У.бр.216/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.216/2024
Скопје, 04.12.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 4 декември 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки број 41-8212/3, донесена од Владата на Република Северна Македонија на 3 септември 2024 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.183/24).

Образложение

I

Ѓорге Поп-Кочев, адвокат од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката наведена во диспозитивот на ова решение.

Според наводите во иницијативата, определената највисока трговска (профитна) маржа како посебен услов во трговијата со училиштен прибор во член 1 од Одлуката која е со важност до 20 октомври 2024 година, е спротивна на слободата на пазарот и претприемништвото, определена во член 8 став 1 алинеја 7  од Уставот.

Подносителот се повикува на член 30 став 1 алинеја 1 од Законот за трговија врз основа на кој е донесена оспорената одлука, како и член 29 од истиот закон, коишто ги цитира во иницијативата.

Во контекст на цитираните одредби, подносителот образложува дека Владата има право да ограничи или да определи посебни услови за трговија со определени производи доколку се исполнети условите од член 29 од Законот за трговија, но во конкретниот случај, во оспорената одлука нема повикување на причините поради кои Владата ја донела поради што Одлуката е произволна и се коси со начелото на слободна пазарна економија.

Подносителот смета дека со оспорената одлука се прекршува слободата на пазарот и претприемништвото како темелна вредност на уставниот поредок, на начин што без да постојат причините од член 29 од Законот за трговија, ја ограничува маржата во трговијата со училиштен прибор на 5% во продажбата на големо и 10% во продажбата на мало. Појаснува дека во конкретниот случај не се работи за животно егзестенцијални производи бидејќи училиштен прибор се продава по најразлични цени со право на избор на потрошувачите  согласно своите можности. Така, постапувањето на Владата директно влијае на условите за работа на трговците чија дејност е трговија со училиштен прибор, со што директно ги загрозува работните места на вработените, а особено во овој период кога започнува учебната година кога продажбата на училиштен прибор зафаќа повеќе од 30% од вкупниот промет со училиштен прибор остварен во текот на годината.

Во иницијативата подносителот ги цитира членовите 4 и 5 од општите одредби на Законот за трговија. Според подносителот, оспорената одлука е спротивна на овие одредби, бидејќи органите на државната власт не можат да го ограничат правото на трговецот за слободен настап на пазарот, освен во случаи определени со закон, во која смисла заради донесување на оспорената одлука Владата, пред сè, била должна да определи кои се тие оправдани случаи и како истите настанале. Во член 29 од Законот за трговија се определени причините поради кои Владата може да ја ограничи трговијата на одредени производи, доколку утврди дека настанале услови определени со овој член, меѓутоа, од страна на Владата не е изнесен никаков став во јавноста за причините поради кои се носи оспорената одлука, освен дека во овој период е зголемена потребата од набавка на училиштен прибор, па одлуката за ограничување на трговската (профитна) маржа е донесена во интерес на граѓаните.

Во иницијативата подносителот укажува дека досегашната пракса на одлуки за ограничување на трговијата се однесувала на егзистенцијални производи како леб, брашно, пченица и одредени земјоделски прехрамбени производи на кои како берзански производи влијаеле воените случувања во Украина. Воедно, укажува на трошоците на трговците врз кои влијаела цената на целулозата изминатата година која на светските берзи пораснала за 50%, како и двојното зголемување во цените за транспорт поради недостиг на транспортни контејнери, но сепак цените во малопродажбата на училиштен прибор не се зголемиле сразмерно на наведените трошоци, од причина што побарувачката тоа не го дозволува. Оттука, за подносителот е нејасно кој е јавниот интерес кој се штити со оспорената одлука, a нејзината примена до 20 октомври 2024 година директно упатува дека истата е донесена за времетраење на сезоната на купување училиштен прибор и директно ги оневозможува трговците во остварување на профит.

Од наведените причини, подносителот му предлага на Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одлука и да ја поништи во целост, како и поради краткиот рок на примена на Одлуката да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одлука.

II

На седницата Судот утврди дека оспорената Одлука за посебни услови за трговијата на одделни стоки број 41-8212/3 од 03.09.2024 година е донесена од Владата на Република Северна Македонија на седницата одржана на 3 септември 2024 година, објавена на 03.09.2024 година во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.183/24.

Судот, исто така, утврди дека Одлуката содржи 3 (три) члена.

Со член 1 од Одлуката се определува највисоката трговска (профитна) маржа како посебен услов за описно наведениот училиштен прибор, за кој највисоката трговска (профитна) маржа за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец во трговијата на големо се утврдува во вкупен износ до 5%, а во  трговијата на мало се утврдува во вкупен износ до 10%.

Во член 2 е уредено дека највисоката трговска (профитна) маржа на стоките од член 1 од Одлуката ќе се применува до 20 октомври 2024 година.

Според член 3, Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

III

Согласно со член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 38 алинеја 3 од Актот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Оспорената одлука е донесена од Владата на Република Северна Македонија, врз основа на член 30 став 1 алинеја 1 од Законот за трговија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 16/2004, 128/2006, 63/2007, 88/2008, 159/2008, 20/2009, 99/2009, 105/2009, 115/2010, 158/2010, 36/2011, 53/2011, 148/2013, 164/2013, 97/2015, 129/2015, 53/2016 и 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 77/2021, 215/2021, 295/2021 и 150/2022).

Предмет на оспорување во иницијативата е утврдената највисока трговска (профитна) маржа како посебен услов во трговијата со описно наведениот вид на училиштен прибор за сите трговски друштва и трговци поединци и тоа во вкупен износ до 5% во трговијата на големо и до 10% во трговијата на мало, која ќе се применува до 20 октомври 2024 година.

Разгледувајќи ја содржината на оспорената одлука, од содржината на член 2 произлегува дека утврдената највисока трговска (профитна) маржа на училишниот прибор на кој се однесува ќе се применува до 20 октомври 2024 година.

Оттука, според Судот, оспорената Одлука за посебни услови за трговијата на одделни стоки, по определениот краен рок за примена на утврдената највисока трговска (профитна) маржа, престанала да произведува правно дејство.

Од вака утврдената фактичка состојба произлегува дека времениот карактер според член 2, односно исцрпеност во примената на Одлуката по однос на својата содржина и дејство е процесна пречка за мериторно одлучување, поради што Судот оцени дека се исполнети  условите за отфрлање на иницијативата, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд.

Врз основа на сето наведено, според Судот, не се исполнети условите од член 37 од Актот на Судот за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одлука.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република  Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски