У.бр.108/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.108/2024
Скопје, 30.10.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска,  д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија и член 56 и член 70 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 30.10.2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА барањето на Глигорие Ќатоски од Струга за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, кои се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на национална и социјална припадност.

Образложение
I

Во поднесеното барање од Глигорие Ќатоски од Струга, се наведува дека од страна на Министерството за внатрешни работи се издадени патна исправа на ден 9 февруари 2020 година и лична карта на ден 28 мај 2021 година, со старото име на државата, и покрај фактот што т.н. „Преспански договор“ бил во правна сила повеќе од две години. Барањето е поднесено на 8 април 2024 година и истото се однесува на забрана на дискриминација по основ на национална и социјална припадност.

Според наводите во барањето за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, со наведените акти, на подносителoт на барањето му е повредено правото на недискриминација, односно забраната за дискриминација по основ на национална и социјална припадност од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Подносителот на барањето цени дека е ставен во понеповолна положба во однос на другите граѓани на Република Северна Македонија кои извадиле пасош, лична карта и возачка дозвола во втората половина на 2021 година со новото име на државата, имајќи предвид дека подносителот поседува лични документи што се важечки по датум, со оглед на тоа дека се издадени на 9 февруари 2020 година (пасош), 28 мај 2021 година (лична карта) и 12 март 2018 година (возачка дозвола), но се неважечки по 12 февруари 2024 година, имајќи предвид дека сите три документи го содржат старото уставно име на државата.

Имено, подносителот на барањето смета дека со сторени дејствија од страна на Министерството за внатрешни работи бил дискриминиран врз основа на национална и социјална припадност, односно истиот бара заштита на слободите и права утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот каде е утврдено дека Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Подносителот на барањето е државјанин на Република Северна Македонија и му бил издаден пасош број С1105043 на 9 февруари 2020 година, согласно со член 29 став 1 од Законот за патни исправи на државјаните на Република Северна Македонија. Подносителот на ова барање имал резервирано лет од аеродромот во Охрид до аеродромот во Мемингем, закажан за 25 февруари 2024 година во 11:35 часот. На ден 25 февруари 2024 година не му бил дозволен излез од државата со усно образложение дека пасошот со датум на важење до 8 февруари 2030 година, бил од старите обрасци кои не го содржат терминот „Северна“ во името на државата Република Македонија. Поради тоа се обраќал до Министерството за внатрешни работи со поднесоци број 2325.61-976 од 27 февруари 2024 година, потоа од 12 март 2024 година и од 28 март 2024 година. Со поднесок број 235-37974/1 од 1 април 2024 година од страна на Министерството за внатрешни работи бил известен дека согласно со измените и дополнувањата на Законот за патни исправи („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.122/2021), патните исправи кои го содржат натписот „Република Македонија“ издадени до денот на започнување на примената на овој закон, ќе важат до истекот на рокот на важење кој е наведен во патната исправа најдоцна до 12 февруари 2024 година и дека полициските службеници постапиле во согласност со законот.

По негово барање му била издадена лична карта број А2745508 на 28 мај 2021 година, согласно со член 4 од Законот за лична карта. Правна претпоставка во барањето е дека Министерството за внатрешни работи било запознаено дека Република Македонија ја потпиша со Република Грција, Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817/1993 и 845/1993 на Советот на безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на привремената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство помеѓу страните или во јавноста познат како „Преспански договор“. Овој договор стапил во правна сила на 12 февруари 2019 година. Министерството за внатрешни работи презело обврска, согласно член 1 став 10 точка а), во еден технички преоден рок од најдоцна 5 години да ја обнови важноста на веќе постоечките документи со новото име „Република Северна Македонија“.

Според подносителот на барањето, правна претпоставка е дека Министерството за внатрешни работи од 17 јуни 2018 година е запознаено или треба да знае дека државата со овој договор има преземено обврска за замена на постоечките документи кои го содржат натписот „Република Македонија“, а кои се за внатрешна и надворешна употреба во рок од најдоцна пет години. И покрај тоа, ова министерство издава пасоши, лични карти и возачки дозволи коишто го содржат името „Република Македонија“, во периодот од почетокот на 2019 година до средината на 2021 година.

Во поткрепа на истото, подносителот аргументира дека неговиот пасош е издаден од Министерството за внатрешни работи – Струга на ден 9 февруари 2020 година, а личната карта на ден 28 мај 2021 година со старото име на државата, односно скоро една година или повеќе од две години од влегување во правна сила на т.н. „Преспанскиот договор“. На 11 февруари 2024 година еден ден пред крајниот рок за замена на важечките документи како што се пасош, лична карта и возачка дозвола Министерството за внатрешни работи излезе со официјално соопштение дека покрај патните исправи личните карти и возачките дозволи стануваат неважечки на 13 февруари 2024 година во 00:00 часот.

Во овој контекст, подносителот наведува дека пасошот му бил со важност до 8 феврури 2030 година, личната карта до 28 мај 2031 година и возачката дозвола до 11 март 2028 година и Министерството за внатрешни работи погрешно, намерно или ненамерно ги издало овие документи со важност која ја надминува важноста на документите предвиден со т.н. „Преспански договор“, односно рокот до 12 февруари 2024 година за кој подносителот на барањето претпоставува, дека истите ќе имаат важност. На тој начин, истиот е ограничен да користи патничко моторно возило и слободно да се движи на територијата на Република Северна Македонија со оглед на фактот дека по занимање е адвокат и во рамките на тоа има закажано средба со клиент во Сојузна Република Германија каде треба да се задржи во периодот од 25 февруари до 6 март 2024 година.

Со гореопишаните дејствија од страна на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија подносителот на барањето е ставен во понеповолна положба во однос на другите граѓани, во дискриминаторска положба врз основа на национална и социјална припадност и бара Уставниот суд на Република Северна Македонија да постапи по барањето и да донесе соодветна одлука.

II

На седницата Судот, врз основа на приложените докази, утврди дека од аспект на надлежностите на Министерството за внатрешни работи во однос на предметното барање даден е хронолошки осврт на процесот на усогласување на прописите што ги уредуваат личните документи на граѓаните според Конечната спогодба:

Согласно со Амандманот XXXIII на Уставот на Република Северна Македонија, зборовите: „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите: „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите: ,„Северна Македонија“, освен во членот 36 од Уставот на Република Македонија.

Согласно со член 2 став 1 од Уставниот закон за спроведување на Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 6/19), одредбите од Амандманот XXXIII во прописите и другите акти на државните органи се применуваат од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Во член 3 од Уставниот закон е пропишано дека постоечките официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна употреба и документите за внатрешна употреба кои може да се користат надвор од државата, ќе се усогласат со Амандманот XXXIII најдоцна во рок од пет години од неговото влегување во сила.

Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 7 на 14 јануари 2019 година.

Имајќи ја предвид Објавата на Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2019) со која е пропишано дека условите предвидени со Одлуката за прогласување на амандманите XXXIII, XXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија се исполнети и амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија што Собранието на Република Македонија ги донесе на седницата одржана на 11 јануари 2019 година, стапуваат на сила на 12 февруари 2019 година и дека со стапувањето на сила на уставните амандмани XXXIII, XXIV, XXXV и XXXVI стапува на сила и Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија, што Собранието на Република Македонија го донесе на седницата одржана на 11 јануари 2019 година, рокот за усогласување на документите и материјалите истекува на 12 февруари 2024 година.

Во таа насока, Министерството за внатрешни работи, како ресорно министерство надлежно, меѓу другото, и за издавање на лични документи, во своето работење навремено ги презеде сите мерки и активности за усогласување на регулативата и документите на граѓаните согласно наведените прописи, односно донесени се Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.122/2021) и Законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.122/2021). Во наведените закони е пропишано дека патните исправи и возачките дозволи кои содржат натпис „Република Македонија“ ќе важат до истекот на рокот на важење наведен во патната исправа, односно возачката дозвола, а најдоцна до 12 февруари 2024 година, кога истекува рокот за усогласување на националните прописи со Конечната спогодба.

Паралелно и во пакет со наведените закони, беше изготвен и текст на Законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта.

Постапувајќи по Заклучокот на Владата на Република Северна Македонија, со кој се задолжува министерот за внатрешни •работи да rи преземе сите потребни активности во врска со донесување на подзаконскиот пропис за издавање на обрасците за новите лични карти усогласени со Законот за употреба на јазиците и новото име на државата согласно членовите 2 и 3 од Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија, донесен е Правилникот за образецот на барањето за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање на личната карта, образецот на лична карта, постапката за издавање и замена на личната карта, како и за начинот на водење на евиденција за издадените лични карти („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 196/2021 и 2852022), во кој се врши усогласување со наведените прописи.

Имајќи ја предвид временската рамка и динамиката за усогласување на прописите од националното законодавство со одредбите од Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи веднаш по донесувањето на Уставниот закон пристапи кон активности за имплементирање на одредбите од истата. Меѓу бројните активности, беа формирани и работни групи, изработени акциски планови, извршени темелни и сеопфатни анализи за доследно имплементирање на Конечната спогодба.

Во рамки на тие процеси, по донесениот Заклучок на Владата на Република Северна Македонија од седницата одржана на 12.02.2019 година, Министерството за внатрешни работи беше задолжено да склучи нов Рамковен договор меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Мкедонија и Економскиот оператор Veridos Gmbh за период од две години, надоцна до 31.03.2019 година, согласно што е извршена измена на Планот за јавни набавки за 2019 година, со цел спроведување на постапка за набавка на лични документи со новото име на државата.

Во тендерската документација за набавка на лични документи, предвидено е дека испораката на новите видови обрасци ќе започне по утврдување и прифаќање на примероци од секој вид на образец од страна на надлежни лица во Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи во текот на реализација на Рамковната спогодба и нивно објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија”. Воедно, во тендерската документација е предвидено носителот на набавката во рок од 90 дена од склучување на Договорот согласно доделената Рамковна спогодба, да достави предлог специмени за секој образец предвиден согласно условите од техничката документација. Паралелно, со цел да се превенира евентуален застој во издавањето на личните документи на граѓаните, во периодот до пристигнувањето на обрасци со новото име на државата, издавани се обрасци што во моментот биле на залиха во Министерството за внатрешни работи.

Првиот Договор за нарачка на одредена количина е изготвен на 30.04.2020 година. Наведениот проект не беше наменет само за имплементација на измените на Уставот на Република Северна Македонија, туку и имплементација на измените на Законот за употреба на јазиците, во кој се предвидени дополнителни пет вида на лични карти, пасоши и возачки дозволи (подготовка на обрасците на личните карти и пасошите покрај на постоечките тип А македонски и тип Б албански, и на српски, босански, ромски, влашки и турски јазик), како и подготовка за запишување на податоците за личното име во документите, на лично барање на граѓаните, освен на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото што го употребуваат граѓаните кои зборуваат јазик различен од македонскиот јазик.

Во рамки на процесот, беа предложени и изработени Нацрт – проектни документи како составен дел на Функционалната спецификација која е составена од 12 документи, кои секојдневно беа усогласувани од страна на проектните тимови од двете страни. Имено, усогласените проектни документи претставуваа основа за целосна и успешна реализација на проектот. По усогласувањето на проектните документи од Функционалната сертификација, од страна на Економскиот оператор Veridos Gmbh беа изработени нацрт-верзии на изгледот на личните документи во боја и истите беа разгледани и прифатени, од страна на Проектните тимови и потврдени од страна на Управниот комитет. Документите од Функционалната спецификација се потпишани од страна на членовите на Управниот комитет на 28.04.2021 година, по што следуваше нарачка на обрасците на личните документи.

Од страна на Veridos Gmbh изработени се и доставени т.н. „тестни лични документи“ што се користеа при тестирањето на процесот за персонализација. Пред почетокот на тестирањето беа предложени тест- планови и тест-сценарија, кои дополнително се усогласуваа од двете страни. Изработени се и усогласени упатствата за работа, кориснички упатства и дополнителна документација и инсталирана е потребната хардверска опрема. Дополнително, реализирани се потребните обуки на работниците во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за надворешни работи. Машините за персонализација на новите типови на лични документи се прилагодени, извршено е нивно поставување и конфигурирање за препознавање на различните видови документи и спроведен е процес на миграција на податоците од стариот во новиот систем на лични документи.

Во рамки на постапката, инсталирани се нови базни станици во сите организациски единици за управни работи и за странци во Министерството, на територијата на целата држава и во рамки на Министерството за надворешни работи. Пред пуштање на системот во продукција, спроведени се сите тестирања, а изработен е и функционален инсталациски пакет за работни станици. Воедно, извршена е инсталација и тестирање на сите базни станици, мобилни базни станици и позадински базни станици. Исто така, извршено е тестирање на новиот систем на CAST картички (од поднесување на барање до нивно издавање), како и изработка на CAST картички за сите вработени во надлежните министерства, кои извршуваат работни задачи поврзани со базните станици и мобилните базни станици.

Извршена е и изработка и тестирање на функционалноста на системот за екстракција на фотографии за потребите на други државни институции (Државна изборна комисија). Воедно, извршено е прилагодување на репликациите на податоци со новата база на податоци и со новите правила за пополнување на податоците и направено е тестирање на системот за автоматско генерирање на нарачки за персонализација.

Исто така, извршено е тестирање на репликациите на податоците и на системот за управување со документи, како и тестирање на процесот на персонализација на секој тип на документ поединечно. Покрај наведените тестирања, извршено е и тестирање на системот за прием на барања, документи и забрани за документи, тестирање на системот за одобрување на документи и нивно издавање, тестирање на функционалноста на сите потребни интерфејси и изведени се церемонии на размена на безбедносни клучеви. Направено е тестирање на станиците за контрола на квалитет на персонализирани лични документи, конфигурирање на старите базни станици да работат со новиот Централен систем, како и конфигурирање на новиот Централен систем да работи во режим на стари лични документи. Направена е поддршка на стариот Централен систем. Новиот Централен систем е конфигуриран да работи во режим на нови системски компоненти на новиот Централен систем, од прием на барање до издавање на личен документ. На крајот, извршено е финално тестирање за прифаќање на системот (SAT test) и изработен е План за префрлање на работењето на новиот систем во продукција (Switch over) и негова имплементација.

Во истиот контекст, Судот оцени дека значајно е да се обрне внимание и на фактот дека во фазата на преговорите со економскиот оператор се отворија голем број специфични прашања кои наметнаа потреба од дополнителни консултации и барање на стручни мислења во однос на конкретни сегменти што ја наметна потребата од соодветно обраќање до надлежните институции. Во овој контекст, до Владата на Република Северна Македонија доставена е информација во врска со отворени прашања поврзани со спроведувањето на Рамковната спогодба склучена помеѓу Министерството за внатрешни работи и Veridos GmBH за набавка и испорака на обрасци на лични документи, од што произлезе заклучок согласно кој Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи да се обрати за мислење до надлежно експертско тело на Меѓународната цивилна организација за авијација (ICAO), за став во однос на користењето, релевантноста и значењето на коса црта „/” при испишување на државјанството на rраѓаните во патните исправи.

Воедно, при дефинирањето и договарањето на изгледот на примероците за обрасците за личните документи се отворија прашања во однос на преводот на одредени термини што се употребуваат во документите, на другите јазици, предвидени согласно со закон. Имено, паралелното донесување на Законот за употреба на јазиците наметна сериозни предизвици во процесот на усогласување на личните документи, не само во однос на бројноста на различните специмени за сите јазици предвидени во Законот, туку и од технички аспект во однос на потребата од предвидување простор во рамки на утврдените димензии на образецот, со цел доследно имплементирање на законските одредби и конкретно впишување на податоците преведени на соодветните јазици, согласно со закон.

Паралелно со сите постапки во рамки на процесот на промена на изгледот на новите лични документи што ги издава Министерството за внатрешни работи, што беа отпочнати набрзо по донесување на Конечната спогодба, неминовно мора да се укаже и на дополнителните предизвици условени од светската пандемија со коронавирусот. Имено во март 2020 година, започна светската пандемија со коронавирусот, која покрај големите промени и рестрикции во начинот на живот на граѓаните во државата и во светот, предизвика значајни промени и во начинот на функционирање и работење на сите државни органи.

Вонредните услови и мерките што беа на сила во правец на спречување на ширење на вирусот не дозволуваа можност за физички средби и работни состаноци на работните тела на Министерството за внатрешни работи и Економскиот оператор Veridos, што како специфичен период со вонредни мерки за функционирање во сите сфери на општеството значително влијаеше врз процесот на преговори и договарање со економскиот оператор за набавка на обрасците за новите лични документи. Имено, во неколку периоди имаше и целосен прекин на реализацијата на Проектот за нови лични документи поради затворање на границите и аеродромите во државите, што секако имаше значајна импликација и врз овој процес, имајќи предвид дека за некои активности беше неопходно физичко присуство од страна на тимовите на Veridos Gmbh од Германија.

Во наведениот период на донесување на правната рамка како дополнителна отежителна околност од аспект на почитување на рокот за отпочнување со издавање на новите лични документи е формирањето на преодна Влада за спроведување на избори на пратеници (периодот од јануари до август 2020 година), состојба која предизвика одложување на донесувањето на голем број закони што веќе се наоѓаа во собраниска постапка. Имено, поради наведените политички промени, беше именуван нов министер во Министерството за внатрешни работи, заедно со нов Кабинет на министерот и неколку нови раководни лица во рамки на Министерството, согласно што беше изменет и дополнет составот на Управниот комитет за имплементација на Рамковната спогодба склучена со фирмата Veridos Gmbh. Од тие причини, некои одлуки на Управниот комитет во однос на набавката на новите лични документи беа дополнително или повторно разгледувани.

Во контекст на активните заложби за навремено уредување на конкретната проблематика, Министерството за внатрешни работи презеде и конкретни чекори во насока на превенирање вакуум временски период за евидентирање на новото име на државата во патните исправи на граѓаните, за што се направени измени во Правилникот за обрасците на патните исправи и визи на државјаните на Република Македонија, за начинот на фотографирање за патните исправи и за водење на евиденција („Службен весник на РСМ“ бр.37/19), со кои се предвидува користење на посебен штембил со новото име во пасошите на граѓаните кои ја преминуваа државната граници, како преодно решение до издавањето на новите патни исправи. Имајќи ја предвид потребната временска рамка за етапно спроведување на наведените фази од процесот, согласно со нивната сериозност и обемност датумот на почеток на издавање на новите лични документи на граѓаните претставува реален исход од наведените процеси и постапки, особено имајќи предвид дека рокот е во рамки на предвидената временска рамка за имплементирање на Конечната спогодба како меѓународен договор со кој е неопходно да се усогласи севкупното национално законодавство.

Паралелно, имајќи предвид дека подносителот на барањето се повикува на заштита на слободи и права утврдени во Уставот, предметното прашање задолжително треба да се разгледа и од аспект на заштита на човековите слободи и права, односно потребата од усогласеност на законските одредби со Уставот, во делот на гарантирањето на човековите слободи и права, како и со европските и меѓународни документи што ги уредуваат овие права.

Во овие рамки, неспорна е заложбата на Министерството за внатрешни работи – како орган на државната управа, согласно со своите законски утврдени надлежности за непречено овозможување на овие права на човекот и граѓанинот, без никаква дискриминација заснована на: пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или какво и да е друго мислење, национално или социјално потекло, материјална положба, потекло на раѓање или друго. Неспорно е дека човековите права и слободи, поимно се дефинирани како основни критериуми што ја отсликуваат улогата на човекот и граѓанинот во едно општество, со целосна свесност за фактот дека колку се понапредни тие, толку повеќе се стеснува можноста за злоупотреби и арбитрарност кон правата и слободите на човекот од страна на државната власт.

Од друга страна, Министерството за внатрешни работи, како орган на државната управа и дел од извршната власт, е должно да постапува во согласност со Уставот, законите и позитивните законски прописи, во чии рамки се предвидува националното законодавство да биде усогласено со сите релевантни меѓународни акти.

Оттука, во периодот по усвојување на Амандманот XXXIII на Уставот, Министерството за внатрешни работи беше соочено со предизвикот на постигнување правична рамнотежа помеѓу барањата на општите интереси на заедницата преточени во формално-правни услови за нивно реализирање од една страна и барањата за заштита на основните слободи и права на граѓаните, од друга страна.

Во овие рамки, активностите на Министерството за внатрешни работи во сферата на усогласување со уставниот амандман и негова практична имплементација во рамки на утврдените надлежности на Министерството, се на линија меѓу човековите права од една страна во однос на она што формално-правно државата е обврзана да го почитува и постапува согласно уставните норми и позитивните законски прописи.

Оттука, Уставниот суд на Република Северна Македонија, во однос на предметното барање, ја има предвид одредбата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, каде е утврдено дека Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на моралниот интегритет, достоинството и угледот на човекот, кои се неприкосновени, ниту да предизвика нееднаквост, односно дискриминација меѓу луѓето врз основа на каков било критериум.

Неспорно е дека човековите права и слободи, поимно се дефинирани како основни критериуми што ја отсликуваат улогата на човекот и граѓанинот во едно општество, со целосна свесност за фактот дека колку се понапредни тие, повеќе се стеснува можноста за злоупотреби и арбитрарност кон правата и слободите на човекот од страна на државната власт. Од друга страна, Министерството за внатрешни работи, како орган на државната управа и дел од извршната власт е должно да постапува во согласност со Уставот, законите и позитивните законски прописи, во чии рамки е предвидено дека националното законодавство потребно е да биде усогласено со сите релевантни меѓународни акти.

Во овие рамки, активностите на Министерството за внатрешни работи во сферата на усогласување со Амандманот XXXIII на Уставот и негова практична имплементација во рамки на утврдените надлежности на Министерството, се на линија меѓу човековите права од една страна во однос на она што формално-правно државата е обврзана да го почитува и постапува согласно со уставните норми и позитивните законски прописи.

Истовремено, Уставниот суд, во однос на предметното барање ја има предвид одредбата од член 110 алинеја З од Уставот на Република Северна Македонија, каде е утврдено дека Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

III

Според член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно со член 27 став 2 од Уставот секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката. Според ставот 3 од овој член, остварувањето на овие права може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.

Според член 50 став 1 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност.

Имено, во барањето за заштита на слободи и права, со кое се бара заштита поради сторена дискриминација, потребно е да се наведе поединечниот акт (конечен или правосилен), со кој е извршено одземање или ограничување на слободата или правото, личната карактеристика, својство, статус или припадност на лицето кое бара заштита, факти и докази дека тие основи се причина за неможност да оствари право или да практикува слобода, споредбено, како што тоа го може друго лице или лица, кои се во иста или слична правна положба со барателот, поточно да се идентификува компараторот.

Според член 56 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) секое физичко или правно лице што смета дека со поединечен акт или дејствие на државен орган, орган на единица на локалната самоуправа или друг субјект што врши јавни овластувања му е повредена слобода или право утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да поднесе барање до Уставниот суд за нивна заштита. Согласно со став 3 од Деловникот, барањето може да се поднесе откако ќе бидат исцрпени сите редовни и вонредни правни средства за заштита од поединечниот акт во рок од 60 дена од приемот на актот по кој се исцрпени правните средства, односно 60 дена од денот на дознавањето за преземање на дејствието, но не подоцна од една година од денот на преземањето.

Во конкретниот случај, Судот утврди дека поднесеното барање за заштита на слободите и правата не ги задоволува критериумите за Судот да се впушти во мериторно одлучување по истото, поради следното:

Имено, тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд утврдена во член 110 алинеја 3 од Уставот, како и од содржината на цитираните одредби од Деловникот, произлегува дека за остварување на заштита на слободите и правата пред Уставниот суд не е доволно само повикување на член 110 алинеја 3 од Уставот со барање за општа заштита на слободите и правата. Во конкретниот случај, во барањето за заштита на слободите и правата се наведуваат хронолошки настани во одреден период во кои биле преземени дејствија од страна на Министерство за внатрешни работи како и процесни дејствија од страна на подносителот (поднесени барања) како резултат на постапувањето на соодветното министерство во посочениот период. Односно подносителот наведува дека повредата на слободите и правата е сторена со дејствија преземени од страна на Министерството за внатрешни работи со издавање на патна исправа на ден 9 февруари 2020 година и издавање на лична карта на 28 мај 2021 година.

Всушност, според Судот, во предметното барање не се наведени поединечни акти (конечен или правосилен поединечен акт) со кои се одлучува за некое од слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот за кое може да се бара уставно – судска заштита. Додека пак, наведените дејствија во суштина се сведуваат на приказ на настани и случаи во наведениот период, за кои настани подносителот смета дека со определени дејствија од страна на полициски службеници и други лица му била сторена повреда на слободите и правата, и како такви не можат да претставуваат дејствија коишто имаат директен, одлучувачки карактер за ограничување на слободите и правата. Ова дотолку повеќе ако се има во вид времето односно датата на преземените дејствија на кои се повикува подносителот на барањето, а тоа е 9 февруари 2020 година и 28 мај 2021 година, барањето на подносителот е неблаговремено односно истото е поднесено по истекот на рокот од 60 дена, предвидени во член 53 од Актот.

Воедно, Судот оцени дека со барањето на подносителот Уставниот суд да одлучува за добивање на содветни документи, од Уставниот суд се бара да интервенира при одлучувањетo за фактички прашања што излегуваат од надлежност на Судот утврдена со Уставот, а кои прашања можат да се утврдат и соодветно санкционираат во постапка пред други надлежни органи.

Имајќи го предвид наведеното дека во конкретниот случај не се исполнети процесните претпоставки од член 56 од Деловникот на Уставниот суд за впуштање во мериторно постапување и одлучување по барањето за заштита на слободите и правата и како резултат на оваа правна ситуација се исполнети условите од член 28 став 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфлање на барањето.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Д-р Дарко Костадиновски