У.бр.166/2023

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.166/2023
Скопје, 30 октомври 2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска,  д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 73 алинеја 3 и член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115 /2024), на седницата одржана на 30 октомври 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за времен прекин на дел од постапките со кои се спроведува Деталниот урбанистички план Градска четврт С3 03, Општина Ѓорче Петров, Скопје („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.8/2023).

Образложение
I

Друштвото за инвестиции и услуги СОЕН ИНВЕСТ ДООЕЛ Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на ова решение.

Според подносителот, оспорениот акт е спротивен на членовите 9, 30 и 51 од Уставот и член 23 ставови 1, 5, 6, 7, 8 и 9 од Законот за урбанистичко планирање.

Имено, подносителот, како инвеститор на објект кој се наоѓа во границите на опфатот на Деталниот урбанистички план за Градска четврт С3 03, Општина Ѓорче Петров, Скопје, смета дека оспорената одлука важи селективно, односно само за градежни парцели со основна класа на намена „А1- домување во стамбени куќи“ и „А2 – домување во стамбени згради“, но не и за градежни парцели со класи на намена „В – Јавни институции“ и „Е – инфраструктура“. Подносителот смета дека на тој начин граѓаните се ставаат во нееднаква положба, односно физичките и правните лица сопственици на катастарските парцели како носители на право на градење со основна намена „А1“ и „А2“, во однос на лицата коишто биле носители на право на градење, односно инвеститори на катастарските парцели со класи на намена „В“ и „Е“.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека оспорената одлука ги ограничува правата коишто произлегуваат од правото на сопственост, правото на градење, коишто веќе биле стекнати со веќе донесен важечки Детален урбанистички план, кој со оспорената одлука бил ставен во времен прекин. Со донесувањето на оспорената одлука, сопствениците на градежното земјиште, и лицата на кои им било пренесено правото на градење, биле спречени да го остварат веќе стекнатото право на градење на земјиштето во параметри коишто биле предвидени во Деталниот урбанистичи план и ставени во времен прекин со оспорената одлука.

Подносителот смета дека ваквата противуставна одлука била донесена без законска основа и како таква е спротивна и на Законот за урбанистичко планирање, поради што предложи Уставниот суд истата да ја укине.

II

На седницата Судот утврди дека Советот на Општина Ѓорче Петров донел Одлука за времен прекин на дел од постапките со кои се спроведува Деталниот урбанистички план за Градска четврт С303, Општина Ѓорче Петров, Скопје („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.8/2023).

Според член 1 од Одлуката се врши времен прекин на дел од постапките со кои се спроведува Деталниот урбанистички план за Градска четврт СЗ 03, Општина Ѓорче Петров, Скопје (Одлука бр. 07-4609/7 од 12.11.2014 год.).

Во член 2 од Одлуката е предвидено дека:

(1) Се прекинува издавање на Одобренија за градење за сите нови градби од градежните парцели со основна класа на намена „А1 – Домување во станбени куќи“ и „А2 – Домување во станбени згради“ планирани со деталниот урбанистички план од член 1 на оваа Одлука, во времетраење од 12 месеци по донесувањето на оваа Одлука.
(2) Се прекинува издавање на Одобренија на идејни проекти за сите нови градби од градежните парцели со основна класа на намена „А1 – Домување во станбени куќи“ и „А2 – Домување во станбени згради“ планирани со деталниот урбанистички план од член 1 на оваа Одлука, во времетраење од 12 месеци по донесувањето на оваа Одлука.

Според член 3 од Одлуката, во сите останати сегменти на спроведувањето на планот надвор од наведените во член 2 од оваа одлука, истиот ќе продолжи да се спроведува непречено и тоа за:
– издавање на Одобренија за градење за градби кои припаѓаат на групите на класи на намена „В – Јавни институции“ и „Е – Инфраструктура“;
– издавање на Одобренија за измени во текот на изградбата;
– издавање на Одобренија за отстранување на постојни објекти или нивни делови;
– издавање на Решенија за адаптација, пренамена и / или реконструкција на постојни градби;
– издавање на Решенија за изведување на градби односно поставување на опрема за градби за кои не е потребно одобрение за градење согласно член 73 од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ број 130/2009, 124/10, 18/11, 36/11, 54/11, 13/12, 144/12, 25/13, 79/13, 137/13, 163/13, 27/14, 28/14, 42/14, 115/14, 149/14, 187/14, 44/15, 129/15, 217/15, 226/15, 30/16, 31/16, 39/16, 71/16, 132/16, 35/18, 64/18 и 168/18 и „Службен весник на Република С.Македонија“ број 244/19, 18/20, 279/20, 227/22 и 111/23);
– издавање на Одобренија за поставување на времени објекти;
– издавање на Одобренија за поставување на урбана опрема;
– постапки за отуѓување на градежно земјиште во државна сопственост согласно Законот за градежно земјиште („Службен весник на Република Македонија“ број 15/15, 98/15, 193/15, 226/15, 31/16, 142/16 и 190/16 и „Службен весник на Република С.Македонија“ број 275/19)
– постапки за утврдување на правен статус и санкционирање на бесправно изградени објекти согласно Законот за постапување собесправно изградени објекти („Службен весник на Република Македонија“ број 23/11, 54/11, 155/12, 53/13, 72/13, 44/14, 115/14, 199/14, 124/15, 129/15, 217/15, 31/16 и 190/17);
– сите други сегменти на спроведување на планот за чие завршување не е надлежна Општина Ѓорче Петров.

Член 4 од Одлуката определува дека:

(1) По истекот на временскиот период за кој се донесува оваа Одлука, деталниот урбанистички план од член 1 на оваа Одлука ќе продолжи да се спроведува непречено во сите сегменти.
(2) Доколку во меѓувреме се донесе изменување и дополнување на дел од деталниот урбанистички план или се донесе нов детален урбанистички план за просторот, новиот урбанистички план ќе се спроведува непречено во сите сегменти и пред истекот на временскиот период за кој се донесува оваа Одлука.
(3) По истекот на временскиот период за кој се донесува оваа Одлука, доколку сѐ уште не се отстранети причините за нејзиното првично донесување, може да се донесе нова Одлука за продолжување на мерките пропишани со член 2 од оваа Одлука, а по претходна анализа од стручните служби на општината.

Оваа Одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ според членот 5.

Одлуката е заведена под бр.08-1360/5 од 13.07.2023 година и е објавена во „Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.8/2023.

III

Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Советот на Општина Ѓорче Петров на 31-та седница одржана на ден 13.07.2023 година, донел Одлука број 08-1360/5 за времен прекин на дел од постапките со кои се спроведува Деталниот урбанистички план за Градска четврт С3 03, Општина Ѓорче Петров, Скопје. Во член 2 од оспорената одлука е предвиден прекин за издавање одобренија за сите нови градби и идејни проекти од градежни парцели со основна класа на намена „А1- Домување во стамбени куќи“ и „А2-Домување во стамбени згради“, во времетраење од 12 месеци по донесување на Одлуката.

Согласно со член 4 од Одлуката, по истекот на временскиот период од времениот прекин, продолжува непречено да се спроведува Деталниот урбанистички план во сите сегменти. Став 3 од истиот член од Одлуката, предвидува дека може да се донесе нова Одлука за продолжување на времен прекин, доколку по истекот на времетраењето не се отстранети причините за нејзиното првично донесување.

Оттаму, имајќи предвид дека оспорената Одлука на Советот на Општина Ѓорче Петров број 08-1360/5 е донесена на 13.07.2023 година и е објавена во „Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ број 8/2023 на 13.07.2023 година, а стапува на сила осмиот ден од објавувањето, произлегува дека истата важи од 21.07.2023 година. Времениот прекин на дел од постапките со кои се спроведува Деталниот урбанистички план за Градска четврт С3 03, согласно со член 2 од Одлуката, е со времетраење од 12 месеци од донесување на истата.

Со оглед на тоа дека времетраењето на времениот прекин престанал да важи заклучно со 21.07.2024 година, а Советот не донел нова одлука за продолжување на времениот прекин како што предвидел во член 4 од истата, постои процесна пречка за одлучување на Судот поради што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски