У.бр.84/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.84/2024
Скопје, 04.12.2024 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари,  м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 4 декември 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Регулациски план на генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт С3 19, бр.27-1496/5 од 23.02.2021 година („Службен гласник на Град Скопје“ бр.2/2021).

Образложение

I

Јована Стефановска, во име на граѓанската иницијатива „Борба за Влае“, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Регулациски план на генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт С3 19, бр.27-1496/5 од 23.02.2021 година („Службен гласник на Град Скопје“ бр.2/2021).

Во иницијативата се наведува дека оспорената одлука со која  е донесен Регулациски план на генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт С3 19 е спротивна на член 16 став 4, член 28 и член 42 став 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, член 65 од Законот за животната средина и член 3 став 1 точка 13 од Уредбата за стратегиите, плановите и програмите, вклучувајќи ги и промените на тие стратегии, планови и програми, за кои задолжително се спроведува постапка за оцена на нивното влијание врз животната средина и врз животот и здравјето на луѓето, а, исто така, спротивна и на член 8 став 1 алинеи 3 и 10, член 43 и член 51 став 1 од Уставот.
Повикувајќи се на начелото на владеење на правото, подносителот изнесува заклучок дека овој уставен принцип не значи само дека донесените прописи не треба да бидат спротивни на Уставот и законите, туку тие треба да бидат донесени во постапка регулирана со закон. Во конкретниот случај, ваквата констатација, според него, значи дека предметниот регулациски план требало да биде донесен во постапка регулирана со закон, а имајќи ја предвид одредбата содржана во член 94 став 1 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2020), Регулацискиот план требало да биде донесен согласно со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/201, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 90/2017, 64/2018 и 168/2018), меѓутоа спротивно на ваквата обврска, Регулацискиот план е донесен спротивно на постапката утврдена со овој закон. На ваков заклучок, според него, упатува и ставот на Уставниот суд, изразен во предметот У.бр.81/2022.

Во продолжението на иницијативата, подносителот, повикувајќи се на член 28 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, член 65 од Законот за животната средина и член 3 став 1 точка 13 од Уредбата за стратегиите, плановите и програмите, вклучувајќи ги и промените на тие стратегии, планови и програми, за кои задолжително се спроведува постапка за оцена на нивното влијание врз животната средина и врз животот и здравјето на луѓето, ја образложува својата констатација дека при донесувањето на предметниот регулациски план не е постапено во согласност со одредбите за спроведување стратегиска оцена. Според него, обврската за спроведување постапка за стратегиска оцена се однесува и за регулациски план за генерален урбанистички план. Во случајот, Град Скопје како орган кој го донел Регулацискиот план, воопшто не презел никакви дејствија за спроведување на оваа постапка. Во поткрепа на ова, подносителот укажува дека не само што ниту еден од овие документи не е објавен на интернет-страницата на Град Скопје, туку ваков документ не е објавен ниту на интернет-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Наводот дека Регулацискиот план е спротивен на член 42 став 5, а во врска со член 14 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, подносителот го образложува со своето тврдење дека предметниот регулациски план не е објавен на интернет-страницата на Град Скопје. Наведеното, според него, јасно може да се забележи од увид на интернет-страницата и ГИС порталот на Град Скопје каде недостасува текстуалниот дел на планот. Во поткрепа на ова, подносителот повторно подвлекува дека овој аспект, исто така, бил разгледуван во Одлуката на Судот У.бр.81/2022 кога ја укинал Одлуката за донесување на тогаш оспорениот регулациски план.

Иницијативата содржи и наводи според кои Регулацискиот план не е усогласен со Генералниот урбанистички план 2012-2022 за Град Скопје, па оттука и констатацијата на подносителот дека предметниот регулациски план е спротивен на член 14 став 6 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Во оваа насока, подносителот подвлекува дека ГУП 2012-2022 за градска четврт С3 19 уредува дека општиот режим на градење и употреба за најголем дел од земјиштето за овој плански опфат е со намена А (домување), додека, единствено во два дела е утврдена намена Д (зеленило, спорт, рекреација и меморијални простори). Оттука, подносителот констатира дека спротивно на вака воспоставениот општ режим, Регулацискиот план во делот во близина на пресекот на улицата „Сливовска“ со улицата „Пресека“ утврдува парцели со намена Б (комерцијални и деловни намени), за кој дел од планскиот опфат, со ГУП 2012-2022 е утврдена намена А. Подносителот завршува со укажување дека со оспорениот Регулациски план се предвидува изградба на огромен објект на единствената слободна површина со зеленило покрај Вардар која до овој момент била со намена за спорт и рекреација. Односно, согласно оспорениот регулациски план, државни објекти се вметнуваат во постоечки зелени површини, а на државното земјиште каде претходно со деталниот урбанистички план бил предвиден објект за државни институции, сега се предвидува домување. Во поткрепа на овој свој навод, подносителот се повикува на Одлуката на Уставниот суд, У.бр.23/2022 каде Судот ценел усогласеност помеѓу генерален урбанистички план и пониските урбанистички планови.

Повикувајќи се на темелната вредност од член 8 став 1 алинеја 10, како и член 43 од Уставот, подносителот изнесува тврдење дека оспорениот регулациски план ѝ штети на здравата животна средина. Наведеното го поткрепува преку ставови и толкувања кои правната наука ги има во однос на толкувањето на наведените уставни норми и остварувањето на правото на здрава животна средина. Исто така, преку пренесување на фактичката состојба за она што е предвидено со оспорениот регулациски план, подносителот заклучува дека истиот ќе доведе до состојба на криза на животната средина во градска четврт С3 19.

Со иницијативата се предлага Судот да одржи подготвителна седница со цел утврдување на сите околности и факти поврзани со урбанистичката поставеност на оспорениот регулациски план. Истовремено, се бара Судот да ја поништи одлуката со која е донесен регулацискиот план, а исто така, Судот да донесе и времена мерка со која ќе го запре неговото извршување.

II

На седницата Судот утврди дека врз основа на член 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.05/02), и член 94 став 1 од Законот за урбанистичко панирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/20), Советот на Град Скопје на шеесет и четвртата седница, одржана на 23 февруари 2021 година, ја донел Одлуката за донесување на Регулациски план на генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт С3 19, бр.27-1496/5 од 23.02.2021 година („Службен гласник на Град Скопје“ бр.2/2021).

Во член 1 од Одлуката е определено дека се донесува Регулациски план на Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт СЗ 19. А, во член 2 е определено нејзиното влегување во сила, со денот на објавувањето во „Службен гласник на Град Скопје“.

III

Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија е определено дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Советот на Град Скопје, на триесет и втората седница, одржана на 20 јули 2023 година, донел Одлука за поништување на Одлуката за донесување на Регулациски план на Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт СЗ 19, бр.27-7740/1 од 20.07.2023 година, објавена во „Службен гласник на Град Скопје“ бр.10/2023. Во член 1 од истата е определено дека се поништува Одлуката за донесување на Регулациски план на Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт СЗ 19 („Службен гласник на Град Скопје“ број 02/2021). А, согласно членот 2, оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Град Скопје“.

При вака утврдена фактичка состојба, Судот оцени дека со донесувањето на Одлуката за поништување на Одлуката за донесување на Регулациски план на Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт СЗ 19 бр.27-7740/1 („Службен гласник на Град Скопје“ бр.10/2023) и нејзиното влегување во сила, престанала да важи оспорената Одлука за донесување на Регулациски план на генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт С3 19, бр.27-1496/5 од 23.02.2021 година („Службен гласник на Град Скопје“ бр.2/2021), поради што истата е надвор од правниот поредок на Република Северна Македонија.

Имајќи го предвид наведеното, според Судот, исполнети се условите за примена на одредбата од член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, за отфрлање на иницијативата, поради постоење процесни пречки за постапување по истата.

Воедно, Судот оцени дека не се исполнети и условите од член 37 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за донесување решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одлука, како и условите за одржување подготвителна седница, утврдени во член 40 од Актот.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски