Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.44/2024
Скопје, 04.12.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1, член 79 став 1 и член 82 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 4 декември 2024 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 19 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Новаци („Службен гласник на Општина Новаци“ бр.7/2019).
2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба, означена во точката 1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, по сопствена иницијатива оформи предмет и со Решението У.бр.44/2024 од 23 април 2024 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот од актот, означен во точката 1 од Одлуката, затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Северна Македонија и Законот за локалната самоуправа.
II
На седницата Судот утврди дека според член 19 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Новаци член на Советот, меѓу другото, има право на седниците на Советот да поднесе барање за давање автентично толкување на прописите.
III
Владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно член 51 од Уставот.
Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Во конкретниот случај, Советот на Општина Новаци, врз основа на член 4 став 2 од Статутот на Општина Новаци („Службен гласник на Општина Новаци” број 7/2019), на седницата одржана на 12.06.2019 година го донел Деловникот на Советот на Општина Новаци кој е објавен во „Службен гласник на Општина Новаци” бр.7/2019.
Деловникот на Советот на Општина Новаци содржи дел со наслов 3 „Покренување иницијативи и поднесување предлози” во кој е содржан член 19 алинеја 3 каде се уредува дека член на Советот има право на седниците на Советот да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите.
Автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт, односно Собранието согласно со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот ги донесува законите и дава автентично толкување на законите. Постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” 91/2008, 119/2010 и 23/2013).
Според правната теорија, автентично толкување на законите значи утврдување на содржината и на вистинската смисла на веќе донесен закон, кој во примената покажува нејасност, двосмисленост или содржи празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон.
Во конкретниот случај, со оспорената одредба е дадено право на член на Советот на Општината да поднесе барање за автентично толкување на прописите, и покрај тоа што станува збор за Совет на Општина кој претставува орган на локалната власт.
Законот за локалната самоуправа не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат. Имено, согласно со член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, советот на општината го донесува статутот на општината и други прописи, а согласно со член 62 став 1 од истиот закон, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.
Правото на давање автентично толкување на прописи е прашање коешто мора да биде предвидено во закон за да можат органите на локалната власт да го применуваат, како што тоа е уредено за законодавецот како орган на државната власт, изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2, согласно кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите.
Врз основа на направената анализа произлегува дека предмет на уредување е определено право за член на Советот да бара автентично толкување на донесените акти, иако од Уставот и Законот за локалната самоуправа не произлегува овластување за совет на општина или негов член да дава или бара автентично толкување на прописите коишто ги донесува, ниту наведениот закон упатува на можност во друг акт (статут или деловник на општина) да се уреди постапка за автентично толкување на општите акти.
Имајќи го предвид погоре изнесеното, како и одредбите од член 51 од Уставот, според кој во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, Судот оцени дека член 19 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Новаци, не е во согласност со Законот за локалната самоуправа, ниту со темелната вредност на уставниот поредок – начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, согласно кое во правниот поредок треба да егзистираат правно усогласени прописи со Уставот и со законите.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
V
Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски