Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.97/2024
Скопје, 11.12.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеи 1 и 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 11 декември 2024 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 222 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.302/20) и член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.122/21).
Образложение
I
Тодор Петров, претседател на организацијата „Светски македонски конгрес”, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во диспозитивот од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорените законски одредби не се во согласност со резултатите од референдумите одржани на 8 септември 1991 година и 30 септември 2018 година. Во иницијативата се цитираат членовите 1, 2, 8, 9, 11, 15, 25, 27, 51, 52, 73, 75, 118 и 119 од Уставот на Република Северна Македонија. Причините за спротивност со уставните одредби се изнесени преку образложението на иницијативата.
Во иницијативата се прикажува Резултатот од референдумот во Република Македонија, одржан на 8 септември 1991 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/1991), утврден од Републичката комисија за спроведување на референдумот. Исто така, во иницијативата се прикажува Извештајот за конечните резултати од гласањето на референдумот на државно ниво, 30 септември 2018 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.186/2018) усвоен од Државната изборна комисија.
Според подносителот, со резултатите од одржаните референдуми е одлучено за суверена и самостојна држава Македонија без додавки и придавки. Понатаму, се појаснува дека речиси 2/3 од граѓаните на референдумот одржан на 30 септември 2018 година не гласале „за членство во ЕУ и НАТО” и не го прифатиле Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција од 17 јуни 2018 за промена на името на државата и идентитетот на македонскиот народ, па Државната изборна комисија констатирала дека одлуката по референдумското прашање од 2018 година не била усвоена бидејќи не гласале повеќе од половина од вкупниот број граѓани запишани во избирачкиот список.
Според наводите на подносителот во иницијативата, уставноста и законитоста во Републиката се остварува, меѓу другото, преку согласност на Уставот, законите и подзаконските акти со одлуките донесени на референдум. Притоа наведува дека „со Устав, закон и подзаконски акт не се менува одлука на референдум, одлука донесена на референдум се менува само со одлука донесена на референдум“. Суспензија и непочитување на одлука на референдум, според подносителот, претставува кривично дело. Така, подносителот смета дека институциите на власта се должни Уставот и законите да ги усогласат со одлуките на референдум како највисок институт на суверенитетот, а Собранието е должно безусловно да ги имплементира одлуките на референдумите, бидејќи според членовите 1 и 2 од Уставот суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните кои власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници по пат на референдум како највисок институт на суверенитетот. Во контекст на изнесеното, подносителот смета дека произлегува спротивноста со член 51 од Уставот, како и со член 73 став 4 од Уставот којшто предвидува дека одлуката донесена на референдум е задолжителна.
Иницијативата продолжува со наводи за промената на името на државата врз основа на Спогодбата, односно Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција од 17 јуни 2018 година кој меѓународен договор не е дел од внатрешниот правен поредок на државата бидејќи истиот не е ратификуван во согласност со Уставот и е спротивен на членовите 75, 118 и 119 од Уставот, бидејќи не е склучен од претседателот на Републиката кој воедно не го потпишал Указот за прогласување на Законот за ратификација на Спогодбата помеѓу Република Македонија и Република Грција.
Врз основа на изнесеното, подносителот смета дека промената на името на државата во возачките дозволи и возачките книшки е во спротивност со резултатите од одржаните референдуми од 8 септември 1991 година и 30 септември 2018 година, со што се суспендира владеењето на правото, се повредува физичкиот и моралниот интегритет на човекот, достоинството и угледот на секој граѓанин. Воедно, со оспорените одредби се наметнува повратно дејство кое е понеповолно за граѓаните, од причина што Владата и Собранието го промениле името на државата, наметнувајќи им рок до 12 февруари 2024 година за промена на возачките дозволи и возачки книшки на сопствен трошок, иако нивните лични исправи сè уште важат, за што се повикува на член 304 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата кој го уредува рокот на важење на возачката дозвола. Со определување на наведениот датум, како задолжителен рок за промена на личните документи, се суспендира гарантираното право на жалба со Амандманот 21 од Уставот и се повредува правото на слободно движење на граѓаните на територијата на Републиката, предвидено со член 27 од Уставот.
Од наведените причини, подносителот предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставоста и да ги поништи оспорените одредби, како и да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорените одредби.
II
На седницата Судот утврди дека со оспорениот член 222 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.302/20) е предвидено дека низ целиот текст на Законот зборовите: „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите: „Република Северна Македонија“.
Судот на седницата, исто така, утврди дека со оспорениот член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.122/2021) е предвидено дека возачките дозволи и возачките книшки кои го содржат натписот „Република Македонија“ издадени до денот на започнувањето на примената на овој закон, ќе важат до истекот на рокот на важење кој е наведен во возачката дозвола, најдоцна до 12 февруари 2024 година.
III
Согласно со член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 38 алинеи 1 и 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Законските одредби кои се предмет на иницијативата се оспорени од аспект на несогласноста со Резултатот од референдумот во Република Македонија, одржан на 8 септември 1991 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/1991), утврден од Републичката комисија за спроведување на референдум и Извештајот за конечните резултати од гласањето на референдумот на државно ниво, 30 септември 2018 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.186/2018), усвоен од Државната изборна комисија. Подносителот смета дека промена на името на државата во возачките дозволи и возачките книшки е во спротивност со резултатите од одржаните референдуми, а со тоа спротивна и на уставните одредби наведени во иницијативата.
По однос на прашањата покренати со иницијативата, во конкретниот случај, според Судот, не се исполнети условите да се впушти во оценка на основаноста на наводите за усогласување на Уставот и законите со резултатите од референдумите, на што во суштина се сведува барањето за оцена на уставноста на член 222 од Законот во иницијативата. Имено, Резултатот од референдумот во Република Македонија, одржан на 8 септември 1991 година и Извештајот за конечните резултати од гласањето на референдумот на државно ниво, 30 септември 2018 година, не се подзаконски акти кои доуредуваат конкретна регулатива, туку акти донесени во функција на спроведените референдуми. Впрочем, ова е став на Уставниот суд изразен во Решението У.бр.17/2020 и У.бр.23/2020 од 18.10.2023 година.
Тргнувајќи од содржината и правниот карактер којшто го имаат овие акти и имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд определена во член 110 од Уставот, произлегува дека оценката на ваквите наводи не спаѓа во надлежност на Судот.
Воедно, имајќи ја предвид надлежноста на Судот определена во цитираната уставна одредба не се исполнети условите за уставно-судска анализа на наводите од иницијативата кои се однесуваат на содржината на актите кои претходеле на промена на името на државата.
Оттука, според Судот, член 222 од Законот не може да се анализира од аспект на наводите за оспорување кои се изнесени со иницијативата од каде произлегува дека за овој дел од иницијативата исполнети се условите за отфрлање, согласно член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд.
Во претходната постапка и на седницата, Судот утврди дека на седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 12 февруари 2024 година, е донесен Законот за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 33/2024 од 12 февруари 2024 година).
Во член 1 од Законот се наведува дека во Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 122/21), во членот 5 зборовите: „12 февруари 2024 година“ се заменуваат со зборовите: „31 декември 2024 година“.
Според член 2, Законот влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Од утврдената фактичка состојба произлегува дека член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 122/21), престанал да важи на 12 февруари 2024 година, односно со денот на објавувањето на Законот за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.33/2024).
Со оглед на тоа дека оспорениот член 5 од Законот не е повеќе во правниот поредок, истиот е изменет и има нова содржина, поради што постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, од каде Судот цени дека во овој дел се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд.
Врз основа на сето наведено, според Судот, не се исполнети условите од член 37 од Актот на Уставниот суд за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорените одредби.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски