У.бр.105/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У. бр.105/2024
Скопје, 07.11.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 7 ноември 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на  член 16 став 4 од Законот за управни спорови („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 96/2019).

Образложение

I

Оливер Давидовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на  член 16 став 4 од Законот за управни спорови.

Подносителот на иницијативата, во воведниот дел на образложението на иницијативата цитира неколку одредби од Законот за управни спорови со напомена дека оспорената одредба може уставно-правно да се проблематизира и да подлежи на уставо-судска контрола како несогласна со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.

Според подносителот на иницијативата, со оспорената одредба судиите избрани во Управен суд се ставаат во нерамноправна положба, бидејќи за нив се наметнува обврска да имаат „две години судиски стаж“ за да постапуваат како судија поединец во постапките поведени по управен спор и покрај тоа што ваков услов не е предвиден во Законот за парнична постапка, (кој во постапките по управни спорови има супсидијарна примена) и во претходниот Закон за управни спорови („Службен весник на Република Македонија“ број 62/06…171/10). Имено, нејасно е поради кои причини токму во актуелниот Закон за управни спорови, законодавецот го предвидел наведениот услов.

Во продолжението на иницијативата, подносителот прави компарација помеѓу одредбите од Законот за судовите и оспорената одредба со напомена дека во Законот за судовите на јасен и детален начин се предвидени општите и посебните услови за избор на судија во Управен суд и го цитира член 46 став 2 точка 2 од Законот за судовите, според кој, за судија на Управниот суд може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку четири години непрекинат судиски стаж како судија во основен суд до моментот на пријавувањето за избор, кое од страна на Судскиот совет на Република Северна Македонија е оценето со позитивна оцена, согласно со Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија и наведува дека со оспорената одредба се врши „деградација“ на судиите во Управен суд бидејќи со предвидувањето на условот „две години судиски стаж“ во смисла на тоа дали ќе постапуваат како судија поединец или во состав на тројца судии, несомнено се прави дискриминација меѓу судиите на Управен суд.

Покрај ова, подносителот на иницијативата наведува дека условот од „две години судиски стаж“ предвиден во оспорената одредба е нејасен бидејќи не е дефинирано на јасен и прецизен начин за каков вид на стаж станува збор односно дали станува збор за судиски стаж во рамки на Управен суд, откако е избран за судија на Управен суд или за вкупно непрекинат судиски стаж бидејќи секој управен судија во моментот на изборот потребно е да има непрекинат судиски стаж од најмалку четири години како судија во основен суд.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба е недоволно јасна, неконзистентна и неоснована и води кон повреда на начелото на владеење на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, загарантирано со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, создава правна несигурност бидејќи во правниот поредок треба да постојат јасни, прецизни, недвосмислени правни норми со цел создавање на еден внатрешно конзистентен правен систем, создава правна нееднаквост помеѓу судиите, спротивно на член 9 од Уставот и не е во согласност со член 51 од Уставот.

Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата бара Уставниот суд да поведе постапка за оцена на уставноста на оспорената одредба и истата да ја укине.

II

На седницата Судот утврди дека оспорениот член 16 став 4 од Законот за управни спорови („Службен весник на Република Северна Македонија” број 199/2019) е со следната содржина:

(4) Судија кој нема две години судиски стаж не може да постапува како судија поединец.

III

Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е определено како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со член 9 од Уставот се предвидува дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 98 став 1 од Уставот е предвидено дека судската власт ја вршат судовите.

Според член 103 од Уставот, судот суди во совет. Согласно со став 2 од истиот член, со закон се утврдува кога суди судија поединец.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Во член 1 од Законот за управни спорови („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 96/2019) се предвидува дека со овој закон се уредуваат надлежноста, составот на судот и постапката во која се решава во управните спорови и извршувањето на донесените судски пресуди.

Според член 16 став 1 од истиот закон, кој е дел од глава 3 насловена „Организација и состав на судот“, во управен спор во прв степен, судот одлучува во совет од тројца судии, или како судија поединец, во случаите од став (2) на овој член определени со овој член. Согласно со став 2 од истиот закон, судија поединец одлучува во управен спор во прв степен во спорови чиј предмет изразен во парична вредност не го надминува износот од 10.000 евра во денарска противвредност или спорови во кои се оспорени само процесни дејствија во постапката на донесување на управниот акт.

Согласно со член 16 став 4 од истиот закон, судија кој нема две години судиски стаж не може да постапува како судија поединец.

Во член 22 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“, број 58/2006, 62/2006, 3520/08, 61/2008, 118/2008, 16/2009, 150/2010, 39/2012, 83/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 96/2019), е предвидено дека во судскиот систем судската власт ја вршат основните судови, апелационите судови, Управниот суд, Вишиот управен суд и Врховниот суд на Република Македонија.

Според член 25 став 1 од истиот закон, Управниот суд се основа и ја врши судската власт на целата територија на Република Македонија.

Согласно со член 46 став 2  точка 1 од истиот закон, за судија на Управниот суд може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку четири години непрекинат судиски стаж како судија во основен суд до моментот на пријавувањето за избор, кое од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценето со позитивна оцена, согласно со Законот за Судскиот совет на Република Македонија.

Наводите на подносителот на иницијативата дека со оспорената одредба новоизбраните судии во Управен суд се ставаат во нерамноправна положба во однос на другите управни судии бидејќи за нив се наметнува обврска да имаат „две години судиски стаж “ за да постапуваат како судија поединец во постапките поведени по управен спор, Судот ги оцени како неосновани. Имено, законодавецот како носител на законодавната власт, согласно со надлежностите утврдени во Уставот, има овластување да пропише посебен критериум за новоизбраните судии во Управниот суд. Таков е условот „две години судиски стаж“, за постапување како судија поединец во спорови во кои се оспорени само процесни дејствија во постапката на донесување на управниот акт односно спорови чиј предмет изразен во парична вредност не го надминува износот од 10.000 евра во денарска противвредност, и истиот е предвиден со цел подобрување на легислативата што се однесува на начинот на функционирањето на институциите односно судовите и зајакнување на квалитативните критериуми за надминување на предизвиците со кои се соочува одредена власт, во конкретниот случај судската власт. Покрај ова, Судот оцени дека не може да стане збор за деградација и дискриминација на судиите во Управен суд, со предвидениот услов од „две години судиски стаж“, врз основа на кој се одлучува дали одреден судија во управен спор ќе постапува како судија поединец или во состав на тројца судии, бидејќи не може да се поистовети положбата на новоизбраните судии во Управен суд со управните судии со судиски стаж над две години и уредувањето дека новоизбраните судии сè до исполнување на две години судиски стаж во Управен суд ќе судат како судија во состав на тројца судии, не претставува основ за нивна дискриминација. Напротив, уредувањето новоизбраните судии да судат како судија во состав од тројца судии во почетните две години, како преоден период, каде што одговорноста на судиите е еднаква, односно е споделена и постои можност за меѓусебна контрола, овозможува прилагодување на истите во однос на начинот на функционирање и организирање на судот и природата на споровите што се разгледуваат и решаваат во рамки на Управниот суд, што е сосема различно од природата на предметите што се разгледуваат и решаваат во судовите од каде доаѓаат истите, односно основните судови.

Исто така, наводот на подносителот на иницијативата дека оспорената одредба, особено делот „две години судиски стаж“ како услов што треба да го исполнува еден новоизбран судија во Управен суд за да суди како судија поединец, е нејасен бидејќи не е дефинирано на јасен и прецизен начин за каков вид стаж станува збор, односно дали станува збор за судиски стаж во рамки на Управен суд, откако судијата е избран за судија на Управен суд или за вкупниот судиски стаж пред изборот за судија на Управен суд и како резултат на ова се повредува начелото на владеење на правото како една од темелните вредности на правниот поредок и се создава правна несигурност како составен дел на наведената вредност, Судот оцени дека е неоснован. Ова од причина што, со системско и логично толкување на оспорената одредба во корелација со другите одредби од Законот, на имплицитен начин произлегува, односно може да се заклучи дека станува збор за судиски стаж во рамки на Управниот суд по изборот како судија во Управен суд.

Имајќи го предвид горенаведеното, Судот смета дека неосновани се наводите на подносителот на иницијативата за несогласноста на оспорената одредба со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот од причина што со вакво законско решение не е повредена ниедна од темелните вредности на уставниот предок на Република Северна Македонија бидејќи оспорената одредба е јасна и концизна.

Воедно, Судот оцени дека се неосновани и наводите за несогласност на оспорената одредба со член 9 од Уставот којшто се однесува на еднаквоста на граѓаните во слободите и правата бидејќи за да стане збор за дискриминација на граѓаните при реализација на нивните права и слободи потребно е истите да се во иста фактичка состојба, а да се третираат на различен начин, што не е случај во конкретната ситуација. Ова од причина што, сите новоизбрани судии во Управен суд, сè до исполнување на две години судиски стаж, се во иста положба, и за истите подеднакво важи оспорената одредба и како резултат на ова сметаме дека не може да стане збор за различен третман.

Наводот на подносителот на иницијативата дека оспорената одредба е спротивна на член 51 од Уставот, Судот оцени дека е неоснован. Ова од причина што од материјален аспект, оспорената одредба е јасна, концизна и недискриминаторска.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на  Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски