У.бр.212/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.212/2024
Скопје, 30.10.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 30.10.2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 5 став 3, член 6 ставови 1 и 2, член 8 став 2, член 23 став 2 и член 25 став 2 во делот „Социјалистичка“, член 5 став 3 во делот „Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ и член 5 став 3, член 8 став 2 и член 25 став 2 во делот „Извршниот совет“ од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ број 45/77, 8/80 и 51/88 и „Службен весник на Република Македонија” број 62/1993).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 5 став 3, член 6 ставови 1 и 2, член 8 став 2, член 23 став 2 и член 25 став 2 во делот „Социјалистичка“, член 5 став 3 во делот „Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ и член 5 став 3, член 8 став 2 и член 25 став 2 во делот „Извршниот совет“ од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ број 45/77, 8/80 и 51/88 и „Службен весник на Република Македонија” број 62/1993), како спротивни на член 1 став 1  и член 8 алинеја 4 од Уставот на Република Северна Македонија, и предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на истите и да донесе одлука со која ќе се укинат оспорените делови од цитираните членови.

II

На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 5 став 3 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ број 45/77, 8/80 и 51/88 и „Службен весник на Република Македонија” број 62/1993), се предвидува дека програмите од став 2 на овој член ги донесува Собранието на Социјалистичка Република Македонија, на предлог на Извршниот совет на Собранието на Социјалистичка Република Македонија, во согласност со Водостопанската основа на СР Македонија и меѓународните договори на Социјалистичка Федеративна Република Југославија (меѓународни договори), по претходно прибавено мислење од собранијата на општините Охрид, Струга, Ресен и Гевгелија и заинтересираните електростопански, водостопански, туристичко-угостителски организации, организации  за стопански риболов и други организации (заинтересирани организации).

Според член 6 ставови 1 и 2 од истиот закон, Собранието на Социјалистичка Република Македонија, собранијата на општините Охрид, Струга, Ресен и Гевгелија и заинтересираните организации склучуваат договор за обезбедување средства за реализација на програмите од член 5 на овој закон. Собранието на Социјалистичка Република Македонија со одлука ги определува заинтересираните организации од член 5 став 3 на овој закон и од став 1 на овој член.

Во член 8 став 2 од истиот закон се предвидува дека границите на корисниот волумен на водите на езерата ги утврдува Извршниот совет на Собранието на Социјалистичка Република Македонија, во согласност со програмите од член 5 на овој закон и со меѓународните договори.

Со член 23 став 2 од истиот закон е предвидено дека Собранието на Социјалистичка Република Македонија и собранијата на општините Охрид, Струга, Ресен и Гевгелија договорно ќе ја утврдат динамиката на реализацијата на обврските од ставот 1 на овој член.

Согласно со член 25 став 2 од истиот закон, Извршниот совет на Собранието на Социјалистичка Република Македонија ќе ги утврди границите на корисниот волумен на водите на Охридското Езеро во рок од деведесет дена од денот на донесувањето на програмата за заштита на Охридското Езеро.

III

Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од наводите во иницијативата произлегува дека подносителот на иницијативата ја оспорува уставноста на член 5 став 3, член 6 ставови 1 и 2, член 8 став 2, член 23 став 2 и член 25 став 2 во делот „Социјалистичка”, член 5 став 3 во делот „Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ и член 5 став 3, член 8 став 2 и член 25 став 2 во делот „Извршниот совет“ од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ број 45/77, 8/80 и 51/88 и „Службен весник на Република Македонија“ број 62/1993), како спротивни на член 1 став 1  и член 8 алинеја 4 од Уставот на Република Северна Македонија.

Од анализата на горенаведените одредби од Законот произлегува дека станува збор за технички пропуст од номотехничка природа од причина што по прогласувањето на независноста на државата и донесувањето на Уставот на Република Северна Македонија, законодавецот бил должен да интеревенира во наведениот закон во насока на усогласување на содржината на Законот со новото уставно име на државата. Истото не е сторено и покрај тоа што во 1993 година се направени одредени измени во Законот, а притоа било должност на законодавецот да интервенира и во оспорените одредби, но истото не е сторено. Сепак, со системско толкување на законските одредби може да се утврди дека истиот е составен дел на законодавството на Република Северна Македонија.

Уставниот суд констатира дека многу често во Судот доаѓаат иницијативи со кои се бара да се исправи технички пропуст од номотехничка природа што го направил законодавецот. Уставниот суд ги отфрла ваквите иницијативи кои сами по себе, како во овој случај, не се во негова надлежност. Судот цени дека законодавецот е должен  да врши соодветно усогласување на законите, толкување на нормите, пополнување на номотехничките пропусти и празнини во практичната примена на законите во функција на обезбедување правна сигурност.

При ваква состојба, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата бидејќи наводите на подносителот на иницијативата се сведуваат на барање за постапување на Уставниот суд, за прашање за кое надлежен е законодавниот орган кој ги креира, изменува и дополнува законите кои ги донесува.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република  Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски