Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.190/2024
Скопје, 11.12.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1 и член 79 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 11 декември 2024 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 2 став 3 во делот „а до навршени 65 години живот“ од Правилникот за организацијата, составот и начинот на работата на Комисијата за оцена на работната способност („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.142/2021), донесен од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Северна Македонија.
2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод иницијатива на Игорчо Точев од Скопје донесе Решение У.бр.190/2024 од 2 октомври 2024 година за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот од Правилникот означен во точката 1 од диспозитивот на оваа одлука поради сомнение за повреда на принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и правната сигурност на граѓаните како негов составен дел.
II
На седницата Судот утврди дека во член 2 од Правилникот се предвидува дека:
(1) Комисијата донесува наод, оцена и мислење за постоење на инвалидност за остварување права од инвалидското осигурување и постоење на неспособност за работа на член на семејството за остварување право на семејна пензија.
(2) Комисијата донесува наод, оцена и мислење за утврдување на инвалидност заради остварување право на работа со скратено работно време и распоредување на друга соодветна работа.
(3) Комисијата донесува наод, оцена и мислење за утврдување на неспособноста за работа кај лица над 26 години возраст, а до навршени 65 години живот за користење на право на гарантирана минимална помош.
(4) Комисијата може да донесе наод, оцена и мислење и кога тоа е утврдено со закон или други прописи.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со Законот за пензиското и инвалидското осигурување се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување, опфатот на осигуреници, правата кои се остваруваат од ова осигурување, матичната евиденција на осигурениците и корисниците на права од пензиското и инвалидското осигурување, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување.
Член 130 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кој е поместен во глава XII со наслов „Остварување, користење и губење на правата “ и е основ за донесување на оспорениот правилник, предвидува дека за остварување на правата врз основа на инвалидност и неспособност за работа врз основа на која се стекнува право на инвалидска, односно семејна пензија, како и телесно оштетување, фактичката состојба се утврдува врз основа на наод, оцена и мислење на Комисијата за оцена на работната способност.Комисијата се формира во рамките на Фондот. Со акт на Фондот се уредува организацијата, составот и начинот на работа на Комисијата за оцена на работната способност.
Во член 29 од Законот за социјалната заштита, меѓу другото, се утврдува дека висината на правото на гарантираната минимална помош се пресметува како основица за еден член на домаќинството, зголемена за коефициент од еквивалентната скала за другите членови на домаќинството, а најмногу за вкупно пет члена во домаќинството. Неспособноста за работа на лицата од став 5 на овој член се утврдува со наод, оцена и мислење од стручна комисија за утврдување на неспособност за работа формирана при Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија, согласно со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
Тргнувајќи од овластувањата дадени во член 130 став 2 од Законот за пензиското и социјалното осигурување, Фондот го донесе сега оспорениот Правилник со кој детално се уредува организацијата, составот и начинот на работата на Комисијата за оцена на работната способност.
Со оспорениот член 2 став 3 од Правилникот се предвидува дека Комисијата донесува наод, оцена и мислење за утврдување на неспособноста за работа кај лица над 26 години возраст, а до навршени 65 години живот за користење на право на гарантирана минимална помош.
Ако се има предвид содржината на член 2 став 3 и неговиот оспорен дел, произлегува дека воопшто не е можно едно лице по својата 65-та година возраст да користи право на гарантирана минимална помош, што значи дека возраста е ограничувачкиот услов за утврдување на неспособноста за работа на лица на навршени 65 години живот, како и пристапот до правото на гарантирана минимална помош. Оттука, јасно произлегува дека поради воспоставениот услов „возраст”, лицата над 65 години живот нема да можат да го остварат правото на гарантирана минимална помош.
Во врска со ова, неспорно е дека во надлежност на државата е да ја креира и спроведува социјалната политика за граѓаните зависно од материјалните можности на државата, а во тој поглед законодавецот врз основа на уставното овластување, со закон да ги утврдува правата на граѓаните од сферата на социјалната заштита како и начинот и условите под кои граѓаните можат да ги остварат социјалните права.
Меѓутоа, кога станува збор за услови по кои граѓаните можат да ги остварат социјалните права, законодавецот има обврска во закон да утврди исти услови под кои граѓаните ќе ги остваруваат правата од сферата на социјалната заштита, без притоа да се прави разлика помеѓу граѓаните врз основа на раса, боја на кожа, потекло, национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или разликување по која било друга основа во остварување на парична помош од социјална заштита и социјални услуги.
Во конкретниот случај, со оспорениот подзаконски пропис Фондот за пензиското и инвалидското осигурување не ги следел принципите на еднаков и рамноправен третман на граѓаните, условувајќи го правото на утврдување на неспособност за работа, а која согласно одредбите од Законот за социјалната помош е дефинирана дека неспособно за работа се смета лице со умерена, тешка или длабока интелектуална попреченост, со потешка или најтешка телесна попреченост, утврдена со наод и мислење од службата за функционална проценка при јавната здравствена установа, како и правото на гарантирана минимална помош со возраста на граѓанинот во член 2 став 3 од Правилникот.
Од извршената уставно-судска анализа произлегува дека според содржината на оспорената одредба на член 2 став 3 од Правилникот, ова право нема да може да го оствари и лице кај кое по 65 години возраст ќе се јави потреба за остварување на правото на користење на гарантирана минимална помош.
Уставниот принцип на еднакво постапување спрема еднаквите, независно од личните својства и карактеристики на граѓаните, нивната припадност или убедување или која било друга, состојба или статус, во конкретниот случај, според Судот, е повреден со пропишувањето на оспорениот дел на членот од подзаконскиот акт. Со истиот во суштина, по основ на возраст, се врши неоснована категоризација, а со тоа и нелегитимно спречување на едните да можат исто како и другите да ги уживаат подеднакво правата од социјалната сфера, уредени со Законот за социјалната помош. Од овие причини Судот оцени дека оспорениот дел од член 2 став 3 од Правилникот е во спротивност со уставниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите од член 9 став 2 од Уставот.
Со член 16 од Законот за социјалната помош на граѓаните им се гарантира еднаков и рамноправен третман до пристапот на правата од сферата на социјалната заштита, како и забрана на секаков вид и облик на дискриминација во остварувањето на парична помош од социјална заштита и социјални услуги, меѓу кои и возраста. Меѓутоа, од оспорената одредба, произлегува дека тие сепак се исклучени од пристапот до остварување на правото на гарантирана минимална помош, токму поради возраста, со што субјектите се ставени во состојба на правна несигурност. Токму поради тоа, Судот оцени дека ваквото уредување во оспорениот подзаконски пропис, го повредува принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и правната сигурност на граѓаните како негов составен дел.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
V
Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објаву-вањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски