Во периодот од 1 до 17 јануари 2025 година во Уставниот суд се оформени пет предмети, по поднесени четири иницијативи и едно барање за заштита на слободата и правата на граѓанин. Првата иницијатива е поднесена по електронска пошта и пристигна на 8 јануари.
- У.бр. 1/2025
Оспорен акт: Член 10 став 4 од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8(делница: Тетово-Гостивар-Букојчани) и проектот за автопатот Требеништа-Струга-Ќафасан) и коридорот 10(делница на автопатот Прилеп-Битола) во Република Северна Македонија
Подносител на иницијативата: Жарко Стеваноски, адвокат
Содржина на оспорената одредба:
Додека се користат експроприраните јами и каменоломи за целите на Проектот, Инвеститорот и Стратешкиот партнер ќе ги почитуваат сите применливи регулативи за минерални суровини, со исклучок на тоа дека на Стратешкиот партнер ќе му биде дозволено да започне со истражување и експлоатација на минерални суровини за целите на Проектот штом барањето за доделената концесија за истражување и експлоатација е поднесено од страна на Инвеститорот.”
Од наводите во иницијативата:
Со оспорениот став од членот 10 се предвидува на Стратешкиот партнер да му се дозволи да почне истражување и експлоатација на минерални суровини уште со чинот на поднесување на барањето за концесија од страна на Инвеститорот наведува подносителот. Тој смета дека одредбата е во спротивност со сите применливи регулативи за минерални судовини. Подносителот приложува пресуди, вешт наод и мислење со кој утврдува дека должниците го немаат комплетирано барањето за концесија за експлоатација, дека минирањата се изведени без целосна документација и без записници за извршените минирања.
2. БЗСП.бр.1/2025
Подносител на барањето: Ангелчо Бузлиев
Оспорени акти: Пресуда на Основен граѓански суд Скопје од 25 март 2022 година и пресуда на Апелациониот суд Скопје донесена на 15 октомври 2024 година.
Подносителот наведува дека е дискриминиран по основ на социјална припадност согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот. Според наводите во неговото барање, го известува Судот дека незаконски, без негово знаење и одобрување, му е преземан имот, и во текот на судските постапки било утврдено дека ја продал сопственоста поради влошената имотна состојба која настанала по семејни здравствени ситуации. Подносителот тврди дека двата суда, во постапките го дикриминирале и не му дозволиле да докаже дека преземањето на неговата фирма, фото-напонската централа и земјиште од 40 000m2 од закупец кој според него потоа станал сопственик, било овозможено на начин што судовите го третирале како странка со лоша имотна состојба и не му ги прифатиле ниту наводите, ниту сведоците за да ја докаже сопственоста.
3. УЗ.бр.1/2025
Оспорен акт: Одлука бр.23-241 од 25.01.1991 и Одлука бр.19-8426/1 од 26.12.2007 година
Подносител на иницијативата: Зоран Салтамарски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека Одлуката немала еднаква правна применливост кон сите вработени во Армијата и дека нерамноправно бил лишен од одредени поволности кои ги добиле други вработени во АРМ.
4. УЗ.бр.2/2025
Оспорен акт: Програмата за изменување и дополнување на Програмата за урбанистичкото планирање за 2024 година со бр.09-6676/9 од 26.09.2024 година и Програмата за урбанистичко планирање за 2024 година- пречистен текст бр.09-6676/9 од 26.09.2024 година
Подносител на иницијативата: Државен инспекторат за локална самоуправа, в.д. директор Хаќим Рамадани
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека Програмата не е во согласност со законот, бидејќи Советот на Општина Карпош, донел Програма која претходно е запрена со Решение за запирање од страна на градоначалникот на Општина Карпош.
5. УЗ.бр.3/2025
Оспорен акт: Член 55 став 2 од првиот пасус од Правилата за тргување на Македонската берза на хартии од вредност
Подносител на иницијативата: Мишо Василевски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека со воведување на вакво правило за тргување со акции на Македонската берза за хартии од вредност, спротивно на одредбите од Уставот, компаниите кои котираат на Македонската берза за хартии од вредност можат вештачки-непазарно да ја соборат цената на акциите до толку ниско ниво, што потоа со години акционерите не би можеле да ги постават своите акции за продажба и притоа слободно да ја определат цената по која сакаат да ги продадат акциите. Се наведува дека оваа практика на тргување со акции е воведена само за цената на обичните акции кои се тргуваат на официјалниот пазар и овие ценовни ограничувања не важат за ниту еден друг начин на тргување на Берзата. Во иницијативата се наведува дека оспорените делови се во спротивност со членот 30 од Уставот, односно на загарантираното право на сопственост.