Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.141/2024
Скопје, 20.11.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 20 ноември 2024 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 6 став 3 од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2019).
Образложение
I
Оливер Давидовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 6 став 3 од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2019).
Со иницијативата се бара оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба од Тарифата, со нагласување дека истата не е во согласност со Законот за извршување, како и со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 52 ставови 1 и 4 од Уставот на Република Северна Македонија.
Цитирајќи ја содржината на член 46 од Законот за извршување, подносителот наведува дека во правниот основ за донесување на предметната Тарифа, погрешно е утврдено дека истата е донесена врз основа на член 46 став 4 од Законот за извршување. Ова од причина што ставот 4 од член 46 од овој закон уредува дека „вредноста на предмет на извршувањето кај паричните побарувања е износот наведен во барањето за извршување определен од доверителот“, додека, Тарифата требало да биде донесена врз основа на законската одредба содржана во ставот 3 од член 46 од Законот.
Понатаму, повикувајќи се на член 12 ставови 1 и 2 и член 17 ставови 1 и 2 од Законот за извршување каде е дефинирано што претставува извршна исправа во смисла на одредбите од овој закон и кога истата станува подобна за извршување, како и на Одлуката на Уставниот суд, У.бр.143/2016 од 29.11.2017 година, со која била укината одредбата од член 12 став 1 точка 4 од Законот за извршување која уредувала дека и „заклучокот за утврдување на трошоците“ е еден од видовите на извршни исправи, подносителот нагласува дека од анализата на наведените и другите одредби од Законот за извршување, произлегува дека законодавецот јасно и прецизно дефинирал што е извршна исправа и определил кога истата станува подобна за извршување. Оттука, тој изнесува заклучок дека оспорената одредба од предметната Тарифа нема законски основ, дотолку повеќе, што, истата е нејасна и неразбирлива бидејќи не е јасно како и на кој начин во една ваква ситуација доверителот ќе ги побарува од должникот надоместокот за обработка на предметот, цената на извршните дејствија, наградата на извршителот за извршените дејствија, реалните трошоци и такси, врз основа на заклучок за утврдување на трошоци.
Со оглед на наведеното, со иницијативата се бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба од Тарифата, а потоа и да ја укине истата.
Со иницијативата се предлага Судот да донесе и решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одредба.
Воедно, иако подносителот се повикува и ја цитира содржината и на ставовите 1 и 4 од член 52 од Уставот со цел проблематизирање на оспорената одредба, иницијативата не содржи наводи кои би можеле да се анализираат од аспект на овие уставни норми.
II
На седницата Судот утврди дека во член 6 став 3 од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2019) е определено дека врз основа на Заклучокот за утврдување на трошоци од ставовите 1 и 2 на овој член доверителот ги побарува од должникот надоместокот за обработка на предметот, цената на извршните дејствија, наградата на извршителот за извршените дејствија, реалните трошоци и такси.
III
Владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно член 51 од Уставот.
Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија – владеењето на правото се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, другите прописи мораат да бидат во согласност со Уставот и со законите, а истовремено секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Според тоа, владеењето на правото подразбира усогласеност на понискиот правен акт со повисокиот правен акт. Оваа темелна вредност утврдена во Уставот, од една страна, и правните норми содржани во пониските правни акти, од друга страна, подразбира конципирање на прецизни, јасни, разбирливи и недвосмислени законски и подзаконски норми бидејќи само таквите правни норми можат да ја гарантираат правната сигурност на граѓаните како елемент на принципот на владеењето на правото.
Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.14/2020 и 154/2023), во став 1 од член 12 определува дека извршни исправи се: извршна судска одлука и судско порамнување, извршна одлука и порамнување во управна постапка, ако гласат на исполнување на парична обврска, извршна нотарска исправа, решение за издавање на нотарски платен налог и друга исправа која како извршна исправа е предвидена со закон.
Со член 46 од Законот, насловен како „награда и надоместок на трошоци за работа на извршителот“ во ставот 1 се уредува дека извршителот за извршените дејствија има право на надоместок за обработка на предмет, трошоци и спроведени дејствија и награда за реализација на извршната исправа во согласност со Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителот. Наградата за делумна или целосна реализација на извршната исправа извршителот ја наплаќа од должникот во текот на извршувањето. Согласно со ставот 3 од истиот член од Законот, тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите ја донесува министерот, по претходно прибавено мислење од Комората на извршители.
Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2019) е донесена од страна на министерот за правда, со бр. 21-648/7 од 7 февруари 2019 година.
Член 6 став 1 од Тарифата уредува дека при извршување заради наплата на парични побарувања, извршителот во налогот за извршување, поединечно ќе ги утврди надоместокот за обработка на предметот, цената за извршните дејствија, реалните трошоци, такси и наградата на извршителот. Во ставот 2 од истиот член е определено дека при извршување заради остварување на непарично побарување, извршителот во налогот за извршување поединечно ќе ги утврди надоместокот за обработка на предметот, цената за извршните дејствија, како и реалните трошоци и такси кои произлегуваат од извршените дејствија на извршителот и наградата на извршителот. Согласно ставот 3 од истиот член од Тарифата, врз основа на Заклучокот за утврдување на трошоци од ставовите 1 и 2 на овој член доверителот ги побарува од должникот надоместокот за обработка на предметот, цената на извршните дејствија, наградата на извршителот за извршените дејствија, реалните трошоци и такси.
Наводите на подносителот на иницијативата дека оспорениот член 6 став 3 од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите не е во согласност со Законот за извршување, како и со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија, Судот ги оцени како неосновани поради следното:
Од содржината на Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите произлегува дека истата со пропишаните норми има за цел да ги определи наградата и надоместокот на другите трошоци за работата на извршителите. Во оваа насока е и уредувањето содржано во член 6 од Тарифата каде е определено дека при извршување заради наплата на парично побарување или при извршување заради остварување на непарично побарување, износот на трошоците за извршување и наградата на извршителот кои однапред не може да се определат во налогот за извршување се утврдуваат со заклучок кој како образец бр.21 е утврден како прилог кон Правилникот за формата на налозите, заклучоците, записниците, барањата, службените белешки, потврдите и другите акти кои ги изготвува извршителот при преземањето на извршните дејствија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.90/2024). Истиот е со наслов „заклучок за утврдување на трошоци за извршување“ и се носи врз основа на членовите 96, 113 и 193 од Законот за извршување, според кои трошоците за извршување се определуваат по спроведувањето на извршувањето.
Заклучокот од оспорениот став 3 од член 6 од Тарифата го изготвува извршителот кога го утврдува износот на трошоците за извршување и наградата на извршителот кои однапред не можат да се определат во налогот за извршување. Ова оттаму што извршителот го спроведува извршувањето со продажба на подвижен или недвижен имот како средства за извршување при што настануваат дополнителни трошоци за преземени извршни дејствија и реални трошоци (пример: за достава на актите на извршителот, процена, одржување на продажба на подвижен или недвижен имот итн.). По утврдувањето на дополнителните трошоци за извршување, наградата на извршителот, реалните трошоци и такси согласно Заклучокот за утврдување на трошоци за извршување (доколку нема приговор за оценување на законитоста на заклучокот до надлежен суд согласно член 86 од Законот за извршување), извршителот го спроведува извршувањето за надоместок на овие трошоци во рамки на започнатото извршување по извршната исправа која била предмет на извршување.
Со оглед на наведеното, а имајќи ја предвид и содржината на член 12 од Законот за извршување каде е определено што претставува извршна исправа во смисла на одредбите од овој закон, Судот смета дека Заклучокот за утврдување на трошоци за извршување кој го изготвува извршителот, предвиден со оспорениот став 3 од член 6 од предметната Тарифа, не претставува извршна исправа, туку акт со кој извршителот ги утврдува дополнителните трошоци кои настанале со преземање на извршните дејствија, како и наградата на извршителот и реалните трошоци и такси кои настанале по спроведување на извршувањето со продажба на подвижен или недвижен имот како средство за извршување. Оттука, според Судот, оспорената одредба од член 6 став 3 од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2019) е прецизна, јасна, разбирлива и недвосмислена и не може да се доведе под сомнение од аспект на Законот за извршување, но и од аспект на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.
Што се однесува до забелешката во иницијативата дека во правниот основ за донесување на предметната Тарифа погрешно е утврдено дека истата е донесена врз основа на член 46 став 4 од Законот за извршување, Судот утврди дека во предметот У.бр.63/2019 и 73/2019 од 19 декември 2019 година веќе еднаш констатирал дека тоа што Тарифата погрешно се повикува на член 46 став 4 од Законот, наместо на член 46 став 3, како основ за носење на подзаконскиот акт, не е причина за ставање на целината на Тарифата под сомнение по однос на нејзината согласност со Уставот или со Законот, бидејќи во прашање е сторена техничка грешка којашто треба да се исправи од доносителот на актот.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека не се исполнети и условите од член 37 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за донесување решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба од член 6 став 3 од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2019).
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски