Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.47/2023
Скопје, 04.12. 2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 2 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 4 декември 2024 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 26 став 2 од Законот за управни спорови во делот „во рок од 30 дена“ („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.96/2019).
Образложение
I
Александра Илиева Милчова, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 26 став 2 од Законот за управни спорови во делот „во рок од 30 дена“ („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.96/2019).
Според наводите во иницијативата, одредбата на оспорениот член од Законот создава правна несигурност и предвидува рокови за граѓанинот во услови кога не е донесен управен акт и истата е во спротивност со Амандманот XXI со кој е заменет член 15 од Уставот. Исто така, со оспорениот дел „во рок од 30 дена“ од член 26 став 2 од Законот се повредува и член 51 од Уставот, од причина што сите закони мора да бидат во согласност со Уставот.
Поради наведеното, подносителот на иницијативата смета дека оспорениот дел „во рок од 30 дена“ од став 2 на член 26 од Законот треба да се укине како противуставен од причина што вака поставеното право на судска заштита во случај на молчење на администрацијата е на штета на граѓаните и создава правна несигурност во однос на рокот кој е преклузивен за граѓанинот кога треба да бара судска заштита, па така доколку истече тој рок од 30 дена, а актот се уште не е донесен, граѓанинот повеќе не може да го бара своето право со тужба. Понатаму во иницијативата се наведува дека поради вака поставената одредба се создава правна несигурност затоа што граѓанинот не треба да биде ограничен во остварување на своите права со поднесување тужба со рок во случај на молчење на администрација, туку ова право треба да биде слободно и во секој случај доколку не е донесен актот во законскиот рок. Според наводите во иницијативата тогаш треба да се бара донесување на актот поради молчење на администрација, согласно со член 15 став 2 од Уставот каде се гарантира безусловна двостепеност или друг вид на правна заштита против актите на органите на управата.
II
На седницата Судот утврди дека согласно со оспорениот дел „во рок од 30 дена“ на член 26 став 2 е утврдено дека кога се поведува управен спор поради недонесување на одреден акт во пропишаниот рок (молчење на управата), тужбата се поднесува во рок од 30 дена по истекот на законски утврдениот рок за донесување на актот.
III
Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со оглед на фактот дека Уставниот суд со Одлуката У.бр.148/2024 од 2 октомври 2024 година, го укина член 26 став 2 од Законот за управни спорови во делот „во рок од 30 дена“ („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.96/2019), тој дел од одредбата не е повеќе во правниот поредок.
Поради тоа што за оспорениот дел од одредбата на член 26 став 2 од истиот закон, Уставниот суд веќе одлучувал и врз основа на наведената одлука на овој суд оспорениот дел од одредбата е укинат и повеќе не е во правниот поредок, Судот оцени дека се настапени претпоставките, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, за отфрлање на конкретната иницијатива во случај ако постојат други процесни пречки за одлучување по истата.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски