У.бр.185/2023

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.185/2023
Скопје, 11 декември 2024 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 73 и член 39 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115 /2024), на седницата одржана на 11 декември 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста и законитоста на член 13 став 2 и член 14 став 1 од Статутот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, со Решението У.бр.185/2023 од 9 октомври 2024 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 13 став 2 и член 14 став 1 од Статутот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и со Законот за работните односи.

II

На седницата Судот утврди дека според оспорениот член 13 став 2, доброволното истапување не важи ниту во случаите кога членот користел право што е обезбедено со Колективен договор, потпишан од страна на СОНК или со друг документ (спогодба, договор и сл.) со надлежните социјални партнери и тоа на сите нивоа, а со користење на некои од тие права членот добил зголемување на финансиските средства или подобрување на статусот на работното место, како и ослободување од казни кои произлегуваат од надлежните државни органи (инспекции, раководни органи во установата, судови и сл.), како заслуга на мерки и активности на органите на СОНК.

Согласно со оспорениот член 14 став 1, членот на СОНК, кој сака доброволно да истапи од СОНК, согласно основите наведени во член 13 од овој статут, истапувањето ќе може да го направи после 3 години од денот на поднесувањето на барањето за истапување од СОНК.

III

На одржаната седница на 11 декември 2024 година, Судот утврди дека поведувањето на постапката било засновано врз погрешна фактичка состојба.

Имено, во член 185 став 1 од Законот за работни односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/05, 106/08, 161/08, 114/09, 130/09, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13, 113/14, 20/15, 33/15, 72/15, 129/15, 27/16, 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 110/19, 267/20, 151/21, 288/21 и 111/23), јасно е наведено дека  работникот, односно работодавачот слободно одлучува за своето стапување и истапување од синдикатот, односно здружението на работодавачите. Статутот на СОНК во член 9 наведува од кои сè дејности вработените можат да бидат членови на СОНК, додека со член 11 е уредено дека вработените од дејностите од член 9, врз основа на слободно изразена волја, стануваат членови на СОНК со потпишување на пристапница, со која се потврдува прифаќањето на статутот и програмата на СОНК. Зачленувањето во СОНК е доброволно без разлика на политичките и религиозните убедувања, националната, етничката, расната и половата припадност, согласно со член 10 од Статутот. Согласно со член 184 став 1 од Законот за работни односи, работниците имаат право, по свој слободен избор, да основаат синдикат и во него да се зачленуваат, под условите пропишани со статутот или правилата на тој синдикат. Имајќи го предвид ова законско овластување, синдикатите со статутот да ги пропишуваат условите за зачленување, како и одредбите од статутот на СОНК со кои се уредува дека зачленувањето е доброволно со потпишување на пристапница со која се потврдува прифаќањето на статутот и програмата на СОНК, Судот одлучи да ја запре постапката, согласно со член 39 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи  како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски