У.бр.117/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У. бр. 117/2024
Скопје, 7 ноември 2023 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 2 и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 7 ноември 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Урбанистички план вон населено место за индустриска зона „Мауцкер“, КО Долно Лакочереј – вон град, Општина Охрид, плански период 2013-2023, со бр.08-2681/14, донесена од Советот на Општина Охрид на 27.02.2015 година („Службен гласник на Општина Охрид“ бр.2 од 03.03.2015 година).

Образложение

I

Туристичкото здружение – асоцијација на Охрид „Билјана” од Охрид, застапувано од претседателот Никола Киселинов – Боздоганов од Охрид, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Урбанистички план вон населено место за индустриска зона „Мауцкер“, КО Долно Лакочереј – вон град, Општина Охрид, плански период 2013-2023, со бр.08-2681/14, донесена од Советот на Општина Охрид на 27.02.2015 година („Службен гласник на Општина Охрид“ бр.2 од 03.03.2015 година).

Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука е во спротивност со Уставот на Република Северна Македонија, Законот за просторно и урбанистичко планирање, Законот за заштита на културното наследство и Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.

Во продолжението на иницијативата се цитираат член 24, член 56 и член 118 од Уставот и член 11, член 13, член 32, член 71 и член 74 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” бр. 199/14).

Иницијативата ги содржи и цитираните член 6, член 7, член 70 и член 71 од Законот за заштита на културното наследство („Службен весник на Република Македонија” бр. 20/04), како и цитираните член 8, член 9, член 17, член 25 и член 29 од Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион („Службен весник на Република Македонија” бр. 75/10).

Врз основа на цитираните одредби подносителот наведува дека оспорената одлука била донесена во неуставнa и незаконитa постапка и во спротивност на наведените одредби бидејќи при изработка и донесување на овој урбанистички план не се дефинирани границите на заштитна зона, контактна зона и зона за урбанистичко планирање, нема геодетска ажурирана подлога со дефинирани граници на археолошки локалитет, подземни и надземни градби кои постојат на овој локалитет и дека не смее да се врши урбанизација на простор оптоварен со подземно културно наследство.

Исто така, подносителот наведува дека надлежните институции за доставување на податоци и информации за изработка на овој урбанистички план, Управата за заштита на културното наследство при Министерството за култура и Националната установа Завод за заштита на спомениците и културата и музеј – Охрид, не постапувале согласно со цитираната законска регулатива односно на изготвувачот на овој урбанистички план АД Завод за урбанизам, проектирање и инжинеринг – ЗУМ Скопје, спротивно на законската обврска не му ги доставиле решенијата од 1983 и 1998 година издадени од Заводот за заштита на спомениците на културата и народен музеј Охрид, со кои се утврдува својство на споменик на културата на археолошкиот локалитет Хермелеја (Габавци, Патерица, Амбарџица).

Во образложението на предметната иницијатива, исто така, се потенцира дека изготвувачот на овој урбанистички план во фазата на јавна анкета не го зел предвид писменото укажување за постоење на археолошки локалитет утврден со решение од страна на Еколошкото друштво „Грашница”.

На оваа околност се приложуваат и соодветни докази, од кои според подносителот на иницијативата можело да се утврди дека на оваа локација постои археолошки локалитет со својство на споменик на културата. Подносителот изразува сомнеж во поглед на злоупотреба на службена положба и овластување од страна на овие институции и неисполнување на законската обврска која ја имаат согласно Законот за заштита на културното наследство (член 6, да го заштитат културното наследство при изработка на урбанистичките планови; член 7, субјектите на локалната самоуправа се должни да го штитат културното наследство и член 71, не се изработени заштитно конзерваторски основи предвидени со закон) и Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (член 8, утврдување на граници на културно наследство; член 9, спречување на активности кои негативно влијаат на природната вредност на Охридскиот Регион, член 25 и член 29, преземање на соодветни мерки за заштита).

Од овие причини подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја поништи.

Воедно, предлага да се донесе и решение за запирање на извршување на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука заради можноста од настанување тешко отстранливи последици (т. н. времена мерка).

II

На седницата Судот утврди дека Одлуката е донесена врз основа на членовите 11, 22 и 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/11), член 22 став 1 точка 1 и член 62 став 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и член 18 од Статутот на Општината Охрид („Службен гласник на Општина Охрид“ бр.8/2007).

Во член 1 од Одлуката се донесува урбанистички план вон населено место за индустриска зона Мауцкер, КО Долно Лакочереј – вон град, Oпштина Охрид, плански период 2013-2023.

Членот 2 од оспорената одлука предвидува дека со овој урбанистички план се опфаќа простор со површина од 17,92 ха.

Просторот на планскиот опфат по урбанистички план вон населено место за индустриска зона Мауцкер, КО Долно Лакочереј – вон град, Oпштина Охрид, плански период 2013- 2023 е опфат на границите:

Границата на планскиот опфат е дел од Кп.бр.1219/1 КО Долно Лакочереј – вон град.

Опфатот граничи со следните катастарски парцели кои не влегуваат во дефинираниот плански опфат: од југ – Кп.бр.1200/2, Кп.бр.1201/1, Кп. Бр.1201/2, Кп.бр.1201/3, дел од Кп.бр.1219/1, Кп.бр.496/2, дел од Кп.бр.1219/1, Кп.бр.1219/7, Кп.бр.1219/2, Кп.бр.1219/3, Кп.бр.1219/4, Кп.бр.1219/5, Кп.бр.1219/6, дел од Кп.бр.1219/1, од север – дел од Кп.бр.1219/1, дел од Кп. Бр. 1219/8, од запад – Кп. Бр.1200/1, Кп.бр.1344/1, Кп.бр.1199, Кп.бр.486/1, Кп.бр.1219/8, од исток – дел од Кп.бр.1219/8, дел од Кп.бр.486/11, Кп.бр.1199, Кп.бр.1344/1.

Според член 3, урбанистичкиот план вон населено место за индустриска зона Мауцкер, КО Долно Лакочереј – вон град, Oпштина Охрид, плански период 2013- 2023, изработен од АД Завод за урбанизам, проектирање и инженеринг – ЗУМ Скопје, со технички број 167/13 од февруари 2015, содржи:

– плански развој – текстуален дел и графички прилог,
– документациона основа со текстуален дел и графички прилози.

Во член 4 од Одлуката се определува дека Урбанистичкиот план вон населено место за индустриска зона Мауцкер, КО Долно Лакочереј – вон град, Oпштина Охрид, плански период 2013- 2023, се заверува со печат и потпис на претседателот на Советот на Oпштина Охрид.

Согласно член 5 од Одлуката, Урбанистичкиот план вон населено место за индустриска зона Мауцкер, КО Долно Лакочереј – вон град, Oпштина Охрид, плански период 2013 – 2023, се чува, следи и реализира во Секторот за урбанизам и управување со градежно земјиште.

Во член 6 од Одлуката се определува дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Охрид“.

Оспорената одлука е со број 08-2681/14 од 27. 02. 2015 година и потпишана од претседател на Советот на Општина Охрид, Гордана Коњановска, а објавена во „Службен гласник на општина Охрид” број 2/2015 од 03.03.2015 година.

III

Согласно со член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според членот 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со Решението У.бр.54/2022 од 14 декември 2022 година Судот не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Урбанистички план вон населено место за индустриска зона „Мауцкер“, КО Долно Лакочереј – вон град, Општина Охрид, плански период 2013-2023, со бр.08-2681/14, донесена од Советот на Општина Охрид на 27.02.2015 година („Службен гласник на Општина Охрид“ бр.2 од 03.03.2015 година).

Во постапката по предметот У.бр.54/2022, Судот утврдил дека Советот на Општина Охрид ја спровел постапката за изготвување и донесување одлука за донесување на урбанистички план вон населено место со почитување на сите фази на постапката, предвидени во Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Анализата на оспорениот акт, Судот ја направил по однос на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 151/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2014, 55/2013, 163/2013 и 42/2014) кој бил во сила во времето на отпочнувањето на постапката за донесување на оспорениот урбанистички план.

Барањето за оцена на оспорената одлука во оваа иницијатива по однос на нејзината согласност со член 11, член 13, член 32, член 71 и член 74 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014) кој стапил на сила на 7 јануари 2015 година, а почнал да се применува од 1 март 2015 година е несоодветно од причини што целокупната постапка за донесување на овој урбанистички план вон населено место и самата одлука се донесени пред да се применуваат одредбите од овој закон. Всушност, и во самиот нов закон, на кој се повикува подносителот, во член 123 е регулирано дека постапките започнати до денот на примена на овој закон, ќе продолжат согласно со одредбите од Законот по кој се започнати, односно истиот е донесен согласно со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 151/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2014, 55/2013, 163/2013 и 42/2014).

Понатаму, Судот во постапката по предметот У.бр.54/2022 утврдил дека од анализата на приложената писмена документација прибавена во текот на претходната постапка, неспорно произлегува дека предметната постапка е законито спроведена, Судот утврди дека при нејзиното донесување се испочитувани сите фази во постапката, односно, Советот на Општина Охрид при донесувањето на оспорената одлука во целост ги испочитувал сите фази на постапката предвидени во важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање. Тоа подразбира дека била запазена постапката за донесување на нацрт-планот, извршена стручна ревизија на истиот, спроведена јавна анкета и јавна презентација, добиени биле сите потребни мислења на предлог-планот од надлежните органи, врз основа на кои согласно член 25 од истиот закон, добила позитивно мислење за донесување на планот, од Министерството за транспорт и врски, како орган на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот.

Со оваа, а и со иницијативата по предметот У.бр.54/2022 се оспорува предметната одлука бидејќи истата е спротивна и на членови од Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион. Судот утврдил дека од доставената документација за спроведената постапка за оспорениот Урбанистички план, локалната самоуправа презела мерки во смисла на пронаоѓање и заштита на светското културно и природно наследство во Охридскиот Регион, зачувување на границите на светското културно и природно наследство во Охридскиот Регион, како и начинот на управување со истото, на начин што писмено доставила барање до повеќе надлежни институции.

Националната установа завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, за изработка на заштитно конзерваторски основи до Општината доставила мислење бр.13-287/1 од 24.02.2014 година со кое ја известува дека не се надлежни за изработка на заштитно конзерваторски основи за предметниот Урбанистички план. Ова од причина што истиот не припаѓал во границите на заштитената споменичка целина „Старо градско јадро на Охрид“ ниту во нејзината контактна зона, како и тоа дека во наведениот плански опфат не постојат евидентирани или поединечно заштитени објекти или археолошки локалитети. Од тие причини не била потребна изработка на Заштитно конзерваторски основи, меѓутоа дале мислење дека во одредбите на планскиот опфат, треба да стои дека при изведба на земјани работи на планираниот простор, неопходно е присуство на стручно лице – археолог кое ќе ги следи работите во случај до колку дојде до откривање на евентуални остатоци од постари градби, за истите да ги евидентира, документира и преземе потребни мерки во понатамошниот процес од работата во зависност од вредноста на откриениот наод.

Општина Охрид, со допис бр.18-65/12 од 19.02.2014 година, побарала информација за отпочнување на постапката за изработка на планската документација за индустриска зона – Мауцкер, од Управата за животна средина како надлежен орган за вршење на стручни работи од областа на заштитата на природата, во состав на Министерството за животна средина и просторно планирање, на што од Управата за животна средина, како надлежен орган за вршење на стручни работи од областа на заштита на природата во состав на Министерството, било одговорено со допис бр.11-2528/4 од 12.03.2014 година, во кој е наведено дека по извршениот стручен увид на приложената граница на планскиот опфат и согласно просторниот план на Република Македонија, Секторската студија за заштита на природното наследство, било утврдено дека просторот кој е предмет на изработка на планската документација, со намена Г2 – лесна индустрија, не влегува во граници на заштитено подрачје.

Изведувачот на Планската програма – А.Д. за урбанизам, проектирање и инженеринг – ЗУМ Скопје, со допис број 0301-359/6, побарал и добил мислење од Министерство за култура, Управата за заштита на културното наследство број 17-2892/2 од 04.11.2014 година, во кое е наведено дека потребните податоци од аспект на заштита на културното наследство, пропишани од Управата за заштита на културното наследство, се целосно вградени во Планската документација, така што постапката за донесување на планот може да продолжи.

По повод организираната јавна анкета и јавна презентација, Еколошкото друштво „Грашница“, поднело анкетен лист со забелешка во која бара на просторот каде што се планира индустриска зона, прво да се извршат археолошки сондажни истражувања, а потоа да се пристапи кон градежни работи.

Комисијата не ја прифатила забелешката и дала одговор дека Управата за заштита на културно наследство веќе има доставено мислење број 17-2892/2 од 04.11.2014 година, во кое се наведува дека потребните податоци од аспект на заштита на културното наследство, пропишани од Управата за заштита на културното наследство, се целосно вградени во планската документација, така што постапката за донесување на планот може да продолжи.

Со оглед на тоа дека Општина Охрид добила мислења и согласности од Националната установа завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, Управата за животна средина и Министерството за култура – Управа за заштита на културното наследство, кои се надлежни за мерките за заштита на културното наследство, истите биле активно вклучени во процесот за донесување на оспорениот урбанистички план, поради што сметаме дека нема повреда на член 6, член 7, член 70 и член 71 од Законот за заштита на културното наследство („Службен весник на Република Македонија” бр. 20/04), како и член 8, член 9, член 17, член 25 и член 29 од Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион („Службен весник на Република Македонија” бр. 75/10).

Во иницијативата, подносителот, исто така, наведува дека Општината урбанизирала простор со намена индустриска зона во чиј делокруг може да се градат индустриски објекти со класа Г2 како и изразува сомнеж за злоупотреба на службена положба од страна на одговорните лица од Националната установа завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид и Управа за заштита на културното наследство, во поглед на издавање мислења и податоци со невистинита содржина.

По однос на овие наводи во иницијативата, Судот оцени дека не е надлежен да го испитува сомнежот за евентуална злоупотреба на службената положба и овластување од страна на одговорните лица во институциите во поглед на содржината на исправите издадени за потребите на постапката, како и содржината на донесените урбанистички планови, туку за уставноста и законитоста на постапката во која тие се донесуваат.

Тргнувајќи од фактот дека Уставниот суд веќе се произнел за уставноста и законитоста на оспорената одлука, како и тоа дека во предметната иницијатива не се содржани наводи кои по својот карактер би претставувале основ за поинакво одлучување, произлегува дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, согласно со член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р  Дарко Костадиновски