У.бр.139/2023

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.139/2023
Скопје, 30.10.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на  30 октомври 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 1 и член 2 став 1 зборовите „како и за изградба на градби од стратешки интерес.“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација  („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.111/2023).

Образложение

I

Хелсиншкиот комитет за човекови права-Скопје,  застапуван од Уранија Пировска, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста,  на член 1 и член 2 став 1 зборовите „како и за изградба на градби од стратешки интерес.“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација  („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.111/2023).

Според подносителот, оспорените одред­би се противуставни бидејќи доведуваат до губење на гаранциите што секој сопственик треба да ги добие при експропријација, кои ги дава Уставот на Република Северна Македонија и Европската конвенција за човекови слободи и права – Протокол 1.Истовремено, се намалува степенот на гаранција дека средствата за надомест на експропријацијата се обезбедени, притоа ограничувајќи го правото на сопственост кое е загарантирано со Уставот и меѓународните стандарди.

Подносителот смета дека Законот за експропријација е единствен закон со кој може да се изврши одземање или ограничување на правото на сопственост во точно утврдена постапка и само со постоење на јавен интерес. Постапката се спроведува со обезбедување  гаранција дека граѓанинот, како физичко или правно лице како носител на правото на сопственост ќе добие соодветен надоместок, исклучиво во име на јавниот интерес. Според подносителот, постапката се води според правилата на Законот за општа управна постапка како lex generalis со што примената на двата закони има за цел органот кој ќе одлучува по експопријацијата да има доволно докази за да може да го утврди постоењето на јавен интерес во смисла на членовите 6 и 7 од Законот за експропријација, како и да добие соодветен надоместок. Измената предвидува нови правила за експропријацијата под општ поим на градби од стратешки интерес, кои излегуваат од дефиницијата „јавен интерес“ којашто ја поставил Законот за експропријација.

Во продолжението на иницијативата, според подносителот, вметнувањето на нови правила за експропријација под општ поим на градба од стратешки интерес, кои излегуваат од дефиницијата за јавен интерес којашто ја поставил Законот за експропријација е спротивна на Уставот на Република Северна Македонија, а воедно предвидува ограничување и одземање на сопственоста спротивно на условите предвидени во Уставот што треба да бидат кумулативно исполнети.

Со дополнувањето на член 26 со нов став 2 се предвидува исклучок од точка 6 од истиот член во случај кога се врши експропријација за изградба на градби од стратешки интерес кои се реализираат како стратешки инвестициони проекти или проекти од стратешко национално значење. Имено, досегашните гаранции, односно банкарски гаранции од страна на јавните претпријатија, трговски друштва и други институции основани од државата, не се предвидени, а со тоа се намалува сигурносниот стандард од досегашната задолжителна банкарска гаранција, само со известување од лице кое раководи со институцијата дека се планирани средства во буџетот, која не е буџетски корисник. Според подносителот, вака дефинираната законска одредба не обезбедува еднаков третман на граѓаните бидејќи под исти околности еден граѓанин ќе има дупли гаранции и ќе може да го наплати надоместокот за експроприраната недвижност во смисла на член 26 став 1 точка 6 од Законот за експропријација, а други граѓани ќе мора да се задоволат со еднострано известување во смисла на член 26 став 2 од истиот закон што не гарантира фактичка реализација на исплата на надоместокот.

Предавањето на владението пред правосилност на решението за експропријација, според подносителот, до сега било предвидено само во случаи на итност за изведување на работи кои се таксативно набројани во членовите 6 и 7 од Законот за експропријација и кои ја давале рамката на јавниот интерес, како и во случаите кога се заканувале позначителни материјални штети и опасност по здравјето на луѓето и животната средина. Изградбата  на градби од стратешки интерес не претставуваат сами по себе основ за експропријација, а правилата кои биле предвидени во оспореното законско решение всушност претставуваат исклучоци во веќе поставените правила кои се издигнувале над итноста кај јавниот интерес.

Подносителот смета дека терминот „градбите од стратешки интерес“ е недефиниран, а отсуството на законска рамка која ќе го регулира прогласувањето на одредени проекти од национално или стратешко значење доведува до правна несигурност. Градбите од стратешки интерес, сами по себе не може да претставуваат основ за ограничување на правото на граѓаните да побарaат судска заштита за одложување на експропријацијата или одземање на владение како едно од овластувањата кои произлегуваат од правото на сопственост и истото претставува повреда на уставно загарантираното право на граѓанинот на судска заштита на своите права.

Со оспорените одредби, според подносителот, се повредуваат член 8 став 1 алинеи 3 и 6, член 9 став 2, член 30 став 3, член 50 став 1 и 2  и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија и има повреда на член 1 од Европската конвенција за човекови слободи и права – Протокол 1. Од тие причини односителот бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и истите да ги укине или поништи.

II

На седницата Судот утврди дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.111/2023) во Законот за експропријација („Службен весник на Република Македонија“ број 95/2012, 131/2012, 24/2013, 27/2014, 104/2015, 192/2015, 23/2016 и 178/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 122/2021 ), во член 26 став 1 во точката 1) по зборот „премин“, точката на крајот од реченицата се заменува со запирка и се додаваат зборовите: „или урбанистички проект за градби од стратешки интерес;“.

По ставот (1) се додава нов став (2), кој гласи:

„(2) По исклучок од ставот (1) точка 6) на овој член за изградба на градби од стратешки интерес, кои се реализираат како стратешки инвестициони проекти или проекти од стратешко национално значење утврдени со закон, јавните претпријатија, трговските друштва и други институции основани од државата со предлогот за експропријација, поднесуваат доказ за обезбедени средства за надомест на експроприраната недвижност (известување за планирани средства во буџетот од лицето кое раководи со институцијата основана од државата).“

Член 2

Во членот 33 став (2) точката на крајот од реченицата се брише и се додаваат зборовите: „како и за изградба на градби од стратешки интерес.“

III

Согласно  со член 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во член 9 став 2 од Уставот е определено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со член 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување . Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност .

Во член 50 став 1 од Уставот е определено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност. Со став 2 од истиот член се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот, согласно  со член 110 алинеја 1 од Уставот.

Во член 1 од Протоколот 1 кон Европската конвенција за заштита на човековите права, посветен на заштитата на сопственоста е уредено дека „Секое физичко или правно лице има право на мирно уживање на својот имот. Никој не може да биде лишен од својот имот, освен во јавен интерес и под услови предвидени со закон и со општите принципи на меѓународното право. Според ставот 2 од истата одредба, претходните одредби не навлегуваат во правото на државите да донесуваат закони кои ги сметаат за неопходни за регулирање на користењето на имотот согласно општиот интерес или заради сигурно плаќање на данокот, другите придонеси и парични казни.”

Разгледувајќи ја предметната иницијатива од аспект на изнесените наводи за неуставноста на оспорените одредби од измените и дополнувањата на Законот за експропријација, Судот го утврди следното:

Член 1 од Законот за експропријација („Службен весник на Република Македонија“ број 95/2012, 131/2012, 24/2013, 27/2014, 104/2015, 192/2015, 23/2016 и 178/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 122/2021, 11120/23 и 208/2024) го уредува одземањето и ограничувањето на правото на сопственост и на имотните права на недвижности заради реализација на јавен интерес утврден со закон, а заради градење на објекти и изведување на други работи, утврдувањето на јавниот интерес, односно ја уредува постапката за експропријација и постапката за определување на пазарниот надоместок.

Со експропријацијата престанува правото на сопственост на физичките и правните лица (приватна сопственост),  по сила на закон и тоа заради остварување на јавен интерес, со што се стекнува правото на сопственост на државата (државна сопственост).

Според член 2 став 1 од Законот, по заснованото право на сопственост на експроприраната недвижност на државата или на единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје, а заради јавен интерес  недвижноста може да ја даде на концесија, долготраен закуп и користење, согласно со закон. Став 2 на истиот член предвидува дека, јавниот интерес од ставот 1 на овој член се утврдува со овој или со друг закон.

Законот предвидува нужно утврдување на постоење на јавен интерес, а во истиот  таксативно  се наведени објектите и работите за кои се утврдува постоењето на јавниот интерес. Причината која ја наметнува потребата преку експропријација да се навлезе во приватната сфера  е со цел остварување на јавниот интерес.

Јавниот интерес е определен во член 4 од Законот според кој јавен интерес е уредување, рационално користење и хуманизација на просторот, заштита и унапредување на животната средина и на природата со градење објекти и изведување работи од значење за Републиката и единиците на локалната самоуправа, предвидени со актите за планирање на просторот.

Урбанистичкото планирање на просторот,  се врши согласно со Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.32/2020,111/2023 и 73/2024), со кој се уредуваат условите и начинот на системот на просторното и урбанистичко планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведување на плановите и друго.

Изработувањето, донесувањето и спроведувањето на просторниот план на Република Северна Македонија и на урбанистичките планови во овој закон се утврдени како работи од јавен интерес и градбите од стратешки интерес.

Имено, согласно со член 2 став 1 точка 7-а, од Законот за урбанистичко планирање „градби од стратешки интерес се државни патишта, железнички пруги, магистрални гасоводи како и други градби од јавен интерес кои се реализират како стратешки инвестициони проекти или проекти од стратешко национално значење утврдени со закон“.

Градењето, основните барања на градбата, потребната проектна документација за добивање на одобрение за градење, правата и обврските на учесниците во изградбата, начинот на употреба и одржување на градбата, како и други прашања од значење за градењето се уредува со Законот за градење („Службен весник на Република Македонија” бр.130/2009,  124/2010, 18/2011, 36/2011, 49/2011,54/2011, 13/2012, 144/2012, 25/2013, 79/2013, 137/2013, 27/2014, 28/2014, 42/2014, 115/2014, 149/2014, 187/2014, 44/2015, 129/2015,129/2015, 217/2015, 226/2015, 30/2016, 31/2016, 39/2016, 71/2016, 103/2016, 132/2016, 35/2018, 64/2018, 168/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.244/2019, 18/2020, 279/2020, 96/2021  227/2022, 111/2023,115/2023).

Според член 2 став 1 точка 16-а од Законот за градење „градби од стратешки интерес се државни патишта, железнички пруги, магистрални гасоводи, како и други градби од јавен интерес, кои се реализираат како стратешки инвестициони проекти или проекти од стратешко национално значење утврдени со закон“, а чија изградба како градби од јавен интерес е предвидена со урбанистички проект за градби од стратешки интерес, одобрен во согласност со Законот за урбанистичко планирање кој го одобрува или не Владата на Република Северна Македонија во зависност од прибавените податоци. Покрај државните патишта, железничките пруги и магистралните гасоводи за да може една градба од јавен интерес да се третира како градба од стратешки интерес потребно е да се исполнуваат три кумулативни услови и тоа:  1) донесување на посебен закон за прогласување на градба од јавен интерес како стратешки проект, 2) изготвување на  урбанистички проект за градба од стратешки интерес и 3) добивање на одобрение од Владата на Република Северна Македонија

Согласно со член 30 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставот дозволува јавниот интерес за експропријација да се утврдува со друг  закон, односно дека со закон јасно и прецизно треба да се утврди јавниот интерес.

Уставот на Република Северна Македонија на законодавецот му дал дискреционо право да оцени кога постои јавен интерес.

Основот и потребата за експропријација, односно одземањето или ограничувањето на правото на сопственост е поради постоење на јавен интерес и се утврдува со Законот за експропријација или јавен интерес предвиден во друг закон, а потоа се разработува, со цел реализација на јавниот интерес.

Причини за донесување на Законот за измени и дополнувања на Законот за експропријација се усогласување на Законот за експропријација со Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на Проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово-Гостивар-Букојчани и Проектот за автопатот Требеништа-Струга-Ќафасан) и коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп-Битола) во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.163/2021 и 111/2023) со што ќе се овозможи поефикасна примена на Законот за експропријација  за градбите кои се од стратешки интерес за државата.

Легитимната цел на законодавецот претставува реализација и заштита на вредности коишто ги афирмира Уставот. Според член 56 став 1 од Уставот, добрата во општа употреба какви што несомнено се државни патишта, железнички пруги, магистрални гасоводи како и други градби од јавен интерес кои се реализират како стратешки инвестициони проекти или проекти од стратешко национално значење, утврдени со закон претставуваат добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Според член 57 од Уставот, Републиката го поттикнува економскиот напредок и се грижи за порамномерен просторен и регионален развој како и за побрз развој на стопански недоволно развиените подрачја.

Ваквите уставни вредности се нераскинливо поврзани и меѓусебно условени со цел корпус на економски права кои произлегуваат од Уставот.

Општествената оправданост и стратешките интереси произлегуваат од реалната состојба во Републиката во поглед на патната инфраструктура, безбедноста на патиштата, регионалното поврзување, регионалниот развој, регионалното поврзување со паневропски коридори и импликациите односно последиците од таквата состојба во економската реалност во државата.

Во однос на наводите на  подносителот на иницијативата  дека вметнувањето на нови правила за експропријација под општ поим на градба од стратешки интерес, кои излегуваат од дефиницијата за јавен интерес, Уставниот суд  на Република Северна Македонија со Решението У.бр.140/2023 од 20.12.2023 година утврдил дека законодавецот има уставни овластувања и надлежност да го утврдува јавниот, односно стратешкиот интерес за градби.

Од направената анализа во конкретниот случај произлегува дека со интервенциите во член 26 став 1 точка 1 и член 33 став 2 од Законот за експропријација при утврдување на јавниот интерес за изградба на градби од стратешки интерес или урбанистички проекти за градби од стратешки интерес, законодавецот ги имал предвид одредбите од Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење со кои ваков вид на градби се определени како градби од стратешко значење за Република Северна Македонија, со што се утврдува и постоењето на јавниот интерес. Оттаму, дополнувањата на оспорените одредби во Законот за експропријација значи усогласување на овој закон со двата претходно наведени од каде не може да се постави прашањето за нивната неусогласеност со Уставот.

Во таа насока се врши измена и дополнување на член 26 од Законот за експропријација, имено, по исклучок кога станува збор за урбанистички проекти за градби од стратешки интерес, кои се реализираат како стратешки инвестициони проекти или проекти од стратешко национално значење утврдени со закон, јавните претпријатија, трговските друштва и други институции основани од државата со предлогот за експропријација, поднесуваат доказ за обезбедени средства за надомест на експроприраната недвижност (известување за планирани средства во буџетот од лицето кое раководи со институцијата основана од државата).

Имено, кога  станува збор за урбанистички проекти за градби од стратешки интерес, кои се реализираат како стратешки инвестициони проекти или проекти од стратешко национално значење утврдени со закон, финансиските ресурси за спроведување на проектот, заеднички или одделно, се обезбедуваат од Буџетот на Република Северна Македонија, бидејќи станува збор за проекти од стратешко национално значење, утврдени со закон.

Наводите дека вака поставената одредба не обезбедува еднаков третман на граѓаните под исти околности, односно дека еден граѓанин ќе има дупли гаранции и ќе може да го наплати надоместокот за експроприраната недвижност во смисла на член 26 став 1 точка 6, а друг ќе мора да се задоволи со едно известување во смисла на член 26 став 2, а кое не гарантира фактичка реализација на исплата на надоместокот  во постапките за експропријација кога станува збор за градби од стратешки интерес, според Судот, е неоснована. Имено,  член 9 од Уставот не може да биде повреден кога со оспорените законски одредби се уредуваат права и обврски на различен начин за различни субјекти, од причина што принципот на еднаквост важи само за оние субјекти во правото што се наоѓаат во еднаква правна положба и услови.

Во конкретниот случај станува збор за исклучок од општото правило за експропријација кое се применува во случаите кога станува збор за градби од стратешки интерес кои се утврдуваат со посебни закони за секој одделен случај и во тој случај во законското решение се воспоставува исклучок, нов правен режим според кој се обезбедува еднаков третман на граѓаните во рамки на тоа правило.

Принципот на еднаквост подразбира еднаков третман на граѓаните кои се во иста фактичка и правна состојба во рамки на правниот режим кој е законски утврден. Повреда на принципот на еднаквост  може да има (како што е примерот со исклучокот на општото правило за експропријација кое се применува во случаите на градбите од стратешки интерес) доколку правните субјекти различно би биле третирани  во ист правен режим. Од наведеното произлегува дека Уставот им гарантира еднаквост на сите граѓани пред Уставот и законите,  поради што истото не претставува повреда на принципот на еднаквост.

Според наводите во иницијативата, предавањето во владение пред правосилноста на решението за експропријација до сега  било оправдано и предвидено само во случај на итност за изведување на работи кои се таксативно набројани во членовите 6 и 7 од Законот за експропријација и кои ја даваат рамката на јавниот интерес, како и во случаи кога се заканува позначителна материјална штета и опасност по здравјето на луѓето и животната средина. Судската заштита која сопственикот ја имал и кога ќе одлучел да ја бара станувала излишна кога губењето на владението без реална оправдана причина веќе му го одземало овластувањето на држење, користење и ползување на плодовите од недвижноста до правосилноста на решението за експропријација. Тоа претставува повреда на уставно загарантираното право на граѓанинот на судска заштита на своите права, a паралелно на тоа со значително намалени гаранции за добивање надомест кои биле сведени на чиста формалност во форма на известување. Вака изнесените наводи  според Судот, се неосновани,  поради следново:
Согласно со член 7 од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 92/2008, 139/2009 и 35/2010)  стекнувањето, заштитата и престанокот на правото на сопственост и на другите стварни права се уредуваат со закон. Законот во овој член го поставил начелото според кое стекнувањето, заштитата и престанокот на правата на сопственост на другите стварни права се уредуваат со закон, што во конкретниот случај, е уредено со Законот за експропријација.

Законот за експропријација предвидува потполна и непотполна експропријација (членови  9 и 10) и други ограничувања на правото на сопственост.

Со потполната експропријација, а за реализација на јавен интерес од значење за Република Северна Македонија од физички и правни лица и  од единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје се врши одземање на правото на сопственост и се заснова право на сопственост на Републиката.

По однос на можно порамнување, судската заштита на сопственоста и определувањето на праведниот надомест, Законот за експропријација има соодветна уреденост.

Во таа насока, согласно член 32 став 1 од Законот, против решението за експропријација може да се поднесе тужба до Управниот суд во рок од 15 дена од денот на доставувањето на решението.

Согласно со член 33 став 1 од Законот, предлагачот на експропријацијата се стекнува со владение на експроприраната недвижност во рок од 8 дена од денот на постигнувањето на порамнувањето (спогодбата има својство на извршна исправа, според член 30 на овој закон), ако предлагачот на експропријацијата и сопственикот на експроприраната недвижност поинаку не се договорат, односно со правосилноста на решението од член 31 од овој закон.

Пред донесувањето на оспорената измена на Законот, ставот 2 на член 33 од Законот, предвидувал дека по исклучок од ставот 1 на овој член Владата на Република Македонија на образложен предлог на предлагачот на експропријацијата може да одлучи недвижноста да се предаде во владение на предлагачот на експропријацијата пред правосилноста на решението за експропријација, а по конечноста на решението за експропријација, ако оцени дека тоа е неоходно заради итност за градење објекти или изведување  работи од членовите 6 и 7 од овој закон, или заради отстранување на позначителна материјална штета и опасност по здравјето на луѓето и животната средина, а законодавацот го дополнил и со „како и за изградби од градби од стратешки интерес“.

Од страна на подносителите на иницијативата, барањето за оцена на уставноста на член 2 од Законот за изменувања и дополнувања  на Законот за експропријација не е на целиот член 33 од Законот, туку само во делот на дополнувањата, меѓутоа  според Судот истиот треба да се анализира во целост.

Поаѓајќи од наведеното, а со цел добивање одговор на прашањето дали со оспорената одредба се повредуват цитираните одредби од Уставот потребна е анализа и корелација со останатите одредби од Законот во насока на појаснување на основаноста поради која законодавецот извршил дополнувања со оспорената одредба.

Судот го имаше предвид Решението У.бр.181/2012 од 13 март 2013 година, со кое Уставниот суд го има разгледувано членот 33 од Законот за експропријација од аспект на предвидениот исклучок (случаи на итност поради отстранување на значителна материјална штета или опасност по здравјето и животната средина) по претходна одлука на Владата на Република Македонија, а во случаи кога е спроведена управна постапка во која е донесено конечно решение  да може  да се влезе во владение на експроприраната недвижност.
Според образложението на Решението У.бр.181/2012  од 13 март 2013 година став 1 од член 33 од Законот предвидува дека предлагачот на експропријацијата се стекнува со владение на експроприраната недвижност во рок од 8 дена од денот на постигнувањето на порамнувањето (спогодбата од членот 30 на овој закон), ако предлагачот на експропријацијата и сопственикот на експроприраната недвижност поинаку не се договорат, односно со правосилноста на решението од член 31 од овој закон.

Судот го анализирал и член 30 став 1 од Законот каде е предвидено дека расправата може да заврши со спогодба за надоместок (порамнување), а во ставот  2 од истиот член на овој закон се предвидува дека со спогодбата од ставот 1 на овој член се определува видот на надоместокот (плаќање во пари или давање на друга соодветна недвижност), висината на тој надоместок, ако е утврден во пари и рокот во кој треба да биде исплатен. Според став  3 на член 30 од Законот, спогодбата се внесува во записник кој ги содржи сите податоци неопходни за исполнување на обврските на предлагачот на експропријацијата и сопственикот на недвижноста или носителот на други имотни права, а во смисла на став 4 на истиот член од Законот спогодбата е склучена кога двете страни ќе го потпишат записникот. Во став 5 на член 30 од Законот е уредено дека спогодбата е основ за запишување на правото на сопственост на предлагачот на експропријација. Според ставот 6 на истиот член од Законот, спогодбата од ставот 4 на овој член има својство на извршна исправа, а со склучувањето на спогодбата се смета дека постапката за експропријација и постапката за определувањето на надоместокот се правосилно завршени.

Притоа, Судот утврдил дека во Законот за експропријација во одредбите од членовите 30 и 47 е предвидено дека предлагачот на експропријацијата и сопственикот на недвижноста  можат да постигнат спогодба до правосилноста и по правосилноста на решението за екпропријација, а доколку пред органот за експропријација не постигнат спогодба, за надоместокот одлучува надлежниот суд.

Судот, исто така имаше предвид, дека во член 31 став 1  од истиот закон се предвидува дека ако не се постигне спогодба од член 30 од овој закон, органот за експропријација во зависност од фактите утврдени во постапката ќе донесе решение за експропријација, а според став  2  на овој член од Законот решението со кое се усвојува предлогот за експропријација содржи податоци за: предлагачот на експропријацијата, недвижноста што се експроприра, со наведување на податоци од катастарот на недвижностите, сопственикот на недвижноста (лично име или назив, живеалиште, престојувалиште, односно седиште),  носителите на други имотни права на недвижноста (лично име или назив, живеалиште, престојувалиште, односно седиште) и градењето на објектот или изведувањето на работи за кои се предлага експропријацијата.

Член 30 став 4 од Уставот предвидува дека во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Од анализата на содржината на оспорениот член 33 од Законот, Судот утврдил дека само во исклучителни случаи (случаи на итност поради отстранување на значителна материјална штета или опасност по здравјето и животната средина) по претходна одлука на Владата на Република Македонија, а во случаи кога е спроведена управна постапка во која е донесено конечно решение може да се влезе во владение на експроприраната недвижност.

Од образложението на решението од суштинско значење за Судот била обврската на предлагачот на експропријацијата да ја образложи и докаже потребата од итност за влегување во владение на недвижноста, пред правосилноста на решението. Меѓу другото, како оспорен бил и ставот 3 на член 33 од Законот, кој истовремено,  предвидува заштита на сопственоста на надвижноста на начин што предвидува надомест на штетата настаната со влегување во владение на недвижноста, која ја опфаќа и вредноста на недвижноста, доколку истата не може да му се врати во првобитната состојба, односно во состојба во која била пред да биде предадена во владение на предлагачот на експропријацијата. Судот утврдил дека со оспорената законска одредба на член 33 став 3 од Законот за експропријација не се повредува правото на сопственост кое е уставно загарантирано бидејќи со истата се предвидува заштита на сопственоста на недвижноста на начин што законодавецот обезбедува надомест на штета настаната со влегување во владение на недвижноста.

Поради сето горенаведено, а имајќи ја предвид направената анализа и изнесената уставно-судска пракса, произлегува дека Судот веќе се произнел во однос на наводите во иницијативата кои се однесуваат на предавањето на владението пред правосилност на решението за експропријација што досега оправдано биле  предвидени само во случај на итност за изведување на работи кои таксативно се набројани во членовите 6 и 7 од Законот за експропријација. Делот на  оспореното дополнување на член 33 став 2 од Законот за експропријација  „како и за изградба на градби од стратешки интерес“ досега не бил предмет на оцена пред Уставниот суд и според Судот, истото е неосновано.

Ова од причини што во  делот од членот е утврдено постоењето на јавен интерес, односно со закон се утврдува јавен интерес за градење на објекти за потребите како на државните, така и на општинските јавни служби од наведените области, што е во согласност со уставните норми. Имено, престанокот на правото на сопственост (што е последица на процесот на експропријација) се уредува исклучиво со закон и тоа заради остварување на јавен интерес, кој во Законот за експропријација и Уставот децидно е утврден и дефиниран.

Во насока на изнесеното е и членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација со кој се врши и измена на член 33 став 5, а воедно  се дополнува со 5 нови става со кои се олеснува и забрзува процесот на експропријација за целите на изградба  на објектите од членовите 6 и 7 од овој закон како и за изградба на градбите од стратешки интерес.  Со дополнувањата, кога сопственикот живее односно врши дејност во недвижноста предмет на екпропријацијата,  како и во случај на бесправни градби кои се предмет на експропријација, се овозможува на сопственикот на недвижноста ако побара да му се обезбеди времено сместување или надоместок за закупнина  што се постигнува на пазарот за тој вид недвижност согласно Законот за процена со цел поголема ефикасност на реализирање на проектите од стратешки интерес.

Судот утврди дека оспорените одредби се во согласност со член 30 од Уставот, во однос на кој посебно се оспорува неговата уставност. Ова од причини што согласно со овој член од Уставот, Собранието е овластено со закон да го утврдува јавниот интерес, а оспорените одредби претставуваат операционализација на член 30 став 3 од Уставот.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски