На 5 февруари 2025 година Уставниот суд ќе ја одржи првата седница со почеток во 9:30 часот. За Дневен ред се закажани шест иницијативи за оценување на уставност и законитост, четири барања за заштита на слободите и правата, еден предлог за донесување на конечна одлука.
1. Реферат У.бр.138/2023
Оспорен: Закон за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.111/2023)
Подносител на иницијативата: Хелсиншки комитет за човекови права од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека Законодавецот го користи терминот „градби од стратешки интерес“ без притоа да утврди јасни рамки за тоа какви видови на градби може да се сметаат за градби од стрaтешки интерес, што според него е непотребно, бидејќи јавниот интерес и градбите од јавен интерес се веќе утврдени со закон. Единствена причина за оваа формулација е да се воведат олеснети правила за овој вид на градби и да се елиминираат заштитните механизми во сферата на урбанистичкото планирање, се наведува во инцијативата. Се наведува дека урбанистичките проекти за градби од стратешки интерес нема да се изработуваат за нивната законски утврдена цел (разработка и спроведување на урбанистичките планови), туку за градби од стратешки интерес со што се напуштаат правилата за хиерархијата на урбанистичките планови бидејќи урбанистичкиот проект се издигнува над урбанистичките планови кои се документи од повисоко хиерархиско ниво.
2. Реферат У.бр. 207/2023
Оспорен: Член 17 став 3 во делот „акт на” од Законот за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 129/2023 и 53/2024)
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува во оспорениот закон не е пропишано кој го донесува тој „акт“ од оспорениот член, ниту се пропишуваат параметри за тоа во колкава висина можат да се пропишат додатоците кое нешто мора исклучиво да биде предмет на уредување на закон, а не и на „акт“ како подзаконски пропис, со што може да дојде до арбитрерно определување на висината на истите. Согласно наведеното подносителот посочува дека е во спротивност со темелната вредност владеење на правото.
3. Реферат У.бр.89/2024
Оспорен: Член 21 став 1 алинеја 5 и ставовите 4, 5, 6, 7, 8 и 9 од Законот за воздухопловство („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.14/2024)
Подносител: Петар Димитров
Од наводите во иницијативата:
Според наводите во иницијативата со оспорените законски одредби Републиката не обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот од причина што воздушниот сообраќај не е супериорен над другите начини за превоз па за него да се издвојува посебен надоместок од секој патник во заминување од аеродромите, за потребите на Агенцијата за цивилно воздухопловство и за унапредување на воздухопловството.
4. Реферат У.бр.151/2024
Oспорени:
– Член 47 став 5 и став 6 во делот „максималните износи од ставот (5) на овој член“ од Законот за земјоделство и рурален развој („Службен весник на Република Македонија“ бр. 49/2010, 53/2011, 126/2012, 15/2013, 69/2013, 106/2013, 177/2014, 25/2015, 73/2015, 83/2015, 154/2015, 11/2016, 53/2016, 120/2016, 163/2016, 74/2017, 83/2018, 27/2019, и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.152/2019, 244/2019, 275/2019, 110/2021, 123/2022 и 65/2023).
– Член 3 став 25 од Уредбата за изменување и дополнување на уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директни плаќања за 2023 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.30/23, 42/23, 110/23, 138/23, 149/23, 248/23, 276/23 и 287/23) и
– Член 3 став 25 од Уредба за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директни плаќања за 2024 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.18/24 и 34/24).
Подносител на иницијативата: Земјоделски комбинат „Пелагонија” АД Битола
Oд наводите во иницијативата:
Според наводите во иницијативата оспорените одредби, не се во согласност со член 8 став 1 алинeи 3, 6 и 7, член 51 и член 55 од Уставот на Република Северна Македонија, а оспорените Уредби за 2023 и 2024 година, се наведени како спротивни и на Законот за земјоделство и рурален развој, Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за заштита на конкуренција. Според подносителот на иницијативата, оспорените одредби ја нарушуваат темелна вредност-слободата на пазарот и претприемништвото и еднаквата положба на сите субјекти на пазарот, преку ограничување на мерка која требало еднакво да ги третира сите засегнати субјекти и чија намера била поттикнување и развој на земјоделството преку поттикнување и развој на земјоделските стопанства.
5. Реферат У.бр. 5/2024
Оспорени:
– Член 9 став 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 65/2019, 162/2019, 233/2020, 312/2020 и 38/2022);
– Табеларен норматив за корекција на варијабилниот дел од надоместокот за топлинска енергија во колективен станбен објект кога измерените внатрешни температури се пониски од 20* С од Правилникот за утврдување на квалитетот на испорачаната топлинска енергија од мај 2021 година и
– член 54-а точка 1 ставови 1, 2 и 4 од Правилата за изменување и дополнување на правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 233/2020)
Подносител: Вера Георгиева
Од наводите во иницијативата:
Според подносителот на инцијативата, правото на сопственост може да се ограничи само со закон, а не со оспорените правила и смета дека не може државна комисија да му одземе право на сопственик на стан да не бира сам температурен режим кој нему му одговара и да плаќа за услуга којашто не му одговара. Исто така, подносителот смета дека е нелегитимно снадбувачот од кого се бара исклучување, да даде дозвола бидејќи не постои законска обврска да мора да се биде корисник на парно греење.
6.У.бр.183/2024
Оспорен акт: Одлука за применување на Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање во постапка за спроведување на ДУП кои не се повеќе во важност на територијата на Општина Ѓорче Петров, донесена од страна на Советот на Општина Ѓорче Петров бр.08-649/4 од 27.02.2018.
Подносител на иницијативата: Сања Маринковиќ преку полномошник Александар Марковиќ, адвокат од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Се наведува дека Советот на Општината Ѓорче Петров, донесувајќи ја Одлуката, направил измена и дополнување на постоечки ДУП, без притоа да спроведе законски пропишана постапка, која е во согласност со членот 27 и 31 од Законот за урбанистичкото планирање. Подносителот тврди дека ниту во важечкиот, а ниту во претходниот закон кој важел во време на донесување на Одлуката, не била предвидена можност за измена и дополнување на ДУП, со само една Одлука. Се наведува дека работата на Советот на Општината не смеела да се врши набрзина без спроведување на сите фази, па наместо нивно спроведување, Советот изгласал Одлука со 4 члена со која суштински бил изменет постоечкиот ДУП.
II- БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА
1. Реферат У.бр.117/2019
Подносител на барањето: Фатмир Мемедов
Оспорени акти: Пресуди од Основниот суд Скопје 2 и Апелациониот суд Скопје
Од наводите во барањето:
Подносителот на барањето се жали до Уставниот суд дека е дискриминиран врз основа на националното потекло кое ја подразбира и етничката припадност. Оспорува две пресуди од Основниот суд Скопје 2 и Апелациониот суд Скопје и тврди дека Основното јавно обвинителство Скопје му го повредило достоинството со дискриминаторско однесување поради неговата етничка припадност, бидејќи не спровело истрага ниту презеле дејствија по поднесената кривична пријава во периодот од 2014 до 2016 година со истакнато имотно правно побарување од 130 илјади денари на име надоместок на нематеријална штета за душтевна болка и повреда на лични права и камата. Подносителот напоменува дека е бил физички нападнат од страна на полициски службеници бидејќи е Ром, без никакво објаснување.
2. У.бр.140/2024
Подносители на барањето: Слободан Трендафилов и 15 други граѓани
Оспорени акти: Пресуда од 09.11.2023 година на Врховниот суд
Од наводите во барањето:
Подносителите на барањето како членови во синдикални организации членки на Сојузот на синдикатите на Македонија, сметаат дека им е повредено правото на здружување од членот 20 од Уставот и правото на недискриминација од членот 9 од Уставот. Меѓу другото, во барањето се наведува дека со оспорениот поединечен акт им е оневозможено слободно управување, користење и располагање со членарината односно синдикалниот имот кој е создаден со истата и им е извршена повреда на уставно загрантираната слобода на здружување заради остварување и заштита на економско-социјалните права и уверувања. Во барањето се наведува дека лишувањето од правата во однос на Работничкиот дом изграден од синдикална членарина претставува повреда на нивната слобода на здружување. Со оспорената пресуда на Врховниот суд, подносителите наведуваат дека им е извршена дискриминација по основ на политичко уверување и општестевен статус.
3. У.бр.206/2024
Оспорен акт: Одлука за разрешување директор на Агенцијата за разузнавање од 28.06.2024 и Одлуката за именување на директор на Агенцијата за разузнавање од 28.06.2024 година.
Подносител на иницијативата: Еролд Муслиу
Од наводите во барањето:
Подносителот наведува дека е дискриминиран по основ на пол и на политичка припадност, во врска со членот 9 од Уставот. Во барањето е наведено дека оспорената Одлука не содржи никакво образложение од кое може да се утврди дека е разрешен поради нестручно и несовесно извршување на функцијата, како што официјално било наведено во Одлуката. Подносителот наведува неколку медиумски објави со кои укажува дека Претседателот на Република Северна Македонија од моментот на стапувањето на функција до моментот на донесување на спорните одлуки, остварува информативни средби со други раководни лица, заобиколувајќи го него како раководител на Агенцијата за разузнавање. Подносителот наведува дека политичката дискриминација е вршена меѓудругото и на начин што одредени лица од политичка партија најавуваат кадровски смени и ново раководство иако немаат надлежност за тоа. Во врска со дискриминацијата по основ на пол, наведено е дека Претседателот на Републиката го разрешува поради фактот што е маж, а во едно интервју има изјавено дека треба да се внимава на застапеноста на жените на највисоките функции.
4. У.бр.239/2024
Предмет: Барање за заштита на слободи и права од член 110 алинеја 3 од Уставот (барање за заштита на слободата на јавното изразување на мислата и правото на политичко дејствување)
Подносител на барањето: Сали Mурати
Од наводите во барањето:
Подносителот тврди дека му е сторена повреда со дејствије- недејствување од страна на постојниот претседател на Собранието на начин што од не ги доставил пратеничките прашања до министрите кои тој во својство на пратеник ги испратил во писмена форма на 5 август 2024 година. За фактот дека претседателот на Собранието не преземал дејствие дознал од дописот кој му бил доставен од претседателот, на 12.08.2024 година. Подносителот на барањето тврди дека му е повредена и слободата на јавното изразување, односно да ги искаже мислењата и ставовите по прашања од јавен интерес, но и правото на политичко дејствување, при што му е оневозможен клучниот инструмент за политичко дејствување, а тоа се пратеничките прашања.
III-ПРЕДЛОГ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКА
Реферат У.бр.179/2023, У.бр.183/2023, У.бр.187/2023, У.бр.190/2023 и У.бр.197/2023
Оспорени: Во целина Закон за данок за солидарност и посебно делот: „или 2021 година“ од член 6 став 14 од истиот закон.
Подносители(179/2023): Финмак ДОО, Скопје преку адвокатско друштво Дебарлиев, Дамески и Ќелешовска
Подносители (183/2023):Стопанска комора на Република Северна Македонија преку адвокат Игор Спировски
Подносители (187/2023):ДТУ ЕТМТ ЕНЕРЏИ ДООЕЛ Скопје
Подносители (190/2023):Стопанска комора на Северо-Западна Македонија Скопје
Подносители (197/2023): Друштво за консалтинг Лански, Ганзгер, Зекири + Партнер ДОО
Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот закон на 20 ноември 2024 година. Во посебно соопштение се образложени аргументите на Судот. https://ustavensud.mk/archives/31489