На 11 декември 2024 година (среда), со почеток во 9:30 часот Уставниот суд ќе ја одржи 32-та седница со дневен ред за кој се предвидени десет иницијативи за оценување на уставност и законитост, едно барање за заштита на слободи и права, еден предлог за решавање судир на надлежности и ќе одлучува по два предлози за одлучување.
I. ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ
1. Реферат У.бр.15/2019, У.бр.25/2019, У.бр.29/2019, У.бр.30/2019, У.бр.32/2019, У.бр.33/2019, У.бр.34/2019, У.бр.36/2019, У.бр.37/2019, У.бр.41/2019, У.бр.51/2019, У.бр.67/2019 и У.бр.162/2019
Оспорен: Указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците („Службен весник на Република Македонија“ бр.7/2019) и Законот за употреба на јазиците („Службен весник на Република Македонија“ бр.7/2019) во целина и одделно: називот на Законот, член 1 ставови 2, 3 и 4, членови 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12, 13, 14, 15, 16, 17, 18, 19, 20, 21, 22, 23, 24 и 25 од Законот
Подносители на иницијативите:
– Ивица Ефремов од Велес и Стив Ангеловски од Битола (У.бр.15/2019)
– Здружението „Светски македонски конгрес“ (У.бр.25/2019, У.бр.67/2019)
– проф.д-р Јове Кекеновски од Скопје (У.бр.29/2019)
– Васко Лазескии други, сите од Кичево (У.бр.30/2019)
– Политичка партија „ВМРО-ДПМНЕ“ (У.бр.32/2019)
– Ивана Митевска од Скопје (У.бр.33/2019)
– Томе Тодоровски, адвокат од Свети Николе (У.бр.34/2019)
– Клементина Брзановска од Скопје (У.бр.36/2019)
– Владимир Стефановски од Скопје (У.бр.37/2019)
– Солза Грчева, и други, сите од Скопје (У.бр.41/2019)
– Политичка партија „Левица“ (У.бр.51/2019)
– проф.д-р Тања Каракамишева-Јовановска, и други (У.бр.162/2019)
Од наводите во иницијативите:
Процедурални аспекти на оспорување
Подносителите го оспоруваат постапувањето на Собранието на Република Северна Македонија во однос на донесувањето на Законот и сметаат дека претседателот на Собранието, иако бил должен, не го вратил предлогот на Законот и не побарал од предлагачот да го усогласи воведот на предлогот на Законот со Деловникот на Собранието, туку го доставил до пратениците со што сторил повреда на Деловникот на Собранието. Пред да се одржи општ претрес на седница на Собранието, предлогот на Законот не бил разгледан од матичните работни тела: Комисија за финансирање и буџет, Комисија за политички систем и Комитетот за односи меѓу заедниците, Законодавно-правна комисија со што била сторена повреда на Деловникот на Собранието на Републиката и на Амандман XII точка 1 ставови 4, 5 и 6 на Уставот.
Исто така, во иницијативите се наведува дека е противуставно тоа што Законот не бил донесен со двојно мнозинство односно двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Републиката. Воедно, подносителите сметаат дека претседателот на Републиката имал право на суспензивно вето, а објавувањето на Указот на Законот без потпис на претседателот на Републиката е неуставно дотолку повеќе што претседателот на Републиката немал уставно утврден рок, ниту санкција доколку не го потпише указот за прогласување на законот.
Материјални аспекти на оспорување
Подносителите ја оспоруваат целината на Законот од аспект на Амандманот V од Уставот бидејќи ја проширувал уставната рамка дадена во овој амандман во врска со употребата на јазиците на немнозинските заедници и определувал еднаквост на друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, со македонскиот јазик и неговото кирилско писмо како службен јазик на целата територија во Републиката и во нејзините меѓународни односи, наместо тој друг јазик и писмо да се користат како што е определено со Амандман V точка 1 ставови 3, 4, 5 и 6 од Уставот.
Во иницијативите се наведува дека „Називот на Законот“ бил непрецизен и создавал правна забуна, дека се однесува на македонскиот јазик, на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Републиката, како и на јазиците што го зборуваат припадниците на немнозинските заедници кои се под 20% од граѓаните во Републиката, што е спротивно на Амандман V точка 1 ставови 2, 3, 4, 5 и 6 на Уставот, како и на член 51 од Уставот.
Со иницијативите се оспоруваат и посебно секој од 25-те члена од Законот. Членот 1 од Законот е оспорен во делот: „(албански јазик)“ и делот: „согласно овој закон“ и сметаат дека се користат термини што не се содржани во Уставот во кој се наведува „20% од граѓаните“ што било спротивно на Амандман V став 2, 3, 4, 5 и 6 и на член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 51 став 1 од Уставот.
Во наводите се наведува дека членот 2 од Законот пропишувал употреба на било кој од службените јазици во судските, управните, …и постапките пред …јавното обвинителство, како и во постапки пред сите други органи, тела и други институции, како и во областа на образованието, науката, здравството, културата, нотаријатот, извршувањето и во други ненабројани области, службени јазици да се македонскиот јазик и јазикот кој го зборуваат 20% од граѓаните што било спротивно на Амандман V точка 1 став 5 од Уставот, на член 8 став 1 алинеја 3, член 60, член 77 и Амандман XI, член 98 односно Амандман XXV, член 106 односно Амандман XXX, член 108, член 114 и Амандман XVI и член 122 од Уставот.
Членот 9 од Законот определувал дека во судските, управните, кривичните, парнични, вонпарнични, како и во другите постапки пред јавните обвинителства и сите други органи, тела и институции, се применуваат македонскиот јазик и писмо и јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните, сите постапки да се водат на македонски јазик и неговото писмо како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Републиката и неговото писмо. Доколку судија, јавен обвинител, странка или друг учесник во постапката е лице кое зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и необезбедувањето на превод за време на целиот тек на постапката претставува суштинска повреда на судската постапка што е спротивно на Амандман V и на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Предмет на оспорување се и членовите 12, 13 и 14 од Законот коишто се однесуваат на матичната евиденција, на личните документи и на патните исправи, при што тие акти припадниците на помалите етнички заедници не ги добивале по службена должност, со што биле ставени во нееднаква положба и е спротивно на Амандманите V и VIII и на член 54 став 3 од Уставот.
Оспорени се и членовите 18, 19 и 20 од Законот кои се однесуваат на основање на посебно правно лице – Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Републиката заради примена и заштита само на тој јазик и писмо, а не и на примена и заштита и на другите јазици и писма на немнозинските заедници во Републиката со што се повредува начелото на еднаквост од член 9 од Уставот.
Со иницијативите се оспорува и член 23 од Законот, којшто, меѓу другото предвидува дека органите се должни да ги применуваат одредбите од овој закон во случај на нивната неусогласеност со јазичните одредби од друг закон без да биде прецизно определено кои се тие одредби, што се однесува и на законите донесени со двотретинско мнозинство што е спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
2. Реферат У.бр.138/2023
Оспорен: Закон за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.111/2023)
Подносител на иницијативата: Хелсиншки комитет за човекови права од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека законодавецот го користи терминот „градби од стратешки интерес“ без притоа да утврди јасни рамки за тоа какви се видови на градби може да се сметаат за градби од стрaтешки интерес, што е непотребно, бидејќи јавниот интерес и градбите од јавен интерес се веќе утврдени со закон. Единствена причина за оваа формулација е да се воведат олеснети правила за овој вид на градби и да се елиминираат заштитните механизми во сферата на урбанистичкото планирање. Се наведува дека урбанистичките проекти за градби од стратешки интерес нема да се изработуваат за нивната законски утврдена цел (разработка и спроведување на урбанистичките планови), туку за градби од стратешки интерес со што се напуштаат правилата за хиерархијата на урбанистичките планови бидејќи урбанистичкиот проект се издигнува над урбанистичките планови кои се документи од повисоко хиерархиско ниво.
3. Реферат У.бр. 207/2023
Оспорен: Член 17 став 3 во делот „акт на” од Законот за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 129/2023 и 53/2024)
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува во оспорениот закон не е пропишано кој го донесува тој „акт“ од оспорениот член, ниту се пропишуваат параметри за тоа во колкава висина можат да се пропишат додатоците кое нешто мора исклучиво да биде предмет на уредување на закон, а не и на „акт“ како подзаконски пропис со што може да дојде до арбитрерно определување на висината на истите што не е во согласност со начелото на владеење на правото.
4. Реферат У.бр.89/2024
Оспорен: Член 21 став 1 алинеја 5 и ставовите 4, 5, 6, 7, 8 и 9 од Законот за воздухопловство („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.14/2024)
Подносител: Петар Димитров
Од наводите во иницијативата:
Според наводите во иницијативата со оспорените законски одредби Републиката не обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот од причина што воздушниот сообраќај не е супериорен над другите начини за превоз па за него да се издвојува посебен надоместок од секој патник во заминување од аеродромите за потребите на Агенцијата за цивилно воздухопловство и за унапредување на воздухопловството.
5. Реферат У.бр.151/2024
Oспорени:
– Член 47 став 5 и став 6 во делот „максималните износи од ставот (5) на овој член“ од Законот за земјоделство и рурален развој („Службен весник на Република Македонија“ бр. 49/2010, 53/2011, 126/2012, 15/2013, 69/2013, 106/2013, 177/2014, 25/2015, 73/2015, 83/2015, 154/2015, 11/2016, 53/2016, 120/2016, 163/2016, 74/2017, 83/2018, 27/2019, и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.152/2019, 244/2019, 275/2019, 110/2021, 123/2022 и 65/2023).
– Член 3 став 25 од Уредбата за изменување и дополнување на уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директни плаќања за 2023 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.30/23, 42/23, 110/23, 138/23, 149/23, 248/23, 276/23 и 287/23) и
– Член 3 став 25 од Уредба за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директни плаќања за 2024 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.18/24 и 34/24).
Подносител на иницијативата: Земјоделски комбинат „Пелагонија” АД Битола
Oд наводите во иницијативата:
Според наводите во иницијативата оспорените одредби, не се во согласност со член 8 став 1 алинeи 3, 6 и 7, член 51 и член 55 од Уставот на Република Северна Македонија, а оспорените Уредби за 2023 и 2024 година, се наведени како спротивни и на Законот за земјоделство и рурален развој, Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за заштита на конкуренција. Според подносителот на иницијативата, оспорените одредби ја нарушуваат темелна вредност слободата на пазарот и претприемништвото и еднаквата положба на сите субјекти на пазарот, преку ограничување на мерка која требало еднакво да ги третира сите засегнати субјекти и чија намера била поттикнување и развој на земјоделството преку поттикнување и развој на земјоделските стопанства.
6. Реферат У.бр. 5/2024
Оспорени:
– Член 9 став 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 65/2019, 162/2019, 233/2020, 312/2020 и 38/2022);
– Табеларен норматив за корекција на варијабилниот дел од надоместокот за топлинска енергија во колективен станбен објект кога измерените внатрешни температури се пониски од 20* С од Правилникот за утврдување на квалитетот на испорачаната топлинска енергија од мај 2021 година и
– член 54-а точка 1 ставови 1, 2 и 4 од Правилата за изменување и дополнување на правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 233/2020)
Подносител: Вера Георгиева
Од наводите во иницијативата:
Според подносителот на инцијативата, правото на сопственост може да се ограничи само со закон, а не со оспорените правила и смета дека не може државна комисија да му одземе право на сопственик на стан да не бира сам температурен режим кој нему му одговара и да плаќа за услуга којашто нималку не му одговара. Исто така, смета дека не легитимно снадбувачот од кого се бара исклучување да даде дозвола бидејќи не постои законска обврска да мора да се биде корисник на парно греење.
7. Реферат У.бр. 97/2024
Оспорени: Член 222 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.302/2020) и член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.122/2021)
Подносител: Светски македонски конгрес
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека замената на зборовите „Република Македонија“ со зборовите „Република Северна Македонија“ во целиот текст, согласно оспорениот член 222 од Законот и определувањето важност на возачките дозволи и возачките книшки, најдоцна до 12.02.2024 година во согласност со оспорениот член 5 од Законот, се во спротивност со одлуките на референдумите од 8 септември 1991 година и 30 септември 2018 година, со кои е одлучено за суверена и самостојна држава Македонија без додавки и придавки. Се наведува дека оспорените законски одредби го суспендираат владеењето на правото со што истите се во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и со Амандманот VI од Уставот, дека истите го повредуваат физичкиот и моралниот интегритет на човекот и дека промената на името на државата е во спротивност и со членот 25 од Уставот бидејќи го повредува достоинството и угледот на секој граѓанин. Меѓу другото, подносителот наведува дека со оспорените одредби се наметнува повратно дејство што е понеповолно за граѓаните, бидејќи спротивно на одлуките на референдумите, Владата и Собранието го промениле името на државата, наметнувајќи им рок 12 февруари 2024 година за промена на возачките дозволи и возачки книшки коишто сами си ги плаќаат, иако нивните лични исправи сеуште важат. Исто така, во иницијативата се наведува дека овие оспорени одредби со кои се менува името на државата на возачките дозволи се донесени врз основа на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција од 17 јуни 2018 година кој меѓународен договор не е дел од внатрешниот правен поредок на државата бидејќи истиот не е ратификуван во согласност со Уставот и е спротивен на член 118 од Уставот. Во иницијативата се наведува дека издавањето на возачка дозвола и возачка книшка е поединечен правен акт којшто подлежни на право на жалба или друг вид правна заштита согласно Уставот, што тука не е случај и граѓаните се исклучени од уставно загарантираното право на жалба.
8. Реферат У.бр. 194/2024
Оспорен акт: Правилникот за начинот и постапката на спроведување на избор и оценка на соодветноста на член на надзорен орган на друштво за осигурување и известување до Агенцијата за супервизија на осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.97/2024)
Подносители на иницијативата: Валентин Пепељугоски, Светлана Начева и Бојан Стоилков, сите од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Според подносителите на иницијативата Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување не е овластен да донесува подзаконски акти за прашања што се веќе уредени со закон и за кои не е предвидено дополнително уредување со подзаконски акти. Со донесувањето на оспорениот акт, Советот на експерти ги пречекорил неговите законски овластувања, навлегувајќи во уредување на материја за која во ниту една одредба од Законот за супервизија на осигурувањето не е предвидено дека треба дополнително да се уреди со подзаконски акт со кој ќе се уреди начинот, постапката и соодветноста на едно лице при неговиот избор за член на надзорниот орган на друштвото за осигурување. Подносителите на иницијативата, исто така, наведуваат дека Советот на експерти при Агенцијата за супервизија на осигурувањето ниту имал законски основ, ниту имал овластување да донесе подзаконски акт во форма на правилник, со кој ќе поставува дополнителни услови и ќе определи дополнителна документација што лицето треба да ја обезбеди за да може да биде именувано за член на надзорен орган на друштво за осигурување, што е спротивно на Законот за трговските друштва и Законот за супервизија на осигурувањето.
9. Реферат У.бр. 165/2023
Оспорен акт: Одлука за определување и промена на имињата на улици и плоштади на подрачјето на Град Скопје бр. 27-2792/1 на Советот на Град Скопје („Електронски службен гласник на Град Скопје“ бр. 4/2021)
Подносител на иницијативата: Политичка партија Левица
Од наводите во иницијативата:
Се наведува дека постојат неотстранливи материјално-правни причини за нивната ништовност/рушливост кои се во спротивност со Уставот и со Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти. Подносителот тврди дека новите имиња кои биле назначени се извор на национална омраза и нетрпеливост и нанесуваат штета при примената на соживотот и толеранцијата во државата.
10. Реферат У.бр. 178/2023 и У.бр.180/2023
Оспорен акт: Одлука за времен прекин на дел од постапките со кои се спроведува Деталниот урбанистички план Градски четврт C3 03 на Советот на Општина Ѓорче Петров-Скопје бр. 08-1360/5 од („Службен гласник на Oпштина Ѓорче Петров” бр. 8/2023)
Подносител на иницијативата У.бр.178/2023: Државен инспекторат за локална самоуправа
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека Одлуката со која времено се прекинуваат дел од постапките со кои се спроведува посочениот ДУП е во спротивност со Законот за урбанистичко планирање. Според подносителот спорен е терминот „времен прекин” и тој тврди дека Законот не го познава тој термин и Советите на општините на град Скопје немаат надлежност за времен прекин на дел од постапките.
Подносител на иницијативата У.бр.180/2023: Друштво за градежништво , трговија и услуги СТ Дизајн 20202 ДООЕЛ Скопје, застапуван од управител Сања Савовска
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека правото на градење произлегува од правото на сопственост и со донесувањето на оваа одлука се ограничуваат правата коишто произлегуваат од правото на сопственост а кои веќе биле стекнати со важечкиот ДУП којшто е ставен во времен прекин. Се наведува дека сопствениците на градежното земјиште и лицата на коишто им е пренесено правото на градење со донесувањето на оваа одлука се спречени да си го остварат веќе стекнатото право на градење.
II. БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА
1. Реферат У.бр.117/2019
Подносител на барањето: Фатмир Мемедов
Оспорени акти: пресуди од Основниот суд Скопје 2 и Апелациониот суд Скопје
Од наводите во барањето:
Подносителот на барањето се жали до Уставниот суд дека е дискриминиран врз основа на националното потекло кое ја подразбира и етничката припадност. Оспорува две пресуди од Основниот суд Скопје 2 и Апелациониот суд Скопје за кои тврди дека Основното јавно обвинителство Скопје му го повредил достоинството со дискриминаторско однесување поради неговата етничка припадност бидејќи не спровел истрага ниту презеле дејствија по поднесената кривична пријава во периодот од 2014 до 2016 година со истакнато имотно правно побарување од 130 илјади денари на име надоместок на нематеријална штета за душтевна болка и повреда на лични права и камата. Подносителот напоменува дека е бил физички нападнат од страна на полициски службеници бидејќи е Ром, без никакво објаснување.
III. ПРЕДЛОГ ЗА РЕШАВАЊЕ СУДИР НА НАДЛЕЖНОСТ
1. У.бр.230/2024
Предлог за решавање на судир на надлежности: Помеѓу Собранието на Република Северна Македонија и Претседателот на Република Северна Македонија
Подносител на предлогот: Тоше Зафиров
Од наводите во предлогот:
Подносителот бара Уставниот суд да утврди надлежност помеѓу Собранието на Република Северна Македонија и Претседателот на Република Северна Македонија од причина што двата органи се огласуваат за ненадлежност во однос на поднесеното барање за остварување на право на плата по престанок на функцијата на подносителот.
IV.ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКА
1. У.бр.185/2023
Подносител: Александар Петковски
Донесување на одлука по поведена постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 13 став 2 и член 14 од Статутот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија
2. У.бр.190/2024
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Донесување на одлука по поведена постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 2 став 3 во делот „а до навршени 65 години живот“ од Правилникот за организацијата, составот и начинот на работата на Комисијата за оцена на работната способност („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.142/2021), донесен од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Северна Македонија.