Законодавецот неосновано интервенира/се меша и уредува приватно-правни односи помеѓу трговски друштва, односно на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Се тврди дека со измените државата наредува што мора да гледаат граѓаните, што да реемитуваат кабелските оператори и што да емитуваат телевизиите преку програма мултиплекс итн. 

9.У.бр.177/2024

Оспорен акт: Терминот „привремен престој во насловот и во целиот текст на Законот за таксата за привремен престој и во делот на придавката која гласи „привремен”. 

Подносител на иницијативата: Славко Лазовски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот, меѓудругото наведува дека терминот „привремен” е спротивен на членот 2 став 1 членот 4 став 1, членот 8 став 1, членот 27 став 1 од Уставот. Според подносителот терминот „привремен престој” е воведен во 1965 година и по толку години не може да биде усогласен со современите уставни вредности:

10. У.бр.178/2024

Оспорен акт: Делот „процесната“ од членот 222 став 1 од Законот за семејството

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Според подносителот станува збор за дел од одредба која упатува на нејасна примена и на тој начин би можело да доведе до заблуда во однос на тоа кој пропис треба да се примени, дали одредбите од процесната постапка според Законот за процесната постапка кој престанал да биде дел од правниот промет на ден 19.07.1998 година. Се наведува дека одредбата го повредува начелото на владеењето на правото од член 8 алинеја 3 од Уставот. 

11.  У.бр.179/2024

Оспорен акт: Статутот на Здружението „Ловечко друштво Церн Камен 2010”

Подносител на иницијативата: Друштво за консалтинг Лански, Ганзгер, Зеќири и партнер ДОО Скопје

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека дисциплинскиот суд не може во исто време да биде посебен орган на здружението и орган на Собранието, кое е во рамки на Здружението. Се тврди дека со оспорениот Статут се прави ограничување на составот , односно се истакнува дека членовите-основачи имаат право да бидат дел од Собранието и се ставени во понеповолна положба останатите членови на Здружението кои не се ниту членови-основачи ниту членови на Управен одбор или претседатели на подружници и истите да немаат право да бидат дел од Собранието и да учествуваат во неговата работа, иако ги исполнуваат условите. 

12. У.бр.180/2024

Оспорен акт: Член 38-а од Законот за судовите и член 62 став 2 од Законот за јавното обвинителство

Подносител на иницијативата: Адвокат Љупчо Докузов

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека со оспорените одредби се ограничува работата на новите судии и јавни обвинители  за кои во Законот за судовите се бара судиски стаж од две години, а во Законот за јавното обвинителство, јавно-обвинителски стаж од три години. Во иницијативата се тврди дека со оспорените одредби се доведуваат во нееднаква положба лицата кои имаат иста функција, иста плата, можеби и повеќе правно искуство(поранешни адвокати, правобранители), а немаат судиски, односно јавно-обвинителски стаж.

13. У.бр.181/2024

Оспорен акт: ДУП Блок 1.2, Блок 2.1 и Блок 2.2 Општина Гевгелија

Подносител на иницијативата: ДГИТУ САС Инвест дооел Гевгелија застапувани од адвокат Мартин Тодоровски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека Општина Гевгелија донела правосилно Одобрение за градба кое се коси со новиот и сега оспорен ДУП, бидејќи според него, невозможно е да се платат комуналии, да се изгради објект и во меѓувреме општината да изврши промена на ДУП, на штета на подносителот. Се наведува дека носењето на вакви одлуки е спротивно на владеењето на правото и се нарушува правната сигурност на граѓаните. 

14. У.бр.182/2024

Оспорен акт: Член 10 став 4 од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за импементација на проектот за изградба на инфрастуктурниот Коридор 8(делница: Tетово-Гостивар-Букојчани и проектот за автопатот Требеништа-Струга-Ќафасан) и коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп-Битола).

Подносител на иницијативата: Адвокат Жарко Стеваноски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека со оспорените одредби се повредуваат најмалку три темелни вредности утврдени со членот 8 од Уставот, а тоа е владеењето на правото, правната заштита на сопственоста, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и унапредување на животната средина и на природата. Се тврди дека по основ на поднесеното барање од страна на инвеститорот или ЈП за државни патишта се врши целосна експлоатација на минерална суровина- мермер на локалитетот „Ореовец”, во отсуство на физибилити студија за оправданост на доделување на концесија на добра од општ интерес, се загрозуваат два извора на исклучително квалитетна пивка вода и се нарушува имотот на околните имоти. 

15. У.бр.183/2024

Оспорен акт: Одлука за применување на Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање во постапка за спроведување на ДУП кои не се повеќе во важност на територијата на Општина Ѓорче Петров, донесена од страна на Советот на Општина Ѓорче Петров бр.08-649/4 од 27.02.2018.

Подносител на иницијативата: Сања Маринковиќ преку полномошник Александар Марковиќ, адвокат од Скопје

Од наводите во иницијативата: 

Се наведува дека Советот на Општината Ѓорќе Петров, донесувајќи ја Одлуката, направил измена и дополнување на постоечки ДУП, без притоа да спроведе законски пропишана постапка, која е во согласност со членот 27 и 31 од Законот за урбанистичкото планирање. Подносителот тврди дека ниту во важечкиот, а ниту во претходниот закон кој важел во време на донесување на Одлуката, не била предвидена можност за измена и дополнување на ДУП, со една Одлука. Се наведува дека работата на Советот на Општината не смеело да се врши набрзина без спроведување на сите фази, па наместо нивно спроведување, Советот изгласал Одлука со 4 члена со која суштински бил изменет постоечкиот ДУП. 

16. У.бр.184/2024

Оспорен акт: Делот „и висината на надоместокот“ од членот 20 став 6 од Законот за управување со отпад и Решението на министерот за животна средина и просторно планирање за составот, висината на надоместокот и начинот на работа на работното тело за отпад бр.11-1526/1 од 14.05.2024 година.

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Според подносителот, оспорениот дел не е доволно прецизен, а со тоа не е во согласност со начелото на владеењето на правото предвидено со членот 8 алинеја 3 од Уставот. Се наведува дека оспорените акти треба да се укинат бидејќи во правниот промет потребни се јасни, концизни норми кои нема да остават простор за арбитрерно толкување или примена. 

17. У.бр.185/2024

Оспорен акт: Делот „Управата за ветеринарство од ставовите 1 и 11 на членот 46 од Законот за ветеринарно-медицински препарати

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека оспорените делови пропишуваат надлежности и овластувања на непостоечки орган-Управа за ветеринарство, што значи сеуште произведуваат правно дејство и како спорни може да ги доведат во заблуда субјектите кои се засегнати со конкретната проблематика. 

18. У.бр.186/2024

Оспорен акт: Член 17 и 18 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик донесен на 07 март 2024 година

Подносители на иницијативата: Лилјана Поповска, Ѓорѓи Танушев, Костадин Ристоманов, Стојанчо Велков, Невена Георгиевска, Татјана Стојановска, Дејан Димитровски, Драгана Велковска, Горјан Јовановски, Јана Белчева-Андреевска, Јане Димески преку полномошник адвокатска канцеларија Петрушева.

Од наводите во иницијативата: 

Подносителите сметаат дека со оспорените членови се прави измена на  членовите 61 и 62 од Изборниот законик , кои се однесуваат на условите за поднесување листи на независни кандидати за пратеници, како и за членови на совети и градоначалници. Се тврди дека е драстично подигнат прагот за поднесување на независни граѓански листи на изобри на 1 % од гласачкото тело, што според нив претставува нееднаква положба на граѓаните при здружување  во иницијативни групи за поднесување на независни листи за учество на изборите. Се наведува дека овие измени создале нееднаквост на граѓаните и дискриминација во корист на партиите, имајќи предвид дека секоја партија која исто така претставува група граѓани, може да поднесе листи со кандидати, а е регистрирана со 1000 гласачи. Дополнително, според подносителите спорно е што измените се донесени во нетранспарентна и скратена постапка, без претходни консултации и јавна расправа. 

19. У.бр.187/2024

Оспорен акт: Член 4 точка 2 во делот „кое има склучено договор за оттуѓување на градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија наменето за автокамп согласно со овој закон”;

– член 5 став 3 кој гласи „Градежното земјиште во сопственост на Република Северна Македонија наменето за автокамп се оттуѓува согласно одредбите од овој закон”;

-член 10, 11, 12 став 1, 2, 4 и 5 како и 13, 14, 15, 16, 17, 18, 19, 29, 21, 22, 23, 24, 25, 26, 27 и 28

Подносител на иницијативата: Емил Михајлов

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека оспорените одредби ја исклучуваат можноста корисник на автокамп да стане лице кое би засновало долготраен и краткотраен закуп на градежно земјиште во сопственост на државата, наменето за изградба на автокамп, при што наведува дека таквото ограничување е во спротивност со темелната вредност владеење на правото, уредена со член 8 алинеја 3 од Уставот. 

20. У.бр.188/2024

Оспорен акт: Член 101-в став 4 и член 101-з став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за аудиовизуелни медиумски услуги објавен на 6 март 2024 година

Подносител на иницијативата: Ристо Гоговски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека со оспорените одредби, во примената, односно за распределба на буџетските средства се нарушуваат економските односи кои ги гарантира Уставот, односно членот 55 со кој е уредена еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот. Се наведува дека со примената на законот се создаваат услови за привилегирана и монополска положба на одредени субјекти. 

21. У.бр. 189/2024

Оспорен акт: Oдлука за измена и дополнување на Одлуката за давање на трајно користење на недвижни ствари на ЈП „Тетово транспорт”, бр. 08-12322/67 од 27.09.2023 година.

Подносител на иницијативата: Даријан Сотировски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека со оспорената Одлука, Општината без законски основ и спротивно на членот 18 став 4 од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост го дала на трајно користење Градскиот стадион во Тетово, на Јавното претпријатие „Тетово транспорт”. 

22. У.бр.190/2024

Оспорен акт: Делот „до навршени 65 години живот” од членот 2 став 3 и делот „Одлуката за организација на работата и систематизација на работните места во Стручната служба на Фондот”, од Правилникот за организацијата, состав и начинот на работа на Комисијата за оцена на работната способност. 

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека со оспорените делови се нарушува начелото на владеењето на правото од членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи Уставниот суд со одлуката У.бр 27/2020 го укина делот „најдоцна до 65 годишна возраст”, опфатен со член 44 став 2 од Законот за социјална заштита. 

23. У.бр.191/2024

Оспорен акт: делот „начинот” од член 9 став 6 од Законот за приватизација на државниот капитал

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Се наведува дека оспорениот термин не е дел од членот 12 од Законот за приватизација на државниот капитал и во таа смисла неосновано се остава можност со подзаконски акт да се пропишува меѓу другото и начинот за продажба на државен капитал, со што се овозможува арбитрерно без било кои други параметри да се продава државниот капитал. Подносителот тврди дека ова е во спротивност со начелото на владеењето на правото. 

24.У.бр.192/2024

Оспорен акт: Член 8 од Статутот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија, донесен на 1 јуни 2024 година

Подносители на иницијативата: Александар Ристески и Рајна Наумовска-Марковска, адвокати од Скопје

Од наводите во иницијативата: 

Подносителите сметаат дека со оспорениот член се прави обид за ограничување на уставното право на слободно здружување. Во иницијативата се тврди дека членот 8 од Статутот е спротивен на Законот за адвокатурата и дека Комората ги пречекорила надлежностите, да уредува односи кои се во надлежност на Собранието. Тврдат дека иако се членови на АКРСМ, тоа не ги ограничува и не значи забрана за членување во други здруженија, сојузи, асоцијации во државата и во странство. 

25. У.бр.193/2024

Оспорен акт: Член 1 и 5 од Правилникот за изменување и дополнување на правилникот за начинот, постапката и документацијата потребна за довицање согласност, објавен на 30 април 2024 година

Подносител на иницијативата: Валентин Пепељугоски, Светлана Нечева и Бојан Стоилков

Од наводите во иницијативата: 

Подносителите меѓу другото наведуваат дека оспорениот член 1 наметнува обврска за Надзорниот орган во Правилникот за спроведување на постапка за оцена на исполнување на условите за вршење на функцијата член на орган на управување на друштвото за осигурување. Се наведува дека ваква обврска не е предвидена со Законот за супервизија на осигурувањето, ниту пак можност за донесување на дополнителен позаконски акт за разработка на условите за избор на член на орган на управување. 

26.194/2024

27. У.бр.195/2024

Оспорен акт: Нотарската тарифа за изменување и дополнување на нотарската тарифа

Подносител на иницијативата: Oливер Давидовски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека овој подзаконски акт е донесен на 2 февруари 2024 година, а е објавен на 12 јуни 2024 година, при што очигледно се поминати повеќе од седум дена, што е спротивно на рокот за влегување во сила, предвиден со членот 52 став 2 од Уставот. 

28. У.бр. 196/2024

Оспорен акт: Член 115, 116 и 117 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување 

Подносител на иницијативата: Здравко Тумбовски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорените членови се во спротивност со неколку членови од Уставот, односно со членот 8 став 1 алинеја 3, 6 и 8, членот 20 став 1 и 2, член 30 став 1, 2 и 3, член 51 став 1. Се наведува и дека оспорените одредби се спротивни на членот 1 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Подносителот тврди дека со горенаведените членови во иницијативата, се обесправени и не можат да располагаат со нивните пензии, без одобрување на пензионерите-членови е воведен солидарен фонд-посмртна помош и членарина. 

29. У.бр.197/2024

Оспорен акт: Членoвите 3 и 4 од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на прибрани авторски надоместоци „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.135/2024).

Подносител на иницијативата: Славко Димитров

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека со спорните одредби се воведуваат различни коефициенти за авторски дела и Правилникот дискриминира одредени авторски дела врз основа на времето на нивната употреба или нивниот тип, при што е прекршен принципот на еднаквост. Се наведува дека вреднувањето на авторските дела треба да се врши според јасни и транспарентни критериуми кои ќе гарантираат фер и правична распределба на авторските надоместоци. 

30.У.бр.198/2024

Оспорен акт: Одлука за давање одобрение за основање на приватно средно училиште „Медреса Иса Беу” с. Кондово, донесена од Владата на 26 март 2024 година. 

Подносител на иницијативата: Славко Николов

Од наводите во иницијативата: 

Во иницијативата се наведува дека основач на приватното средно училиште е Исламската верска заедница, за што подносителот тврди дека верска заедница и религиозна група не е дозволено да биде основач на приватно средно училиште каде што ќе се организира и остварува настава за средно гимназиско образование од општествено-хуманистичко подрачје, јазично-уметничко подрачје и природно-математичко подрачје. Според подносителот, Уставот дозволува верските заедници да основаат верски училишта, но тие да бидат од верски карактер, операционализирани со закон. 

31. У.бр.199/2024

Оспорен акт: Член 7 став 2 алинеја 1 од Одлуката за распределба на социјални станови како и условите за нивно користење изградени по програмата за изградба, продажба и одржување на станбениот простор во сопственост на Република Северна Македонија

Подносител на иницијативата: Македонско здружение на млади правници

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот на иницијативата по анализа на оспорените одредби дошол до заклучок дека Законодавецот предвидел две права кои може да се остварат поради некаков тип на попреченост, односно правото на надоместок заради попреченост и правото на надоместок за помош и нега од друго лице. Со оглед на наведените две права, подносителот наведува дека неоправдано, арбитрено и неосновано пристап до социјално домување имаат само лицата кои го остваруваат правото на надоместок заради попреченост, но не и лицата кои остваруваат право на надоместок за помош и нега од друго лице. Бидејќи истовремено не го остваруваат и правото на надоместок заради попреченост, се исклучени од пристапот до социјалното домување се доаѓа од читање на оспорениот член 7 став 2 алинеја 1 од Одлуката во која се наведува дека кон потребната документација се доставува единствено решение од Центарот за социјални работи за остварување на правото на надоместок за попреченост. Поради тоа се тврди дека доколку некое лице достави решение од Центарот за социјална работа за остварување на правото на надоместок за помош и нега од друго лице, ќе се смета дека тоа не ги доставило потребните документи, па неговото барање би било одбиено како непотполно, односно отфрлено како неосновано.

32. У.бр.200/2024

Оспорен акт: Член 4 од Законот за празниците на Република Македонија

Подносител на иницијативата: Арбен Саити

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека со донесувањето на оспорениот член 4 се врши дискриминација на граѓаните по основ на национално и социјално потекло, како и верско уверување, односно дека оспорената одредба е во спротивност со членот 9 од Уставот, како и членовите 18 и 19 со кои е уредена заштитата од повредата на личниот интегритет кој произлегува од регистрирањето на информации за нив,преку обработка на податоците, понатаму дека се повредува правото на слободно изразување на верата. 

33. У.бр.201/2024

Оспорен акт: Одлука за утврдување правила во урбанистичкото планирање и спроведување на параметри во рамки на дефинираната градежна парцела за реализација и спроведување на урбанистички план донесена од Советот на Општина Тетово од 12 јуни 2024 година. 

Подносител на иницијативата: Даријан Сотировски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека Одлуката го повредува начелото на правна сигурност на граѓаните, бидејќи, меѓу другото Советот на Општината донел Одлука која разработува прашања кои треба да бидат уредени со Закон за урбанистичко планирање, па на тој начин се вели дека од 1 јули 2024 година локалната самоуправа ќе се придржува до „новите” правила во процесот на урбанистичкото планирање кои се однесуваат посебно на изградбата и одобренијата за градба во зони на индивидуално домување. Според наводите, не може да стане збор за „нови” правила, бидејќи конкретните правни прашања се регулирани со Закон врз кој што е основан ДУП на конкретни подрачја. 

34. У.бр.202/2024

Оспорен акт: Годишна наредба за здравствена заштита на животните во 2024 донесена од Агенцијата за храна и ветеринарство, објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.59 од 12 март 2024 година

Подносител на иницијативата: Граѓанска асоцијација за унапредување на инклузивноста во градовите и градските простори „Хумани градови”, преку полномошник Милка Докузова

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека оспорената Наредба не е во согласност со Законот за заштита и благосостојба на животните, како и со членот 8 став 1 алинеја 3, член 8 и 10 од Уставот, спротивна на темелните вредности на уставниот поредок, односно владеењето на правото, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и унапредување на животната средина и на природата, почитување на општоприфатените норми на меѓународното право. Подносителот тврди дека Агенцијата ги пречекорила надлежностите уредувајќи права и обврски кои не се засновани со закон. Се наведува дека со Наредбата се наметнува обврска на општините да ги еутанизираат сите кучиња позитивни на одредена болест, при што се навлегува во делокругот на овластувања на општините и се ограничуваат можностите за примена на методата (залови, стерилизирај, врати), предвидена со Законот за заштита и благосостојба на животните. 

35. У.бр.203/2024

Оспорен акт: Делот „листата на професионалните болести” од член 40 став 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Со оспорената одредба подносителот тврди дека недоволно е разјаснето прашањето на професионална болест која може да претставува основ за признавање на право од пензиското и инвалидското осигурување, односно права од инвалидност, по што се создава основ со подзаконски акт да се доразработи Законот во детали. 

36. У.бр.204/2024

Оспорен акт: Tочка 24 од став 1 на членот 211 од Законот за животна средина

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Во иницијативата се наведува дека дека оспорената одредба упатува дека всушност нема предмет на уредување-донесување на план онака како што било уредено, заклучно со влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина, при што може да доведе до забуна во примената на одредбата. Подносителот констатира дека оваа одредба не е во согласност со начелото на владеењето на правото предвидено со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. 

37. У.бр.205/2024

Оспорен акт: Делот „управата за животна средина” од член 161-а став 1 од Законот за животната средина

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорениот член не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 51, членот 95 став 1 од Уставот, како и дека е во спротивност со членот 5 став 3, 7 и членот 12 од Законот за организација и работа на органите на државната управа. 

38. У.бр.206/2024

Предмет: Барање за заштита на слободите и правата 

Оспорен акт: Одлука за разрешување директор на Агенцијата за разузнавање бр.08-251 од 28.06.2024 и Одлуката за именување на директор на Агенцијата за разузнавање бр.08-253/1 од 28.06.2024 година. 

Подносител на иницијативата: Еролд Муслиу

Од наводите во барањето: 

Подносителот смета дека е дискриминиран по основ на пол и на политичка припадност, во врска со членот 9 од Уставот. Во барањето е наведено дека оспорената Одлука не содржи никакво образложение од кое може да се утврди дека е разрешен поради нестручно и несовесно извршување на функцијата, како што официјално било наведено во Одлуката. Подносителот наведува неколку медиумски објави со кои укажува дека Претседателот на Република Северна Македонија од моментот на стапувањето на функција до моментот на донесување на спорните одлуки, остварува информативни средби со други раководни лица, заобиколувајќи го него како раководител на Агенцијата за разузнавање. Подносителот смета дека политичката дискриминација е вршена и на начин што одредени лица од политичка партија најавуваат кадровски смени и ново раководство иако немаат надлежност за тоа. Во врска со дискриминацијата по основ на пол, наведено е дека Претседателот на Републиката го разрешува поради фактот што е маж, а во едно интервју има изјавено дека треба да се внимава на застапеноста на жените на највисоките функции. 

39. У.бр.207/2024

Оспорен акт: Член 107 став 2 од Законот за електронските комуникации, член 13 од Правилник за видот и содржината на податоците и информациите за општите услови во однос на пристапот и користењето на јавните комуникациски услуги кои ги објавуваат операторите и за видот и содржината на податоците што ќе ги објавува Агенцијата за електронски комуникации

Подносител на иницијативата: Адвокат Александра Илиевска- Милчова

Од наводите во иницијативата: 

Подносителката смета дека со оспорените акти граѓаните се ставени во монополска положба, не само во секторот за електронски комуникации туку и при примената на Законот за облигациони односи (ЗОО) , односно ако на субјектите им е дозволено со закон да можат еднострано да ги менуваат договорените услови кои се потпишани и договорени од две страни, тогаш во правниот поредок се нарушува правната сигурност и се доведува во прашање постоењето на ЗОО. Се наведува дека на тој начин се нарушува довербата на граѓаните во државата и во правниот поредок и колку нивните права се заштитени на сметка на големите компании. 

40. У.бр.208/2024

Оспорен акт: Делот „правосилни” од член 99 став 5 од Законот за судовите

Подносител на иницијативата: Адвокат Александра Илиева Милчова

Од наводите во иницијативата: 

Подносителката на иницијативата смета дека оспорениот член е во спротивност со членот 102 и 16 од Уставот, бидејќи сите одлуки кои ги донесуваат судовите се јавни, што значи јавноста има право да се запознае со нив. Наведено е дека  терминот е во спротивност со Уставот, за што постои обврска да бидат објавени само правосилните одлуки, а не и неправосилните. Подносителката наведува дека со правилно разбирање и толкување на начелата на јавност и на транспарентност се овозможува јавна контрола, надзор над работата и одлуките на судиите и судовите и притоа го посочува Начелниот став донесен од страна на Врховниот суд за објавувањето на донесени одлуки на веб-страниците на судовите од 21.12.2022 година.

41. У.бр.209/2024

Оспорен акт: Член 40 став 5 од Закон за дивечот и ловството

Подносител на иницијативата: Адвокат Владимир Михајловски 

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека оспорените делови не се во согласност со Уставот и Законот за дивечот и ловството, бидејќи ги лишува од право на доделување на дивечот во ловиштето на користење, правните лица и управители на субјекти на кои во претходниот стопански период им било одземено правото за користење на дивечот во ловиштето или концесија по основ на едностран раскин на договорот или со извршна судска одлука, додека во исто време, постои едностран расккин на договорот од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

42. У.бр.210/2024

Оспорен акт: Член 21 став 5 од Општиот колективен договор за јавниот сектор

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорената одредба е во спротивност со член 12 став 2 и 3 од Законот за работните односи и уставното начело на владеење на правото уредено со членот 8 алинеја 3, како и членот 32 став 6 од Уставот. Се наведува дека со одредбата се создава правна несигурност.

43. У.бр.211/2024

Оспорен акт: Делот „количества пропишани согласно со членот 14 на овој закон” од член 29 став 1 алинеја 1

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека во оспорената одредба не се пропишуваат количества на семенски и саден материјал, односно во таа одредба не се пропишуваат ниту параметрите врз основа на кои евентуално би се определило колкав е минимумот или максимумот на количества на семенски и саден материјал. Поради ова подносителот наведува дека е недоволно прецизен и јасен делот „количества пропишани согласно со членот 14 на овој закон” и остава простор за слободно и арбитрерно толкување, а со тоа и создава правна несигурност.

44. У.бр.212/2024

Оспорен акт: Делот „социјалистичка” од член 5 став 3 член 6 став 1 и 2, член 8 став 2, член 23 став 2 и член 25 став 2 од Законот за заштита на Охридското, преспанското и Дојранското езеро;

-Делот „на Социјалистичка Федеративна Република Југославија”, од член 5 став 3 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро;

-Делот „Извршниот совет” од член 5 став 3, член 8 став 2 и член 25 став 2 од Законот за  заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро.

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Оспорените термини се во спротивност со членот 1 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, се наведува во иницијативата. 

45. У.бр.213/2024

Оспорен акт: Делот „за државните службеници” од член 8 став 3 од Законот за санитарната и здравствената инспекција

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорениот дел може да ги доведе во заблуда оние кои се должни да ја применуваат одредбата, како и оние наспрема кои таа одредба се однесува, бидејќи упатува на пропис кој не е повеќе дел од правниот промет. 

46. У.бр.214/2024

Оспорен акт: Член 3 став 25 од Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директни плаќања во 2024 година

Подносител на иницијативата: Друштво за консалтинг ЛАНСКИ, ГАНЗГЕР, ЗЕЌИРИ+ ПАРТНЕР ДОО Скопје

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека оспорениот член е спротивен на член 47 од Законот за земјоделство и рурален развој и притоа е спротивен на намената и целта која треба да се постигне со директните плаќања како инструменти и мерки за поддршка на земјоделството и земјоделските стопанства. Се наведува дека е повредено начелото на уставност и законитост уредено со член 51 од Уставот.  

47. У.бр.215/2024

Оспорен акт: Член 63 од Законот за преземање на акционерските друштва на Република Македонија

Подносител на иницијативата: Адвокатско друштво „Апостолски” Скопје

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека членот 63 не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 6 и 7, членот 30 од Уставот. Се наведува дека со оспорениот член не е утврден никаков јавен интерес поради кој може да се ограничи правото на сопственост и притоа според подносителот, со таква норма се ограничува правото на сопственост во корист и интерес на големите акционери, а за сметка на малите акционери кои треба слободно да располагаат и да управуваат со своите акции, односно со стратегијата за инвесетирање. 

48. У.бр.216/2024

Оспорен акт: Одлука за посебните услови за трговија на одделни стоки бр.41-8212/3 од 3 септември 2024 година донесена од страна на Владата 

Подносител на иницијативата: Адвокат Ѓорѓе Поп-Кочев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека Владата со донесувањето на Одлуката ја определува највисоката трговска (профитна) маржа како посебен услов во трговијата со училиштен прибор, описно наведувајќи го приборот, при што највисоката маржа е ограничена на 5% во трговијата на големо и 10% во трговијата на мало, определувајќи дека истата е со важност до 20 октомври 2024 година. За наведеното се тврди дека е донесено без конкретни причини, при што произлегува дека е произволно и се коси со начелото на слободна пазарна економија. 

49. У.бр.217/2024

Оспорен акт: Уредба за Националната рамка на високообразовните квалификации, донесена од страна на Владата на Република македонија во 2010 година

Подносител на иницијативата: Васе Андриевски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот во иницијативата наведува дека Владата со оспорената Уредба, конкретно во членот 13 не го вклучила поранешното вишо образование (VI степен прв циклус), додипломски студии-целата завршена студиска програма три години (31 испит), поради што во правниот промет се изедначува со VI степен, кратки циклуси-делумно завршени студиски програми во рамките на првиот циклус, една до две години (10 до 20 испити), што е спротивно на член 9, член 44 и член 51 од Уставот. Се наведува и дека е спротивен на Законот за високото образование и Законот за националната рамка на квалификациите, со што се врши повреда на правата на граѓаните кои се засегнати. 

50. У.бр.218/2024

Оспорен акт: Член 23 точка 11 од Законот за данокот на додадена вредност

Подносител на иницијативата: Славко Лазовски

Од наводите во иницијативата: 

Во иницијативата е наведено дека со оспорената одредба се прави дискриминација врз граѓаните и здруженијата, бидејќи од данокот на додадена вредност се ослободени единствено установите за социјална грижа и заштита, вклучително и домовите за хоспитализирање, нега и лекување на стари лица. Подносителот наведува дека одредбата е во спротивност со владеењето на правото, правната заштита на сопственоста, слободата на пазарот и претприемништвото, уредени со членот 8 од Уставот. Исто така се наведува дека одредбата е во спротивност со членот 35 став 1 во кој е уредено дека Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно начелото на социјална праведност. 

51. У.бр.219/2024

Оспорен акт: Член 2 став 3 од Законот за измени и дополнувања на Законот за облигационите односи

Подносител на иницијативата: Благица Весковска

Од наводите во иницијативата: 

Подносителката наведува дека со оспорената одредба се нарушува темелната вредност на Уставот- владеењето на правото, правната заштита на сопственоста, начелото на еднаквост на граѓаните и се врши дискриминација на одредена категорија граѓани.  Имено, се тврди дека доверителите се доведени во нерамноправна положба и стануваат оштетени, бидејќи настануваат ненадоместливи штети.  Се наведува дека за неажурноста при наплата на долговите и долгогодишните постапки, удел имаат и извршителите, при што често се случува да наплаќаат само извршни трошоци, а главниот долг со години не се наплатува и останува. 

52.У.бр.220/2024, 221/2024, 222/2024, 223/2024, 224/2024, 225/2024, 226/2024 и 226/2024

Оспорен акт:

Во иницијативата се оспорени 58 членови од Законот за кривичната постапка 

Подносител на иницијативата: д-р Леонид Трпеноски, адвокатско друштво “Трпеноски”

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорените одредби се во спротивност со темелните вредности на Уставот како и со одредби од Европската конвенција за човекови права кои се однесуваат на забраната за мачење, правото на слобода и безбедност, правото на правична и судска постапка, право на реална жалба, забраната на дискриминација, заштита на сопственоста. 

53. У.бр.227/2024

Оспорен акт: Одлука за донесување на план за парцелација од урбанистички проект со план за парцелација за корекција на границите на градежната парцела 1.28 од ДУП Крајбрежен појас-локалитет Спортски Општина Ѓорче Петров, Скопје бр.02-288/9 од 12.02.2024 година, објавена во службен гласник на Општина Ѓорче Петров бр.2 од 2024 година. 

Подносител на иницијативата: Томислав Крстевски преку адвокат Ивица Коневски

Од наводите во иницијативата: 

Во иницијативата се наведува дека со донесување на Одлуката се повредени членовите 9 и 30 од Уставот, член 5 и член 8 од Законот за сопственост и други стварни права, член 6 и член 11 од Законот за градежното земјиште, член 63 од Законот за урбанистичко планирање. Подносителот пишува дека со оспорената одлука се врши корекција на границата на градежната парцела 1.28 од ДУП Крајбрежен појас, локалитет Спортски терени, Општина Ѓорче Петров, Скопје на начин со кој градежната парцела 1.28 ја зафаќа единствено КП 9249 КО Ѓорче Петров 6, се иззема од истата и се планира како земјиште за општа употреба-дел од тротоарот на станбената улица „Новопроектирана 5”. Градежната парцела 1.28 ја задржува намената зададена со важечкиот ДУП „ A2-Згради за домување”. Во иницијативата се наведува дека Општина Ѓорче Петров постапила спротивно на Законот за урбанистичко планирање бидејќи не постоела неусогласеност на градежните парцели со катастарските парцели, ниту станува збор за исправка на техничка грешка како што е наведено во Урбанистичкиот проект со план за парцелација со кој е опфатена корекција на границите на градежната парцела.

54. У.бр.228/2024

Предмет: Предлог за решавање на судир на надлежности помеѓу Собранието на Република Северна Македонија и Претседателот на Република Северна Македонија

Подносителка на предлогот: Билјана Радева

Од наводите предлогот:

Билјана Радева како поранешен функционер, заменик-генерален секретар на Претседателот на Република Северна Македонија бара од Уставниот суд да одлучи во чија надлежност е одлучувањето по нејзиното барање за остварување на право на плата по престанок на функцијата. Подносителката наведува дека прво од Генералниот секретар на Претседателот на Републиката, а потоа и од страна на Собранието и се доставени одговори дека се ненадлежни да одлучат по нејзиното барање. Поради постоење на два акти од две институции со кои се одбива надлежноста за нејзино остварување на право на плата по престанок на функцијата, подносителката бара Уставниот суд да постапи и да утврди законска надлежност на Собранието. 

55. У.бр.229/2024

Предмет: Предлог за решавање на судир на надлежности помеѓу Собранието на Република Северна Македонија и Претседателот на Република Северна Македонија

Подносител: Миле Бошњаковски

Подносителот наведува дека како поранешен функционер-генерален секретар на Претседателот на Република Северна Македонија му е оневозможено правото на плата по престанок на функцијата. Наведено е дека прво од страна на Генералниот секретар на Претседателот на Републиката, а потоа и од страна на Собранието и се доставени одговори дека се ненадлежни да одлучат по нејзиното барање. Поради постоење на два акти од две институции со кои се одбива надлежноста за негово остварување на право на плата по престанок на функцијата, подносителот бара Уставниот суд да постапи и да утврди законска надлежност на Собранието. 

56. У.бр.230/2024

Предмет: Предлог за решавање на судир на надлежности помеѓу Собранието на Република Северна Македонија и Претседателот на Република Северна Македонија

Подносител: Тоше Зафиров

Подносителот наведува дека како поранешен функционер,  заменик-генерален секретар на Претседателот на Република Северна Македонија му е оневозможено правото на плата по престанок на функцијата. Наведено е дека прво од страна на Генералниот секретар на Претседателот на Републиката, а потоа и од страна на Собранието  се доставени одговори дека се ненадлежни да одлучат по неговото барање. Поради постоење на два акти од две институции со кои се одбива надлежноста за негово остварување на право на плата по престанок на функцијата, подносителот бара Уставниот суд да постапи и да утврди законска надлежност на Собранието. 

57. У.бр.231/2024

Оспорен акт: Член 93 oд Закон за изменување и дополнување на Законот за енергетика oд 7.11.2022 година

Подносител на иницијативата: Миа Георгиевска

Од наводите во иницијативата: 

Подносителката наведува дека по донесување на оспорената одредба престанува вршењето на функцијата на Второстепената комисија и надлежноста за вршење на функцијата-водење на започнатите, а сеуште незавршени постапки и се дава законска основа за постапување на Регулаторната комисија за енергетика како првостепен орган кој ги донел првостепените одлуки по чии жалби одлучувала Комисијата за жалби. Се тврди дека во правниот поредок се случува преседан на начин што и како првостепен и како второстепен орган се јавува исто тело- Регулаторната комисија за енергетика. Се наведува дека во случај на претпоставена постапка кога Управниот суд би го вратил предметот на повторно одлучување на второстепената комисија за жалби, со оглед дека таа не постои согласно оспорената одредба, второстепената одлука ќе треба да ја донесе истата комисија која ја донела и првостепената одлука, а тоа е Регулаторната комисија за енергетика. 

58. У.бр.232/2024

Оспорен акт: Закон за изменување и дополнување на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен од 19.09.2024 година. 

Подносители на иницијативата: Даниела Бочварска, Кристијан Чушков, Весна Илиева Лубуриќ, Фидан Јусуфи, Јетмир Љика, Виктор Бубевски

Од наводите во иницијативата: 

Со оспорениот закон се укинува постоењето на Комисијата за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка и нејзините ингеренции се пренесуваат на Комисијата за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, заедно со сите вработени кои преминуваат во комисијата за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, која има променет назив и гласи „Комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен”, наведуваат подносителите. Во иницијативата се тврди дека со оспорените законски измени се предвидува јавен оглас за именување на претсеадател и членови Комисијата во рок од три дена по влегувањето во сила, со што се прави груба повреда на Уставот во делот на организација на државната власт, како и на утврдените надлежности. Подносителите наведуваат дека Собранието е единствено надлежно прво да донесе Одлука за утврдување на потребата за распишување на оглас за избор,а потоа и да ја донесе и објави Одлуката за оглас за именување  на претседател и членови на Државната комисија. 

59. У.бр.233/2024

Предмет: Барање за заштита на правото или слободата од членот 110 алинеја 3 од Уставот

Подносител на барањето: Филип Џуклески

Од наводите во барањето: 

Подносителот смета дека му се повредени угледот, моралниот интегритет и достоинството преку преземени дејствија со наводно невистинито информирање од страна на одговорно лице од Автомобилистичката федерација на Северна Македонија, до Спортскиот Авто Картинг Сојуз на Србија. Подносителот на барањето тврди дека добил известување дека е избришан од евиденцијата на Федерацијата, како и дека  до Сојузот во Србија е испратен допис без негово знаење, со содржина дека е доживотно казнет и избркан возач од АФСМ, со што наведува дека е дискриминиран и оневозможен да членува и понатаму во спортските федерации во Србија.

60. У.бр.234/2024

Оспорен акт: Одлука за објавување јавен оглас за именување на претседател и членови на Државна комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен од 23.09.2024

Подносител на иницијативата: Даниела Бочварска, Кристијан Чушков, Весна Илиева Лубуриќ, Фидан Јусуфи, Јетмир Љика, Виктор Бубевски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителите сметаат дека со оспорената одлука се нарушува темелната вредност владеење на правото бидејќи, меѓу другото Комисијата за прашања за изборите и именувањата  нема правен легитимитет да донесува одлуки, туку да дава предлози до Собранието. Дополнително се оспорува и фактот што претседателот на Комисијата за прашања за изборите и именувања ја потпишал Одлуката за јавниот оглас. 

61. У.бр.235/2024

Оспорен акт: Член 265 став 1 точка 3 од Законот за здравствена заштита

Подносител на иницијативата: Филип Стојковски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека со утврдување на минималните цени на приватните здравствени услуги се забранува пружање/овозможување на услуги по цена пониска од минимално определената иако Уставот му гарантира на секој граѓанин право на здравствена заштита без оглед на нивната финансиска моќ. Подносителот тврди дека граѓаните се ставени во нееднаква положба со оспорениот акт.

62. У.бр.236/2024

Оспорен акт: Листа на стоматолошки услуги со минимални(референтни цени) на Извршен одбор на Стоматолошката комора на Македонија од 24.04.2024

Подносител на иницијативата: Филип Стојковски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот ја оспорува листата на стоматолошки услуги бидејќи со неа е утврдено дека Извршниот одбор на Стоматолошката комора одредил минимални (референтни) цени и со тоа на стоматолозите им се забранува да вршат стоматолошки услуги по цени пониски од утврдените, при што е предвидено и санкционирање доколку стоматолозите не се придржуваат до Листата. Во иницијативата се тврди дека стоматолозите се приморани да пружаат услуга само на оние граѓани кои имаат финансиска можност да платат најмалку колку што е предвидената минимална цена, наместо да го унапредат здравјето на сите останати без оглед на нивната финансиска моќ. Токму ова, подносителот наведува дека е во спротивност со членот 9 од Уставот кој предвидува еднаквост на сите граѓани. 

63. У.бр.237/2024

Предмет: Барање за заштита на слободите и правата согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот

Подносител на барањето: Влатко Стојанов

Од наводите во барањето: 

Подносителот наведува две одлуки донесени од страна на Основниот суд Битола и Апелациониот суд Битола за кои тврди дека се неправедно и незаконски санкционирани, поради тоа што одбиле вакцинација на нивното дете. Се наведува дека е нарушен физичкиот интегритет на неговото дете, на начин што се врши принуда за задолжително вакцинирање, при што доколку не се реализира, родителот ќе се соочи со финансиски последици. 

64. У.бр.238/2024

Оспорен акт: Одлука за усвојување на ценовник за собирање и транспорт на отпад на територија на Општина Тетово од 12.01.2024 година и Одлука за измена и дополнување на Одлуката за усвојување на ценовник за собирање и транспорт на отпад на територија на Општина Тетово. 

Подносител на иницијативата: Бранислав Стефановски

Oд наводите во иницијативата: 

Се наведува дека оспорената Одлука не е во согласност со владеењето на правото, уредено со членот 8 од Уставот, дека е во спротивност со членот 51, 52, 55 од Уставот, членот 1, 4, член 4-а од Законот за јавните претпријатија, член 5 став 1 точка 7 од Законот за комуналните услуги, членовите 21, 22 и 24 од Законот за локалната самоуправа. Се наведува дека оспорените одредби се нејасни и двосмислени и ја нарушуваат финансиско-логичката целина на законските одредби кои се однесуваат на единиците на локалната самоуправа и се остава можонст за недоследна примена. Подносителот тврди, од една страна законите пропишуваат еднаквост на граѓаните за една иста услуга и обврска од јавен интерес како што е собирањето и транспортирањето на комунален отпад, а од друга страна врз основа на оспорените членови се наплаќа надоместок од страна на друг правен субјект, односно надоместок којшто се побарува по m2 на недвижноста на која одредено лице полага право на сопственост. 

65. У.бр.239/2024

Предмет: Барање за заштита на слободи и права од член 110 алинеја 3 од Уставот (барање за заштита на слободата на јавното изразување на мислата и правото на политичко дејствување)

Подносител на барањето: Сали Mурати

Од наводите во барањето: 

Подносителот смета дека му е сторена повреда со дејствије- недејствување од страна на постојниот претседател на Собранието на начин што, не ги доставил пратеничките прашања до министрите кои тој во својство на пратеник му ги испратил во писмена форма на 5 август 2024 година. За фактот дека претседателот на Собранието не преземал дејствие дознал од дописот кој му бил доставен од страна на претседателот на 12.08.2024 година. Подносителот на барањето тврди дека му е повредена и слободата на јавното изразување, односно дека не му било дозволено да ги искаже мислењата и ставовите по прашања од јавен интерес, но и правото на политичко дејствување, при што му е оневозможен клучниот инструмент за политичко дејствување, а тоа се пратеничките прашања

66. У.бр.240/2024

Оспорен акт: Закон за престанување на важење на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.

Подносител на иницијативата: Елизабета Русеска, Кирил Давков, Мирјана Панајотова, Трајанка Бошева, Никола Минчев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителите наведуваат дека е нејасно и недоволно прецизирано како правилно да се изврши преземањето на вработените кои имаат засновано работен однос во Државната комисија за одлучување во втор степен, во Државната комисија за одлучување во управна постапка. Се наведува дека настанува вакуум период во кој е нејасно кој е надлежен за донесување на одлуки за преземање на вработени, нивно одјавување и пријавување, исплата на платите. 

67.У.бр.241/2024

Оспорен акт: Член 1, член 2, член 4 и член 5 од Законот за изменување и дополнување на законот за безбедност на сообраќајот на патиштата 

Подносител на иницијативата: Тони Јакимовски

68. У.бр. 242/2024

Оспорен акт: Член 3 став 6 во делот „особено доказот дека имотот го има државата, единица на локалната самоуправа, јавна установа, јавно претпријатие и друга јавна институција(Исправа издадена од Републичката геодетска управа и слично)” од Уредбата за спроведување на постапката за денационализација. 

Подносител на иницијативата: Александар Наумовски 

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот меѓу другото наведува дека со оспорената одредба се повредуваат правата на граѓаните, бидејќи постои опасност во преостанатите предмети кои треба да ги одлучи Вишиот Управен суд да ги изгубат правата за побарување на своите имоти. 

69. У.бр.243/2024

Оспорен акт: Член 215 став 6 од Кривичниот законик 

Подносител на иницијативата: Васко Рубаноски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека со оспорената одредба се повредува владеењето на правото бидејќи според него се предвидува неказнување на производството на опојни дроги за сопствени потреби. Според подносителот постои опасноста тие дроги, психотропни супстанци наместо за сопствени потреби да се пуштат во промет. 

70. У.бр.244/2024

Оспорен акт: Член 4 став 7 од Деловникот за работа на Советот на јавни обвинители

Подносител на иницијативата: Ленче Ристоска

Содржина на одредбата: 

Мандатот на членовите на Советот избрани од страна на јавните обвинители влегува во позитивно оценет јавно-обвинителски стаж освен во случаи предвидени во член 35-а од Законот за Советот на јавните обвинители. 

Од наводите во иницијативата: 

Во иницијативата е наведено дека оспорената одредба е во спротивност со Амандманот XXX од Уставот, членот 7 од Законот за Совет на јавни обвинители и членовите 36 и 62 од Законот за јавното обвинителство. Подносителката наведува дека за времетрањето на мандатот , членовите на Советот на јавни обвинители избрани од редот на јавните обвинители не вршат јавно-обвинителска функција и не може да бидат оценувани, односно тие во конкретниот период не може да реализираат „позитивно оценет јавно-обвинителски стаж”. Се тврди дека станува збор за прашање кое не може да се уредува со Деловник , бидејќи изворно не е уредено со законски пропис, па се остава впечаток дека членовите сами си доделиле право и поволност кои Законодавецот не им го гарантирал. Од ова придобивка имаат самите членови кои по завршување на мандатот во Советот на јавни обвинители се унапредени во повисоки позиции во јавните обвинителства, се наведува во иницијативата.

71. У.бр.245/2024

Оспорен акт: Oдлука на Совет на Општина Битола за недавање на согласност на годишниот план за вработување во адмиинстрацијата на Општина Битола за 2025 година од 20.09.2024 година и Одлука на Совет на Општина Битола за потврдување на донесената Одлука за недонесување на годишниот план за вработување во администрацијата на Општина Битола за 2025 година од 10.10.2024 година. 

Подносител на иницијативата:Тони Коњановски, градоначалник на Општина Битола

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека оспорените одлуки донесени од страна на Советот се спротивни на Законот за вработување во јавниот сектор и одредбите од Законот за локална самоуправа и одредби од Уставот. Во иницијативата е наведено дека Советот постапил надвор од своите овластувања и наместо да донесе Одлука за давање на согласност, донесува сосема спротивна одлука за недавање на согласност за вработувања, иако претходно тие биле предвидени во Годишниот план на Општината. 

72. У.бр.246/2024

Оспорен акт: Член 33 став 5 од Законот за управните спорови и членот 33 став 6 во делот „во случаите од ставот 5 на овој член кога Судот не е во можност да одлучи за предметот без списите” од Законот за управните спорови. 

Подносител на иницијативата: Aлександар Наумовски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека со оспорените одредби се овозможува одлучување во спор без списи и ја спречуваат судската заштита на законитоста на поединечните акти на Државна управа од операционализирано испитување на причините поради кои може да се поднесе тужбата, се оневозможува испитување на управен акт и управни дејствија итн. 

73. У.бр.247/2024

Оспорен акт: Член 69 став 4 од Законот за управните спорови;

-член 4 став 1 точка 2 во делот „поништувањето, укинувањето или изменувањето на” од Законот за управните спорови

-член 15 став 2 во делот „против кои е дозволена жалба” од Законот за управните спорови;

-член 23 став 1 во делот „поништувањето, укинувањето или изменувањето на” од Законот за управните спорови

-член 71 став 1 во делот „доколку не е поинаку определено со закон” од Законот за управните спорови

Подносител на иницијативата: Александар Наумовски

Подносителот наведува дека оспорените одредби се во спротивност со темелната вредност владеење на правото, уредена со членот 8 од Уставот. Се наведува дека одредбите се спротивни и со начелото на двостепеност на судските постапки. 

74. У.бр. 248/2024

Оспорен акт: Член 59 став 2 во делот „и кога ќе најде дека има недостатоци во постапката која претходела на донесувањето на оспорениот акт, но тие не биле од влијание за решавање на предметот на спорот”;

-член 70 став 1, алинеја 1 во делот „суштествена”;

-член 70 став 2 во делот „суштествена”

-член 70 став 2 во делот „а тоа влијаело или можело да влијае врз донесување на законита и правосилна пресуда”

-член 79 став 3 во делот „суштествена”

-член 80 став 1 во делот „или тие не се од влијание за донесување на поинаква одлука”

-член 80 став 2 во делот „суштествена”

-член 81 став 3 во деловите „кои имале одлучувачко значење”, „поради”, и „тие” од Законот за управните спорови

Подносител на иницијативата: Александар Наумовски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека со оспорените одредби, меѓу другото се врши рестриктивно условување на важењето на уставните гаранции, правните стандарди и се предвидува допуштеност на непримена на закон како и повреди на закон, кои најчесто стануваат повреди на правата на едната странка или во одредени случаи државата како странка. Во иницијативата се тврди дека одредбите се недоволно јасни и прецизни. 

75. У.бр.249/2024

Оспорен акт: Член 60 став 3 алинеја 2 од Законот за управните спорови

Подносител на иницијативата: Александар Наумовски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека оспорената одредба предизвикува дилеми, непрецизна е и нејасно е имплементирањето во праксата. Се наведува дека не е во согласност со владеењето на правото, со одредби од членот 50 и Амандманот XXI од Уставот

76. У.бр.250/2024

Оспорен акт: Член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигациони односи и член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување

Подносител на иницијативата: Ѓорѓи Андов

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот го оспорува членот кој предвидува дека каматата престанува да тече тогаш кога ќе го достигне износот на главнината и смета дека не е во согласност со уставно гарантираното право на сопственост и правото на наследување. Во иницијативата се наведува дека откако каматата престанува да тече, се намалува имотот на доверителот во корист на должникот, бидејќи според него, договорната камата извира од главнината и двете се имот на доверителот, а притоа каматата е договорена меѓусебно. 

77. У.бр.251/2024

Оспорен акт: Глава 5 точка 1 во делот „Вкупно резидентно население го сочинуваат следните лица- единици за Попис” и точка 2 во делот „Вкупно нерезидентно население го сочинуваат следните лица-единици на Попис” од Методологија за подготовка, организирање и спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година. 

Подносител на иницијативата:Скендер Реџепи

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека содржината на методологијата има категории на населението за кои ќе се обезбедат податоци со пописот, односно категорија „вкупно резидентно население” и „вкупо нерезидентно население”, што не се предвидени во членот 6 став 1 алинеја 1, или пак со член 17 став 2 алинеја 1  од Законот за попис на населението не е предвидено директорот на Заводот за статистика да предвидува посебни категории. Подносителот смета дека со оспорените одредби се повредува владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок и се создава правна несигурност. Дополнително, подносителот наведува дека е повредена еднаквоста на граѓаните како уставно загарантирана со членот 9, бидејќи само поради фактот дека некој граѓанин не се наоѓа во државата додека се вршел Пописот, му се скратуваат одредени права, меѓу кои и правото на вработување. 

78. У.бр.252/2024

Оспорен акт: Одлука за прифаќање на воени старешини, воени службеници и граѓански лица од ЈНА во Армијата на Република Македонија бр.23-241/1 од 25.01.1992 година

Подносител на иницијативата: д-р Предраг Станојевиќ

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека Одлуката немала еднаква правна применливост кон сите вработени во Армијата, како што бил неговиот случај во врска со решавање на станбеното прашање. Се наведува дека Одлуката не е во согласност со членот 110 од Уставот. 

79.У.бр.253/2024

Оспорен акт: Член 72 став 1 во делот „само судијата, односно претседателот на судот за кого е поведена постапка за утврдување одговорност” од Законот за судовите.

Подносител на иницијативата: Александра Илиева-Милчова, адвокатка

Од наводите во иницијативата: 

Подносителката наведува дека при примената на законот се создава дискриминација, бидејќи е дозволена жалба до Врховниот суд против акт на Судскиот совет, само за едната страна, без дополнително образложение зошто не е дозволена жалба за подносителот. Се наведува дека оспорената одредба е во спротивност со загарантираната судска заштита против органите на Управата, уредена со членот 50 став 2 од Уставот. 

80.У.бр.254/2024

Оспорен акт: Член 288, 381 став3 и 4, член 483, 484, 485, 486, 487, 488, 489, 490 од Законот за кривична постапка

Подносител на иницијативата: Александра Илиева-Милчова, адвокатка

Од наводите во иницијативата: 

Подносителката смета дека Јавното обвинителство има точно утврдени надлежности со крајна цел да ги гони сторителите на кривични дела и не може во исто време да биде и орган кој ќе пресудува дали постои кривично дело или ќе ги отфрли пријавите, дали било застарено делото и дали постоеле други околности кои евентуално би допринеле да не се гони сторителот. Се наведува дека оспорените одредби  не се во согласност со членот 13 од Уставот. 

81. У.бр. 255/2024

Оспорен акт: Член 5 од Условите за осигурување од автоодговорност на Друштвото за осигурување „ГРАВЕ” Неживот АД Скопје

Подносител на иницијативата: Миодраг Видиниќ преку полномошник Билјана Крстевска

Се наведува дека оспорената одредба не е во согласност со членот 16 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот кој предвидува дека како неовластени лица се сметаат лица кои управувале моторно возило без соодветна возачка исправа, лицата кои на нелегален начин управувале со моторното возило и лицата кои управувале со моторното возило под дејство на алкохол над дозволеното ниво. Се наведува дека законската одредба не предвидува за неовластено лице да се смета лицето кое го напуштило местото на настанот. Подносителот смета дека оспорениот член 5 е спротивен со членот 16 од Законот, бидејќи Друштвото за осигурување во својот акт го додало условот за право на регрес во случај на напуштање на местото на настанот. 

82. У.бр.256/2024

Оспорен акт: Делот „монополска” од членот 65 алинеја 8 од Законот за организација и работа на органите на државната управа

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека Монополската управа престанува да биде орган во состав на Министерството за економија и труд, па со тоа престанува да постои во правниот промет во 2008 година, но и покрај тоа, според него, не е предвидена во ниту еден друг пропис, освен во оспорениот. Ова, смета подносителот е во спротивност со владеењето на правото уредено со членот 8 од Уставот. 

83. У.бр.257/2024

Оспорен акт: Делот „и членот 16-б став 2 од овој закон” од член 16 став 3 од Законот за земјоделско земјиште

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:  

Подносителот смета дека оспорениот дел упатува на одредба која повеќе не е во примена , односно од 07.01.2014 не е дел од правниот поредок. 

84. У.бр.258/2024

Предмет: Барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, утврдување на дискриминација по основ на расна и етничка припадност

Подносители: 16 подносители преку полномошник, адвокат Кети Јандријеска Јованова

Од наводите во барањето: 

Се наведува дека станува збор за свесно планирана дискриминација врз основа на расна и етничка припадност, бидејќи ученици од ромска заедница се сегрегирани и распоредени во одделение кое е составено единствено од ученици Роми, како и во одделенија во кои истите се прекумерно застапени во основно училиште во Прилеп. Подносителите сметаат дека системски им е повредено правото на еднаквост и заштита од дискриминација, при остварување на нивното уставно загарантирано право на образование. 

85. У.бр.259/2024

Оспорен акт: Член 34,35,46 став 7 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци заведен под број 282-1-0201 од 24.09.2014 година, изменет и дополнет со член 3 од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци заведен под број 0201-827/3 од 28.06.2024 година. 

Подносител на иницијативата:Филип Стефановски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека со оспорените одредби се изедначуваат радиодифузните друштва кои емитуваат авторски дела во рамки на музичката програма, без притоа да се земе предвид диференцирањето во зависност од тоа на кое подрачје се лоцирани, за кое имаат дозвола за работа. Подносителот смета дека со спорните одредби се изедначуваат надоместоците на авторите, без притоа да се земе предвид кое дело колку е користено, од кого и колкава публика го слушала. Се наведува дека оспореното е во спротивност со членот 55 од Уставот со кој е уредено прашањето на конкуренцијата, но и слободата на пазарот и претприемништвото. 

86. У.бр.260/2024

Оспорен акт: Точка 35 од дел III од Годишниот програма за финансирање на изработа на урбанистички планови за 2024 година бр. 41/805/4 од 16 јануари 2024 година. 

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека е спорно исплаќањето на годишните програми кои се однесуваат за минати години, а се предвидени во Годишната програма за финансирање на изработка на урбанистички планови за 2024 година. Подносителот посочува дека исплатата на средства по тој основ може да се врши единствено на годината за која се носи Планот, па затоа оспорената одредба може да доведе до заблуда околу исплаќањето, што е во псротивност со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок. 

87. У.бр.261/2024

Оспорен акт: Делот „крајот на месецот во” од член 3 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Северна Македонија

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот ја спори одредбата и наведува дека платата или надоместокот од плата секој месец ја прима на основа на размена на трудот но, не и со оправдување дека треба да му се исплати цела плата до крајот на месецот иако функцијата ја завршил и порано, односно платата и надоместокот на платата според подносителот треба да се пресметува до моментот кога односот работодавач-работник престанува. 

88. У.бр.262/2024

Оспорен акт: Делот „спогодба” од член 47 став 2 од Општиот колективен договор за јавниот сектор

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека со оспорената одредба се остава можност арбитрерно да се договорат страните на Колективниот договор кои се обврзуваат преку спогодба да ги утврдат коефициентите на сложеност на работата, што според него предизвикува правна несигурност на граѓаните и е во спротивност со владеењето на правото. 

89.У.бр.263/2024

Предмет: Барање за заштита на слободи и права 

Оспорени акти: Одлука  на Апелационен суд Гостивар донесена на 15.05.2024 година

Подносител на барањето: Живко Петрушевски

Од наводите во барањето: 

Подносителот наведува дека при водењето на постапката е дискриминиран и му е нарушено правото на еднаков третман на сопственоста. Се тврди дека втората страна во судскиот процес бесправно и на сила му преземала 31 m2 од имотот. 

89. У.бр.264/2024

Оспорен акт: член 7 став 1 алинеја 8 од Законот за експропријација и член 28 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање

Подносител на иницијативата: Mарјанчо Веселиновски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека со оспорените акти, со закон прво е приватизиран, па потоа одземен имот во корист на општина Делчево, поради изградба на  градски пазар-големи трговски единици изградени на соседни градежни парцели, a на дел од КП бр.6581/1 е изградена пристапна улица, која не е планирана ниту со ГУП, ниту со ДУП на Општината. 

90. У.бр.265/2024

Оспорен акт: Соопштение бр.02-763/1 од 10.06.2024 година, донесено од страна на претседателот на Стоматолошката комора на Македонија

Подносител на иницијативата: Жарко Ѓорѓиев, претседател на Здружение на приватни стоматолози

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека претседателот на Стоматолошката комора на Македонија со соопштение ги повикува заинтересираните за стручно усовршување на докторите стоматолози да достават барање и според него тоа претставува јавен повик кој е општо обврзувачки акт за подносителите на барања, односно акт кој претседателот на Комората нема право да го донесе. Се наведува дека Соопштението не е во согласност со членот 262 од Законот за здравствена заштита, како и со членот 25 од Правилникот за стручно усовршување на Комората. 

91. У.бр.266/2024

Оспорен акт: Одлука бр.07-8141/18 од 25.12.2013 година за донесување Детален урбанистички план за УЗ 7 блок 7.1 Општина Охрид, плански период 2009-2014, донесена од Советот на Општина Охрид на седница одржана на 25.12.2013 година, и објавена со Сл.гласник на Општина Охрид бр.18/2013 од 27.12.2013 година.

Подносител на иницијативата: Јован Костовски, адвокат

Oд наводите во иницијативите: 

Подносителот на иницијативата смета дека со оспорената одредба е направена повреда на членот 31 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, со тоа што при донесување на Деталниот урбанистички план УЗ 7 блок 7.1. Со Одлука бр.07-8141/18 на Советот на Општина Охрид, не се применувани сандардите и нормативите за урбанистичко планирање, со кои се уредуваат основите за рационално планирање, уредување и користење на просторот, заради создавање на услови за хумано живеење и работа на граѓаните. 

92. У.бр.267/2024

Оспорен акт: Член 40 и 41 од Законот за вршење на сметководствени работи

Подносител на иницијативата: Новица Наков 

Oд наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека Законодавецот со оспорените одредби не предвидел надлежност на Институтот да одзема уверенија, а предвидува дисциплинска мерка времено бришење од соодветниот регистар и одземање на уверението на сметководител, односно овластен сметководител. Се наведува дека оспорените одредби го повредуваат владењето на правото уредено со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 9 според кој сите граѓани се еднакви. 

93. У.бр.268/2024

Оспорен акт: Член 1, член 3 и член 4 од Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.147/2023, со кој се менуваат член 32, член 34 и член 35 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија” бр.141/14 и број 36/16) и член 3 од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.135/2024) со кој се менува и надополнува член 46 став 7 од Правилникот за распределба на автоските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија број 141/14 и број 36/16”)

Подносител на иницијативата: Ѓорѓи Крстевски, Кристијан Габроски, Робертино Саздов, Авни Ќаили

Oд наводите во иницијативата:

Подносителите сметаат дека ЗАМП противуставно направил произволно изедначување на сите радиодифузни друштва, радио и телевизиски програмски сервиси на локално, регионално и национално ниво во поглед на категориите, репартициските класи и паричните фондови на репартициските класи. Се наведува дека неуставно се изедначува конкуренцијата меѓу авторите на музичките дела, на начин, што без оглед на фактите под какви услови работат, од кои географски нивоа се емитува програмата, дали на локално, регионално или национално ниво, сите се ставени во иста група кога станува збор за исплата на авторските надоместоци. 

94. У.бр.269/2024

Оспорен акт: Алинеја 4 став 1 на член 3 од Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта, од 05.08.2019 година.

Подносител на иницијативата: Манчо Манчев

Содржина на оспорената одредба: 

Наставник во основно и средно училиште може да биде лице кое покрај останатите услови го познава македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот и писмото на кој ќе ја изведува наставата. 

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека критериумите за кандидат за наставник не прецизирани до крај, односно не е предвиден начинот на којшто ќе се изврши проверка на познавањето на македонскиот јазик и кирилското писмо и јазикот и писмото на кој ќе се изведува наставата, но и не е посочен материјалот потребен за подготовка на исполнување на тој услов. 

95. У.бр.270/2024

Оспорен акт: Член 18 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Подносителот смета дека оспорената одредба има ретроактивно дејство и е спротивна на уставните норми. Имено, се наведува дека со одредбата од член 18 се исклучува примена на друга одредба на одреден временски период без доволно образложени причини. 

96. У.бр.271/2024

Оспорен акт: Делот „за јавна администрација” од член 15-в од Законот за изменување и дополнување на Законот за управната инспекција

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека оспорениот дел може да доведе до заблуда во примената во однос на надлежноста на тоа кој го носи актот за организација на работата и вршењето на инспекцискиот надзор. 

97. У.бр.272/2024

Оспорен акт: Член 19 од Уредбата за начинот, поблиските критериуми за доделување на финансиска поддршка на домашни и странски авиопревозници и потребната документација која треба да се достави од корисниците на финансиската поддршка. 

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека против решението на министерот не е дозволена жалба, а барателот на финансиска поддршка може да поведе управен спор. Оспореното прашање според него, со подзаконскиот акт не треба да уредува право на правна заштита, бидејќи тоа е предмет на уредување на законска материја. 

98. У.бр.273/2024

Оспорен акт: Член 7 ставови 3 и 4 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри заедно со Автентичното толкување на Законот објавено во Службен весник на Репбулика Северна Македонија бр.168/2024.

Подносител на иницијативата: Адвокатско друштво Поленак

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека со оспорените одредби меѓудругото, се повредува темелната вредност владеење на правото, се врши повреда на членот 68 став 1 алинеја 2 од Уставот поради повреда на постапката за донесување на закони.  Помеѓу наводите во иницијативата е и ставот на подносителот дека Автентичното толкување е спорно бидејќи не само што не го определува значењето на одредбата од членот 7 од Законот за игрите на среќа и забавните игри, туку со него се врши измена на членот 7 од Законот и се воведени нови елементи, што е во директна спротивност со уставните принципи и начела. 

99. У.бр.274/2024

Оспорен акт: Член 7 став 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри и Автентично толкување на член 7 став 2, 3 и 4 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри

Подносител на иницијативата: Друштво за произведување интернет игри на среќа „Државна лотарија- Моззарт” ДОО Скопје

Од наводите во иницијативата: 

Според подносителот на иницијативата, Автентичното толкување всушност е покритие за неуставна промена на Законот, бидејќи со него во прописот се внесуваат нови правила, односно затскриена правна норма. На овој начин, со донесување на Автентичното толкување е заобиколена законската процедура за донесување на нови општи акти, смета подносителот. 

100. У.бр.275/2024

Предмет: Барање за заштита на слободата и правото на јавното изразување на мислата

Подносител на барањето: A.М преку полномошник, адвокат Филип Медарски

Оспорени акти: Пресуда од 19.07.2023 година донесена од Апелациониот суд Скопје и Пресуда од 24.09.2024 донесена од страна на Врховниот суд

Од наводите во барањето: 

Подносителот наведува дека неуставно е осуден(условна осуда) за кривично дело-оддавање на службена тајна од член 360 став 1 од Кривичниот законик, затоа што во август 2021 година преку интернет порталот www.infomax.mk на јавноста им ги сторил достапни податоците што претставуваат службена тајна, односно ја објавил првата страна од Записникот за примање на кривична пријава од пријавител Орце Камчев во текст: „Ај да видиме што вика ферманот: Исказот на Орце Камчев во обвинителството ја открива целата вистина за Рекет”. Во барањето се наведува дека е повредено уставно-гарантираната слобода на изразување на подносителот, а оспорените пресуди според него имаат сериозна импликација со т.н. ефект на ладење(chilling effect) врз слободата на изразување, со што може да се создаде страв од објавување на одредени информации за прашања од јавен интерес и новинарите да се соочат со автоцензура. Се тврди дека во случајот објавениот документ поттикнал јавна дебата и интерес во општеството со оглед дека според него, станува збор за случај на корупција. 

101. У.бр.276/2024

Предмет: Барање за заштита на слободите и правата согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот

Оспорен aкт: Решение од 05.11.2024 година на Судскиот совет примено на 11.11.2024 година

Подносител на барањето: А.Д

Од наводите во барњето: 

Подносителот наведува дека е ставен во понеповолна положба во споредба со останатите кандидати кои се пријавиле на огласот за избор на судија во Апелационен суд Скопје, бидејќи иако извршувал судиска функција во меѓународен суд цела година, воопшто не му е земен предвид тој ангажман и е повредено правото на достапност на работно место под еднакви услови и негово унапредување. Тој тврди дека нема јасно утврдени критериуми  за оценување на работата на судиите кои функцијата ја вршеле во меѓународен суд. Подносителот наведува дека е дискриминиран и дека не се наведени доволно образложени причини од страна на Судскиот совет, како е извршена пресметката на бодовите за квалитативните и квантитативните критериуми.