У.бр.58/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У. бр.58/2024
Скопје, 04.12.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска,  д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија, член 72 алинеја 1 и член 82 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 4 декември 2024 година, донесе

О Д Л У К А

1.  СЕ УКИНУВА точка 9 „Автентично толкување и утврдување на пречистен текст“ и членовите 96, 97 и 98 од Деловникот за работа на Советот на Општина Радовиш, број 07-2151/1 од 19 декември 2005 година („Службен гласник на Општина Радовиш” број 8/2005).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на точка 9 „Автентично толкување и утврдување на пречистен текст“ и членовите 96, 97 и 98 од Деловникот за работа на Советот на Општина Радовиш, број 07-2151/1 од 19 декември 2005 година („Службен гласник на Општина Радовиш” број 8/2005).

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, по сопствена иницијатива оформи предмет и со Решението У.бр.71/2024 од 27 март 2024 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од актот, означен во точката 1 од Одлуката, затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека Советот на Општина Радовиш, донел Деловник за работа на Советот на Општина Радовиш  број 07-2151/1.

Деловникот е заведен со број 07-2151/1 од 19 декември 2005 година и истиот содржи 13 точки.  Во точка 9 со наслов „Автентично толкување и утврдување на пречистен текст” се уредени членовите 96, 97 и 98 кои се предмет на оваа иницијатива.

Член 96 од Деловникот уредува дека барање за автентично толкување на акт може да поднесат членовите на Советот, 10% од избирачите во општината, јавните служби, установи, претпријатија и државните органи кога потребата настанала во врска со примената на актите во нивното работење.

Во член 97 се пропишува дека барањето се доставува до претседателот на советот кој веднаш го доставува до Комисијата за статут и прописи, а Комисијата за статут и прописи по барањето за автентично толкување има право да побара мислење од комисиите на советот и општинската администрација.

Според член 98 од Деловникот, ако Комисијата за статут и прописи оцени дека барањето за давање на автентично толкување е оправдано ќе изготви предлог на автентично толкување и ќе го достави до Советот на Општината, а доколку оцени дека барањето за давање на автентично толкување, не е оправдано, Комисијата за статут и прописи за тоа ќе поднесе извештај до Советот кој одлучува по барањето и поднесениот извештај.

III

Една од основните цели на Уставот на Република  Северна  Македонија  е воспоставување на владеење на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно со член 51 од Уставот.

Според уставната одредба пропишана во член 68 став 1 алинеја 2, Собранието на Република Северна Македонија, има уставно овластување да донесува закони и да дава автентично толкување на законите.

Член 110 алинеја 2 од Уставот, пропишува дека Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Поаѓајќи од наведените уставни одредби произлегува дека законите се носат во согласност со Уставот, а сите други прописи во согласност со Уставот и закон, дека само Собранието има уставно овластување за донесување на закони и нивно автентично толкување, а сето тоа во функција на обезбедување на владеење на правото и остварување на слободите и правата на човекот и граѓанинот, како претпоставка за правната сигурност на граѓаните и другите правни субјекти.

Од содржината на оспорениот акт, произлегува дека Советот на Општина Радовиш, донел Деловник за работа на Советот на Општина Радовиш  број 07-2151/1.

Деловникот, содржи 13 точки. Точка 9 со наслов „Автентично толкување и утврдување на пречистен текст” во кој се уредени членовите 96, 97 и 98.

Оспорените членови од точка 9 од Деловникот, насловена како „Автентично толкување и утврдување на пречистен текст“ (со нумерација како членови 96, 97 и 98) уредуваат кој може да поднесе барање за автентично толкување на општ акт, каде се поднесува барањето, до кого се доставува, кој одлучува по барањето, кој изготвува предлог по барањето, кој го усвојува и кој одлучува дали барањето за автентично толкување е оправдано или не е, за што се сочинува извештај.

Автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт. Собранието согласно со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот ги донесува законите и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 91/2008, 119/2010, 23/2013 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.152/19 и 248/23).

Според правната теорија, автентично толкување на законите значи утврдување на содржината и на вистинската смисла на веќе донесен закон, кој во примената покажува нејасност, двосмисленост  или содржи празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон.

Во конкретниот случај, Советот на Општина Радовиш како орган на локалната власт, донел Деловник за работа на Советот на Општина Радовиш, во кој под точка 9 предвидува „Автентично толкување и утврдување на пречистен текст“ содржани во членовите 96, 97 и 98.

Законот за локалната самоуправа не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат.

Согласно со член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, Советот на Општината го донесува статутот на општината и други прописи, а согласно со член 62 став 1 од Законот, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон, што значи дека Законот не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат.

При таква фактичка состојба, недвосмислено произлегува дека Советот на Општина Радовиш, ги пречекорил своите законски овластувања кога го донел Деловникот за работа на Советот на Општина Радовиш, во кој под точка 9 предвидел „Автентично толкување и утврдување на пречистен текст“ и членовите 96, 97 и 98 од истиот.

Во конкретниот случај, станува збор за прашање коешто мора да биде предвидено во закон за да можат органите на локалната власт да го применуваат, како што тоа е уредено за законодавецот како орган на државната власт, изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2, согласно кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 91/2008, 119/2010, 23/2013 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.152/19 и 248/23). Со оглед на тоа дека органите на локалната власт немаат законска основа за давање автентично толкување, не може во деловник или статут изворно да се уредува овој институт и процедура за истиот.

Од наведените причини, Судот цени  дека пропишаните членови 96, 97 и 98 во Деловникот за работа на Советот на Општина Радовиш („Службен гласник на Општина Радовиш” број 07-2151/1), се незаконити, а со тоа и спротивни на темелната вредност на уставниот поредок – начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, согласно кое во правниот поредок треба да егзистираат правно усогласени прописи со Уставот и со законите.

Судот, при одлучувањето за укинување на одредбите од Деловникот, наведени во диспозитивот на Одлуката, согласно член 74 од Актот на Судот, ги зеде предвид сите околности од значење за заштита на уставноста и законитоста, тежината на повредата и последиците кои настанале врз основа на прописи или нивни одредби за кои не постои законски основ, а особено што односите што се воспоставени врз основа на такви акти или нивни одредби, навлегуваат во правната сигурност на граѓаните како составен дел на принципот на владеење на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

V

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски