У.бр.189/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.189/2024
Скопје, 20.11.2024 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 20 ноември 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за давање на трајно користење на недвижни ствари на ЈП „Тетово Транспорт” – Тетово, број 08-12322/67 од 27.09.2023 година, донесена од Советот на Општина Тетово на седницата одржана на 30.05.2024 година, број 08-6682/6 од 30.05.2024 година, објавена во „Службен гласник на Општина Тетово” број 6/2024.

Образложение

I

Даријан Сотировски од Тетово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одлука е донесена без законски основ и со целосно игнорирање на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост. Ова од причини што Советот на Општина Тетово при донесувањето на оспорената одлука се повикал на член 36 став 1 точки 10. и 15. од Законот за локалната самоуправа, меѓутоа според овој член, совет на општина одлучува за начинот на располагање со сопственоста на општината и врши и други работи утврдени со закон, а градскиот стадион, не е сопственост на Општината за да се повикува и да го применува член 36 став 1 точка 10. од Законот за локалната самоуправа, туку недвижност во државна сопственост. Според подносителот, и точката 15. (врши и други работи утврдени со закон) од истиот член, не наоѓа своја примена за конкретниот случај, бидејќи јасно упатува дека другите работи коишто може да ги врши совет на општина, треба да се утврдени со закон, а работите коишто ги презел Советот на Општина Тетово во конкретниот случај, не се предвидени во ниту еден закон.

Во продолжението на иницијативата подносителот ги наведува измените и дополнувањата коишто Советот на Општината ги направил со сега оспорената одлука, образложувајќи ги причините за незаконитоста и на оваа одлука.

Имено, со член 2 од оспорената одлука, Советот извршил измена на насловот на претходно донесената одлука, со што таа повеќе не е „Одлука за давање на трајно користење на недвижни ствари на ЈП „Тетово Транспорт” – Тетово, туку „Одлука за давање на управување и одржување на недвижни ствари на ЈП „Тетово Транспорт” – Тетово.

Според подносителот, тоа е недозволиво бидејќи Општина Тетово е легален корисник на државниот имот – градски стадион во Тетово, и ова стварно право Општината го стекнала со Одлука на Владата донесена согласно со Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост. Според член 2 точка 5 од овој закон, корисничкото право подразбира и налага непосредна употреба на доделените ствари на трајно користење, а според член 11 од истиот закон, корисникот е обврзан да обезбеди чување и заштита на недвижните ствари, нивно економично и соодветно користење и уредно и навремено извршување на обврските што произлегуваат од користењето на стварите. Корисничкото право на Општината, го вклучува и управувањето на градскиот стадион, како и обврската за одржување на истиот, па според подносителот, недозволиво е Советот на Општина Тетово како корисник на објектот да измислува правни категории и изрази како што е „пренесување на дел од стварно право” и коишто самиот закон не ги предвидува како можност, така што Општина Тетово како корисник на градскиот стадион, непосредно треба да го управува истиот, и самиот закон тоа го бара од корисникот, а не посредно. Според подносителот, Општината има свои јавни претпријатија кои може да ги задолжи да го чистат и хигиенски одржуваат стадионот, а околу потребните интервенции ѕидарски, молерофарбарски, занаетчиски и други работи, доколку Општината не располага со свои капацитети за реализација на истото, можела да набави надворешни услуги. Крајно, доколку Општината не може непосредно да го управува и одржува градскиот стадион на предвидените начини, требало да се обрати до Владата со барање да ѝ престане корисничкото право и истото да биде дадено на друго правно лице.

На крајот подносителот наведува дека Општината е упорна, спротивно на погоре наведениот закон, да го пренесе градскиот стадион на друго правно лице, односно целосно да се ослободи од стадионот за сметка на друго правно лице, а како што претходно тоа го сторила со пренесување на корисничкото право на ЈП „Транспорт Тетово”, меѓутоа соочена со видливо незаконито донесената одлука со која го пренесува корисничкото право на ЈП „Транспорт Тетово”, се обидела тоа да го стори и со изменување на таа одлука, со што сега не го пренесува корисничкото право, туку управувањето и одржувањето, нешто што Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, не предвидува, и е надвор од секоја правна логика. Наведува и дека намерата на Општината е стадионот да се руши, а другото правно лице да изгради нов.

Подносителот наведува дека не навлегува зошто е тоа погрешно и колку закони се прекршуваат со рушењето и градењето, но дека исклучиво се задржува само на законитоста на оспорената одлука бидејќи Општина Тетово ја нема надлежноста на Владата која може да утврди корисничко право, а доколку Општината и понатаму опстојува во таа насока, таа мора аргументирано да побара од Владата да утврди престанување на нејзиното корисничко право и истото да го даде на другото правно лице.

Од наведените причини подносителот предлага Уставниот суд да поведе постапка и да ја поништи Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за давање на трајно користење на недвижни ствари на ЈП „Тетово Транспорт” – Тетово, број 08-12322/67 од 27.09.2023 година („Службен гласник на Општина Тетово” број 6/2024), како и да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот акт, поради можноста од настанување на тешко отстранливи последици.

II

На седницата Судот утврди дека оспорената Одлука за измена и дополнување на Одлуката за давање на трајно користење на недвижни ствари на ЈП „Тетово Транспорт” – Тетово, број 08-12322/67 од 27.09.2023 година, е донесена од Советот на Општина Тетово на седницата одржана на 30.05.2024 година, со број 08-6682/6 од 30.05.2024 година, објавена на 31.05.2024 година во „Службен гласник на Општина Тетово” број 6/2024.

III

Согласно со член 110 алинија 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со иницијативата се оспорува Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за давање на трајно користење на недвижни ствари на ЈП „Тетово Транспорт” – Тетово, број 08-12322/67 од 27.09.2023 година, донесена од Советот на Општина Тетово на седницата одржана на 30.05.2024 година, број 08-6682/6 од 30.05.2024 година, објавена на 31.05.2024 година во „Службен гласник на Општина Тетово” број 6/2024.

Во член 1 од оспорената одлука се наведува дека со оваa одлука се врши измена и дополнување на Одлуката за давање на трајно користење на недвижни ствари на ЈП „Тетово Транспорт” – Тетово со бр.08-12322/67 од 27.09.2023 година, објавена во „Службен гласник на Oпштина Тетово” бр.15 објавен на 28.09.2023 година.

Во член 2 од оспорената одлука се наведува дека во Одлуката бр.08-12322/67 од 27.09.2023 година, се менува насловот и истиот ќе гласи: Одлука за давање на управување и одржување на недвижни ствари на ЈП „Тетово Транспорт”-Тетово.

Со член 3 од оспорената одлука се изменува член 1 став 1 од Одлуката бр.08-12322/67 од 27.09.2023 година, и истиот ќе гласи „Со оваа одлука, Општина Тетово на ЈП „Тетово Транспорт” – Тетово, му дава на управување и одржување на недвижни ствари, и тоа:”

Со член 4 од оспорената одлука, членовите 3 и 4 од Одлуката бр.08-12322/67 од 27.09.2023 година, се менуваат и истите ќе гласат:

„Член 2

Недвижните ствари од член 1 на оваа одлука со Одлука на Владата на РСМ се дадени во трајно користење на Општина Тетово.

Член 3

Недвижните ствари од член 1 на оваа одлука ќе ги одржува и управува ЈП „Тетово Транспорт” – Тетово.

ЈП „Тетово Транспорт” – Тетово е должна при одржувањето и управувањето со недвижите ствари од член 1 на оваа одлука да постапува согласно законските прописи.”

Во член 4 од оспорената одлука се наведува дека градоначалникот на Општина Тетово и директорот на ЈП „Тетово Транспорт” – Тетово ќе склучат договор со кој поблиску ќе ги уредат правата и обврските за недвижните ствари како и другите прашања во врска со функционирањето на просторот од член 1 на оваа одлука.

Во член 5 од оспорената одлука се наведува дека член 5 на на Одлуката бр.08-12322/67 од 27.09.2023 година, останува непроменет.

Во член 6 од оспорената одлука се наведува дека врз основа на член 109 од Деловникот на Советот на Општина Тетово, се задолжува општинската администрација да изготви пречистен текст на актот.

Со член 7 од оспорената одлука се утврдува нејзиното влегување во сила и дека ќе се објави во службеното гласило на Општина Тетово.

Подносителот на иницијативата ја оспорува уставноста и законитоста на предметната одлука, со наводи дека Советот на Општина Тетово нема законски основ да ја донесе истата, како што немал законски основ да ја донесе и Одлуката којашто се менува со сега оспорената. Во иницијативата укажува и на дејствија преземени од страна на надлежни институции во врска со предметниот случај.

Разгледувајќи ја содржината на оспорената одлука, Судот утврди дека со истата се вршат измени и дополнување на претходно донесена одлука којашто по својот карактер и содржина претставува поединечен, конкретен акт, со која се воспоставуваат правни односи inter partes, помеѓу Советот на Општина Тетово и ЈП „Тетово Транспорт” – Тетово, и со која се уредуваат права и обврски на давателот на недвижните ствари на трајно користење – Советот на Општина Тетово и примателот на недвижните ствари на трајно користење – ЈП „Тетово Транспорт” – Тетово.

Оспорениот акт, со кој се менува и дополнува претходно донесената одлука за давање на трајно користење, исто така по својот карактер и содржина претставува поединечен, конкретен акт, со која се воспоставуваат правни односи inter partes, помеѓу истите субјекти – Советот на Општина Тетово и ЈП „Тетово Транспорт” – Тетово, со тоа што со измените се регулираат правата и обврските помеѓу давателот на недвижните ствари на управување и одржување и примателот на тие ствари на управување и одржување.

Во надлежност на Уставниот суд, според член 110 алинеја 2 од Уставот, е да одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Меѓутоа, не сите прописи можат да бидат предмет на оцена пред Уставниот суд.  Актите, со кои се воспоставуваат правни односи inter partes, не се предмет на оцена пред Уставниот суд, туку само прописите коишто ги содржат правните елементи коишто го определуваат прописот подобен за уставно-судска оцена, а тоа се прописите чие суштинско обележје е нивната општост изразена преку содржани општи норми на однесување коишто се однесуваат на неопределен број субјекти во правото, односно да уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото.

Од содржината на оспорената одлука јасно произлегува дека нејзиниот донесувач т.е. Советот на Општина Тетово одлучувал за конкретно прашање и за права и обврски помеѓу конкретни субјекти. Оспорениот акт, во таа смисла, иако формално-правно го содржи називот „одлука” што асоцира на пропис, сепак по својата содржина претставува поединечен акт. Тоа дотолку повеќе ако се има предвид дека оспорената одлука нема сопствен предмет на нормативно уредување на општествени односи, туку се однесува на еден конкретен правен факт – измена на претходно донесен поединечен, конкретен акт, во врска со недвижна ствар помеѓу истите конкретни субјекти во правото.

Оттука, според Судот, за да може еден правен акт да се смета за пропис подобен за уставно-судска оцена, нужно е на општ начин да уредува односи, односно нормите што тој ги содржи да се однесуваат на неопределен број правни субјекти и нивната примена да се однесува на сите правни случаи што ќе се појават во иднина во рамките на соодветните општествени односи.

Од изнесените причини, Судот утврди дека барањето со иницијативата излегува надвор од уставно утврдените надлежности на Уставниот суд, што е причина за отфрлање на иницијативата согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски